��oj 109   19.05.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 107

Број 106

Број 105

Број 104

Број 103

Број 102

Број 101

Број 100

Број 99

Број 98

...

40

ЗОШТО ВО МАКЕДОНИЈА НЕМАШЕ ГРАЃАНСКА ВОЈНА?


На Бугарите им се приклучиле побогатите и повлијателни лица од Македонија. Меѓу нив имало лекари, адвокати, економисти и други интелектуалци, подвлекува
д-р Ѓорѓи Чакарјаневски

Ѓорѓи Чакарјаневски: До братоубиства не дојде поради тоа што десните сили за време на бугарската окупација немаа влијание врз народот како што беше случај со комунистите

Пишува: Виктор Цветаноски

Во Македонија немаше граѓанска војна за време на Втората светска војна, како што тоа беше случај во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина или Црна Гора. До неа не дојде поради тоа што десните сили беа со бугарската окупаторска власт и немаа големо влијание кај македонскиот народ. Наспроти тоа, пак, комунистичкото движење беше многу помасовно и се најде на вистинската страна, вклучувајќи се во антифашистичката борба. Југословенските комунисти беа ослободени од негативен национализам, го признаваа македонскиот народ како посебен ентитет, а тој во националноослободителната борба виде шанса за создавање своја држава. Ова накусо е објаснувањето на д-р Ѓорѓи Чакарјаневски, зошто во Македонија во тоа време беа избегнати братоубиствени борби?

Последниве години тој ги истражуваше политичките струења во Македонија под бугарска окупација и, според документите, бројот на лицата кои биле поврзани со бугарската власт, кои се сметале за Бугари, а Македонија ја гледале како дел од Бугарија бил мал. „Ова групација не чувствувала потреба да се бори и затоа не формирала ниту контрачети. Мислеле дека со доаѓањето на Бугарите дошла и нивната слобода, дека живеат во слободна држава. Навистина, такви чети имало во втората половина на 1942 и 1943 година, но нив ги формирала бугарската власт и безуспешно се обидела да предизвика граѓанска војна. Контрачетниците ги плаќала од државната каса, а денеска во Историскиот архив на Македонија има списоци со нивните имиња. Но, тие контрачети биле во мал број и не дошло до некои борби со партизаните. И во Тиквешијата постоела една таква контрачета и само таа се судрила со партизанските единици. Меѓутоа, формирањето на тие чети од бугарската држава и тој судир во никој случај не значи дека имало некаква граѓанска војна“, смета д-р Чакарјаневски. 


Бугарскиот цар Борис Трети по окупацијата ги посети Скопје и други градови на Македонија

СВОЈА ДРЖАВА Истовремено, тој подвлекува дека македонските комунисти и патриоти биле единствената воена и политичка сила која имала јасна визија за иднината на Македонија по завршувањето на војната. Тие имале цел да формираат македонска држава во рамките на Југославија и тоа го сториле. Наспроти нив, немало друга влијателна организирана воена сила создадена на македонските простори кои за иднината на Македонија имала поинаква визија и затоа била избегната граѓанска војна. Тогаш против комунистите биле само окупаторските војски - Бугарите, Италијаните, Германците и балистите.

Д-р Чакарјаневски подвлекува дека од документите можело да се види дека на Бугарите им се приклучиле побогатите и повлијателните лица од Македонија. Меѓу нив имало лекари, адвокати, економисти и други интелектуалци. Еден број останале докрај со нив, чувствувајќи се Бугари, но имало и случаи некои да ги напуштат и да заминат во партизани.

„Но, тоа не значи дека сите што соработувале со бугарската власт биле целосно задоволни од неа. Бугарите ги држеле нив понастрана, не им давала раководни места и не ги вклучила во политичкиот живот. Речиси сите службеници во државниот апарат биле донесени од Бугарија. Таквиот однос довел до тоа една група да почне да ја критикува власта, да се отуѓува од неа и да ја пропагира идејата за обединета и независна Македонија. Тоа, пак, кај Бугарите уште повеќе родило сомневање и недоверба кон нив. Посебно се апострофираат имињата на Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов, иако од документите може да се види дека и двајцата се застапувале за бугарштината и биле за Велика Бугарија“, нагласува Чакарјаневски. 


Партизанското движење имаше вистинска опција за иднината на македонската држава

ТАЈНИ СРЕДБИ Копајќи по бугарските архиви од времето на окупацијата, македонскиот историчар ќе открие повеќе документи од кои може да се види дека тогашните македонски видни граѓани држеле тајни средби и барале да бидат вклучени во државната управа и да имаат свои претставници во бугарскиот парламент. Во јули 1942 година, по иницијатива на Чкатров, одржале таква средба на која присуствувале Ѓузелов, тогаш директор на Радио Скопје, инженер Тома Кленков од Свети Николе, З. Костадинов Ванов, д-р Борис Светиев, обласен лекар од Битола, д-р Штерју Боздов, околиски лекар од Крушево, д-р Тодор Гичев, околиски лекар од Штип, Иван Шопов, помошник-кмет од Гевгелија, д-р Богдан Поп Ѓорчев, околиски лекар од Велес, за кого Чакарјаневски вели дека бил многу почитуван од неговите сограѓани, потоа Сотир Тренчев адвокат од Ресен, Христо Паунчев, помошник-кмет на Охрид, Кирил Димков, трговец од Струмица, Апостол Апостолов, гимназиски учител од Кавадарци, д-р Кирил Миљовски, ветеринарен лекар од Ресен, и други претставници од некои поголеми места од делот на Македонија под бугарска окупација.

Од дискусиите што ги воделе може да се види дека тие не биле задоволни од бугарската власт поради тоа што не ги вклучувала во државниот апарат и во политичкиот живот, но и тоа дека се бореле за бугарската кауза. Отварајќи го состанокот Чкатров ќе им се обрати со зборовите: „Народот и сега има потреба од свои заштитници, од луѓе кои ќе ја разберат неговата болка и ќе ја излекуваат, во согласност со државната политика на Бугарија“. Истовремено, тој ќе подвлече: „Сме ја изразиле нашата народна волја за бугарската слобода и за создавање една моќна Бугарија во која ќе се присоедини цела Македонија“. Инженерот Тома Кленков ќе рече: „Со голем идеал заедно со нашиот народ од нашите власти очекуваме да направат она кое гледаме го направи Хитлер во ослободените германски земји од потписниците“. Тој ќе ја нападне бугарската власт која, според него, воспоставила систем кој имал спротивна цел, за на крајот да заклучи: „Да ја зачуваме љубовта на народот кон Бугарија, зашто таа љубов ни беше стимул за борбата и за жртвите за слобода“.


Во Штип во 1942 година за време на бугарската окупација беше одржана панихида по повод убиството на Тодор Александров

СПАС НА БУГАРШТИНАТА Д-р Богдан Поп Ѓорчев побарал да се формира посебно тело кое ќе може да и' се наметне на бугарската влада. „Ние и покрај слободата се собираме тајно, нелегални и под присмотра на нашата полиција која не' обиколила од сите страни. Ако можеме да формираме едно тело, ќе можеме да се наметнеме на власта. Јас зборував и со обласниот директор за прашањето на народните претставници. Во таа прилика, тој ми кажа дека сега е војна и дека тоа не може да биде“, ќе ги информира присутните Поп Ѓорчев и ќе констатира дека „владата може да најде солуција и да избере народни претставници од Македонија, но таа тоа смислено го избегнува“. Д-р Штерју Боздов, иако по националност Влав, ќе се залага да се спаси „бугарштината во срцата на народот“, подвлекувајќи дека службениците дојдени од Бугарија само го расипале расположението на народот.

Во тој дух е и искажувањето на д-р Кирил Миљовски, кој подоцна ќе се вклучи во комунистичкото движење, ќе биде избран во Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и за негов член, а по војната ќе биде професор и прв ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој првата година на окупацијата бил уапсен од бугарската полиција и во затвор одлежал два месеца. Како што пишува во документот, д-р Миљоски со научна точност ги изложил своите ставови: „Во Бугарија се зборува дека тука нашле на расипана, неморална, денационална младеж. Тоа не е вистина во ниеден случај. Но кога се зборува за лоши гласови, се знае дека некој има сметка. Се кажува дека сме се посрбиле. Јас не сакам да зборувам за грозотиите на бугарските затвори и зошто сум затворен. Петстотини души минале низ затворите поради еден развратник на една девојка. Како можеме да ја зачуваме бугарштината за која се бориме кога сме во редицата на обвинети. Ние кои имаме задолженија кон народот да ја чуваме бугарштината од кој и да е, треба да дадеме тревога и да не дозволиме таа омраза кон полицијата да се претвори како омраза кон Бугарија. Инаку, ќе ја изгубиме националната теза поради сопствените грешки, теза за која сите сме пролеале бугарска крв. Жално констатирам дека комунизмот од ден на ден се засилува. Неговата причина лежи во постапката на полицијата“, ќе рече тој. „Не е добро кога полицијата зборува дека интелегенцијата е автономистичка, трговците Срби, а работниците комунисти, тоа значи дека нема Бугари. Втора причина е стопанската криза која настана со ослободувањето. Во Македонија има безработица, сиромаштија, а 40 души зимата умреле од студ, а тоа го засили комунизмот. А власта не ни даде можност и ни попречи да создадеме едно национално движење кое му ќе парира на акциите на комунистите, а се ангажира младината во едно идејно воспитување. Ако не го дигнеме гласот, убеден сум дека ќе биде доцна да ја спасиме бугарската кауза во Македонија... Ние ќе бидеме одговорни пред историјата“, ќе подвлече д-р Миљовски. 

ПРЕТСТАВНИЦИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ По искажаните мислења, Чкатров ќе ја оцени положбата во Македонија како неиздржлива, пред се' поради неучеството на „бугарскиот народ од Македонија во изградувањето на законите, уредбите и се' што се однесува за Македонија“. Според него, до таквата состојба се дошло поради тоа што Македонија немала претставници во бугарскиот парламент и во другите државни институции. „Како да се сака да се обезличи народот, но и дека народот гледа со недоверба и со критики и е на распаќе – или комунизам или автономија“, ќе се констатира на собирот. На крајот ќе се формира Комитет во чиј состав ќе влезат: Чкатров, Ѓузелов, Коце Кратовалиев, Коце Ванов, Богдан Поп Ѓорчев, д-р Тодор Гичев и Тома Кленков. И на тоа ќе заврши речиси сета нивна активност.

„Некои од овие личности барале да партиципираат во власта поради личен интерес, други чувствувајќи ги Бугарите како свои браќа и застапувајќи ја тезата дека Македонците се Бугари, сакале да дадат придонес во остварувањето на вековниот сон на Бугарите, Македонија да ја видат во рамките на голема Бугарија. Трети, пак, на некој начин беа принудени да соработуваат со тогашната бугарска власт поради својата положба и угледот што го имале во општеството. Помал број од нив, согледувајќи ја реалноста и увидувајќи дека Бугарите се окупатори, а не ослободители на Македонија, престанале да соработуваат со нив и се приклучиле во комунистичкото движење. Тие што останаа доследни на сопственото убедување за бугарскиот карактер на Македонија, кои и не претставуваа некоја политичка сила, по војната беа прогонувани и осудени од младата македонска држава, а еден број ликвидирани без судење“, заклучува д-р Ѓорѓи Чакарјаневски, чиј дедо по мајка, исто така, во 1946 година бил ликвидиран од комунистите.

Војната беснеела, а тој уживал во Загреб

Михајлов не сакал да се бори за Македонија

Ванчо Михајлов се плашел да дојде во Македонија за време на Втората светска војна и да се бори за нејзина слобода. „Сигурно по мене ќе бидат пуштени агенти, а ќе бидат пуштени гласови ’еве го, пак дошол да убива’“, ќе измислува разни причини кога бугарската држава ќе објави амнестија и ќе му понудат да се врати. Нему очигледно ќе му биде многу посигурно и поудобно да остане во Загреб заедно со својата сопруга Менча Карничу кај својот пријател Анте Павелиќ отколку да земе пушка в рака. Таму бил безбеден, усташкиот поглавар го сместил во вила веднаш до него, му дал возило и човек да го чува. По донесувањето на Законот за амнестија, Михајлов консултирал дури 14 правници за на крајот да реши да не се враќа од Хрватска. Според него, бугарската влада немала право да си ги припишува заслугите за ослободување на Македонија зашто „таа ни ја подари Хитлер“. Михајлов се плашел од тоа да не го судат за убиствата што ги извршил. „Во секој момент по неговото враќање, би можел некој од роднините на убиените двесте жртви да поведат обвинение пред јавниот државен обвинител против Михајлов“, ќе забележи Патар Луганов, во тоа време одговорно лице за печат на бугарската амбасада во Загреб по разговорите што биле водени за негово амнестирање.

Додека траат сите овие дилеми на Михајлов, дали да дојде или не во Македонија, во која никогаш не влегол да се бори, неговите приврзаници и бугарската држава подготвувале терен тој да дојде во Скопје. Во јули 1941 година, Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов, Владимир Куртев и други одржале средба на која расправале за тоа. Притоа, се договориле како да се организираат во новонастанатите услови, како да придобијат истомисленици и да назначат пунктови началници во поголемите градови. „За Скопје бил назначен д-р Асен Албански, а за Битола Пешо Гребенаров, поранешен пунктов началник во Пловдив, човек на Михајлов. Нивната цел била ширење на политичко-пропагандна активност. Истовремено, бугарската амбасада во Загреб ќе му издаде на Михајлов лажен пасош на име Иван Гаврилов Атанасов, трговец, роден во Софија, како и на неговата сопруга Менча Карничу на име Марија Иванова Атанасова, домаќинка, исто така, родена во Софија“, вели Чакарјаневски, повикувајќи се на документи од бугарските архиви.

И без Михајлов неговите истомисленици почнале засилена пропаганда меѓу населението, а била формирана и посебна група која заминала во Загреб да се види со него и да добие инструкции какви активности да преземат. Нивното дејствување во Македонија, главно, се сведувала на организирање панихиди. Во Штип била одржана панихида по повод убиството на Тодор Александров, а во Скопје по повод атентатот на Мара Бунева над Прелиќ и загинувањето на полковникот Дрангов. Според документите на бугарските тајни служби, приврзаниците на Михајлов тогаш ја ширеле идејата за обединета автономна Македонија. Во Штип главни организатори биле Григор Кимов, Тасе Михајлов, брат на Ванчо Михајлов, и сестрата на Тодор Александров, Козма Александрова, во Кочани - Трифун Саев, а во Битола - адвокатот Стефан Светиев. Во текот на септември 1941 година, ванчомихајловистите ја зголемиле својата активност кога слушнале дека Хитлер во еден говор спомнал дека има намера на 23 септември или на 5 октомври да го врати Ванчо Михајлов во Македонија. Тогаш во октомври 1941 година во повеќе градови се одржале собранија, а едно и во Охрид организирано од Владо Пирузев и Мирчо Кикиритков.

Егзекуција по кратка постапка

Многумина ликвидирани без судење

По завршувањето на војната, новата македонска власт ликвидирала без судење или извела пред суд повеќемина соработници на бугарските окупатори. Се' уште е тајна нивниот вкупен број, но со сигурност се знае дека без судење биле ликвидирани 54 велешани, меѓу кои и д-р Богдан Поп Ѓорчев. Во Ресен се убиени 17 лица, исто така, без судење, како и една поголема група во Куманово. На Димитар Шкатров, Димитар Ѓузелов и на некои нивни приврзаници им било судено во Скопје. Двајцата биле осудени и потоа тајно ликвидирани. Каде се погребани се' уште не знаат нивните семејства. И во Битола бил одржан судски процес на групата пробугарски квислинзи и поддржувачи на Михајлов. Главниот обвинет бил Стефан Светиев, кој бил осуден на смрт.

Според бугарски извори, во Скопје биле ликвидирани 63 лица, во Велес - 54, во Куманово - 48, во Битола - 36, во Штип - 77 и во Владимирово, Беровско, 330 лица. Овие бројки треба да се прифатат со голема резерва, зашто во истиот список на ликвидирани се наведува дека во Офицерскиот дом во Скопје биле убиени 72 офицери кои барале наместо на Сремски фронт да се оди Солун, што не е вистина, бидејќи тогаш не бил убиен ниту еден офицер.

Британски тајни документи

Германците барале Михајлов да ги замени Бугарите

Ванчо Мијалов дошол во Македонија со германски авион откако капитулирала Бугарија. Неговото движење будно го следеле британските служби во Југославија за што ќе го информираат своето Министерство за надворешни работи. „Имам чест да ги изнесам следните факти кои би можеле да бидат од интерес, имајќи ги предвид неодамнешните активности на терористичкиот дел од македонската организација ВМРО, предводена од Иван (Ванчо) Михајлов. По колапсот на Југославија, Михајлов живеел во Загреб под заштита на Павелиќ, со кого долго соработувал во антијугословенскиот тероризам“, пишува во тајниот документ. Во него се посочува дека на 8 или 9 септември 1944 година се вратил во Скопје по покана на Германците и со германски авион. „Германците се надеваа дека тој ќе биде во можност да формира независен македонски режим кој би ги заменил Бугарите. Меѓутоа, тој немал успех и само бил способен да собере околу себе шестмина од своите стари соработници. Тоа беа Кирил Дрангов, Димитар Шалев, Стефан Јанакиев, Хаџи Глигор, Ачков и Развигоров. Кога Германците се повлекуваа, Михајлов беше принуден да замине со нив со цел да се спаси од Југословенската армија на национално ослободување. Од остатоците од неговите соработници, исто така, Дрангов заминал со Германците; Шалев, Ачков и Развигоров заминале за Бугарија каде што се верува дека се во затвор; Јанакиев и Глигор беа уапсени од партизаните и се наоѓаат во затвор во Скопје и во Штип.

Во времето кога Михајлов се врати во Македонија, двајца од неговите стари соработници, Асен Аврамов и Владимир Куртев, кој бил официјален егзекутор на партијата, останале во Софија и се верува дека и двајцата се во затвор“, стои во извештајот на Британците.