��oj 135   17.11.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 133

Број 132

Број 131

Број 130

Број 129

Број 128

Број 127

Број 126

Број 125

Број 124

...

54

ЗАР БЕЗ ЕТНОГЕНЕЗА МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ЗНААТ ШТО СЕ

Интервју со Анета Светиева, етнолог-скулптор

Пишува Катерина Богоева

Реномираната скулпторка и професор, д-р Анета Светиева од Институтот за етнологија и антропологија при Природно -математичкиот факултет во Скопје, се' уште нема јасен одговор кој и зошто успеал да ја укине групата за етнологија во Македонија во 1953 година, шест години по отворањето. Со години наназад, независно од менувањето на политичките гарнитури, таа врз основа на своето богато професионално искуство стекнато и како раководител на меѓународни проекти, потенцира дека Македонија не е доволно истражена, дека мора етнолозите да ги обработат сите сегменти на народната, материјалната, социјалната и духовната култура, но и на современата состојба што е вообичаена практика во светот. 

Вашиот еснаф годинава се обиде повторно да го сврти вниманието на маргинализираниот статус на етнологијата во земјава. Што е тоа што ве загрижува кога е во прашање нејзиниот третман во однос на истражувањето на ентитетот на македонскиот народ?

- Кога ќе се разгледа што се' се случувало со етнологијата по Втората светска војна, статусот на ова наука во Македонија е навистина загрижувачки. Пред три години поминав сериозно време во Државниот архив прегледувајќи ја документацијата на Филозофскиот факултет, барајќи што се случувало со отворената група по етнологија во 1947 година. Делегација од амбициозни млади политичари тогаш отишла во Белград, и го убедиле младиот истакнат етнолог од Македонија Бранислав Русиќ, да се врати во земјава и да ја отвори групата, но одеднаш, политиката се свртела. Немам валидни, пишани податоци зошто се случило тоа. Кај нас, се' уште трае практиката усмено се' да се решава, и иако постојат одредени документи, треба да читаш зад нив за да дознаеш зошто групата била укината во 1953 година, а во исто време, бил основан Институтот за фолклор. Сум правела споредби со состојбата во тогашна Југославија и излегува дека во однос на етнологијата, продолжила традицијата на Кралството СХС. Ова наука се развивала само во Србија, Хрватска и Словенија, а ја немало во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, во Војводина, се разбира ни во Косово, што говори за една чудна ситуација. Останатите добиле институти или заводи за фолклор, а во некогашните „големи“ републики имало и етнологија и фолклористика. Бесмислица е што кај нас долг период се останало само на народната уметност, затоа што од фолклорот се извлекува само творечкиот резултат, а причините зошто на одреден начин се творело, зошто се појавуваат специфични форми во Македонија, што е тоа што го чини нејзиниот идентитет, не може јасно да се види.

Првите 14 години работев во Институт за фолклор во Скопје, и веднаш сфатив дека без етнологија ништо не можам да решам, а тоа го знаат и останатите вработени таму. Бадијала се семејните песни, трудовите, орнаментиката, ако не знаеш зошто постојат, бидејќи кога престанува мотивот, верувањето во одредени нешта, тогаш почнуваат да се губат и некои уметнички форми.



Колку недостигот од вакви сознанија се одразува и денес?

- Се' уште се побројни истражувањата во однос на нашите, што Србите во земјава ги вршеле пред Втората светска војна. Тие по доаѓањето тука, веднаш отвориле Катедра за етнологија, а нивните најпознати етнолози работеле на скопскиот Универзитет, само што во материјалите Македонците ги воделе како Срби, за потоа Бугарите како „Бугари“. Инаку, стручно гледано, истражувале цели предели на најдобар можен начин во однос на тогашното ниво на етнологијата. Лошо е што и ден денес, бројот на истражувањата што тогаш ги правеле и Србите и Бугарите се побројни од македонските. Од тогаш потекнува значаен фонд на материјали, на монографии за Порече, за Мијаците - Горна Река и Мавровско Поле, за Ѓевѓелиска каза, Кумановска Црна Гора, Скопско, Скопска Црна Гора, итн. Не можеме ни случајно по бројноста да им се приближиме на истражувањата од тој период, бидејќи само што зел замав, развојот на етнологијата бил прекинат. Групата за Етнологија повторно е отворена во 1985 година, по долго талкање на нашите тогашни колеги по разни институции. Имало периоди кога сум била и сама на групата за Етнологија. Се определив како научник за да создадам кадри, но бадијала кога Министерството за образование и наука не дава средства за нивно вработување.

Дали проблемот лежи и во компетентноста на нашите институции?

- МАНУ може да даде одредени проекти за етнолози, за да се вклучат и да работат младите и постари колеги, како што се работи во другите држави. Треба да го следат примерот на другите Академии на науки и уметности, каде што постојат одделенија за етнологија и антропологија, а не како кај нас, кога по некоја случајност ќе се работи на некој проект од нашата научна област, а го раководи академик од некоја сосема друга област. Или, кога заради некое научно истражување, ќе дојде колега од такво одделение од друга земја со кое МАНУ има соработка, па „ќе ни се обеси на вратот“, само затоа што таму нема лице со кое ќе може да соработува на стручен план, ниту некој кој може да му помогне за да ја оствари целта заради која е дојден во Македонија.

Може ли археологијата без етнологија?

Сум контактирала со неколку археолози од Словенија. Тие велат дека не можат без етнологијата. Се откриваат разни предмети, а некои археолози не се воопшто свесни дека во некои села, до ден – денес такви или слични предмети, служат со иста намена. Да се чуди човек, но тоа е факт. Времето е многу сложен феномен гледано во споредба со човечкиот животен век. Она што е практично, и денес може да се најде, бидејќи се пренесува како наследство. На пример, се случува еден археолошки наод, наречен „пршлени“ и денес жените да го најдат и со него да предат, како што тоа го правеле нивните претходнички, со векови наназад.

Постоел ли некаков обид за соработка на Институтот за етнологија со Институтот за историја на уметност со археологија? И двата припаѓаат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“?

-Неколку пати сум разговарала со деканот на Филозофскиот факултет Трајан Гоцевски, но без успешно. Еднаш ми одговори: „Кој ќе се расправа со Природно –математички факултет. Кој ќе препушти на друг факултет оформена група што носи пари и што е дел од тој факултет?“ А во Министерството за образование и наука никогаш не им ни текнало да иницираат таква комуникација. И денес на многумина им е несфатливо зошто Институтот за етнологија и антропологија се наоѓа на Природно - математичкиот факултет.



Можат ли грешките од минатото да ја оправдаат сегашната позиција на етнолозите во време на одбрана на идентитетот на државата?

- Грешките се резултат на незнаење. Како сега да се толкува фактот што Бугарија има неколку групи за етнологија и антропологија? Грците имаат група дури и во Лерин со која соработуваме, но која си има своја, државна програма за работа. Да се вистински антрополози, би се запрашале кои се членовите на „Виножито“, зошто различно зборуваат од нив. „Нашинците“ од Леринско ги истражувале многу странци, но никогаш етнолозите/антрополозите од таа леринска студиска група. Дали некој ги читал извештаите на некогашната Карнеги комисија (преведена и објавена кај нас) кога се делела Македонија? Со кои аргументи се делела? Да не се делела со математика, физика или биологија? Не, туку со етнологија, етнолингвистика, географија и нешто со археологија.

Во моите истражувања за историјата на етнологијата во земјава, наидов на една статија од американецот Кит Браун кој работел на Институтот за историја, каде меѓудругото цитира говор на Лазар Колишевски. Станува збор за интересно парче од кое се повеќе ми станува јасно дека Групата за етнологија не била затворена случајно, туку по инструкции на власта од Водно. Цитирам дел од спомнатата статија во книгата „Македонското прашање“: „Кога филологијата, етнографијата, историјата и другите гранки на науката се пренагласуваат со цел да се „фабрикуваат аргументи”, што ќе подржат некоја цел што била претходно утврдена, тогаш доаѓа до целосен израз сета морална и научничка беда на таквиот прагматичен пристап кон изучувањето на општествениот развој. Од тука, задача на нашата наука е поаѓајќи од принципите на марксизмот и ленинизмот, најсовесно да ги утврди и објективно да ги анализира вистинските факти, да ги разоткрие и отфрли сите натрупани фалсификати и самоволни интерпретации” – рекол Колишевски.

Историјата била извлечена веднаш по ослободувањето како најзначајна наука, но со одредени задачи, врз основа на „одредени пишани документи“. Другото што наводно „фабрикува аргументи”, е отфрлено. А вистина е дека етнологијата има способност да создава факти, поради што и нејзиното значење е толку големо. За разлика од историјата која бара пишани документи, ние извлекуваме заклучоци врз основа на она што го гледаме, слушаме и истражуваме, од народната култура, од разните аспекти од народниот живот што се базираат на етнографски теренски податоци. Сето тоа може да се аргументира, ама нашите аргументи изгледа овде на никого не му требаат. Досега се сеќавам само на еден случај, кога во тв-емисијата „Чуму“, една наша колешка даде кратка изјава. Кога се расправа за теми во кои е најлогично да учествуваат докторите на науки и магистрите од Институтот за етнологија и антропологија, се појавуваат случајни личности кои суштински не ги познаваат работите поврзани со етносите, етничноста, итн. туку само создаваат дополнителни забуни кај луѓето со нивните, наводно „експертски“ дискусии.

Една студија на Ѓорѓи Здравев за народната носија или на Љупчо Ристески за народната религија, или на Весна Петреска за свадбениот обред, на Мирјана Мирческа за вербалните и невербалните етнички симболи, или на Ангелина Крстева за народниот вез, вредат неброени пари, само што нема тоа кој да го види. Тоа се само дел од аргументите со кои што се брани македонскиот идентитет. Начинот на пеење, специфичниот такт, орнаментите, боите, разни појави што ги истражуваме во современиот живот, тоа е она што не' прави различни од другите, ама што можеме ние да правиме? Не можеме да им ја промениме свеста на луѓето кои што едноставно, немаат познавања од оваа област.

Го делите ли мислењето на дел од Вашите колеги дека проблемот со маргинализирањето на етнологијата со години наназад, лежи во немањето подлабоки врски со политичарите?

- Вистина е дека не сме блиски со политичарите, зашто ако почне да се меша политиката, етнологијата ќе падне на многу ниско ниво. Има луѓе кои не се пријателски расположени, можеби не намерно, од незнаење, од глупост, себичност, но и прават голема штета на земјава. Некои емисии што сум ги гледала на телевизија за Мијаците, па доаѓањето на Хунзите во Македонија, тоа е навистина невиден примитивизам. Потомците на Мијаците, кои се наша гордост, како и Брсјаците, македонските Шопи, Мрваците, скопските „Блаќани“, Скопски Црногорци и другите бројни етнички групи, кои се јадрото на македонската нација, треба да покажат отпор кон занесените поединци кои наместо афирмација, им носат само незгоди. Треба да се истражува, но мора да постои некаков баланс и правичност во истражувањата. Не е во ред да се дава предност на нестручни кадри кои освен егзалтиран занес, не можат да понудат ништо сериозно. Во работата на етногенезата треба да бидат вклучени повеќе науки, но не може без етнолозите. Самото име на нашата наука покажува дека ние сме тие што се бавиме со народите и со нивната култура. Но, тоа сега и не е толку битно. Додека не се оформи пристојна и убедлива етногенеза, може комотно да се живее и без тоа.

Словенците на пример, пред неколку години издадоа една книга за словенечката народна култура и етнологијата, без етногенеза. Зар Словенците „без етногенеза“ не знаат дека се Словенци, или на Македонците им е од животна важност етногенезата за да знаат дека се Македонци? Секако дека знаеме дека сме Македонци. Секој паметен може да ја види културната разлика во однос на другите околу нас (Срби, Бугари, Грци, Албанци, итн.). Тоа е сосема доволно. Само некој треба тоа да му го предочи на народот, посебно на оние кои мислат дека треба задолжително да постои некоја „дебела приказна“ како грчката, албанската, или не знам веќе кој не е „избран, и најстар народ“ на овој наш Балкан. Ете, етнологијата „работи“ токму со тие културни разлики кои го отсликуваат идентитетот. Инаку постојат разни теории за истражување на етногенезата, но на Балканот се работи најпримитивниот метод, со барање митски предци. Најкритичните делови во предавањата за студентите се токму етногенезите на народите. Сите се дневно политички, а Грците се навистина бруката на векот. Како може сите да се потомци на антички Грци? Да не му се можеби братучеди на Перикле? Како може сега, сите дојденци од Турција (Караманли -Турци), потоа православни Гагаузи, погрчени и непогрчени Македонци или други припадници на балканските народи кои зборуваат некој словенски јазик, потоа Власи, Цигани/Роми, Албанци (а ги има многу), сите тие да се во „славно“ крвно сродство со античките Грци? Уште позачудувачки е како може културната Европа да ги толерира тие приказни за мали деца? И други држави инсистираат на таквите етногенези, тоа е нивно право, но смешната страна ќе ја видат ако ги работат паралелно теориите за истражување на етногенезата во кои има сто стапици. Има многу разработени и сложени теории кои и покрај квалитетот, не ги даваат очекуваните резултати. Но нема сомнение дека најпримитивна е теоријата на митски претци. 



Која е опасноста за во иднина?

- Кај нас, споменатата состојба моментално е хаотична, веројатно нешто може да се надомести, но само со добра програма, со реализација на проекти за сите етнички групи што постоеле на оваа територија. Тешко е да се врати ситуацијата од пред неколку века, бидејќи има празни одови, но сето тоа треба да се истражи, како што и се прави во другите земји. Цели делови од Македонија не се истражувани, а не се публикуваат ни обемни истражувања. Треба интензивно да се работи и на истражување на Македонците во дијаспора. Работевме меѓу другото и на еден добар проект за Торбешите, нашите иселеници во Турција, но резултатите не се објавени. Треба да се работи на проектот кој пет години наназад без успех го пријавуваме за финансирање „Народната култура на доселениците од Егејска Македонија во Република Македонија”. Се прашувам зошто претходно не се објавени тие податоци, кои денеска би им служеле многу и на политичарите.

Во Министерство за наука и образование до минатата година за проектите одлучуваше Виктор Стефов од Факултетот за хемија, за кого општествените науки се баласт за ова општество. Одбиваше значајни проекти од потврдени научници, меѓу кои и проектот „Етнолошки атлас на Македонија” што го започна (сега покојниот) Ѓорѓи Здравев, а кој во други држави се подготвува со децении. Во конкретниот случај, јас требаше да продолжам таму каде што заврши Здравев, а после мене, некој друг, итн. Генерации и генерации работат на такви долгорочни етнолошки проекти, па еден ден, кога ќе се насобере доволно материјал, лесно етнологијата ќе го даде својот придонес кон етногенезата. Се' друго може да биде само импровизација. Но за да се реализира таков долгорочен проект, треба да постои државна програма и да одлучуваат вистински интелектуалци, а не некои од типот „купи ден – помини“, кои се служат со нарачани негативни рецензии од луѓе кои не само што не се од струката, туку се и без нужната етика и морал. Јасно е дека се додека одлучуваат такви како Виктор Стефов и неговите нарачани рецензии, етнологијата и културната антропологија ќе бидат фрлени на маргините на општеството. 

А за влез во ЕУ ни требаат и етнолошки истражувања и резултати?

- Тоа си е во редот на нештата. Сите држави во некој момент на својот развој си ги истражуваат појавите во своите општества, без разлика дали тоа се нарекува етнологија или културна антропологија во САД или социјална антропологија во Англија. Но, ако се споредат методологиите и интересот на науките, тоа е тоа. Затоа и зборуваме за социокултурна антропологија. Најзначајно нешто со кое може да им се одговори на Грците во овој момент, по однос на нивната антиквизација (бидејќи тие имаат вистинска антиквизација, ние сме смешни аматери во споредба со нив), тоа е докторската дисертација на Анастасија Каракасиду, „Полиња жито, ридишта крв”, објавена и кај нас. Иако не е до крај, но сепак е во многу висок степен коректна кон Македонците. Од таму се гледа како програмски настанала една нација, во конкретниот случај - грчката нација.

Живата култура го отсликува минатото, затоа што разни слоеви се таложеле, создавале структури и добивале одредена форма, а тоа етнолозите можат да го видат. Ние инсистираме редовно на старобалканските елементи во обичаите, во верувањата. Нам ни се познати процесите на прожимање на културите меѓу групите и народите. Познати ни се и процесите на интегрирање и изолирање, начините на маркирање на културните граници, процесите поврзани со размената на жени меѓу две различни групи, влијанието на административните граници, инкултурација, акултурација, итн.



Како ќе протолкувате некој обичај каде се појавуваат неверојатни антички слоеви или пак најстарите можни слоеви во некој обичај, местото и улогата на магијата во се она што е присутно во народната култура?

Многу се возбудувам кога ги слушам нашите попови дека нешто требало или не требало да се прави во некој обичај. Му го одземаат на македонскиот народ најавтентичното - народната религија, народната книжевност, творештвото кое македонскиот народ го има како и секој стар и културен народ, и само треба организирано да му се покаже на светот. Тоа е нашиот „Сон на летната ноќ“, нашите „тролови“, итн, односно нашите самовили, вештици, способниот „најмал син“, сонцето и сончевата сестра, змејовите, вампирите, нашите херои кои победуваат „стегнати во девет лакти платно„ (а какви јунаци ли се кога ништо не им фали!), нашите селски луѓе кои го знаеле „немуштиот“ - „птичји јазик“ и разбирале што зборуваат животните, птиците, дрвјата и целата природа... А за тоа не се доволни кампањски акции, туку константна работа, константно публикување на етнолошките и фолклористичките истражувања и на англиски јазик. 

Во центарот на истражувањата на етногенезата е археологијата, а етнологијата и антропологијата како и да не се споменуваат?

- Да, но што да правиме ние кога никој не ги чита материјалите од областа на етнологијата, објавени кај нас и во соседните земји. Ние, независно еден од друг, постојано го истакнуваме фактот на симбиоза меѓу словенскиот и старобалканскиот елемент, а и јас секогаш сум велела дека нашата култура е балканска. Секако, видлива е словенската култура. Уште повеќе затоа што се наоѓаме окружени со цела група т.н. „Јужни Словени“ кои доминираат во просторот на Југоисточна Европа. Јас на пример, држам и посебни предавања за студентите за изгледот на кошулите што се среќава на разни надгробни остатоци и на археолошки артефакти, а некои археолози сега се однесуваат како да ја откриле Америка. Сега и за ова може да се најде одговор, затоа што, колку што се сеќавам од дамнешни разговори, секогаш од повисоки инстанци, претставени преку устата на видни професори, се инсистирало само на средниот век, а никако на железното време или слично. За оваа проблематика со дамнешно културно проникнување во балканската традиција пишувале уште постарите етнолози, како Милован Гаваци и други. Редица предмети кои се користеле до скоро во секојдневниот живот, имаат старобалканско потекло: кројот на рамната женска кошула, машката фустанела и редица предмети од покуќнината, алатки од народното стопанство и многу други. Кај археологијата постои и друг проблем, археолозите можат да најдат артефакти, но тешкотијата настанува кога треба да се идентификуваат носителите на културата.