��oj 357   25.02.2014
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Официјалните кругови во Австро-Унгарија сметаа дека општ конфликт во Европа е нивната единствена алтернатива на граѓанската војна". Оттаму, ултиматумот даден на Србија по убиството на Франц Фердинанд, бил само изговор за војна со Русија и повод за општ конфликт
Во старата Ески џамија, срушена во 1956 година, пронајдена е камена плоча на која со кирилско, уницијално писмо е напишано името Битол. Се претпоставува дека плочата потекнува од катедралната црква на Битолското кале и дека ја поставил внукот на цар Самоил - Иван Владислав

ЕДЕН МИЛЕНИУМ БИТОЛА

Во старата Ески џамија, срушена во 1956 година, пронајдена е камена плоча на која со кирилско, уницијално писмо е напишано името Битол. Се претпоставува дека плочата потекнува од катедралната црква на Битолското кале и дека ја поставил внукот на цар Самоил - Иван Владислав

Вљубениците во Битола, кои редовно ја организираат трибината "Битола низ вековите", поведоа иницијатива градот да прослави јубилеј - 1.000 години од името Битола. Тие се повикуваат на артефакти што се чуваат во Музејот на Битола. "Ретко кој град може да се пофали дека има толку старо име. За нас треба да биде гордост и локалната самоуправа треба што поскоро да започне со активности за да го одбележи јубилејот", вели хроничарот на Битола проф. Александар Стерјовски.

Археолозите во Битолскиот музеј ја потврдуваат информацијата. "Во старата Ески џамија, срушена во 1956 година, е пронајдена камена плоча на која со кирилско уницијално писмо е напишано името Битол. При расчистувањето се користел динамит, па експлозијата оштетила дел од плочата која, пак, се смета дека по старост е трет средовековен кирилски споменик во Македонија. Плочата била скршена на два дела, а десниот агол некаде исчезнал.

Се претпоставува дека плочата потекнува од катедралната црква на Битолското кале и дека ја поставил внукот на цар Самоил Иван Владислав", појаснува Гордана Филиповска Лазаровска, археолог во Музејот.

Оваа таканаречена Битолска плоча е трета по старост пронајдена во Македонија. Своевремено била вградена во Сунгур чауш џамијата, попозната како Стара џамија, на чие место претходно постоела црква. Војсководецот Сунгур чауш ја преобразил во џамија, за што сведочи и турскиот историчар, мајорот Теуфик во својата "Историја на Битолскиот вилает". Плочата во џамијата била поставена како скалило - басамак, врз него се газело, што придонесло текстот да биде видливо оштетен.

Археолозите и историчарите се согласуваат дека плочата настанала при обновувањето на битолската тврдина од царот Иван Владислав. "Академикот Владимир Мошин ја студирал содржината на текстот и претпоставува дека таа датира од 1016-1017 година. На неа, меѓу другото, пишува: "Со помош на молитвите на пресвета владичица Богородица и со застапување на врвните 12 апостоли се обновува градот Битола", кажува Филиповска-Лазаровска. Мермерниот блок со својот видлив текст бил поставен на видно место во тврдината, која денес не постои, зашто при заземањето на градот од Турците битолчани им дале голем отпор, па за казна тврдината, во која се наоѓала и катедралната црква, била урната до темел.

Тимот од Битолскиот музеј, кој работи на истражување на Битолското кале, веќе има изготвено проект за обновување на црквата. Во неа, како што велат, бил крунисан вториот македонски цар Гаврило Радомир, 14 дена по смртта на неговиот татко, цар Самоил. Црквата била sидана со камен, тула, дрвени затеги и со јак хидрауличен малтер. "Таа е единствена по својата структура со две кули на влезот и пет куполи. Во историјата на архитектурата, вакви цркви се јавуваат во светот по 13 век, а оваа, која била посветена на успението на Пресвета Богородица, датира од 10-11 век", вели Зоран Алтипармаков, инженер-архитект, виш кустос во Заводот и музеј Битола.

Земајќи ги предвид сите пронајдени и истражени артефакти, професорот Стерјовски уште повеќе се залага за прослава на 1.000-годишниот јубилеј од името Битола.

"Ние сметаме дека е најдобро да се најде една средина и јубилејот да се прослави во 2016 година. Но тоа не би требало да биде само прослава на градот, туку треба да се одбележи на национално ниво", вели проф. Стерјовски.

"Кога Санкт Петербург славеше 350 години од постоењето, цела Русија вложуваше средства за обновување на градот. Москва е стара 800 години, а Битола само името го носи 1.000 години. Да не зборуваме за фактите што зборуваат дека имало населба многу пред тоа. Ова е уште еден доказ дека не сме дрво без корен".

Вљубениците во Битола формирале и Одбор за изготвување и објавување на битолски енциклопедиски речник по повод јубилејот, но никој не се заинтересирал финансиски да го поткрепи проектот на кој, како што велат, би требало да се работи најмалку 10 години.

Сепак се шпоечсто с епсоменува дека Битола својот именден ќе го слави токму годинава! За тоа пишпува и новинарката Жанета Зддравковска.

- Тоа се 1.000 години од споменувањето на името. Еден цел милениум. На оваа тема уште од пред десет години отворивме научни дискусии, трибини. За прославата на 300 години од Санкт Петербург славеше цела Русија. Идејата ни беше да се одбележи овој значаен датум на достоен начин зашто ретко кој град има ваков јубилеј - вели Стерјовски за Дневник.

Името на градот запишано на плочата пред десетина години го откри битолскиот историчар Ѓорги Димовски-Цолев. Претходно текстот го преведуваа повеќе истражувачи, претежно од соседството, но не го забалежаа овој податок.

- Со дозвола на директорот од битолскиот Завод и музеј, од плочата направив врз тенка хартија еден вид снимање на буквите. На хартијата ставена врз текстот од плочата со молив левтерно го поцрнував тоа место така што од вдлабнатите букви се оцртуваше врз хартијата и се гледаа контурите на буквите. Можев да се уверам и да констатирам дека на тоа место е запишано името на градот кое за првпат се открива во својата оригиналност - запишал Димовски во книгата "Битола низ вековите", каде што се објавени неговите согледувања за споменикот.



Според него, на плочата било запишано "ГРАДЪ СЪ БЫТОЛЪ". Натписот содржи стари вокали што денес се редуцирани, а старославјанскиот вокал Ы во нашите простори во говорот уште во 13 век бил преименуван во гласот И.

Археологот Гордана Филиповска-Лазаровска посочи дека името на градот е запишано во петтиот ред од горе. Таа вели дека на плочата запишана е и 1014 година кога била битката кај Беласица.

- На плочата запишана е како 6.522 година од создавањето на светот, со букви кои имаат пресметки. Така З значело 6000, Ф 500, K 20, Б2. Таа година според дешифрирањето е 1014- кога била битката на Беласица - вели археологот Филповска Лазаровска.

На плочата има податоци за цар Самуил, внукот Јован Владислав, за битките. Истражувачите ја датираат плочата дека била испишана во 1016 година при обновувањето на битолската тврдина од царот Јован Владислав. Некои историчари сметаат дека именденот треба да се слави во 2016, но други возвраќаат дека единствен испишан датум е 1014 година, а другото е претпоставка.

Плочата била откриена во 1956 година кога на местото од Ески-џамијата во Битола почнала изградба на згради. При расчистувањето се користел динамит, па експлозијата оштетила дел од плочата која, пак, се смета дека по старост е трет средовековен кирилски споменик во Македонија. Плочата била скршена на два дела, а десниот агол некаде исчезнал. Во џамијата се користела како скалило, па дел од него на едно место е мошне истриен. Денес се чува во музејската поставка на битолскиот Завод и музеј.

Освен овој јубилеј, Битола во октомври годинава слави и 1.000 години од крунисувањето на Гаврило Радомир во црквата на Битолското кале каде што била и неговата резиденција, вели археологот Филиповска-Лазаровска.

Тој бил средовековен македонски цар, првороден син на Самуил и Агата, совладетел и наследник на Самуил. На престолот се искачил во 1014 година по смртта на Самуил. Но владеел кус период зашто во 1015 година бил убиен во лов.