��oj 49   25.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 47

Број 46

Број 45

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

...

38

РАДИОАКТИВЕН ОТПАД ГО ТРУЕ СКОПЈЕ

Најголема опасност се необезбедените и импровизирани складишта каде што се наоѓаат радиоактивни материјали. Последниот „стручњак“ во ДРС што треба да го реши овој проблем по едукација е ветеринар

пишува: Наташа Црвенковска

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

На Македонија не и' е потребна никаква експлозија во Албанија која евентуално би го загрозила здравјето на населението со радијација. Таа го прави тоа сама преку сопствената негрижа. Жителите на Скопје и другите градови во Македонија се континуирано изложени на опасност да бидат озрачени од извори на радиоактивно зрачење затоа што нашата држава нема соодветно складиште за нуклеарен материјал. Извори со опасна радијација стојат необезбедени, а Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) цели седум години ја предупредува Македонија и се обидува да ја натера да изгради складиште за радиоактивен отпад и сите извори да ги собере на едно место.

Зошто не е направено тоа? 

Проблем Првиот посериозен обид да се среди оваа материја и да се изгради склад за нискоактивен и за средноактивен отпад според стандардите на МААЕ во селото Чојлија кај Петровец е направен, за жал, безуспешно уште во 2005 година, оттогаш се' стои во место. Нуклеарен отпад е расфрлан секаде околу нас, а на некои места лесно достапен дури и за деца или тинејџери или, можеби, за крадци што би го препродале некаде.

Количеството радиоактивен отпад континуирано се зголемува, а за несреќата да биде поголема, радиоактивните громобрани кои до 1996 година требало да бидат демонтирани и отстранети се' уште стојат во нашите училишта, фабрики, државни и други институции иако требало да ги нема.

Некои претпријатија и поединци започнаа самоиницијативно да ги демонтираат со што и тие и работниците што го прават тоа се изложени на огромна опасност од радијација. Во потрага по секундарни суровини некои од радиоактивните громобрани се најдоа дури и во камиони со старо железо.

Најголема опасност за жителите на Скопје, сепак, претставуваат необезбедените и импровизирани складишта каде што се наоѓаат радиоактивни материјали. Во некои пропаднати претпријатија, по отпуштањето на работниците, опасните радиоактивни извори останале наполно необезбедени и во секој момент можат да станат предмет на илегална трговија со радиоактивни материјали. Надлежните институции и во Македонија и во Меѓународната агенција за атомска енергија го знаат ова, но се немоќни што било да направат, затоа што со секоја промена на власта се менува и раководниот тим во државната Дирекција за радијациска сигурност. Последниот „стручњак” што треба да го реши овој проблем по едукација е ветеринар и постои отворено сомневање од страна на стручните лица од оваа област во неговата способност и стручност да ја заврши оваа работа.

Каде се складиштата На 51. генерална конференција на МААЕ одржана во февруари оваа година во Виена, експертите на оваа организација никако не можеа да сфатат како и зошто Македонија не почне да го решава проблемот. На Македонија и' беше упатена последна опомена да го собере целиот радиоактивен отпад на едно место и да го складира во специјално складиште со цел да го заштити населението од опасност од радијација.

Зошто овие опомени се толку строги? Затоа што привремените складишта, кои главно се наоѓаат во централното градско подрачје на Скопје, се целосно небезбедни и во нив со радиоактивниот отпад ракуваат луѓе кои за оваа работа ниту се стручни, ниту, пак, се обучени, туку приучени. Овие привремени складишта се наоѓаат на многу фреквентни места во градот и секое невнимание може да предизвика катастрофа. Дел од радиоактивните извори се наоѓаат, на пример, во магацините на Заводот за заварување. Овие магацини и привременото складиште за радиоактивен отпад се речиси во центарот на градот. Во густо населена населба Автокоманда, само десетина метри од влезот во ова складиште, се наоѓа интернатот за средношколци и колеџот „Јахја Кемал”. Тука секоја недела се собираат неколку илјади граѓани на прочуениот скопски автопазар.

Дали воопшто учениците и наставниците на ова училиште и граѓаните знаат дека работат и живеат десетина метри од извори на зрачење кои кај нив можат да предизвикаат болести од кои се умира долго, болно и сигурно и дека секое невнимание на работниците во нивното соседство може да биде катастрофална за околното население? Не знаат.


Непостоењето складиште според стандардите на МААЕ може да биде пречка за влезот на нашата држава во ЕУ: Фани Христовска, раководителка на проектот за изградба на складишта за нискорадиоактивен и среднорадиоактивен отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање

Ситуацијата е уште посериозна во некогашниот Центар за примена на радиоактивните изотопи во стопанството, кој се наоѓа во кругот на Електромашински факултет и во бараките на Академијата за драмски уметности во Скопје. Тој центар веќе цели шест години не работи. Бараките во кои бил сместен останале необезбедени заедно со радиоактивниот материјал кој некогаш го употребувале. Откако работниците добија откази и најдоа подобра работа, радиоактивните извори останаа наполно необезбедени. Таму нема чувари, нема вработени, а на опасноста од радијација предупредува само еден стар и од времето и од правот избледен знак што укажува на радиоактивна опасност. Влезот во бараката каде што се сместени изворите на радијација е „обезбеден” со два обични катанци, а радиоактивните извори се ставени во една дупка со димензии метар на метар, која некогаш служела како привремено депо во Заводот за примена на радиоактивни изотопи во стопанство. Во оваа „дупка” се „складирани”, подобро кажано оставени и заборавени, околу триесет радиоактивни извори. Нашите извори, кои некогаш биле вработени во оваа институција, а кои сакаа да останат анонимни, велат дека воопшто не е направена селекција на радиоактивните материјали, ниту се почитувани меѓународните стандарди од оваа област радиоактивните извори да се складираат во зацементирани железни буриња. Со оглед на тоа што таму нема повеќе вработени, нема чуварска служба што го прави лесно достапен до обичните минувачи. Треба само да се скршат двата катанци што ќе се согласите не е ни малку тешка задача. 

Опасни громобрани Во Македонија се' уште не се знае точниот број радиоактивни громобрани. Дирекција за радијациска сигурност претпоставуваше дека на територија на нашата држава има само 160 радиоактивни громобрани. Но, веќе во првиот случај кога посериозно се зафатија со оваа работа, беа евидентирани двојно повеќе, односно околу 300 радиоактивни извори од ваков тип. Во текот на истражувањето, а врз основа на разговорите со надлежните, се утврди дека тие ни ден-денес не го знаат точниот број, а немаат ниту точна евиденција на радиоактивните громобрани кои во овој момент претставуваат непосредна опасност за населението зашто не се демонтирани и не се безбедно складирани.

Државата имаше уште пред повеќе од десет години обврска да ги отстрани и да ги складира безбедно во депонија за нискорадиоактивен и за среднорадиоактивен отпад. Тоа, меѓутоа, не е направено затоа што ниту постои депонија, ниту е формиран посебен специјализиран тим кој треба да ја изврши оваа работа. Во текот на 2007 година се извршени пет или шест демонтажи на радиоактивни громобрани, значи не се знае ни дали се точно пет или шест. Се знае дека е демонтиран еден громобран на стоковната куќа „Мост” во Скопје и еден нивометар во фабриката „Витаминка” во Прилеп.

Во Македонија е раширен глас дека претпријатието „Екотех” демонтира радиоактивни громобрани и потоа ги препродава на оддалечени фарми за заштита од громови. Се обидов да откријам колку е ова вистина, зашто ваквиот бизнис може да го загрози животот на повеќе од стотина луѓе. Во „Екотех” велат дека тие навистина имале намера да се занимаваат со демонтажа на радиоактивните громобрани, но од работата се откажале затоа што во Македонија не постои безбедно складиште каде што тој материјал би можел да се складира. „Не станува збор за нивна демонтажа и повторно инсталирање на оддалечените фарми. Монтираме громобрани, но тие се електронски и не користат радиоактивни материјали”, велат од Екотех.

Ако се сумираат овие „податоци”, се доаѓа до заклучок дека никој во Македонија не знае точно колку радиоактивни извори има и каде се наоѓаат.

Демонтажата би требало да ја вршат лицата на кои директорот на Дирекцијата за радијациска заштита Румен Стаменов им издава дозвола. Тие претходно би требало да бидат обучени и специјализирани за оваа работа. Според изворите од Дирекцијата, дозвола за демонтажа на радиоактивните громобрани во Македонија имаат само Заводот за заварување „Југ”, Техничка контрола на скопската Железарница и Фабриката за цевки „11 Октомври” од Куманово. Тие работат само на повик доколку некој решил сам да се ослободи од радиоактивен громобран и за таа услуга наплаќаат 2.000 евра. Секое од овие претпријатија има и некакви свои привремени складишта каде што ги чуваат изворите по демонтажата.

Неколкупати се случило радиоактивен громобран да заврши во старо железо. Со овој проблем најмногу се соочуваат откупните пунктови за старо железо, зашто не можат да контролираат се' што им носат од терените во камиони во кои често се наоѓаат и радиоактивни громобрани.

Зошто немаме депонија? Меѓународната агенција за атомска енергија во 2002 година сериозно ја опомена Македонија да си го собере и безбедно складира сопствениот радиоактивен отпад и да направи соодветна депонија за среднорадиоактивен и нискорадиоактивен отпад според стандардите на МААЕ.

Според Фани Христовска, раководителка на проектот за изградба на складишта за нискорадиоактивен и среднорадиоактивен отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, тие уште во 2003 година направиле проект за изградба на депонија. Меѓународната агенција за атомска енергија со 180.000 евра го поддржа овој проект, организираше обука на кадри и за оваа намена формираше експертски тим за набавка на опрема.

Државата, односно Министерството за животна средина и просторно планирање и Дирекцијата за радијациска сигурност, имаше обврска да направи евиденција на радиоактивните извори и да ја одредат големината на складиштето, како и локацијата за негова изградба.

Но, по се' изгледа, елаборатот за изградба е направен по хипотетички претпоставки за количеството отпад, бидејќи Републичкиот завод за здравствена заштита (во чија надлежност беше оваа материја до формирањето на Дирекцијата за радијациска сигурност) не знае точно колку има опасен радиоактивен материјал. Допрва треба да се евидентираат и соберат радиоактивните извори што се наоѓаат во пропаднатите претпријатија (разни сонди и други радиоактивни извори што небезбедно стојат на дофат на рацете). Таму треба да се складираат и радиоактивните громобрани и сите други извори на радиоактивност чиј попис допрва треба да се направи, а меѓу другото, се знае дека покрај громобраните треба да бидат демонтирани и околу 30.000 радиоактивни јавувачи на пожар, 35 нивометри (уреди за утврдување на количеството и нивото на одредена материја)...


Никој во Македонија не знае точно колку радиоактивни извори има и каде се наоѓаат: Румен Стаменов, директор на Дирекцијата за радијациска заштита

Првиот обид да се изгради складиште за среднорадиоактивен и нискорадиоактивен отпад е направен во 2002 година кога стигнала и опомената од Меѓународната агенција за атомска енергија дека е опасно радиоактивните материјали да ни стојат расфрлани на сите страни. Владата тогаш предложи две локации за складиште: селото Владевци во близина на Радовиш и воениот полигон Криволак кај Неготино на Вардар. Но, набргу, Владата се откажа од овие локации затоа што се испостави дека двете се далеку од Скопје, а во главниот град се наоѓаа најголемиот број радиоактивни извори и дека е тешко да се организира безбеден транспорт на радиоактивниот материјал на поголема оддалеченост.

Дури три години подоцна, во 2005 година, Владата на затворена седница донесе одлука веднаш да се започне со изградба на депонијата во селото Чојлија, во непосредна близина на аеродромот и селото Петровец за да се задоволат барањата и нормативите што ги наметна МААЕ од Виена за складирање радиоактивен отпад. Цела работа беше направена наполно нетранспарентно и без јавна расправа и во близината на скопскиот аеродром во заградениот простор на некогашната касарна на ЈНА. Во најголема конспирација се удрени темелите на складиштето и се изградени неколку ѕида. Но, чудната градба во просторот ограден со бодлива жица го привлекла вниманието на жителите на околните села. Веста дека се гради складиште за нуклеарни отпадоци излезе во јавност кога заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Драгољуб Матовски случајно на прес-конференција во Куманово изјавил дека Владата нашла локација за нуклеарна депонија и дека објектот се гради на територија на општината Петровец, во непосредна близина на скопскиот аеродром во селото Чојлија. Оваа вест молскавично стигна и до жителите на Петровец.

„Штом слушнавме дека депонијата ќе биде изградена на наша територија и тоа во близина на населбата, граѓаните жестоко реагираа. Веќе не постоеше никаква сила која би можела да ги спречи да излезат на улица и да протестираат поради изградбата”, вели Ѕвонко Цветковски, градоначалник на Општина Петровец. Медиумите тогаш прв пат дознаа дека Владата има намера да изгради депонија во Македонија. Се крена голема врева. Градоначалникот Цветковски и граѓаните на Петровец беа цврсти во намерата да ја спречат изградбата на депонијата на нивната територија.

„Се повикавме на постојниот Закон за складирање на среднорадиоактивен и нискорадиоактивен отпад, кој јасно вели дека депонија не може да биде во близина на населено место, туку треба да биде оддалечена најмалку три километри од последната куќа. Депонијата во Чојлија била почната да се гради на само 200 метри од објектот во кој живеат и работат луѓе. Во нејзината околина е и свињарска фарма”, вели Цветковски.

Владата беше упорна. Започнаа убедувањата. Експертот, кој по налог на Владата го изработи елаборатот за влијанието на складиштето на животната средина , се обиде да ги убеди жителите дека депонијата не е опасна за нивната околина.

„Отидов во селото заедно со Лидија Николовска, која во тоа време беше раководителка на Дирекцијата за радијациска сигурност, и Фани Стефановска, која го водеше проектот во Министерството. Им објаснив на луѓето дека депонијата е целосно безопасна за нивната околина. И денеска сум во тоа убеден зашто секој радиоактивен извор се става во специјално буре и се залева со бетон. Тогаш тие буриња се складираат во целосно безбеден простор од каде што радијацијата не би можела да дејствува на надворешната околина. Им објаснив дека во депонијата ќе работат стручни лица, дека безбедноста ќе биде на највисоко ниво и дека никој не би можел неовластено да им се приближи. Бев подготвен да седнам на бурето со радиоактивни извори и да им покажам колку е сето тоа безбедно”, вели Јосиф Таневски, стручен консултант кого Владата го ангажирала да го изработи елаборатот за влијанието на складиштето по човековата околина. Убедувањата беа залудни. Жителите на оваа општина не сакаа ни да слушнат”, вели Таневски.

Пред аргументите на локалното население Владата беше принудена да попушти и, конечно, да се откаже од изградба на депонијата.

Во Петровец се зборува дека намерата да се изгради депонија во нивното село постоела поради близината на аеродромот и дека, наводно, со авиони требало да се довезува нуклеарен отпад од странство, од кој Владата би профитирала.

Како Владата во тој момент размислувала никој не знае. Директорот на Дирекцијата за радијациска сигурност Румен Стаменов вели дека две години подоцна, во август 2007 година, со измените на постојниот Закон за радијациска сигурност, јасно е прецизирано дека во Македонија е забрането внесување каков било радиоактивен отпад. Но, сепак, до денес Македонија нема ниту има прецизен план кога, каде и како ќе биде складиран среднорадиоактивен и нискорадиоактивен отпад, кој е расфрлан околу нас.

Што понатаму Меѓународната агенција за атомска енергија станува нестрплива. Отворено поставува прашање до Владата кога Македонија ќе успее безбедно да ги собере и складира сите радиоактивни извори што се растурени низ државата. МААЕ дури и' се заканува на Дирекцијата за радијациска сигурност дека ќе ја повлече целата донација во вредност од 180.000 евра, која им е дадена во изминатите години со цел конечно да се изгради складиште за среднорадиоактивен и нискорадиоактивен отпад.

Министерството и директорот на Дирекцијата за радијациска сигурност Румен Стаменов велат дека во текот на првата половина од оваа година ќе пронајдат локација на која треба да биде изградено складиште за нуклеарен отпад, по што се очекува складиштето да биде и направено.

Најголемата работа ќе биде евидентирање и демонтажа на радиоактивните громобрани. Таа работа ќе може да ја изврши само претпријатие кое има соодветна опрема и ќе добие дозвола од Дирекцијата за радијациска сигурност.

Отворено се јавуваат сомнежи колку сето ова ќе биде направено стручно и безбедно.

Радиоактивен громобран во камион со старо железо

Во мај 2007 година, цариник на граничниот премин Богородица кон Република Грција, во камион со старо железо, детектирал предмет со висока радијација. Се констатирало дека се работи за радиоактивен громобран. Железото било наменето за извоз за Грција и камионот веднаш е задржан. Тогаш се крена голема паника. Железото е вратено од граница и царината започнала истрага како се случило сето тоа. Утврдено е дека крајно неодговорно, фирмата „Екотех“, која многу често се споменува кога се во прашање радиоактивните громобрани, издала сертификат дека старото железо кое се извезува е безбедно. Подоцна се утврди дека тие воопшто не извршиле контрола дали во камионот има радиоактивни извори. За несреќата да биде поголема, возачот на камионот бил директно изложен на зрачење цели 20 часа. Тој во истрагата дал писмена изјава дека целата документација за извоз на железото ја добил без каква било претходна проверка и мерење дали можеби помеѓу старото железо се наоѓа и радиоактивен материјал.

Колкав хаос владее во оваа област потврдува фактот дека пријавата што ја поднесла царината против извозникот на железо набргу е отфрлена, бидејќи извозникот докажал дека регуларно побарал „Екотех“ да изврши испитување на товарот и приложил гаранција во облик на сертификат дека стоката во камионот е сосема исправна за транспорт.

Подоцна било докажано дека споменатата фирма нема соодветна опрема за утврдување и мерење на радијација и дека издава сертификати без да изврши контрола. А што ќе се случеше ако и царината тој ден не вршеше мерење на радијација? Целиот контингент ќе завршеше во Грција и ќе не' обвинеа за нелегална трговија со радиоактивен материјал.

Целиот случај е доста матен. Румен Стаменов, директор на Дирекцијата за радијациска сигурност, тврди дека некој намерно фрлил радиоактивен материјал по мерењето и по контролата на камионот со старо железо, што не изгледа многу вистинито. Имено, нашите извори тврдат дека за време на деталната контрола било откриено дека радиоактивниот громобран се наоѓа на дното на камионот, добро камуфлиран меѓу старото железо.