��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

22

БАЛКАНОТ КАКО ФРОНТ НА НОВАТА СТУДЕНА ВОЈНА ВО СВЕТОТ

Независноста на Косово и македонско-грчките проблеми, путиновите амбиции на Русија и разединетоста на Западот, прават од просторот на Југоисточна Европа фронт на новата студена војна во светот

пишува: СИНИША СТАНКОВИЌ
s.stankovic@globusmagazin.com.mk

фото: Архив „Глобус“

„На Балканот ништо не е статично. Сите решенија се краткорочни - за пет или десет години. Во изминатите 150 години многу пати се променија границите, се' се менува на секои триесетина години. Не мислам дека ова е крај на балканското прашање, и не треба да се очекува тоа!“, изјави Кристофер Делисо, директор на порталот „Балкански анализи“, за едностраното прогласување независност на Косово и признавањето од САД и најмоќните членки на ЕУ. Ова е само една од многуте изјави во медиумите на разни меѓународни експерти, аналитичари, политичари и дипломати, кои наместо најавуваното смирување на тридецениската криза на дел од територијата на некогашната СФРЈ, и по 17 февруари, најавуваат бурен период за целиот Балкан и перманентна нестабилност, засилена како со прераспоредувањето на моќта по „враќањето“ во регионот на Русија (и преку Србија и косовскиот проблем, и преку можноста за диктирање услови преку обезбедувањето гас), така и со немањето капацитет на политичките елити во Србија, Македонија, Косово и Босна, да се соочат со предизвиците. По воените судири и крвопролевањата во 1999 и протерувањето на стоици илјади етнички Албанци од српските сили, по воздушните напади и влегувањето на силите на НАТО во Косово, независноста на Косово беше само прашање на време, со што властите во Белград, и за време и по Милошевиќ, не сакаа да се соочат. Обидите, со поддршка на Русија, да се пролонгира (оти и Белград и Москва се свесни дека не може да се спречи) разврската на распадот на Југославија, можат само да го турнат регионот во нова неизвесност, оти планот на Марти Ахтисари, колку и да е несовршен, беше единствениот понуден излез – без нови воени судири - од неиздржливата ситуација за косовските Албанци, за Србија, но и за целиот регион. 

НЕМА ИДЕАЛНО РЕШЕНИЕ И покрај категоричниот став на државите кои ја форсираа независноста на Косово дека тоа „не е идеално решение, но е единствен реален и можен пат“ (Урсула Пласник) за надминување на неиздржливата ситуација, и дека „Косово е тешко прашање“, но дека признавањето на независноста „на крајот ќе доведе до мир“ (Џорџ Буш), „фактот дека на Косово де факто има поделба по должината на етничките граници, им помага само на етнонационалистите“ („Стандард“ - Виена). Но, решение со кое би биле задоволни и 90-те проценти Косовци, етнички Албанци, и властите во Белград – едноставно нема, а продолжување на статус-кво ситуацијата не беше можно. Во тој контекст, неминовната одлука на Македонија да го признае Косово може да се толкува само како искрена желба за конечно овозможување на регионот да си ги врати европските перспективи од пред деведесеттите и да се фати бранот со кој Македонија ќе се обиде да се извлече од вителот во кој беше турната без своја вина.

Но, додека ехото на рафалите пред скопскиот споменик на Скендер-бег и демократските изблици на косовските челници за добрососедство, соработка и заеднички влез на регионот во ЕУ, уште им беше во ушите на простосмртните Македонци, кои се понадеваа дека со какво-такво расчистување на статусот на Косово, и Македонија, конечно, ќе се извлече од неблагодарната улога, покрај своите бројни проблеми - да биде и жртва и на српско-албанските односи, стигна првиот студен туш од Приштина. Косовскиот вицепремиер Хајри Кучи побрза да потенцира дека Косово нема да прифаќа уцени, едновремено поставувајќи и' ултиматум на Македонија дека „би било упатно Македонија да го признае Косово како независна и суверена држава, а потоа..., претставник на косовската и македонската влада, во присуство на претставник на меѓународната задница да го решат прашањето на демаркацијата на граничната линија“.

Од ваквиот потег, произлегува дека без оглед на изјавите на сите актуелни етнички македонски политичари дека Македонија ќе го признае Косово во вистинскиот момент, водејќи пред се', сметка за националните и државни интереси (ставовите на албанските политичари во Македонија, нормално, се движат - од лежерноста дека се' околу Косово е готова работа по признавањето од САД, до обвинувањата дека македонските власти искажуваат дрскост и ароганција со тоа што не биле во првиот бран земји кои го признале отцепувањето од Србија), неизбежното признавање и од официјално Скопје, само привремено ќе ја смири албанската заедница во Македонија и властите во Приштина. За потоа, неминовно, да се заострат односите со Србија, во која уште долго емоциите и историјата, засилени со чувството на бес и немоќ поради непочитувањето на меѓународното право и Повелбата на ООН и со (не)искрената руска поддршка, ќе превладуваат над ретките обиди за попрагматичен пристап. 

ПРОБЛЕМАТИЧЕН СОСЕД Затоа, колку и да се кусогледи надежите во Македонија дека „НАТО ќе не' брани, а ЕУ ќе не' рани“, и без српска економска блокада, но со нова српска воена база на неколку километри од македонската граница и со новите трансфери на НАТО-војници во хаотичното Косово, како и со перманентните грчки притисоци околу името и евроатлантските аспирации, со бугарската политика на играње на долги патеки и на кондиција и со стравот од кројачите на мапите за „голема Албанија“, на македонската политичка елита и' останува да се колне во априлскиот самит на Алијансата во Букурешт. Ако одлуката биде позитивна, многу полесно, под притисок на меѓународниот фактор ќе се денфуваат и „излетите“ на косовските политичари како оној на еуфоричниот Кучи и ќе се изведе демаркацијата на границата, но и во тој случај Македонија ќе мора да научи да живее во соседство на нова држава која перманентно ќе биде генератор на кризи.

Од една страна, поради тоа што Косово, и покрај сите ресурси, кои според УНМИК се мерат во милијарди долари, по деветгодишниот хаос, во моментов не е способно да егзистира како држава и уште долг период ќе биде голема дупка во европското и американското ќесе (за преживување на новата држава, покрај предвидената европска милијарда евра, ќе биде неопходна и донаторска конференција на која ќе треба да се покажат САД) и територија контролирана од странскиот фактор, што во претходниот период не се покажа како доволно успешно. Од друга страна, и Русија и Србија ги прозиваат земјите кои ја признаа независноста на Косово дека се делумно виновни за нападите врз нивните дипломатски претставништва во Белград, а рускиот претставник во НАТО, Димитриј Рогозин, дури и отворено се закани дека „ако ЕУ усвои заеднички став, или ако НАТО го прекрши мандатот во Косово, тоа нема да биде во рамките на ООН. Тогаш и ние ќе мораме да употребиме брутална сила или, со други зборови, вооружена сила за да бидеме испочитувани“. Тоа го предизвика помошникот на американскиот државен секретар Николас Барнс, да побара Москва да се огради од „крајно неодговорните изјави“, односно „Владата на Русија да истапи со официјален демант на циничните и историски неоснованите изјави на нејзиниот амбасадор“.

Навистина, српскиот претседател Борис Тадиќ редовно изразува надеж за рационално завршување на спорот и минатата недела најави дека Србија нема да се откаже ниту од Косово, ниту од членството во ЕУ, и дека ќе ги користи сите политички и економски лостови за заштита на српските интереси, без да посегне кон насилство, но еден од лидерите на косовските Срби, веќе побара од матичната држава да гарантира дека ќе ги штити, „ако е неопходно и со сила“ и дека „државата Србија е задолжена да го заштитува народот на својата територија, а Косово е нејзина територија“. Истовремено, Русија ја нема во новата Меѓународна управна група за Косово, Србија групата не ја ни признава, премиерот Воислав Коштуница најавува приближување до ЕУ само со Косово во рамките на Србија, а приштинските медиуми најавуваат дека ако инцидентите на административната граница меѓу Косово и Србија продолжат или ескалираат, НАТО може да донесе одлука за повторно воспоставување режим на забрана за движење во т.н. копнена зона на безбедност, каква што имаше во 1999 година и командантот на КФОР да побара активирање на зоната од главната команда на НАТО во Неапол. 

ДИПЛОМАТСКИ ШЛАКАНИЦИ Иако ѕвечкањата со оружје се навистина неодмерени, но пред и над се', сепак, политички пораки на големите играчи на светската политичка сцена, и иако руската закана со сила не е реална, со непомирливите ставови околу Косово, без оглед на желбите да се најде излез, регионот како да е осуден на пролонгирана неизвесност. Според српскиот воен аналитичар Зоран Драгишиќ, Русија ги затегнува односите со САД за тие некаде да се „испеглаат“ на работи кои се за неа далеку поважни од Косово. „Може да ни се случи САД, на примерот на Србија, да покажат колку држат до Русија. Тоа значи дека САД можат дополнително да ја дестабилизираат Србија, затоа што ние имаме уште ровки региони. А не треба да се заборави дека Русите, по обичај, во еден момент ќе се повлечат, и ќе не' остават самите да си ги решаваме проблемите. Значи, САД и' удираат шлаканици на Русија по српски образ“, изјавил Драгишиќ за „Блиц“

И додека САД и Русија си удираат дипломатски шлаканици, поради пристигнувањето на мисијата на ЕУ во Косово, Србите ја напуштаат Косовската полициска служба, формираат свои полициски управи во српските села и бараат да преминат под управа на УНМИК, припадниците на новата мисија на ЕУ се распоредуваат на Косово без дозвола на ООН и без објаснување - како ЕУЛЕКС ќе ги преземе ингеренциите на УНМИК во полицијата, правосудството и царината, кога одделни членки на ООН и самото испраќање на мисијата го сметаат за нелегално, радикалите остануваат најпопуларна партија во Србија, а официјален Белград, преку Советот за национална безбедност формира група правници кои до меѓународните судски инстанции ќе поднесат тужби против трети земји кои ја признале независноста на Косово... По споровите околу разместувањето на американскиот рактен штит низ Средна Европа, новата „студена војна“, фаќа замав и низ Балканот.

Се разбира, заради интересите на големите сили, а не на Балканците. Или, како што изјавил Анатоли Кучерена, сивата еминенција на Кремљ, „Русија не може да дозволи САД да владеат со светот!“ Србите на Косово и нивните права, тука се само монета за поткусурување. А Македонците? Хрватскиот професор Никола Висковиќ излезе со став дека југословенските војни и поделби нема да завршат со независно Косово, кое е само темпирана бомба за избивање на нова војна, туку и дека ќе бидe предизвикана нова криза за поделба на Македонија. А новинарката на „Фигаро“, Изабел Ласер, констатирајќи го поразот на политиката на мултиетничност на САД и Европа на Балканот, со признавањето на независноста на Косово, кое ја оддалечило Србија од Европа и ја приближило до Русија, ја пласира и идејата која „приватно ја изнесувале експерти кои со години работат во регионот“, дека „најдобро решение за проблемите на Балканот би било да се организира голема меѓународна конференција и еднаш-засекогаш да се променат границите по етнички основи“!? Иако се работи за политички некоректно решение кое „би значело дека меѓународната заедница попусто вложила милиони долари во регионот“, според Ласер, од друга страна, „новиот влог на Западот“ би бил да чека „балканските земји да и' се приближат на ЕУ, решен да им ја олесни задачата, надевајќи се дека национализмите ќе се намалат“.

Предвидувањата и црните прогнози се напластуваат. Македонските политичари од власта и опозицијата засега се караат кој стои зад запалените контејнери по скопскиот митинг за одбрана на името...

НИКОЛАС ВАЈТ, Меѓународна кризна група

Какви ќе бидат импликациите од актуелните тензии на Косово, особено заради интензивното инволвирање на Русија во спорот?

– Накратко, се сомневам дека спорот околу Косово ќе ескалира поради Русија, таа не помага да се изнајде решение, туку има мал интерес да ги претстави работите како уште полоши

Какви ќе бидат последиците од косовската криза за регионот? Дали очекувате прелевање на кризата и во Македонија?

– Се сомневам дека ќе има прелевање на ситуацијата во Македонија, каде што значајни субјекти ја очекуваа независноста на Косово веќе неколку години

Дали независноста на Косово значи и крај на распадот на поранешна Југославија?

- Се согласувам дека независноста на Косово е крај на распаѓањето на Југославија. Нема апетити за Војводина, на пример, а ситуацијата во Босна е многу поразлична, што многу јасно го потенцираше и господинот Милорад Додик. 

До кој степен се остварливи тезите за обединување на Албанците од Балканот во „голема Албанија“?

- Скептичен сум за тезите за „голема Албанија“. Не гледам значајни политички фактори кои ги застапуваат. Албанските гласачи во Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија редовно не прифаќаат да гласаат за политичари со таква политичка програма.  (А.М)

ЛОРЕНС ИГЛБЕРГЕР

„САД згрешија со признавањето на Косово, со чија независност е воспоставен преседан“, изјави во интервју за Глас на Америка поранешниот државен секретар и американски амбасадор во Југославија, Лоренс Иглбергер. Според него, со независноста на Косово е воспоставен преседан, кој може да има сериозни последици на Балканот, но и пошироко. „Мислам дека ќе зажалиме поради таа одлука, бидејќи и некои други земји ќе речат – еве, меѓународната заедница призна независност на една покраина која беше дел од суверена држава и зошто и ние да не се обидеме?“, изјави Иглбергер и го аргументираше тоа со можноста приклучување кон Србија да побараат северот на Косово или Република Српска. Според Иглбергер, „Косово самото не е економски одржливо и ќе му биде потребна меѓународна помош, од која најголем дел ќе ја обезбедат САД “.