��oj 113   16.06.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 111

Број 110

Број 109

Број 108

Број 107

Број 106

Број 105

Број 104

Број 103

Број 102

...

38

ЗОШТО СЕ ЗАБОРАВААТ ОНИЕ ШТО ЈА НАПРАВИЈА ДРЖАВАТА

Павлина Илиевска, сестрата на Кузман Јосифоски, идеологот на НОБ, загрижена за иднината на Македонија

Пишува: Виктор Цветаноски

„Не знам што ќе биде со нашава државичка за која животот го дадоа брат ми Кузман и многу други борци. Не сум оптимист за нејзината иднина. Сме опстанале многу векови, не' дрпале Бугари, не' дрпале Срби, не' дрпале Грци, сме биле потиснувани од сите страни, но, сепак, опстојувавме, преживеавме некако. А сега нештата не одат како што треба“. Вака, со очигледен револт, говори Павлина Илиевска, сестрата на Кузман Јосифовски-Питу, човек што имаше клучна улога во создавањето на македонската држава.

Од петтемина браќа и сестри, четворица се вклучија во НОВ. Денес е жива само Павлина, најмладата, која се' уште беше мала за да земе пушка в рака. Вели дека не е задоволна од тоа како се раководи Македонија, како и од состојбата во која се наоѓа. „Наши луѓе сме, а очите си ги вадиме. Не правам разлика кој од која партија е, дали е од СДСМ или, пак, од ВМРО-ДПМНЕ. Како што слушам од телевизиите и читам во весниците, дојдоа многу лоши времиња. Половина народ е на улица. Луѓе со факултети со години немаат работа. Овде, наспроти нас, има контејнери и кога ќе видам како луѓе пребаруваат во нив, срце ме боли. Убаво ли е тоа за државава? Додека едни осиромашуваат, други преку ноќ се богатат. Вчера ќерка ми ме носеше на лекар, рацеве ме болат од ревматизам. Гледам околу и се чудам какви куќи се изградени, а некои немаат за леб“, вели револтирано осумдесетгодишната Павлина, која има право да го каже тоа во името на својот брат Кузман и сестрата Мара, кои ги дадоа животите за слободата на Македонија.

Најмногу од се' ја боли тоа што младите ја напуштаат Македонија, го газат сопственото национално достоинство, земаат пасоши за да заминат во странство од држава што го негира македонскиот идентитет.


Кузман (прв одлево) со своите тетка и тетин и со сестрата Стефанка, која била посвоена од нив, снимен во Кралево во 1928 година 

„Сами си ги бркаме децата. Ги доведовме во ситуација да се пишат Бугари за да можат да излезат надвор. Не ги обвинувам нив, зашто дома немаат перспектива, немаат услови за живеење, мора да бараат некакво чаре. И внук ми Дени со снаата замина во Канада. Срцето ќе му препукнеше на маж ми Доне кога дозна. Не можеше да сфати дека внукот на Кузман се сели од Македонија, за која тој загина. Мораше да си заминат, овде не гледаа никаква перспектива, иако тој имаше Правен факултет, а снаата Фармацевтски. Внукот беше вработен во Владата со договор на дело. Не беше осигуран, а платата само десетина илјади денари. Пари ли се тоа за млад човек што сака да формира семејство. Го нервираше тоа што шеф му беше човек кој пред да го стават за раководител лепел плочки. Не можеа да се снајдат тука, но затоа, пак, Канада им ги отвори вратите. Снаата веднаш нашла работа во аптека, а Дени малку подоцна во банка. Си купија куќа, а сега чекаат бебе. Добија и канадско државјанство. Не верувам дека ќе се вратат“, со тага и горчина во гласот раскажува осумдесетгодишната Павлина. 

ЗАБОРАВЕНИ Семејството на сестрата на Питу, кое живее во Скопје, одвај врзува крај со крај. Двете ќерки работат во администрација и имаат ниски плати. Ако не е нејзината пензија, којзнае дали помалата ќерка ќе го истера месецот. Внуката заврши Природно-математички факултет и, еве, цели пет години е без работа.

„Низ градов од автомобили не можеш да поминеш, а ние немаме никаков превоз за да ме однесат на лекар. Едната ќерка го вози ’ренолчето‘ што го купи маж ми Доне пред четириесетина години. Растурено е, кога работи, кога не. И другата ќерка нема автомобил. Со кои пари ќе купи, се' поскапува. Во времето на социјализмот колку-толку бевме посигурни, горе-долу секој беше вработен. Можевме да си дозволиме да отидеме на одмор барем до Охрид и до Струга. Сега на пазар не можеш да отидеш. За ќерките и внуците одморот стана луксуз. Не знам што ќе биде, животот станува се' потежок. Партиите постојано се менуваат на власт и никој ништо не прави“, резигнирано, без ниту малку оптимизам, зборува сестрата на големиот Питу.

Ако Кузман денес бил жив, сигурно немало да биде среќен од тоа што ќе го видел во својата Македонија, смета таа. За тоа што не одат работите еднакво ги обвинува и сдсмовците и вмровците. „Што се случува ова сега со имево? Проблемот еднаш треба да се реши, дали ќе биде Северна, дали ќе ја крстат ваква или таква Македонија, што е толку важно. Најважно е да се отворат границите да влеземе во Европа, да има работа, да живееме како сите луѓе. На крајот на краиштата, Грците нас како Македонија не' признаа уште од 1944 година, кога се ослободивме, кога создадовме држава“, смета Павлина.


Семејството на Кузман Јосифовски-Питу снимено во 1922 година во Прилеп. Кузман (детето од десната страна) имал седум години 

Таа не може да разбере зошто власта ги заборава тие што ја создадоа државата, зошто го минимизира придонесот на борците и на нејзиниот брат Кузман. „На годишнините од убиството доаѓаат понекој борец и ученици од едно училиште, а државата ја нема. И борците се проретчија. На последнава годишнина имаше само неколкумина. Еден по еден си заминуваат. За некоја година, кога ќе изумрат, ќе нема кој да му однесе цвеќе. Никој од власта не дојде да му оддаде почит, а беше јубилејна годишнина, 65 години од убиството. Доведоа мали дечиња, ми беше жал кога ги гледав како мрзнат на студот и ветрот. Еве, и овој 9 мај, на годишнината од победата на фашизмот, никој од власта не им се поклони на загинатите борци. А знаат ли тие дека ако не беа борците, немаше да ја има ни државата и не ќе имаа што да раководат. Ме боли душата кога гледам како не ги почитуваат тие што се најзаслужни што денес го имаме сето ова“, се жали сестрата на Питу. 

ПОЧИТ Во времето на социјализмот, кога се одбележувала годишнина од загинувањето на брат и' Кузман, било решено да му се подигне споменик. Оттогаш поминаа многу години, а никој повеќе не го спомнува споменикот. Како што одминува времето така се заборава на идејата. А историчарите се единствени во ставот дека Кузман е една од клучните, ако не и најклучната фигура во националноослободителната антифашистичка борба во Македонија. „Затоа, пак, се родија многу идеи за изградба на споменици на луѓе кои не дале ништо за денешницава. Никој повеќе не прашува зошто не му се гради споменик. Државата троши многу пари за разни луксузи, гради споменици на Александар Велики и не знам на кого, а тој што ја создаваше и загина за неа го заборави. Илија Џувалекоски, кој се познавал со Кузман, кога ќе не' сретнеше со маж ми Доне, ни велеше: ’Со загинувањето на Питу загубивме многу голем човек. Прв е Гоце, а по него е Кузман’“, се сеќава Павлина на средбите со познатиот македонски актер.

Сестрата длабоко во душата ги чува спомените на својот брат. Вели дека раната се' уште е отворена и крвави, а сеќавањата за заедничкиот живот во детството и во младоста се' уште се живи, како да било вчера.

Јосифовци се познато прилепско револуционерно семејство. Мајката Лефтерија родила три ќерки и двајца синови, сите активно вклучени во револуционерното движење. Од нив на олтарот на слободата на татковината животите ги положија големиот Питу, кого со право го нарекуваат мозокот на НОБ, и најстарата ќерка Мара. Синот Аспарух ја преживеа војната и почина подоцна. Тој учествуваше во познатиот напад на Участакот на бугарската полиција во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Средната ќерка Стефанка, која беше посвоено од тетка си, за време на војната живееше во Кралево. Таму се борела во движењето и е носител на „Партизанска споменица 1941 година“.

„Кузман заврши средно во Битола, а студираше во Белград. За разлика од сите нас, тој беше подруг. Дома не се прибираше. Пред војната, тој и сестра ми Мара беа прогонувани од тогашните југословенски власти. Кузман секогаш беше на некакви состаноци. По доаѓањето на Бугарите, беа прогонувани и од нив. Дома постојано имаше претреси од бугарската полиција, речиси секоја втора-трета вечер. Ако не' посетеше некој непознат, полицијата доаѓаше и веднаш го бараше брат ми Кузман, ако дојдеше некоја жена, ја бараа сестра ми Мара. Најтешки ни беа годините на војната. Баба ми Зака често велеше: ’Како не го отепаат тој Хифлер (така го викаше Хитлер) за да ни дојдат децата. Од младите никој дома не остана, брат ми Кузман и сестра ми Мара беа во партизани, Аспарух го интернираа во бугарските затвори. Да бев поголема, и јас ќе отидев во партизани. Сета работа остана на грбот на баба ми и на мајка ми. Сами сите три садевме тутун, сами нижевме. Имавме магаре, но ни пцовиса, зашто немавме со што да го храниме. И така на грб го носевме тутунот од нива“, се сеќава на тие тешки години Павлина. 

МИТИНГ Мајката Лефтерија и Павлина за убиството на својот Кузман дознале речиси по една година од трагедијата по ослободувањето на Прилеп.

„Дека е убиен слушнав на митинг. Дента го калапевме тутунот, а јас и другарка ми што ни помагаше заминавме на митингот. Пред да биде одржан говорот, на загинатите им беше оддадена почит. На сите им ги кажуваа имињата. Прв беше спомнат брат ми. Како гром да ме погоди, се струполив на земја и се онесвестив“, се сеќава Павлина. „Ме подигнале од земја и додека ме враќаа дома, ме советуваа: ’Воздржи се, Павлина, мајка ти не знае‘. А кога стасавме, таа насмеана ме праша: ’Како беше, мајче?’ ’Имаше многу народ’, и' велам и целата се тресам. Додека разговаравме, пристигна брат ми Аспарух и ме праша: ’Кај си била?’ ’На митинг’, му велам. Не знам како му се испушти, па ме праша: ’А разбра ли за Кузман?’ Му одговорив потврдно. Одеднаш го слушнавме пискотот на мајка ми. Така таа дозна дека загина Кузман“, со солзи во очите раскажува Павлина.

Мајката Лефтерија полесно го преболела загинувањето на ќерката Мара. „Беше лапавичаво утро. Доаѓа една од сосетките и вели: ’Лефтерија, Лефтерија... децата ни ги истепаа, а ти чорапи плетеш’. ’Кои деца?’, прашува мајка ми. § кажала за смртта на сестра ми Мара: ’Нека ми се живи другите, таа курбан нека оди’, и' рекла и заплакала. Неа ја даде за слобода, но никогаш не го преболе Кузман. Нејзината постојана желба беше побргу да си умре. Велеше: ’Младите ми отидоа, зошто да живеам’. Но, господ и' даде живот, доживеа 82 години“, се сеќава Павлина на тие тажни години.


Питу (стои во средината) со своите другари снимен во 1930 година како ученик во четврти клас во прилепската гимназија

Захарија, баба по мајка на Кузман, немала машко дете и живеела со нив. Еден ден од Прилеп дошле за да го посетат неговиот гроб. Гледаат, на него стои друго име. Ги убедувале дека тој е тука погребан и дека тоа име е запишано од фалсификуваната лична карта што ја имал со себе кога го убиле. „Баба ми не издржа, другиот ден се шлогира. Живееше еден месец. Пред да умре, остави аманет да ја закопаме со Кузмана. Аманетот и' го исполнивме, ја донесовме во Скопје и ја погребавме со него. Подоцна, кога се префрлаа коските на брат ми во Алејата на великаните во Бутел, во гробот на Кузман се погребани и нејзините. Стои само името на Кузман, нејзиното го нема. Од сите внуци таа него најмногу го сакаше“, раскажува сестрата на големиот македонски револуционер чие име идните генерации никогаш не треба да го заборават.

Бугарите десет дена не знаеле кого ликвидирале

Кузман бил убиен од Македонец од Лазарополе

„Ако македонската историографија го определува Гоце Делчев како идеолог на Македонската револуционерна организација во предилинденскиот период, тогаш Кузман Јосифовски-Питу несомнено е идеолог и двигател на македонската националноослободителна борба“, вели д-р Ѓорѓи Чакарјаневски. Тој смета дека неговите заслуги за создавањето на македонската држава се многу поголеми отколку што се кажува официјално. Кузман бил главниот организатор на Првото заседание на АСНОМ и автор на првите државотворни документи.

Чакарјаневски подвлекува дека Питу бил убиен од страна на Соломон Трпков - Македонец, чие семејство од Лазорополе се преселило во Бугарија. Бил предаден во Софија од Крум Георгиев, брат на сопругата на делегатот на ЦК на БКП, при ЦК на КПМ, Бојан Б’лгарјанов. Настојувајќи да воспостави соработка со бугарските комунисти, Питу остварил врска со Георгиев, кој тогаш во Софија бил уапсен со поголема група комунисти. Не ја издржал тортурата на истражните органи и проговорил за состанокот што требало да се одржи во една вила на планината Водно. Кога полицијата дознала за состанокот, го донела во Скопје за да им ја покаже вилата, а потоа веднаш го ликвидирале. Ноќта на 24 спрема 25 февруари 1944 година ја блокирале куќата за да го уапсат лицето за кое знаеле дека е висок македонски комунистички функционер. Додека агентите се приближувале, Кузман ги забележал, скокнал од прозорецот и почнал да бега.

Според исказот на Асен Богданов, при бегството Питу бил погоден од полицијата. Ранет, со крајни напори, се упатил кон железничката линија која минувала во подножјето на селото Козле во месноста Жданец. Но, таму наишол на друга група вооружени лица кои ја чувале пругата, а едно од нив го застрелало ранетиот Питу. Во историографијата се споменува дека неговото име е Цоњо Трпков, родум од едно село во западна Македонија. Кога Цоњо видел дека Кузман е ранет, побарал да најдат превозно средство за да го пренесат во болница, а тој останал сам со Питу. Тогаш го прашал како се вика и кога не добил одговор, го застрелал.

„Бугарските власти не знаеле со сигурност кој е убиениот. Во личната карта што ја нашла полицијата кај него стоело името Димитар Филипов Рафаилов од Дебар. Затоа телото на Питу го изложила кај Државната болница со надеж дека некој ќе го препознае. Биле уапсени повеќе лица, но и покрај тоа, не дознале кој е убиениот. Дури по десетина дена се увериле дека станува збор за Кузман Јосифовски-Питу“, вели Чакарјаневски.

Вистинското име на Цоњо Трпков било Соломон. Припаѓал на лазорополско семејство кое емигрирало во Софија по Првата светска војна. По доаѓањето на власт на бугарските комунисти, пребегал во Брисел, каде што соработувал со луѓе на Ванчо Михајлов. Во 1975 година бил убиен неговиот син Дамјан, пред Палатата на правдата во Брисел. Тој, исто така, им припаѓал на ванчомихајловистите. Кој го убил - не се дознало. Неговиот татко Соломон, убиецот на Питу, починал неколку месеци подоцна.