��oj 50   01.04.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 48

Број 47

Број 46

Број 45

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


...

40

МАТИЧНИ КЛЕТКИ - ПОТРЕБА ИЛИ ПРЕСТИЖ

Експертите сметаат дека е подобро да се дарува крвта отколку да се чува само за семејството

пишува: КЕТИ МИЦКОВСКА
фото: НИКОЛА ЈАКИМОВ

Замрзнувањето на издвоените матични клетки од крвта на папочната врвца на новороденчето, по примерот на западниот свет, претендира да стане тренд и меѓу Македонците. Близу 150 брачни двојки веќе ја искористиле биомедицинската постапка на земање крв од папочната врвца на своето дете и можноста за чување на клетките во странски банки. Некои од нив дури подигаат и кредити за да можат да го платат депонирањето на матичните клетки од своето бебе во приватните банки, кое за 20 години колку што се обврзуваат да ги чуваат чини од 1.450 до 1.750 евра. Други се одлучуваат на второ и трето дете за да го надоместат пропуштеното со претходната рожба.

Бројката на заинтересирани идни родители што постојано расте е резултат на сознанијата на луѓето за постигнувањата на светските научни истражувања кои потврдуваат дека трансплантацијата на матичните клетки помага во лекување на осумдесетина видови тешки заболувања и го продолжува животниот век, пред се' кај лица кои боледуваат од малигни хематолошки заболувања, леукемии и лимфоми и имунолошки нарушувања. Потоа, во третманот на дијабетесот и за лекување и обновување на оштетен срцев мускул. Испитувањата даваат надеж и за лекување на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, малигните тумори, оштетувањата на мускулите, мултиплекс склерозата, повредите на ’рбетниот мозок, церебралните инфаркти...

Клонирањето луѓе е тежок криминал

Стравот од злоупотреба на матичните клетки кај потенцијалните клиенти за нивно депонирање оди на релација на можни експерименти за клонирање луѓе. Демек, ако денес се клонираат разни видови животни, како што беше со популарната овца Доли, зошто да не се експериментира и со човечките клетки, се прашуваат луѓето.

- За жал, не постои регулација за запирање на експериментите со клонирњата на животните, ниту меѓународни санкции за тоа. Мислам дека опасноста што се посочува е повеќе граѓански неоправдан страв, отколку медицинска или истражувачка реалност. Клонирањето луѓе е забрането со меѓународни закони, убедува проф.д-р Спироски, со напомена дека злоупотребата подлежи на санкции од типот на најтежок криминал.
 

Замрзнувањето на матични клетки од папочна врвца на свое поколение велат светските искуства превентивно им се препорачува на оние кај кои веќе има евидентирана семејна историја на генетички болести кои тераписки се третираат со трансплантација на матични клетки, но и на парови од мешана националност и оние кои зачнале ин витро со донација. Кај првите поради скудните шанси за соодветен донор во случај на потреба, бидејќи матичните клетки на децата од мешаните бракови се уникатни, а кај вторите поради анонимноста на донорот и евентуалните генетички наследени метаболички болести низ генерациите.

Меѓу македонските двојки кои се одлучиле за оваа скапа инвестиција за чување на матичните клетки на своите деца предничат оние кај кои постои основан страв од наследен ризик. Кај добар дел од родителите водилка била и онаа народната - за не дај боже оти којзнае какви се' сериозни болести би можеле во иднина да го загрозат опстанокот на цивилизацијата и конкретно нивното потомство.

n БИЗНИС ИЛИ РЕВОЛУЦИЈА? Земањето крв од папочната врвца од бебето веднаш по раѓањето за добивање матични клетки е новина за македонски услови, затоа што папочната врвца заедно со плацентата, како нуспродукт на раѓањето, се фрлаа. Во Европа се применува од 2000 година и статистички таму секоја трета жена склучува договор со некоја од банките за замрзнување на матичните клетки од своето дете.

За нашите сограѓани можноста се отвори лани летото со понудите на договори за чување на матичните клетки од страна на скопските фирми-посредници, „Би-Мек“ за првата и најголема европска мрежа на криобанки банката „Криосејв“ во Брисел и „Хелт Мед“, која е поврзана со грчката „Селгенеја“. За кусо време преку нив почнаа да се депонираат примероци на крв за испитување и замрзнување на матични клетки по склучни договори со трудници од Скопје, помасовно, потоа од Битола, Охрид, Тетово...

Одлуката за замрзнување матични клетки од потомството, според утврдените стандарди, родителите треба да ја донесат извесно време пред породувањето, најчесто во седмиот месец, заради административна процедура што го следи потпишувањето на договорот за нивно чување во соодветните странски банки. Прво се остава аванс од 150 евра со што фирмата-посредник се обврзува специјалниот сет за транспорт на крвта да го достави во болницата во моментот кога клиентката се породува. Независно дали по природен пат или со царски рез. Гинекологот е задолжен за земање крв, постапка што е рутинска, едноставна и безболна и за која всушност е обучен медицинскиот персонал во родилиштата. Во рок од 12 до најмногу 48 часа примерокот се доставува до лабораторијата на одбраната банка каде што крвта се испитува микробиолошки и серолошки, по што се одвојуваат матичните клетки и во две засебни епрувети, кои се всушност специјални садови за криопрезервација со течен азот, се чуваат во посебни фрижидери на температура од 196 Целзиусови степени под нулата и тоа на две различни локации на банката, за дополнителна безбедност на материјалот. Вака се складираат за да може во иднина, доколку се појави нужност од нивна употреба, да се земе само еден дел од клетките и повторно, најмногу за 48 часа, да се трнспортираат онаму каде што се потребни за лекување. Во случајот на банката „Криосејф“, матичните клетки од едно дете се чуваат во Брисел и во Холандија, а во грчката „Селгенеја“ во Солун и во Атина.

Од досега испратените примероци со крв, банките ниту еден сет немаат вратено назад во земјава, тврдат застапниците, што зборува дека не се најдени вирусно инфицирани или малформирани клетки. Во принцип, клетките на крв заразени, на пример со ХИВ, веднаш се уништуваат, а оние со хепатитис Ц продолжуваат да се чуваат, но изолирано од другите.

- Повеќето од сопружниците, идни родители, доаѓаат кај нас добро информирани за придобивките од матичните клетки за здравјето на тесното семејство. Сепак, најмногу ги интересира кој може да ги користи и под кои услови, кои се условите за чување на замрзнатиот материјал, гаранцијата на неговата сигурност и каде тој евентуално би завршил доколу банката би банкротирала. Во принцип, матичните клетки се за потесното семејство, што подразбира дека може да ги користи детето и родителите, браќата и сестрите, како најкомпатибилни, вели Јасминка Карановиќ, менаџер во „Хелт Мед“.

Карановиќ појаснува дека договорот за чување на замрзнатите примероци матични клетки од крвта на детето што треба да се роди е за времетраење од 20 години и мора да го потпишат двајцата родители.

- До осумнаесеттата година од животот на детето, родителите се тие кои одлучуваат што ќе прават со неговите матични клетки. Што со нив понатаму решава детето откако ќе стане полнолетно. Важно е дека во меѓувреме родителите, а потоа и детето, со навршување на осумнаесет години, имаат право во секое време да ги побараат и за кус период да ги добијат матичните клетки ако им се итно потребни, независно каде се наоѓаат, прецизира Карановиќ.

Генерално, по истекот на договорот, сопственикот може да го продолжи на дополнителни 20 години што кај „Криосејф“ моментално чини 750 евра. Ако така одлучи, клетките можат да бидат уништени или, пак, да бидат дадени во јавна банка.


Јасминка карановиќ: Во принцип, матичните клетки се за потесното семејство, што подразбира дека може да ги користат детето и родителите, браќата и сестрите, како најкомпатибилни

ОБЈЕКТИВЕН РИЗИК Престижниот „Њујорк тајмс“ неодамна објави дека чувањето матични клетки во банка не е без ризици. Сугестијата на некои експерти е „клиентите треба добро да размислат пред да потрошат стотици или илјадници долари за таква услуга, бидејќи не е познато колку можат да бидат корисни тие клетки“. Со забелешка дека „компаниите што се занимаваат со чување матични клетки во банка се обидуваат да направат бизнис“. „Мошне неверојатно е , истакнуваат научниците во одбрана на ставот, некое лице некогаш да има потреба од такви клетки. Технологијата би можела толку многу да се смени што клетките кои се складираат сега можеби нема да бидат потребни ако некое лице се разболи за 10 или 20 години!“ Американската Академија на педијатри отиде подалеку во јавното одвраќање од приватно чување клетки од крв од папочната врвца во банки како „биолошко осигурување“ за дете без познат ризик од болести. Академијата, како што објави „Њујорк тајмс“, ја информирала јавноста дека постојат мали шанси - од 1 на 1.000 до 1 на 200.000 дека на детето некогаш ќе му биде потребна таква крв.

- Успешноста на лекување со матични клетки во услови на чување крв од папочна врвца само за свои лични потреби е илјадници пати помала одошто кога тие примероци би се дале веднаш на луѓето на кои сега им се потребни, потврдува за „Глобус“ проф.д-р Мирко Спироски, директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

- Апелирам граѓаните да размислат дека е подобро да се дарува крвта од папочната врвца на новороденчето и да имаaт сите граѓани достапност до матичните клетки, отколку да се чуваат само за себе, за членовите на потесното семејство или за не дај боже. Подобро би било барем да им се помогне на пациентите кај кои прогресира болеста која може да се лекува со нивните транспланти од матични клетки, категоричен е проф. д-р Спироски. Анализите што се прават и во Македонија го отвораат прашањето за нивото на економичност или економската корист од тоа чување за себе, додава проф. д-р Спироски. Неговиот личен став е граѓаните во огромен број да даруваат крв од папочна врвца на своите чеда, но не само исклучиво за себе. Убеден е дека донаторството слично на дарувањето крв во трансфузиологија многу бргу ќе ги добие истите ефекти како и во дарувањето матични клетки. Вели, државата треба да создаде големи капацитети од јавна, мешовита и приватна сопственост за да можат поголем број дарувања крв од папочна врвца да бидат складирани и употребени за луѓето на кои им е тоа веднаш неопходно. Во јавните банки чувањето би било на државен трошок, но само под услов крвта и матичните клетки од папочната врвца да се наменети за донација или за научноистражувачки цели, како што е во светот. Истовремено, нужно би било вклучување во меѓународниот синџир од институции и банки со кои би се вршела размена, бидејќи реално во Македонија е мал потенцијалот за иста генетичка структура на повеќе луѓе, што како проблем го имаат сите помали европски земји. Размената со светските банки би била добредоjдена за пациентите во земјава.

-Во моментов ова би била основната практична корист што би можеле да ја имаме од употребата на ваквите матични клетки. Нивната непосредна примена во лекувањето е медицинската револуција со матичните клетки од папочната врвца, а не во нивно замрзнување и чување, смета тој.

Директорот на Институтот за имунологија и хумана генетика е ригиден во однос на практиката, биолошките материјали, вклучително и матичните клетки, да излегуваат надвор од државата, како што тоа сега се прави со замрзнувањето во странски банки, бидејќи биолошките материјали од нашите граѓани се од национален интерес. Поборник е за законско ограничување, по примерот на најголемиот број европски земји кај кои е забрaнето депонирање матични клетки од свои сограѓани во туѓи банки.

Скриениот ризик за чување матични клетки во странски банки, проф.д-р Мирко Спироски го гледа токму во отсуството на домашна регулатива и легислатива. „ Дали навистина матичните клетки 20 години ќе бидат одржувани во употребливи услови за нив, како што се ветува? Дали, ако за толку долг период не бидат употребени, можат во меѓувреме да бидат искористени за експериментирање или за задоволување на потребите на конкретната држава каде што се замрзнати? Дали по некое време ќе можат без проблем да бидат префрлени во Македонија за нејзини потреби? Дали е можен принцип на реципроцитет, или еден вид размена на тераписка постапка, ако не е установенa законска рамка за тоа? Дали...?”, се само дел од отворените дилеми што ги загатнува професорот.

Заради суптилноста на проблематиката, повеќе од сигурно е дека ќе мора да се донесе законска рамка. Првиот човек на Министерството за здравство, Имер Селмани, најави дека Владата планира да отвори банка на матични клетки и кај нас. Планираниот проект ќе чини околу 4 милиони евра, со тоа што Владата треба да обезбеди простор од околу 700 квадратни метри, а приватникот преку моделот на јавно-приватно партнерство ќе треба да ја опреми банката. За децата со генетички предиспозиции, чувањето на мaтичните клетки е предвидено да биде задолжително и бесплатно. Идејата е договорот со банката за доброволно чување на матичните клетки да биде склучен на 35 години, а да чини 1.500 евра. Останува намерата да се реализира што побргу, за Македонија да престане да каска зад новите технологии, што, според лекарската и научна фела, се создава терен за можни манипулации и евентуални злоупотреби на земјата и граѓанството.

Трансплантација на коскена срцевина

Една од најуспешните развојни примени на матичните клетки во Македонија е трансплантацијата на коскена срцевина од сродни дарители, најчесто роднини во лекувањето на најразлични форми на леукемија што со успех се практикува на Клиниката за хематологија од пред шест години. Крвта од болниот и од можните сродни дарители се праќа на испитување во Институтот за имунобиологија и хумана генетика за сродност на главниот ткивно совпадлив комплекс. Од оној чија крв е идентична со заболениот се зема коскена срцевина и му се пресадува на болниот. По теоријата на наследување, според проф.д-р Мирко Спироски, само 25 отсто ја имаат сличната генетичка структура пoмеѓу себе. На пример, ако родителот има четири деца, евентуално само едното има иста генетичка структура како заболениот. „Дури и тогаш природата не го прави тоа така!“, потенцира д-р Спироски. Значи, другите се или полуидентични или различни, што не помага во терапиското лекување со матични клетки. Во тој случај се бараaт дарители надвор од земјата, бидејќи Македонија нема регистри за дарители на коскена срцевина.

-Типизирањето на HLA-ДНК за секој пациент на којшто треба да му биде пресадена коскена срцевина се врши во нашиот Институт, како и на онаа крв што се праќа во странство, а за која се бара соодветен дарител. Досега имаме направено над 700 типизации za HLA-DNK. Вршиме и броење на матичните клетки, иако сме на почеток на оваа нова технологија, неа успешно ја работиме. Немаме само услови за чување крв од папочната врвца и за замрзнување на одвоените матични клетки од неа, како и финансиски средства таа активност да се поддржи, вели директорот проф. д-р Спироски. Сепак, го чуди зошто здравствено осигурените сопружници не ја користат можноста да ја испитуваат крвта од папочната врвца на своето новороденче во Институтот за имунобиологија и хумана генетика на сметка на Фондот за здравство, кој ја рефундира услугата, како што многумина го прават тоа.

Бесконечно размноежувачка клетка


Проф. д-р Спироски: Најдалеку во примената на самообновливите клетки е отидено во науката

Матичната клетка е самообновлива бесконечно размножувачка клетка. Тие клетки можат да се претворат во која било диференцирана клетка во човековиот организам. Пример за тоа е можноста да се реконструира имунолошкиот систем.

Самообновливите клетки ги има најмногу кога организмот се зачнува, а нивното присуство е се' помало кон крајот на животот oд тој организам. Но, дури и тогаш ги има во мал број во некои ткива и органи на човекот, што говори дека матичните клетки се постојано присутни, независно од староста. Извор на матичните клетки се крвта од папочната врвца на новороденчето, коскената срцевина, периферната крв на возрасен човек, кожата, црниот дроб, млечните заби и друго.

-Најзначајното нешто за матичните клетки е нивната природна биолошка особина на повеќепотенцијалност. Тие имаат можност за регенерација и преобразување во кој и да било тип клетки во организмот. Под влијание на надворешни молекули, внесените матични клетки се насочуваат во која било клетка, која на крајот од лекувањето ја заменува болната со здрава клетка.Независно дали се работи за клетки од миокардот, за клетки од мозокот, за клетки од кожата, за нервни клетки или за еритроцити, леукоцити...- појаснува проф. д-р Мирко Спироски.

Токму оваа нивна специфика е основата на која почива терапијата со матичните клетки. Но, како што вели проф. д-р Спироски, самообновливите клетки не се користат само за лекување одредени болести. Најдалеку во нивната примена е отидено во науката. Со нивно истражување практично сe добиени и најголемиот дел од светските сознанија за моќта на матичните клетки.

-Се' она што до денес е познато од тие истражувања е применето во медицината, вели проф. д-р Спироски, со напомена дека во блиска иднина со матичните клетки ќе се лекуваат уште поголем број болести од постојните како производ од нивното нaучно истражување кое во светски рамки забрзано граби напред.