��oj 54   29.04.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 52

Број 51

Број 50

Број 49

Број 48

Број 47

Број 46

Број 45

Број 44

Број 43

...

46

ПРИКАЗНИТЕ НА КИРЕ ГАЛЕВСКИ

Една година na рубриката Lifestyle во „Глобус“

пишува: ТОНИ ДИМКОВ

t.dimkov@globusmagazin.com.mk

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Веќе една година во „Глобус“ редовно се објавува рубриката „Лајфстајл“ (Lifestyle). Во авторскиот сегмент на рубриката, некако подеднакво, се вклучени уредникот Ѕвездан Георгиевски, и арт-фотографот Кире Галевски. Со замисла да се направат портрети на личности, кои на свој начин ја обележуваат седмицата која претходела, или таа која доаѓа, низ рубриката досега поминаа педесетина познати ликови од секојдневниот општествен и културен живот, не само од Македонија. Во таа смисла, доколку основните насоки во изборот доаѓаат од Ѕвездан Георгиевски, кој е автор на текстот во рубриката, тогаш, сигурно, визуелното претставување на ликовите во целост е реализирано со фотографскиот апарат и, често пати, креативните и храбри замисли на арт-фотографот Галевски. „Соработката со ‘Глобус’ ја прифатив поради екипата која работи во магазинот. Со дел од нив и претходно сме соработувале, од нив сум научил многу работи во животот, и кога повторно се собраа во неделникот, на иницијатива на уредникот Небојша Јаконов, соработката ја прифатив без размислување“, вели Галевски.

Почетоците на неговата фотографска дејност датираат од неговите средношколски денови. „Во третата година на средното образование, со мои пријатели членувавме во фотоклубот кој постоеше во училиштето ‘Раде Јовчевски – Корчагин’. Потоа краток период работев како хонорарен соработник во некогашниот дневен весник ‘Република’, се' до средбата со фоторепортерот Драган Тодоровски, кој практично ме внесе во фоторепортерската работа“, открива Галевски зборувајќи за своите почетоци. Во тој период, во два наврати, како фоторепортер работел во неделникот „Пулс“, извесен период престојувал во Прага, во Република Чешка, а во периодот кој следувал како уредник на фотографија работел во „Денес“ и „Македонија денес“. Со своите фотографии повремено соработувал и со „Национал“, „Форум“, „Семеен магазин“ и „Теа модерна“.

Како се правеше „LifeStyle“ 

Поглед од внатре

пишува: Ѕвездан Георгиевски

И тогаш, пред околу година дена, кога отприлика започна објавувањето на фото-рубриката „LifeStyle“, во тогаш уште младиот магазин „Глобус“ (мислам дека рубриката го започна својот постојан живот на страниците на „Глобус“ од неговиот трет број), многу од колегите велеа дека станува збор за нашата вообичаена рутина: „Видела жабата дека коњот се потковува, па и таа ги кренала краците“. За волја на вистината, најчесто и така се случуваше. Во личната и професионална желба работите да изгледаат онака како што треба да изгледаат, пред се', кај Кире Галевски, а потоа и кај останатиот дел од многубројната екипа, чии членови мошне фрекфентно се менуваа во изминатата година, најчесто се судиравме со најбаналните проблеми – усогласување на времето и просторот. Мислам дека сите мобилни оператори што функционираат во Македонија, а богами и фиксната телефонија, имаа и имаат сериозен бенифит од функционирањето на оваа рубрика.

Кои беа проблемите? Првенствениот проблем беше да се пронајде личноста, која мора со себе да ја носи актуелноста, барем за таа седмица кога фотографијата ќе биде објавена, што значи дека тој или таа треба да се сложи дека ќе загуби неколку часа и дека ќе има волја да позира на начин на кој што позираат фотомоделите. Натаму, се пронаоѓа просторот, најчесто ентериер, кој треба да биде слободен во закажаното време. И, на крајот на краиштата, останатите луѓе од екипата треба да бидат слободни во закажаниот термин (шминкери, осветлители, асистенти на фотографија...). А уште пред да се склопат сите овие коцкички ќе сфатите дека за конкретната фотосеанса ви е потребно огледало или некаква униформа. Можеби пура или роза. Или барем вински чаши. И тоа трае така секоја недела. Без одмор и без здив.

Рубриката „LifeStyle“ е безмалку авторска рубрика на Кире Галевски, а јас, сепак, сум премногу горд на неа. Во суштина, по природа сум индивидуалец, и во принцип работам сам пред својот компјутер. Искуството на овој тип заедничка работа е бесценето. И денес, кога ќе видам некого, било да ми е познат или не, како разгледува некој број „Глобус“, секогаш му обрнувам внимание на рубриката „LifeStyle“, и тоа затоа што секогаш мислам дека во секое издание на оваа рубрика сме направиле едно мало журналистичко чудо. И, затоа, драг читателу, кога следниот пат ќе купиш „Глобус“ обрни внимание на оваа рубрика. Затоа што си купил чудо.

ПРЕДИЗВИК „Од моментот кога почнав да работам во ‘Пулс’ го почувствував професионалниот предизвик кој го нуди занимавањето со фотографијата. Кога го почувствував визуелното изразување како предизвик, и кога сфатив дека тоа е работата која сакам да ја работам, а не знаев да работам нешто друго, тоа е моментот кој ме задржа во фотографската професија. На почетокот сето тоа го сфатив како игра, но ако успееш да создадеш услови да преживееш од таа игра, тогаш тоа е фантастична комбинација“, открива Галевски.

Клучен момент кој го одвел во креирањето на студиската фотографија е неговата љубов кон портретната фотографија. „На почетокот проектот ‘Лајфстајл’ го гледав како можност да правам токму такви фотографии. Станува збор за студиска фотографија која не е работена само во студио, туку под студиска може да се подразбере дека пристапот кон фотографирањето е студиозен. Со фотографиите се претставени личности кои веќе се докажани во својата професија и кои секогаш имаат нешто ново да кажат. Со фотографијата се обидуваме вистински да ги отсликаме тие луѓе. Концептот на рубриката е да се пронајде убавината на тоа што го прават луѓето кои сме одлучиле да ги фотографираме. Сите кои учествувале во ‘Лајфстајл’ се симболи на свој начин, направиле нешто, оставиле некаква трага зад себе. Тоа се уметници, актери, економисти, политичари. Кога ќе успееме да ја откриеме скриената убавина на ликот, за разлика од класичниот портрет и фоторепортерската фотографија, тука веќе луѓето ни возвраќаат со убави реакции, и со задоволство ги прифаќаат фотографиите кои сме ги направиле. Најдрагоценото при секое снимање е што успеав да стапам во близок контакт со секој од учесниците во рубриката. На крајот кога ќе заврши проектот, ќе останат луѓето со кои сега веќе сме многу добри пријатели. Тоа значи дека сме поминале добро на фотосесијата и остануваат убави сеќавања на заедничкото дружење“, нагласува Галевски.

АНЕГДОТА Во текот на досегашните снимања се случиле голем број интересни моменти. Некои од нив ќе останат двојно забележани: на хартија и во сеќавањата на учесниците во настанот. „Интересен беше моментот со Јордан Плевнеш. Кога се договаравме тој ни објасни дека сака да влегува на фотографијата, а сенките да бегаат од него. Тоа беше насоката за која со Ѕвездан долго време размислувавме како да го постигнеме тој момент. Од тогаш остана реченицата која ја употребувавме за секое посложено снимање: да влегувам во фотографијата, а сенките да бегаат од мене. На крајот, Плевнеш беше задоволен од фотографијата“. Се' уште се свежи и сеќавањата на фотосесијата со уметницата со светски глас, Лори Андерсон. „Уште пред да тргне од Њујорк на Лори и беа пратени неколку фотографии од рубрката. Кога дојде во Скопје веднаш се согласи да ја направиме фотографијата, иако и најавивме дека сесијата ќе трае неколку часови. Личностите од тој калибар се многу поедноставни за соработка од другите. Бидејќи е уметник, таа знаеше дека треба да е трпелива и дека на крајот е важен резултатот. Така и се однесуваше. Иако, подобрите фотографии со Лори излегоа дури еден месец по објавувањето на првата фотографија во неделникот“, искрено признава Галевски.



МАГИЈАТА Во текот на професионалното занимавање со фотографијата Галевски поминал низ неколку фази на самообразување, вклучувајќи ја тука и фазата на класично развивање на фотографиите во фотолабораторија. „Своевремено сам си правев развивачи по рецептури со одредена намена. И во денешен ден мислам дека секој кој сака сериозно да се занимава со фотографија мора да помине извесен период во лабораторија и да ја почувствува вистинската магија на создавањето на фотографијата, да го почувствува процесот на своја рака. Во современите услови дигиталната фотографија е само технолошко унапредување на целиот процес кој не го чувствувам како премин или како граница, туку како надополнување на технологијата, затоа што дигиталниот процес е многу поевтин и многу побрз за работа. Но, што се однесува до квалитетот, тогаш мораме да признаеме дека единствената архивска вредност се' уште ја има негативот и затоа во светот фотографиите се архивираат со негативот, бидејќи само тој ја има долговечноста“, објаснува Галевски.

Извесен период занаетот го учел и кај единствениот мајстор на фотографијата во Македонија. „Кај Благоја Дрнков учев како се прави ретуш на позитив. Тогаш работев во ‘Пулс’, и на сопствена иницијатива отидов кај него, чукнав на вратата и му објаснив зошто сум дојден. Тој се воодушеви што воопшто има некој кој сака да научи да ретушира. Така цел еден месец поминав кај него со четка за водени бои и со ретуширање на фотографии. Тој ме охрабри со неговата страст кон фотографијата и со неговата сериозност во пристапот кон фотографијата. Дрнков ми даде сила да останам во фотографската дејност со истиот жар и ентузијазам кон работата како на моите почетоци“, вели Галевски со голема доза на благодарност.

Досега Галевски имал само една самостојна изложба на фотографии. Првата изложба беше поставена на почетокот од оваа година во галеријата на Културно - информативниот центар во Скопје со наслов „Скриените симболи на Скопје“. „Темата на изложбата беше да извлечам нешто од градот во кој живеам. Да ги пронајдам работите покрај кои секојдневно сум поминувал, а кои едноставно не сум ги забележувал. Во тој проект најважно беше истражувањето на темата и откривањето на скриените моменти во градот. Некако, со други очи ги гледав работите кои ги пронаоѓав“, е личното толкување на изложбата.

Со фотографиите создадени за рубриката „Лајфстајл“, Галевски по втор пат ќе се претстави со самостојна изложба. Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија ќе бидат претставени педесет фотографии објавени во „Глобус“, и уште десет кои се изработени како втора верзија и кои јавноста ќе ги види за прв пат. „Неделниот ритам не секогаш дава можност да направиш совршен избор на фотографијата, и едноставно нема време постпродукциски да ја средиш. Затоа дел од нив се направени отпосле и тие фотографии ќе бидат претставени на изложбата“. Во подготовките за снимањето на фотографиите, Галевски работи со мала, но секогаш ентузијастички расположена екипа. За шминката и фризурата на портретираните личности е задолжена Љупка Арсовска, без чија помош моделите не би изгледале така како што изгледаат. Како асистенти на фотографиите досега работеле Александар Пулиос, Мартин Јовевски, Виктор Рубен и Борис Чулев. Галевски открива дека најголемата помош за стилскиот изглед, со сугестии и насоки за креирањето на концептот на самата фотографија, ја добива од Јелена Галевски, која е присутна речиси на секое снимање.



НОВИ НИЈАНСИ Со изложбата на досега објавените фотографии се затвора еден циклус во креативниот развој на рубриката, но веќе има иницијатива за стилско освежување на концептот. „Со овие педесет фотографии начнавме само еден мал дел од општествениот живот. Рубриката дури сега ќе почне да открива нови ликови и нови сегменти од секојдневјето. По педесет броја мислам дека направивме една убава серија која ќе биде крунисана со овој број и со изложбата и веќе планираме да направиме стилски промени во рубриката. Сакаме да влеземе во нешто ново, да направиме нова игра. Концептот ќе се задржи, но ќе бидат вметнати нови нијанси во стилот“, со таинственост најавува Кире Галевски. Секако, редовните читатели на неделникот ќе го откријат новиот изглед на рубриката веќе од следниот број на „Глобус“.