��oj 62   24.06.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 60

Број 59

Број 58

Број 57

Број 56

Број 55

Број 54

Број 53

Број 52

Број 51

Број 50

Број 49

...

24

ЧОВЕКОТ ЗА ВАЛКАНИТЕ ИГРИ НА ТАЧИ

Кој е Рефат Елмази, високиот функционер во МВР за кого постои основано сомневање дека стои зад голем дел од изборните нерегуларности. Дали тој ќе биде жртвата на системот што го формулираа повисоко рангирани политичари

пишува: СИНИША СТАНКОВИЌ

s.stankovic@globusmagazin.com.mk

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Изјавата на амбасадорот Роберт Бери, шеф на долгорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ дека „одговорни за инцидентите на 1 јуни беа заменик-министерот за внатрешни работи, Рефет Елмази, началникот на тетовската полиција, Фаик Дервиши, неколкумина државни службеници и партиските активисти“, и категоричната порака дека ако „институциите не побараат одговорност од овие лица, културата на неказнување во етнички албанските области ќе продолжи“, ги фрли во втор план оцените на ОБСЕ/ОДИХР дека прегласувањето било значително помирно од гласањето на 1 јуни и дека „Македонија се вратила на патот да заземе место со другите демократски земји“. Со тоа, заменик-министерот за внатрешни работи во (до бессознание пролонгираната) оставка, повторно стана личност на денот.

И додека за началникот на тетовската полиција, пред обвинувањето на амбасадорот, македонската јавност знаеше главно дека гостиварскиот градоначалник Невзат Бејта тврдеше оти Дервиши го нема законски предвидениот шестгодишен стаж во полицијата за да добие висока функција и дека, според неговиот партиски лидер е човек „во аут“, за крајно контроверзниот Елмази (ем перманентно присутен во медиумските извештаи веќе десет години околу речиси сите матни бизниси на политичката сцена на етничките Албанци во Македонија, ем и понатаму загадочен, заради, во балканското милје речиси незамисливата „молчаливост“, на претставниците на албанската политичка елита, кои од страв или заради опортунитет, главно избегнуваат отворено да зборуваат за неговиот „лик и дело“), речиси сите прашања се и понатаму отворени. 

ПАРТИСКИ ВОЈНИК Како најнегувана фиданка произлезена од „челичната кадровска рака“ на Мендух Тачи и една од парадигмите за дејноста на ДПА, (заедно со кондовскиот шериф Агим Красниќи од онаа, прикриената, и „харизматичниот“ лидер Арбен Џафери, од другата, ачик-страна), Рефет Елмази е партиското „момче за се'“. Иако чаршијата шири приказни, веројатно лансирани од кујните на официјално, нели, молчаливите политички противници, дека Елмази има одредени „дупки“ во биографијата (што е својствено и за неговиот партиски шеф Тачи, особено од младешките години) поврзани со студирањето и предавањето општонародна одбрана во годините на диференцијацијата на „чесни“ и „иредентистички“ Албанци, како и со наводните и недокажани семејни врски со припадници на безбедносните структури од поранешната држава, секако она што најмногу ја скокотка љубопитноста е: како најпознатиот актуелен теновец (роден на 5.9.1959 во с.Теново, Општина Брвеница), дипломиран професор по ОНО и ОСЗ со 14-годишен професорски стаж во средното училиште ,,Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, стана еден од најмоќните Албанци во Македонија?

Како Елмази стана „втора виолина“ на ДПА, за чие задржување на функцијата, неговиот ментор Тачи беше подготвен да ја повлече партијата во опозиција и од кого, според медиумите на македонски јазик, директно зависи и кадровската политика при поставувањето на полициските началници во западниот дел на Македонија (кои мора да го слушаат него, а не општинските власти, за да не им се случи ургентна „прекоманда“ во источна Македонија), и изборот на одделни претседатели на судови (?!), ама и финалната одлука (со премолчана согласност на поглаварот на Исламската заедница на Македонија, реис-ул-улема ефенди Ариф Емини) дека на муслиманските верници во Чаир, повеќе им одговара како имам - етнички Албанец оотколку дотогашниот Бошњак...

Во официјалната биографија на Елмази е забележано дека од 1998 до 2000 година бил заменик-министер за одбрана, а од 2000 до 2002 заменик-министер за внатрешни работи, функција на која ќе се врати и по победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006, со одлуката на премиерот Груевски во Владата да ја вклучи неговата партија ДПА, иако и тие, впрочем, како и сите претходни (освен претседателските во 1999, кога ДПА од се' срце „помагаше“ во „изборот“ на Борис Трајковски) и следни избори - ги загуби. Вечниот заменик, поставуван како етничко-албанска контрола на министрите од сферата за безбедноста - етнички Македонци, покрај другото, наводно имал и специјално задолжение за ставање „под чадор“ на постојните Албанци во полициска униформа и создавање паралелни партиски структури на ДПА во полицијата. 

НЕДОВЕРБА Во јули 2001 Елмази се жалеше на странски новинари дека премиерот (Љубчо Георгиевски) и министерот (Љубе Бошкоски), не му давале детали за регрутацијата на резервистите и за бројот на поделеното оружје, тврдејќи дека е „важно за втората личност во полицијата да знае што се случува“, а дека „Македонците играат многу тајна игра“ и дека не ги споделуваат информациите. Првичното неснаоѓање на професорот по ОНО на полициската функција го коментираа и албанските аналитичари, кои пишуваа дека министрите-Македонци не го играле и дека Елмази не бил консултиран „кога Доста Димовска ги испрати специјалците во Арачиново за да ги гонат убијците на полицајците, но притоа, правејќи лом пред себе по куќите, или кога брат Љубе, при крајот на војната, ги направи случаите „Гази Баба“ или „Љуботен“, а негов заменик беше Елмази и кој, веројатно, за тие акции не бил прашан“(Даут Даути). Во август 2001, медиумите обвинуваа дека „во Тетово пред пицеријата ’Мема‘ од службеното возило на заменик-министерот за внатрешни работи Елмази е поделено оружје на албанските терористи“, а следната година, од пратениците на ПДП беше доведуван и во врска со неразјаснетото ослободување од затвор на Семи Хебиби, осомничен за терористичкиот напад на полициската станица во Теарце во јануари 2001, кога беше убиен полицаецот Момир Стојановски, при што, наводно, на Хебиби му бил обезбеден и автомобил за превоз од Тетово до Косово! Меѓу обвинувањата за специјалните заткулисни партиски задачи на Елмази беа и оние дека на лица со „живи досиеја“ кои биле под присмотра на полицијата им давал легитимации на ДБК...

Од друга страна, можеби ваквиот однос на министрите кон него или уште повеќе, односот на самиот Елмази кон функцијата, им дава за право на оцените на дел од некогашните членови на ПДП (кои тврдат дека во формирањето на ПДП-А, од која се создаде ДПА, прсти имале замешано разузнавачко-криминални структури) и дека Елмази, можеби бил поставуван на функцијата токму со целосно спротивни задачи - во поглед на остварување контрола над албанското ткиво во сферите на безбедноста и за нивно манипулирање во чувствителните моменти.

Откако во март 2001, со тогашниот државен секретар во МВР, Љубе Бошкоски, и со другите од заробениот полицискиот конвој, беа 20 часа држани под блокада во Брест, се' додека не ги ослободија специјалните сили на МВР, се промени и содржината на текстовите за Елмази во медиумите на македонски јазик. Од Бошкоски доби скап револвер, а политичките противници од албанскиот блок почнаа да го нарекуваат „братот на Љубе“. Беше и раководител на Комисијата на МВР чија цел беше континуирано контактирање со роднините на исчезнатите Албанци, но партиските интереси како да надвледеаја над националните. За време на изборите во 2004 година, неколку членови на највисокото раководство на ДПА беа осомничени дека со оружје го попречувале гласањето, но подоцна, Обвинителството се откажа од обвинението и беше запрена кривичната постапка против Елмази, кај кого при полициската акција бил пронајден „смит-весон“, Ернат Фејзулаху, Рауф Рамадани, Африм Рамадани и Ружди Матоши, дека во Тетово и во селото Синичане спречувале избори и гласање. И тогаш, како и при претходните медиумски обвинувања дека на партиските војници на ДПА им делел оружје од магацините на МВР, против Елмази немаше докази. Тој редовно успеваше да се извлече од сите кармакараши во кои го втурнуваше „активноста“ за партијата. 



 РЕЗИЛ ВО СОБРАНИЕТО Во ноември минатата година, со 53 гласа „против“ на пратениците на ДПА и ВМРО-ДПМНЕ и 27 „за“, Собранието ја отфрли интерпелацијата против Елмази, поднесена од опозиционата ЛДП, поради неговото учество во невидениот срам - тепачките на 25 септември во собраниската зграда и бркотниците на членови на партиските обезбедувања вооружени со „долги цевки“ и „алфите“ по скопските улици. Дента кога неговиот заштитник Тачи, сите кои се осмелија да гласаат за заминување на Елмази од функцијата, ги честеше со навреди дека се четници на „Слободан Милошевиќ и Воислав Шешељ“, либералдемократот Андреј Жерновски побара Елмази јавно да каже дали во холот на Собранието го удрил пратеникот на ДУИ, Азис Положани. Елмази, мислејќи дека камерата не го „фаќа“, скришум го клоцаше политичкиот противник по писките, поддржан од насмевката на неговиот лидер, но немаше доблест тоа барем да го признае или да се покае. А пратениците од тогашното мнозинство, иако потполно свесни каков резил и' е нанесен на Македонија, послушно изгласаа дека не постојат докази оти се случил инцидентот?! Навистина, под притисок на меѓународната заедница, Елмази подоцна, на почетокот на годинава, поднесе оставка, (која по одбивањето на оставката поради случајот во Танушевци и по „преживеаната“ интерпелација, премиерот Груевски конечно, ја прифати), но, според неговата надредена, министерката Гордана Јанкулоска, тој и за време на изборите, „ги извршувал работните задачи на база на техничко дејствување“.

Одделни медиуми минатата година објавија сторија за наводна жестока кавга со пцости, навреди и меѓусебни обвинувања меѓу Јанкулоска и Елмази, откако таа ја побарала неговата оставка, поради „срамното и недолично однесување“ за време на собраниските тепачки и нарушувањето на угледот на МВР, по што Елмази, наводно вербално ја нападнал, навредувајќи ја. Ваквите информации ги демантираа и ДПА и МВР, но обвинувањата дека во МВР перманентно функционираат две паралелни струи, кои делумно се под контрола на Елмази и на Јанкулоска, за жал, најдоа потврда во случувањата на 1 и 15 јуни. 

КРАЈ ЗА ПАРАПОЛИЦИИТЕ? Иако медиумите уште пред неколку години објавуваа текстови за партиските списоци за обука на полицајци-Албанци од страна на ОБСЕ, кои ги средувале и за кои решавачки збор имале „координаторите“, меѓу кои, за ДПА - кој друг - ако не Елмази, дури по жестоките обвинувања на американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ дека „Владата мора да ги отстрани сите официјални лица од органите на редот чија лојалност е спрема политичка партија, а не спрема професионалната полициска работа“ и „енергично да ги истражи, гони и соодветно санкционира оние што ги попречиле настаните, а кои и' го одзедоа демократскиот имиџ на земјата“, на дневен ред можеби ќе се вратат едноставните прашања: кој нареди на 1 јуни да има оружени инциденти во кои падна и жртва и кој нареди на 15 јуни – да ги нема во толкав обем? Дали одделни припадници на македонската полиција, за време на изборите, но и пред тоа, беа користени за партиски или лични интереси? Дали зад инцидентите постоеше прецизно сценарио за докажување на неможноста за заеднички живот на Албанците и на Македонците во иста држава и за уште поголемо оддалечување на Македонија од ЕУ, како предуслов за исполнување на некаков „план Б“, во кој и едните и другите би барале чаре во ептен заинтересираното соседство?

Се' до барањата на амбасадорот од ОБСЕ и на американската амбасадорка за пријави и процесиурање против сите инволвирани во изборните инциденти, со кои меѓународните претставници потсетија и дека МВР не сработило ништо во однос на главните нивни забелешки - на планот на казнувањето и отстранувањето од функции на виновниците на изборните нерегуларности, Елмази се покажа недопирлив. Можеби сега нешто ќе се смени? Можеби и затоа толку нервозно реагираше неговиот лидер Тачи, кој мораше да обвини „тајна служба на соседна држава“ дека и' платила милионска сума на партија од Македонија „за да предизвика инциденти на изборите, да ја дестабилизира државата и да ја оддалечи од евроинтегративните процеси“ (?!), за низ таква магла, да се обиде да ги демантира обвинувањата на амбасадорот Бери за Елмази и Дервиши. Времињата кога со слични изјави се стануваше и „војвода“, изгледа поминаа, но времињата во кои граѓаните ќе можат да излезат да гласаат, без страв од каприците на разните „момчиња за се'“, за жал, како се' уште да се далеку од нас. 

Елмази како медиумска „ѕвезда“

Уште во 2001 Елмази беше обвинуван дека интервенирал за пуштање на притворениот Адем Белаја, притворен по распишана централна потерница за убиството на 23-годишниот Фатмир Јакупи, пред гласачкото место во училишниот двор во Кондово, за време на локалните избори во 2000. Според тогашните вести, меѓу членовите на централното раководство на ДПА, кое вршело притисок на полициско- судските органи за ослободување на партискиот војник Белаја, особено се ангажирал заменик-министерот Елмази.

И терористичката АНА во едно од соопштенијата го обвинува „колаборационистот“ Елмази дека по случајот „Раштански Лозја“, „за Дојче веле и Би-Би-Си два пати даде погрешни информации за идентитетот на несреќните имигранти“.


На локалните избори во 2006, во ДУИ тврдеа дека пукотниците во Чегране се сценарио организирано од ДПА и дека групата што пукала била предводена од Елмази. „Ова е дел од сценариото на ДПА, бидејќи тие немаат програма за локалните избори. Но, граѓаните и меѓународните претставници го знаат нивното сценарио“ - изјавил тогаш висок функционер на ДУИ.

„Мендух Тачи и Рефет Елмази се виновни за неуспешниот обид за атентат врз мене“, обвини лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за време на неодамнешната кампања. Според него, сите факти зборуваат дека лидерот на ДПА и заменик-министерот во МВР се виновниците. „Имаме силни аргументи дека станува збор за атентат, а со нив располага и истрагата. Истрагата не треба да биде под притисок на Тачи и на Елмази. Заедно со ОБСЕ направивме фотографии и досието за атентатот е комплетирано“, изјави Ахмети по пукотниците врз колите на ДУИ во селото Раковец.

По оружена престрелка меѓу активисти на ДУИ и ДПА во селото Вејце, по што активисти на ДУИ биле повикани во полиција на информативен разговор, медиумите објавија непотврдени информации дека бил отворен оган на влез во селото врз група членови на ДПА, меѓу кои бил и Рефет Елмази, со кого локалното население имало нерасчистени сметки поради полициската акција во Бродец. Елмази,пак, од своја страна, на собраниска седница ги обвини пратениците на ДУИ за контакти со членови на групата од Бродец, порачувајќи им: „Немојте да манипулирате и да се криете зад младите луѓе кои загинаа во Бродец, туку излезете сами. Во 2001 се криевте зад амблемот на воените униформи, а сега на ист начин сакавте преку криминални групи да предизвикате судири за да падне оваа Влада“.

По двете кражби за само шест месеци на опремата на ТВ Алсат-М од репетиторот во Тетовско, главниот и одговорен уредник Мухамед Зеќири изјави дека последната кражба била изведена професионално и дека најпрвин добиле закана од заменик-министерот за внатрешни работи, Елмази, дека ќе им поднесе кривична пријава за известувањата за акцијата во Бродец, а потоа, се случила и кражбата.

Името на Елмази беше инволвирано и во шпекулациите дека бил во близина на куќата на семејството Аризановски во Тетово, кога полицијата вршела истрага за тепачката, во која, според еден член од семејството Аризановски, припадници на обезбедувањето на ДПА претепале тинејџери присутни на роденденска забава, меѓу кои и претседателот на локалните млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Како и секогаш, ВМРО-ДПМНЕ во име на цврстината на коалицијата, не даде информации за настанот, иако медиумите објавија и дека припадници на ДПА упатиле закани и до новинарите кои известувале од него

Откако со асистенција на полицијата била сменета бравата на вратата на Спортската сала во Тетово, директорот на приватната фирма „Билд интернационал спорт“ во Тетово, Муамед Амети, член на ДУИ, изјави дека полицајците му наредиле да го напушти местото, зашто е „наредено од горе, од заменик-министерот Елмази“.