12
ГРУЕВСКИ И ГЕОРГИЕВСКИ СЕ ПОМИРИЈА

Актуелниот и бившиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ имале тајна средба во приватен стан во Скопје, кон крајот на минатата година
Додека случувањата во десницата се прекршуваат низ односите меѓу некогашните политички соборци, премиерот Никола Груевски и повратникот од Хаг Љубе Бошкоски, далеку од очите на јавноста, според извори на „Глобус“ се случува неочекувано затоплување на односите меѓу Груевски и неговиот некогашен политички ментор, екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски.
Информациите на „Глобус“ велат дека поранешните сопартијци и блиски пријатели Груевски и Георгиевски имале тајна средба во приватен стан во Скопје, некаде околу 15 декември минатата година. Повод за средбата била желбата на Георгиевски да му понуди на Груевски аргументи и докази за ослободување од затвор на една висока личност која беше дел од поранешниот државен естаблишмент во времето на владеењето на владата на Георгиевски.
Затоплувањето на односите го демантираат и Груевски и Георгиевски, но ако се проанализираат последните неколку настапи на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски, јасно е дека реториката во неговите оцени кон политиката на Груевски драстично е променета. Така, додека тој пред неколку месеци говореше дека Груевски го кочи развојот на државата со неприфаќањето на компромис околу името, денес или, поконкретно, во минатонеделното интервју за нашиот магазин, веќе употребува формулација дека „проблемот со името е тежок за решавање“.
„Проблемот е исклучително тежок. Дури и ако се смени радикалната политика на цврстина и се тргне кон компромисно решение, јасно е дека тоа, сепак, не е лесно да се изведе. А, сепак, тука најодговорен е премиерот“, рече Георгиевски во минатонеделното интервју. „Гледано од човечки аспект проблемот што е исправен пред Груевски е исклучително тежок“, вели Георгиевски.
Во октомври 2008 година, при промовирањето на неговата фондација, Љупчо Георгиевски издаде соопштение во кое се изјасни дека името Република Северна Македонија е најдобриот предлог и дека властите во Скопје треба да го прифатат. „Ова име е најдостоинствено, најдобро и најточно од сите досегашни предлози. Неприфаќањето на ова име остава простор сите имиња кои досега ги имаме чуено повторно да бидат ставени на маса. Државните органи на Македонија треба да го прифатат ова име како завршено и како решен дел од проблемот“, објави Горгиевски преку својата фондација.
РЕТОРИКА. Георгиевски е еден од најжестоките критичари на антиквизацијата што ја почна и ја спроведува премиерот Груевски. Во едно од неговите интервјуа, на А1 (4 декември 2009 година), тој ќе рече оти Владата „треба да се саможртвува“ и дека „спроведува кич патриотизам“.
„Мене ми е жал што морам да кажам дека Владата се однесува неодговорно, наместо да влезе во проблемот и ако треба и да се саможртвува, таа уште повеќе го заострува проблемот со Грција. Едноставно, сметам дека тука нема многу филозофија. Ние имаме јасни пораки и децидни ставови и од Америка и од ЕУ, значи, на Македонија и' треба влада која јасно ќе каже - ’јас ќе го направам компромисот во име на Македонија, па ако треба и да паднам на наредните избори’. Мислам дека никогаш немало таква понуда на тацна како што е случајот сега - да влеземе во НАТО и да добиеме датум за преговори со ЕУ и навистина е неодговорно да се бега од решавање на проблемот со името“, рече Груевски во тоа интервју.
Меѓутоа, сега, таа реторика веќе отсуствува и нејзиното место го заземаат фрази како „проблемот е тежок за решавање“ и „премиерот е најодговорен“. Кои се вистинските мотиви за затоплувањето на односите, се' уште не е познато. Не може ниту да се прогнозира во кој правец ќе се одвиваат работите и дали релацијата ќе се задржи на строго персонално ниво, без притоа да се склучи политички сојуз или, пак, некогашните соборци имаат на ум и некаква политичка соработка.
Познато е дека Груевски целата своја кариера на извесен начин му ја должи на Љупчо Георгиевски, кој по победата на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година, го покани анонимниот економист - брокер Груевски да го заземе местото министер за трговија во неговата влада. Набргу потоа, по разијдувањето со тогашниот министер за финансии и партиски потпретседател Борис Стојменов, Георгиевски како премиер му го понуди на Никола Груевски местото министер за финансии. И оттогаш почна неговото катапултирање во високата политика а кулминацијата се случи во 2003 година кога Георгиевски се повлече од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ по поразот од СДСМ во 2002, и јасно даде до знаење дека за свој наследник го определува Груевски. Неполна една година по преземањето на лидерската функција, Груевски јавно го обвини Георгиевски дека му забил нож во грб ( за време на претседателските избори кога Груевски застана зад Сашко Кедев а Георгиевски се спротивстави), со што пријателството заврши а Георгиевски замина од функцијата почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ТЕОРИИ. Има неколку теории за причините кои довеле до обновување на релацијата Груевски - Георгиевски. Првата е дека Груевски со неговата популарност, која покажува знаци дека оди надолу повеќе, не може да си го дозволи луксузот да биде во војна со две истакнати фигури од десничарскиот камп, Љупчо Георгиевски и Љубе Бошкоски. Втората е дека Љупчо Георгиевски го добил ветеното ослободување на споменатиот висок функционер, кој на 16 декември беше спроведен во затворот во Идризово а на 21 јануари беше ослободен, а за возврат ветил дека ќе престане со нападите врз Груевски. Третата е дека самиот Георгиевски се почувствувал несигурен во атмосферата на жестока пресметка во кампот на десницата и вознемирен од хајката што груевистите ја водат против Љубе Бошкоски, решил тој самиот да се повлече од првата линија на фронтот.
Инаку е, во фазата на кулминација на жестоката пресметка меѓу груевистите и љубевистите, кога се појавија фамозните снимки на You tube многумина се прашуваа зошто молчи Љупчо Георгиевски кој беше премиер во времето кога Бошкоски беше шеф на полицијата и заработи тужба во Хаг. Филип Петровски, некогашен близок соработник на Георгиевски а сега поддржувач на Љубе Бошкоски и на неговата партија Обединети за Македонија, во екот на скандалозните снимки на Интернет, во интервју за Алфа телевизија, огорчено ќе констатира дека и покрај фактот што тој е клучот за многу нејасни работи во Македонија за време на конфликтот 2001, експремиерот Георгиевски одбра да молчи. Петровски, отворено алудираше дека Георгиевски сакајќи да прикаже неутралност, всушност, застанал на страна на Груевски однесувајќи се индиферентно кон офанзивата што врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја презеде против љубевистите.
Најпосле, ако се анализира и кусата епизода со ексминистерот за одбрана Љубен Пауновски, кој неодамна ги полнеше медиумите со жолч и омраза кон министерот за правда Михаило Маневски чија фотелја е под заштита на Груевски, втората адреса кон која фрлаше отровни стрели е токму Љупчо Георгиевски. Случајно или намерно, Георгиевски и Груевски и во овој случај, како и со Бошкоски, се најдоа на една страна со тоа што Груевски е на поистурена позиција додека пак Георгиевски се труди да одржи некаква привидна незаинтересираност, а всушност му намигнува на Груевски.
ДОГОВОР. Овој пресврт во односите во десничарскиот камп не претставува големо изненадување ако се знае дека и поранешната десна рака на Георгиевски, Доста Димовска, одамна е во добри односи со Груевски, кој, да потсетиме, своевремено ја исклучи Димовска од ВМРО-ДПМНЕ. Благодарение на обновената релација со Груевски, Димовска останува неприкосновена на директорското место во Македонскиот кулурен центар во Софија, а сите обиди на македонските новинари да добијат нејзина оцена и ставови за денешната политика на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски, наидуваат на ѕид од молчење.
За една подлабока анализа многу е важно да се знае податокот каков договор постигнале Груевски и Георгиевски. Дали Георгиевски се повлекува во корист на Груевски и го остава Љубе Бошкоски на бришан простор. Што добива Георгиевски од таквото камелеонство. И дали можеби Груевски соочен со силни притисоци од меѓународната заедница и од влијателни домашни кругови, решил да ја консолидира десницата без оглед на цената што треба да ја плати. Макар да е тоа и таен пакт со Георгиевски.
На овие прашања, засега - нема одговор. Партијата која му служи како „привремено политичко семејство“ на Георгиевски, ВМРО-Народна партија, не располага со никакви информации за тајно сојузништво Груевски - Георгиевски. Но, тие последни дознаа и за бугарското државјанство на Георгиевски. Засега единствено што со сигурност може да се констатира е дека Груевски тргна во дополнително зајакнување на редовите на десницата. Каква улога во овој проект (ќе) има Љупчо Георгиевски наскоро ќе се дознае. (Р.Г.) |