��oj 43   12.02.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

...

12

ГРАДОТ-ХЕРОЈ ЖИВЕЕ ВО СТРАВ

Криминалот во градот под Марковите Кули зема се' поголем замав

пишува: СИНИША СТАНКОВИЌ

s.stankovic@globusmagazin.com.mk

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Овој пат се надевам дека полицијата ќе си ја заврши работата, а не како во поранешните случаи кога, пред да тргнат специјалците од Скопје, на овдешниве им најавуваа да го „стават кафето“, па потоа нормално, никогаш ништо не можеа да најдат“, вели за последната акција на специјалците во Прилеп, бизнисменот Зоран Илиоски, поранешен спортист, кој ги обезбедувал митинзите на СДСМ, чие семејство и локали беа перманентно на удар на познати и непознати напаѓачи. Тој самиот вели дека би можел „како тапан на Бајрам“ да ја повторува приказната за сето она што (му) се случувало последните шест-седум години, но дека тоа нема смисла и дека сега е најважно да се најдат вистинските виновници за хаосот што на поголем дел од жителите на градот-херој им влеа страв во коски. На Илиоски поради „политички и бизнис-причини“ му беше запален ноќниот клуб ВИП во 2001, му беа фрлени две бомби врз куќата додека семејството му спиело внатре во 2005, а според неговите зборови, рафал од автоматска пушка за десетина сантиметри ја промашил неговата сопруга... Тоа беше прилепското секојдневје во годиниве по воениот конфликт.

Полициската „окупација“ на Прилеп минатиот викенд, кога специјалци од Скопје го сардисаа градот, резултираше со апсење и притворање на припадниците на некогашната Единица за брзи интервенции „Лавови“: Ѕвонко Илиоски - Лутото (50), Самоил Илиоски (31), Емил Ангелески - Ампата (30) и Марјан Марковски - Мачето (39), против кои се поднесени кривични пријави за тешки дела против општата сигурност и злосторничко здружување. Злате Јовановски - Бомбата (24) и Горан Петрески - Трде (33), против кои е, исто така, поднесена кривична пријава, се се' уште во бегство. Според првите информации, истрагата утврдила дека Маркоски и Илиоски уште во 2001 ја формирале криминалната организација за преку тероризирање и со перманентни закани да се создаде атмосфера на несигурност и страв во Прилеп, со што полесно би им успевале изнудите на бизнисмени и јавни личности. Против осомничените за фрлање бомби, рекетарство со закани и уцени, напади и опожарување возила, ќе сведочат дел од оштетените лица, како и неколкумина заштитени сведоци. „Припадниците на оваа криминална група се осомничени дека се сторители на тешки кривични дела измами, уцени на бизнисмени и други видни личности во Прилеп, подметнување експлозивни направи, демолирање угостителски локали, подметнување пожари во возила и многу други кривични дела“, изјави Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста во МВР. Но, насобраниот страв во градот го отвора прашањето: дали по евентуалното пуштање од определениот осумдневен и триесетдневен притвор за осомничените, ќе се намали бројот на сведоците?



ГРАД НА РЕКЕТОТ Последните шест години Прилеп во медиумите, главно, е присутен како град во кој експлодирал криминалот и како „град на рекетот“ и „Бејрут“ во кој се фрлаат бомби, и меѓусебно се убиваат припадници на вооружените формации од 2001. Уште во годината на конфликтот, во која лавовски дел од единицата „Лавови“ беа прилепчани, низ Прилеп се појавија „патриоти“ кои „собираа средства“ како помош за бранителите - разни „поскоци“, „пајаци“ или „шарпланинци“(?!), кои беа доведувани во врска со Агенцијата за обезбедување „Тодор Александров“, но од агенцијата тоа го демантираа. Исплашена од се' она што на Македонија и' се случуваше таа година, јавноста не реагираше пожестоко на медиумските извештаи за изнудувањата од по неколку десетици илјади тогашни германски марки, но и во цигари и прехранбени производи од Тутунскиот комбинат и „Витаминка“. На членовите на Управниот одбор на Тутунски комбинат потребата да „донираат“ за бранителите, на седницата им била аргументирана со рачни бомби со извадени осигурувачи, кои неканетите гости ги префрлале од рака на рака, а на прилепчаните- муслимани чиишто дуќани настрадале во безредијата по настаните во Карпалак 2001, широкоградо им било нудено да платат по 50 илјади германски марки за дозвола да си ги реновираат дуќаните и да се здобијат со право цела година да бидат „заштитувани“ од слични обиди за изнуда. Во хаосот што владеел, дел од украденото оружје од прилепската касарна никогаш не беше вратен, акциите на МВР за негово пронаоѓање биле кодошени и главно пропаѓале, дел од криминалното милје заради воените заслуги беше инкорпориран во полицискиот апарат, за преку него да се прекршуваат политичките пресметки на релација ВМРО-ДПМНЕ - СДСМ, а Прилеп тонеше се' подлабоко во страв и очај.

Користејќи ја фрустрацијата на прилепчани од седнувањето на некогашните припадници на ОНА во пратеничките клупи, уште во 2001 прилепските криминалци во униформи тепале и рекетирале бизнисмени, а институциите воопшто не реагирале. Безнадежноста ја засилувале чаршиските приказни дека дел од полициските структури во Прилеп, но и во Скопје, се во блиски пријателски односи со криминалците. („Не вајќај работа со нив, никој ништо не им може“). Се' до последната полициска акција, низ Прилеп се ширеа приказни за недопирливоста на криминалците, без оглед на политичката структура која е на власт на локално или на државно ниво. И минатата недела кога бевме во Прилеп можеше да се чуе дека апсењата не смеат да завршат на ова ниво, и дека зад решетки мора да се најдат сите кои го делеле „талот“ со криминалците, а кои досега се криеле зад функциите, без оглед на политичката провениенција. Делумна аргументација за ваквите обвинувања (кои особено ги има во анонимните коментари на текстовите за последната акција на веб-страниците на медиумите) е зачудувачкиот однос на структурите во МВР во Скопје кон анархијата во Прилеп, по промената на власта во 2002. Иако по инцидентите на денот на независноста во 2002, кога беше блокиран патот на Плетвар кон Прилеп, и особено откако за време на митингот на коалицијата „За Македонија заедно“ одекнуваа рафали од „калашникови“, а над главата на либералдемократот Петар Гошев, Никола Мојсоски – Коло (Бабуле) испукал цел шаржер (по што имало и закани на тогашната опозиција дека „по 15 септември во прилепските кафулиња ќе нема бабулиња!“), можеше да се очекува некаква реакција, СДСМ по освојувањето на власта, не направи буквално ништо за да се внесе каков-таков ред во Прилеп. 



ПАРТИСКИ „ЧАДОР“ Навистина, во периодот на министерувањето на Хари Костов, МВР во жарот на политичката пресметка, обвини дека од илјада „лавови“, едвај 150 немаат криминални досиеја, за потоа да ретерира и околу 600 „лавови“ да прими во своите редови. (И додека еден прилепски припадник на „лавовите“ се самоуби, неофицијално затоа што не бил примен на работа во МВР по трансформацијата на единицата, а дел од „лавовите“ кои се вработија во СВР-Прилеп беа малтретирани од новата власт со нелогични прекоманди во Дебар, Зајас и Гостивар, „за да бидат поблиску до нишаните на терористите“, криминалците од редовите на некогашните бранители низ Прилеп непречено си го тераа „бизнисот“). „Лавовите“ беа предмет на политичка злоупотреба, нивните домови беа претресувани во неуспешните акции за пронаоѓање оружје или докази за извршени кривични дела, а сите обиди на МВР нешто да стори, во прилепската јавност беа дочекувани како договорена и однапред на неуспех осудена работа. Иако од полициски извори и денес може да се чуе дека како министер Љубомир Михајловски-Џанго навистина сакал да ја расчисти ситуацијата, и иако во Прилеп беше воведена и принудна полициска управа, работата на формираното Координационо тело немаше резултат.

Дел од објаснувањата за ваквиот неуспех се дека за сето време на владеењето на СДСМ, во МВР постоеле две струи под контрола на различни крила во партијата, кои имале спротивставени интереси. Тоа е, најверојатно, и точно, но од повлекувањето на специјалците од Секторот за брзо распоредување од нивната превентивна задача во Прилеп во март 2006, до денес - останува нејасно зошто и по новата промена на власта, во меѓувреме, не беа искористени сознанијата од тогашната истрага? Кому во Скопје не му одговараше работите порано да се стават под контрола? Какви се' чудни пријателства, политички и бизнис-релации се создавале низ прилепските локали, за кои целата чаршија „знае“ дека се под контрола на подземјето? Дали повеќегодишното дивеење на „прилепскиот клан“, за време на владите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, било можно без поддршка и закрила на одделни претставници на властите?

Низ Прилеп може да се чуе дека актуелната власт, токму сега, наспроти очекуваното најавување на предвремени избори, поентирала со апсењето на осомничените „бомбаши“, оти тие и така биле поблиски до ВМРО-НП, отколку до ВМРО-ДПМНЕ, па дури и во кусиот период на приближување на „народњаците“ со СДСМ, ќотек изеле и некои истакнати личности од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, иако може да се има разбирање за стравот на обичните смртници, на дел од полицајците, па и на носителите на функции („И истражните судии и обвинителите се луѓе“ - ни изјави еден разочаран полицаец), останува нејасно како е можно толку години во Прилеп да владее законот на посилниот, поддржуван од разните политичко-мафијашки врски. За тоа каков галиматијас владее(ше) во Прилеп, зборува и примерот дека синдикатот на „лавовите“, демантирајќи дека нивните членови се виновни за експлозиите низ Прилеп, и барајќи да не се идентификуваат како криминалци сите припадници на „лавовите“ - актуелни полицајци, своевремено го напаѓаше некогашниот директор на Бирото за јавна безбедност во МВР, Цане Чапрагоски, кадар на СДСМ, за реваншизам и за лажни, политички мотивирани обвинувања. Од друга страна, бизнисменот Зоран Илиоски, член на СДСМ, сега отворено го прозива токму Чапрагоски дека додека бил на функција, не презел ништо за откривање на „бомбашите“ и за средување на ситуацијата.

Можеби и затоа, и денес, ретко кој во Прилеп сака отворено да зборува за настаните кои изминатите години однесоа неколку животи на поранешните „лавови“, или за фрлените бомби. Поранешниот директор на Тутунскиот комбинат, Диме Момироски, на кого двапати му беше фрлана бомба пред и во близина на куќата, не сакаше да даде изјава за полициската акција, велејќи ни, дека не би сакал ништо да коментира додека не заврши целиот процес. Процесот можеби и ќе потрае, но портпаролот Иво Котевски веќе најави дека доколку низ истрагата се појават нови имиња, не е исклучено да има приведувања и на други лица. Прилеп со години живееше во кошмар. Колкумина во Прилеп и во Скопје сега не ги фаќа сон, во исчекување на сведочењата на осомничените бомбаши?

КРВАВИОТ „ПИВО-ФЕСТ“

Во јули 2005 на манифестацијата „Пиво фест“ прилепчанецот Диме Христовски - Жабата (31), поранешен припадник на „лавовите“ со неколку истрели го уби Никола Мојсоски - Коло (37), исто така поранешен „лав“, но и еден од лидерите на „поскоците“ и учесник во нападот врз ноќниот бар ВИП. Еден од испуканите куршуми од Христовски ја уби четиригодишната Елена Талеска, случен минувач на манифестацијата, а тој самиот потоа и' се предал на полицијата. Според таткото на Христовски, Мојсовски со уште неколку лица го рекетирал син му за поставувањето на продажниот објект на „Пиво фест“ и го малтретирал и него и неговиот ортак. Градоначалникот Марјан Ристески тогаш побара одговорност од полицијата, но иако Христовски беше осуден за убиство и убиство од небрежност, и денес не е познато зошто никој од институциите не поднесе одговорност за непреземањето никакви активности за спречување на трагедијата!

Иако трагедијата „висела“ во воздух и иако во СВР-Прилеп биле информирани за тормозењето на Христовски од групата на Мојсовски и обидите за изнудување пари кои можеле да предизвикаат негова реакција со несакани последици, неофицијално, затоа што бил викенд(?!), одговорноста се префрлала меѓу полицијата, Обвинителството и истражниот судија – се' до трагедијата. И градоначалникот Ристески, според медиумите, тогаш изјави дека „групата повеќе години го тероризира градот, МВР не реагираше и покрај интервенциите за рекет“, но вистинска реакција немаше и во Прилеп и во Скопје. За жал, и по трагедијата на семејството Талески, и по смртта на контроверзниот Мојсоски, во Прилеп не дојде до смирување, всушност, ситуацијата како да се радикализираше...