��oj 93   27.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 91

Број 90

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

...

56

НЕБУЛОЗА, ДУБИОЗА ИЛИ САМО НАРКОЗА!

Гане Тодоровски пишува: Не би требало МАНУ да биде обвинета за сервилност пред никого, кога ги отвора ширум вратите за промоција на настани од поголемо значење

(Повод- Бранко Тричковски „Со ваква литература не треба да се грижиме за својата неписменост“, „Глобус“ од 13. 1. 2009 година)

Драг мој Бранко,

Те читав и препрочитував, и ми успеа да Те сфатам и прифатам. Ти си главен и одговорен уредник на „Глобус“. Го следам редовно ова наше гласило - разбиструвач на матното небо над РМ, па, верувам и се надевам ќе ми ги објавиш овие мои стотина или двеста редови, а во име на мала придружба кон Твоите 144 редови од написот „Со ваква литература не треба да се грижиме за својата неписменост“ од 13 јануари оваа година.

Еден мој близок човек овие днеови ме запраша, со молба, да му ја објаснам синтагмата „хомо сапиенс“ попрецизно. Го побарав за консултација многузналецот Братољуб Клаиќ, „Ријечник страних ријечи“, Загреб, 1983, стр. 1456, и на страницата 553 прочитав: „... разумен човек, стручно име дадено на сегашниот човечки вид...“.

Не си дозволувам помисла дека во написот „Со каква литература...“ Ти си заиграл во орото на разумните, бидејќи, поблизу сум до заклучокот на поетот Васко Попа, којшто во една прилика вели: „Оваа игра долго се игра!“. Драго ми е што е така, бидејќи малку од малку, барем, знам дека играта именувана Македонија, (извесно е) нема свој фиксиран почеток а за среќа нема ни свој условен крај! Замисли си, почитуван и драг Бранко, ако имавме луѓе, видовити и силовити и умовити, што ќе го видеа како бистроумници крајот на игрите со Македонија, а од позицијата на првиот месец на 2009-та годиона, кој ли ќе беше како нас? Ќе имавме, можеби, и доволно и евтина струја и доволно ефектни и ефикасни средства за врзување на почетокот и крајот на долгите инфлациски месеци? Но, земјичкава и народецов наш макотрпно и упорито, со право, и со вера и надеж и љубов си го чека, однапред радувајќи му се на човекот што времево ќе го нарече Спасител на Македонија... Во пресрет на тој-и-таков Човек (Хомо сапиенс) ги насочуваме подисплашените наши и нашински души, молејќи го Бога да ни се смилостиви и прв да го открие Таквиот и да ни го понуди за челник. Тој ќе се вика Хомо Сапиенс Македоникус.

Може ли преку сервисот на македонската кауза, наречен национална литература или само литературна уметност да се согледа таквиот Спасител?! Драго ми е што си се впрегнал во разгатка на оваа енигма.

Впрочем, самата литературна уметност или уметноста на зборот како општочовечки амблем, не ми се верува ни мене, дека располага со таква сила! Оттука, атрактивноста на Твојата досетка да го растајниш патот од привидот национална уметност до утопијата национална кауза е своевидна оригинална идеја. Имаме ли ние, Македонците, вредносен инструментариум во содржински единици наречени добра литература кои кореспондираат како центри на мисловни резони за нормална пулсација на нашиот колективен етно-организам? Имаме, или пак само веруваме како толпа скудоумници дека имаме?! Тешко би било, и за национален корпус што брои стотина милиони народ, да состави список од 130 гласовити вредносни еденици а камоли пак за грска народец, налик на нашава вредносна условност, за која декорот од 130-те светлоносни единици ќе ни го краси националниот свод како рефлектор-разбивач на мракот кој ни ја притиснал во мигов татковината?!

Најверојатно, во случајов прашањето е потешко од одговорот. Националната кауза не е ребус или не дај Боже - крстословка, па нечии брзи прсти да го состават одговорот. Националната кауза, сигурен сум, најмалку се крепи врз проблематичната енергија на управната администрација. За сеопшта среќа на човештвото литературната уметност не е, ниту пак била а ниту може и смее да биде (прва или последна) грижа на ниедна политичка врхушка на распојасан делија, чијашто парола гласи и одекнува - „Јас па Јас!“.

Ете, од овој аспект и со таква диоптрија минам преку 144-те редови (внимателно пребројани) на Твојот напис „Со ваква литература...“, запис за кој намислив да стокмам коментар со приближно еднаков број редови!

Но, најпрвин да си се разбереме домаќински: Ти си го започнуваш трактатот со непроверена информација (да не речам дезоинформација). Кутрата МАНУ не е ни издавач, ни дистрибутер, ни консултант на изданието 130 дела од македонската книжевност. Интелектуалниот иницијатор е Друштвото на писателите на Македонија (Претседателството од 2007-та година, а штедриот реализатор и спонзор е Владата на РМ. Тоа што еден академик, по име и презиме Владо Урошевиќ е член, трет по ред, од дванаесеторката редактори (1. Санде Стојчевски, 2. Фахри Каја, 3. акад. Владо Урошевиќ, 4. Миле Бошевски, 5. Веле Смилевски, 6. Раде Силјан, 7. Халил Зендели, 8. Бранко Цветкоски, 9. Нермин Адеми, 10. Шкелзен Халими, 11. Елизабета Канческа-Милевска, и 12. Ивица Боцевски) не би требало да ги испомеша претпоставките. Оваа комоција при демонстрацијата на фактите не ќе да е добра намера, иако слапот од духовити асоцијации е мошне шумен и штедроумен: колку книги прочитал премиерот Груевски за да стигне до највисокото ниво на националното самоосвестување, или: што се' бе треба да прочита просечниот Македонец ако сака да стане вицепремиер, или: колку страници има прочитано Извршниот комитет на Внатрешната македонска контрареволуционерна инсталација, или: во колку милиони томови ќе биде издадена кинеската литература ако Вен Џиабао почне да ја разбира националната гордост така, како што ја разбира нашиот многупочитуван премиер? Итн.

Се разбира, низ една таква рафална стрелба во метата на проблемот има искри на духовитост, кои се допадливи и драгоцени, иако спомнувањето на звучни имиња од тековниот политички миг (Велија Рамковски, Љубисав Иванов Ѕинго, Лилјана Поповска, Силвана Бонева) не го збогатува нашето инкорпорирање во проблемот за кој треба, бездруго, да се има и повеќе и посериозни коментари.

Секако, добро е најпрвин да се задржиме на прашањето дали бројката 130 а за која не е соопштено кој ли се' е влезен во привилегираниот список на застапените, а реалност од која не можело да се избега? Според тоа, откако јавноста ќе подразбере кои се 130-те среќници и корисници на државното уважение, дури тогаш ќе може и да се постави прашањето - Зошто токму тие а не овие, и зошто требало толкумина а не избор од малкумина? Дури тогаш и би можело да се елаборира проблемот на вреднувањето.

Во Твојот напис, почитуван Тричковски, се вовлекле сума вулгаризми и непристојности, како напор за постигање на поавтентичен стил, па се чини, таквиот јазик внесува лутина и гнев и пласира став од позиција на револт и протест. Таа Твоја ароганција звучи вака:

„Во која стихозбирка утеха може да најде министерот што ќе сфати дека е заглупавен дел од еден заглупувачки проект (подвлеченото е мое - Г. Т.), а со кој поет треба да почне колективното терапевство читање на македонскиот јазик?“

Очевидно е, домашната литература видена и резимирана како купиште од 130 наслови, како волшебен рид од исфорсирани духовни височинки на малиот македонски народ е јалов проект, имено: „заглупавен дел од еден заглупувачки проект“, па затоа и токму затоа треба да се мунѕоса!

Очевидно, раблеовиот тон во написот „Со ваква литература...“ не' насочува кон метонимиски „Дризли“ на историјата! И интонацијата и вокабуларот на написот туркаат натаму, па нашата поскромна јавна размисла се стаписува троа-од-троа, оти постоењето и множењето на многуте ветерни мелници во оваа развојна етапа на нашето општество претпостава и поголема бројка на се' уште непрепознати Дон Кихоти во македонскиот духовен простор. Може понепретпазливо и да се помисли дека Бранко Тричковски, главен и одговорен уредник на неделникот „Глобус“ се става во улога на блогер, па радикално отфрла „заглупувачки проект“ на Владата, проект виден как километража од томови, виден како квантитет што иритира, виден како небулоза и дубиоза и наркоза...

Меѓутоа, почитуван и одважен мој драг Бранко Тричковски, дај троа по-јаваш, дај троа смири си ја, ќе Те молам напријателски, лутината, бидејќи си и' се приближил на вистината мошне точно, па затоа, имај ја пред себе сознајбата дека повторно во фактографијата си се разминал со неа кажувајќи дека си простосмртник кој не е во состојба да проникне во духовните димензии на македонската книжевна продукција без призмата на националната функционалност што ја поседува Македонската академија на науките и уметностите! Зошто ли толку гнев и неподносија кон МАНУ? Рековме веќе еднаш и ќе го повториме тоа истото, за да стане дваж: МАНУ не е на ниеден начин фактор, ниту пак ортак во оваа пренагласена културна акција, која и' ја подиспразни касата на Владата на РМ за 24 милиони денари. Веќе рековме: ДПМ ја предложи оваа идеја а Владата на РМ ја прифати, проширувајќи ја, да не речам: разводнувајќи ја, т.е. унапредувајќи ја во респективната бројка 130 наслови. Така во проектот беше одземена симболиката - шеесетте години од постоењето на ДПМ (1947-2007) да се презентираат со 60 одбрани наслови од македонската книжевност. И така, симболиката се престори во мегаломанија што се вика загледаност во огледало што зголемува. Бројката 60 е разјаснета, но бројката 130 останува енигма и ќе биде обврска за растајнување на подважни луѓе!

Не би требало МАНУ да биде обвинета за сервилност пред никого, кога ги отвора ширум вратите за промоција на настани од поголемо значење. Тој чин на општење со спонзори и донатори е димензија на гостољубивост и на транспарентност во работата. Поради техничка грешка во поканите не е одбележано името на ДПМ како коавторство на идејата за реализација на проектот 130 книги од македонската книжевност. Се немало време за корекција на пропустот. МАНУ го понуди својот амфитеатар со 200 седишта како знак на добра волја. Задоложи тројца до четворица свои членови за промоција на државниот проект во име на неизбежна колаборација. Нема тука ништо лошо. Ќулафкова, Урошевиќ и Старова зборуваа затоа што не е напорно да се зборува под своја стреа, и затоа што се дел од акцијата, како удостоени во презентацијата, а уште поверојатно затоа што успеваат во умеењето да се каже нешто постаменито. Тоа е тоа. Сите тие му се радуваат на „заглупувачкиот проект“, можеби затоа што акцијата со 130-те наслови не ја сметаат за културна стихија. Никој не може да им го одземе тоа право! А има и нешто што е показ и на желбата да се биде слушнат: и во МАНУ е реткост да придојдат во толкав број гости од врвот на државата, а луѓето од профилот на нашите промотори не кријат дека би сакале да бидат слушнати од страна на повисоки компетенции и квалификации, т.е. од поелитни слушачи. Не е разумно, очевидно, таков раритетен миг да се испушти.

И така, драг мој Бранко, Тебе Ти успева во напис од 144 редови да ги построиш во еден ред и ароганцијата и иронијата и условната дисквалификувачка информација, Ти успева да ги фузионираш алузиите со фактографијата на еден ура-проект а за кој немаш ни периз ни дистанца, туку настоиш кон настанот да пријдеш преку ноншаланцијата и комоцијата на вешто перо, кое не и' чини метании на институционализираната сила. Оттука, Ти со добра доза на своевидно слободоумие ја елаборираш релацијата Литература и Националната кауза. Убеден си дека квантитетот препознат како пренагласена бројка од 130 наслови асоцира снижување на објективниот квалитет со кој моментно располага македонската литературна уметност (пословична непретпазливост ќе да е тоа!) па, алудираш со многу право на диспропорција за која уште како треба да се продискутира.

Токму ова и ми го врза вниманието кон Твојот текст. Ти си во апсолутно право, без оглед на пренагласките во изразот и отклоните при бројните мешања на поимите и адресите.

Нема да речам дека овој избор, сочинет од нечија недорастолкувана и недорастајнета сугестија е дело на неквалификуван редакциски состав. Напротив, на тој план се' си е во ред. Пропустот е, се чини, направен, главно во прифаќање на непотребната штедрост на државата како спонзор, па, на тој начин, поласкани од добрината на Владиниот гест да се зголеми давачката, редакторите (раскрилени од неочекуваната доверба) го сториле тоа за коешто не смееле ни да помислат: внеле премногу фурда и пердуви, плева и прав во сериозниот потфат, дисквалификувајќи го преку отсуство на елементарен критериум и како обмислена визија за една ретка и ефектна презентација на врвните дострели на една национална литературна уметност.

Ете го колосалниот минус на овој добронамерен проект а за чие постоење не може да се бара вината вон концептот на редакцискиот состав, чија главна цел била да се дојде до некаква линеарна правда во која и волците се сити и овците се на број. Така, во склопот на проширената рамка на проектот 130 наслови на македонската книжевност редакторите вградиле едно некритично и недозволено нереално и надуено видување на нашата литературна уметност нанесувајќи и неволно зло.

Овој кикс е рамен на непромислена автодисквалификација што ќе си понесе свои потрајни последици, затоа што разминувањето со реалноста е непоправлива грешка. Единствената светла точка е одбранбениот рефлекс на групата редактори коишто се самоисклучиле од можноста да бидат претставени во едицијата, иако имаме и одделни примери на прекумерна застапеност на членови на редакцијата преку освоени наслови и преку членови од нивните потесни семејства.

Се' ова или главно ова го чини промашен (утнат) овој навистина по многу нешта величествен зафат на македонската држава за стимулативна припомош на литературната уметност во земјата. Останатите минуси се главно од техничка природа и за нив имаше опширни коментари: (види: Весна Дамчевска - „Кој може да си дозволи 130 тома за дома?!“, во „Нова Македонија“, Скопје, од 10/11 јануари 2009 година, с. 29).

Но, основното е видено и формулирано од Тебе, Бранко Тричковски, одважно и храбро е со една единствена порака: во ЕУ (Европската унија) нема да влеземе преку досетки дека ќе воведеме при своите чести самопофалби зборови чиј прв слог гласи ЕУ (на пример: ЕУфорија или ЕУфурија!). Добро е да се знае: со самобендисаност нема да дочекаме однадвор ни респект ни прифаќање. За жал, разводнетиот квантитет на 130-те томови македонска книжевност нема шанса да не' поведе накај ЕУ!

Поради се' ова меѓу првите настојам преку ова мое јавување пред јавноста да Ти довикнам, почитуван и драг пријателу, да бидеме начисто со еден дефектен биланс: 130-те тома македонска книжевност се симплификација на поимот национална уметност, бидејќи ми остави убав впечаток Твојот заклучок дека не си сретнал нација со ваква литература, ниту пак литература со ваква нација!

Бездруго, „само добра литература може да има добри импликации врз националната кауза - а добра национална кауза е таа што ја ослободува уметноста од обврската да се занимава со неа“. Мудро го кажуваш ова, и јас верувам, заедно со Тебе дека од штуриот македонизам нема да видиме аир, меѓутоа, дај да му објасниме на нашиот народ дека самобендисаноста не е македонизам! n