��oj 509   14.02.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Најверојатно случајот ќе биде изнесен пред Врховниот суд, сметаат некои стручњаци
Првиот и далеку најдобар Титов дипломат, Владимир Велебит почина во Загреб во 2004 година. За неговиот однос со Јосип Броз, средбите со Черчил, недоверба на Русите кон него, тој пишува во своите мемоари. Третиот дел е посветен на неговото доаѓање во Фоча, во штабот на Тито

ЦВЕТАН ТОДОРОВ (1939-2017)

Автобиографската книга на Тодоров Devoirs et d?lices (2002) ja преведов на македонски под наслов "Должности и наслади." Ја објавив една или две години по нејзината појава во Франција. Главна причина за тоа беше, покрај другото, и библиографијата во таа книга која зборува за преводите на делата на Тодоров на околу 25 јазици во светот. Меѓу нив се и оние на македонски: јас сум превел и објавил дури шест книги од Тодоров. Тој навидум маргинален детаљ зборува дека еден научник од светски формат петпари не дава за научно-политичката мисла на Бугарија која и ден-денес ги оспорува посебноста на македонската нација и јазик

АТАНАС ВАНГЕЛОВ

До мојата прва интелектуална средба со Цветан Тодоров, натурализиран Француз од бугарско етничко потекло, дојде во далечната 1975 г. Во тоа време, како стипендист на француската влада, јас бев на студиски престој (recherches libres) во Париз. Си поставив себеси задача да навлезам колку што можам подобро во духот на тогашната франацуска критичка мисла. Беше, во тоа време, доминантна во Европа, позната под името структурализам. Така дојдов и до книгата "Прашања на поетиката" (Questions de po?tique) на еден од водечките лингвисти на 20-ти век Роман Осипович Јакобсон.

Некои работи од јазичко-литературната теорија на Јакобсон ми беа веќе познти благодарение на преводите на српско-хрватски од наследството на руските формалисти. Постоеше голем интерес тогаш за рускиот формализам (вид отпор кон марксизмот?) кај тогашните југословенски интелектуалци како, на пример, Н. Петковиќ, А. Флакер, А. Петров и многу други. Тоа што ме изненади, да не речам тоа што ме тресна од земја кога се занимавав со таа книга на Роман Осипович, беше кратката белешка во која се велеше дека редактор бил Цветан Тодоров кој, освен тоа, фигурираше како преведувач од руски на околу една третина од книгата на Јакобсон. .

Последица на тој духовен потрес беше тоа што почнав систематски да ги изучувам книгите на Јакобсон и Тодоров за кои мислев, по интуиција, дека им припаѓаат на исто духовно семејство. Со посредство на Тодоров дојдов и до податок за книгата "Шест лекции за звучењето и значењето" од Јакобсон која беше веќе преведена на француски со предговор на знаменитиот антрополог Клод Леви-Строс, татко на француската структурална школа.

Една од тие "шест лекции" на Јакобсон кој ги држел пред одбран круг слушатели, меѓу кои и Французи како Леви-Строс (се нашол во САД откако нацистите ја окупираа Франција), зборува за јазичката теорија на таткото на модерната наука за јазикот Фердинанд де Сосир. Роман Осипович зборува со пиетет за творецот на модерната лингистика. Тој ја поврзува таа теорија со научната мисла на рускиот лингвист Бодуен де Куртене кај кого слушал "лекции" по теорија на јазикот и нашиот Крсте Петков Мисирков. Таа фасцинација на Јакобсон од научната мисла на Сосир не го спречува да заземе критички став кон јазичката теорија на таткото на модерната лингвистика.

Клучно место во критиката на Јакобсон на теоријата на Сосир е она кое расправа за фонемата. Таа е најмала единица во системот јазик, вели Сосир. Фонемата е "дискретна, релативна и негативна." Служи за тоа да се дојде до механизмот разликување, нејзиниот негативитет. Тоа "разликување" помогна да се дојде до клучниот концепт на структуралната мисла, каков што е концептот разлика - difference/differаnce во критичкиот речник на Жак Дерида, кој подоцна стана творец на евро-американската постмодерна. Не, вели Јакобсон! Фонемата не е најмала јазичка единица. Не е најмала затоа што таа е составена од помалите "разликувачки признаци" кои ги нарече "јазички кванти."

Таа критика на Јакобсон секавично ме потсети на една дефиниција на фонемата во првиот том (1952) од Граматиката на нашиот Конески. Тој вели во својата Граматика која го опишува фонолшкиот систем на македонскиот јазик дека фонемата е "најмала реална" единица во јазикот. Не "најмала" како што вели Сосир во својата општа лингвистика, туку "најмала реална." Ако е, како што вели Конески, "најмала реална", тогаш би требало да постојат и некои други кои се "нереални." Иако нереални, тие помагаат да се направат фонемите.

Не е тешко да се заклучи од тој тек на моите тогашни (како и сега) мисли за тоа како гледаат на фонемата Сосир, Јакобсон и Конески дека постои некоја длабока сродност меѓу Роман Осипович и Блаже Конески. За да се уверам колку држи вода вода мојата интуитивна теорија за сродност, ја побарав неговата Граматика во француската Национална библитека каде што работев, во таа далечна 1975, секој ден со некој вид монашка посветеност. Не само што ја најдов дефиницијата за фонемата што ја бев запметил уште како студент, туку и нешто друго на кое не сум му обрнувал никакво внимание дотогаш.

Во краткиот предговор кон првиот том од својата Граматика Конески вели дека основната намера му била да ја опише "структурата на македонскиот литературен јазик. "Оној што чита таква формулација во време на доминација на структурализмот во европската мисла, нема да се лиши од задоволството да утврди дека двајца Балканци како Конески и Тодоров знаат за структурализмот пред појавата (1956) на патријархот на таа критичка мисла Ролан Барт. Едниот, Тодоров, го покажа тоа со своите преводи на руските формалисти во книгата "Теорија на литературата"(1965). Другиот, Конески, напиша една "структурална граматика" на мал јазик на мала култура уште и во зародиш. Со тоа покажа и докажа дека има детален увид во безмалу екслузивна научна теорија каква што беше онаа на руските фпормалисти, но и онаа на Прашкиот лингвистички круг. Иако тој Конески избегнува да се служи со техничкиот јазик на тие две школи. Избегнува, затоа живее и работи во култура под будната власт на доктрината марксизам. Ете, токму тие скриени, сродности по длабочина меѓу Јакобсон, Конески и Тодоров одредија, исто така по длабочина, што и како ќе работам во мојата матична култура со изразито скромна традиција. Тие суштински влијаеја врз обликувањето на мојот духовен видокруг.

Автобиографската книга на Тодоров Devoirs et d?lices (2002) ja преведов на македонски под наслов "Должности и наслади." Ја објавив една или две години по нејзината појава во Франција. Главна причина за тоа беше, покрај другото, и библиографијата во таа книга која зборува за преводите на делата на Тодоров на околу 25 јазици во светот. Меѓу нив се и оние на македонски: јас сум превел и објавил дури шест книги од Тодоров. Тој навидум маргинален детаљ зборува дека еден научник од светски формат петпари не дава за научно-политичката мисла на Бугарија која и ден-денес ги оспорува посебноста на македонската нација и јазик. Тој човек објави дури над 70 оригинални книги на француски. Напиша за себеси дека е "Француз кој ја носи Бугарија во своето срце". Напиша уште дека неговите "корени" не се неговите славни и знамените предци-Бугари, туку неговите деца. "А тие се Французи", додаде. Ситни детали од интелектуална биографија на човек кој доаѓа од мала, периферна култура на Балканот? Секако. Ама и детали кои многу помагаат да се разбере по што и со што ја заслужи ласкавата титула "апостол на хуманизмот" во денешниот свет.

Нека му е вечна слава.