��oj 69   12.08.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 66

Број 65

Број 64

Број 63

Број 62

Број 61

Број 60

Број 59

Број 58

Број 57

Број 56

Број 55

Број 54

...

26

ГОЛЕМИТЕ МИСТЕРИИ НА МАКЕДОНСКАТА ТРАНЗИЦИЈА

Политичко-забавен квиз: каков е вашиот поглед на тие кондрадикторности

пишува: Соња Крамарска

1 Дали првиот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков загина во сообраќајна несреќа или беше жртва на атентат?

На 19 ноември 1991 година на 1,5 километар пред Бујановац на патот кон Врање во сообраќајна несреќа загина Јордан Мијалков, првиот министер за внатрешни работи во првата влада по осамостојувањето на Македонија. До несреќата дошло при претекнување во услови на голомразица при што Мерцедесот што бил управуван од возачот на Мијалков кој претходно му бил возач и на Јован Трпеновски, со 180 км/час првин удрил во банкината а потоа „полетал“. од другата страна во негова насока се движела Лада управувана од Албанец кој ги возел своите четири деца. Мијалков патувал во Белград, а повод за шпекулациите дека бил ликвидиран е најден во фактот што тоа се случувало еден ден пред Македонија да го објави барањето за независност на Македонија. Непосредно пред смртта Мијалков примил делегација на југословенското разузнавање КОС, но се тврдеше дека средбата поминала во пријателска атмосфера.

а) Можеби Албанецот во Ладата свесно го ризикувал животот на своите четири деца со цел да го спречи осамостојувањето на Македонија или можеби дури и конфликтот во 2001. Бидејќи тоа е малку веројатно останува дека на возачот на министерот му се брзало да стигне во Белград па и по цена да го загуби патникот во брзањето. (4 поени)

б) Сообраќајката беше режирана за да се одложи осамостојувањето на Македонија, да се смират или потиснат национал-патриотските кадри и да се засилат силите што неа беа убедени дека Македонија може да биде самостојна. (2 поени)

в) Гумите на Мерцедесот биле наполнети со 10 отсто плин и при брзина од 120 км/час дошло до експлозија на гумата што наликува на обично пукање на гума и не остава траги дека била всушност извршен атентат. (0 поени)

2 Кој и со какви мотиви го организираше атентатот на претседателот Киро Глигоров?

На 3 октомври 1995 година врз претседателот Киро Глигоров беше направен обид за атентат. Настанот се случи во центарот на Скопје кога во автомобил Ами-8 со далечинско управување беше активирана експлозија токму во мигот кога поминуваше претседателскиот мерцедес. На лице место загина возачот на Глигоров како и еден случаен минувач. Глигоров помина со тешки повреди на главата и на десното око кое подоцна му е ампутирано и заменето со протеза. До денеска не се знае кој стои зад атентатот иако повеќе влади кои се сменија на власт се обидуваа да ја решат загатката. Министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски во чие време се случи атентатот тврдеше дека „моќна интернационална компанија од соседството“ стои зад заговорот. Новинарите во тоа ја препознаа бугарската компанија Мултигруп, но нејзиниот директор на лична средба со Глигоров ја отфрли таквата теорија.

а) Тајната служба што го обезбедуваше Глигоров по раскинувањето со Белград попушти во строгите правила при превоз и чување на претседателот на државата. Тоа го сфатија непријателите на Глигоров кои одвај чекаа да заврши ерата на комунизмот и му покажаа дека не е повеќе недопирлив. (4 поени)

б) Глигоров имаше премногу путер на главата за да може туку така да транзитира од комунзимот каде беше важна ѕверка- во плурализмот каде повторно сакаше да биде важна ѕверка. Е па не може така (2 поени)

в) Со независноста Македонија им беше трн во око на сите соседи а мирољубивата и просперитетна политика на Глигоров можеше да ја изгради во силен фактор на Балканот. Од Македонија се плашеа и Грција, и Бугарија и Албанија, а најмногу Србија чиј претседател Милошевиќ сакаше да ја држи под ропство. Се плашеа и Америка и Русија. И затоа решија да го тргнат Глигоров. (0 поени)


3 Како и зошто пропадна штедилницата ТАТ и кој беше министерот во тренерки што со полна вреќа пари излегол од штедилницата?



Во март 1997 година Битолската штедилница ТАТ падна како кула од карти заедно со 60 милиони евра штедни влогови на 12 илјади штедачи од битолскиот регион и од цела Македонија. Сопственик на штедилницата беше Соња Николовска, која непосредно пред избувнувањето на аферата беше одликувана за менаџер на годината. Николовска доби три години затвор, но за ниту еден од тогашниот политички врв со кого таа одржуваше блиски релации не беа најдени докази за вмешаност во ѕидањето на пирамидалнната штедилница иако таа постојано се закануваше дека поседува „жежок“ список на штедачи.. Гувернерот Борко Станоевки изјави дека знаел оти штедилницата има проблеми со ликвидноста но не кажа зошто тоа не го изнел во јавноста. ТАТ имаше дозвола за работа од Народната банка на Македонија а ниту една од редовните контроли на покажа дека се случува криминал. ТАТ е една од причините за поразот на СДСМ на изборите 1998.

а) Многумина се полакомија по високите каматни стапки и мислеа дека брзо ќе се збогатат. Така и се случи но само за одбрано друштво од кругот на Николовска, додека другите беа само покритие за богатењето на одреден број на луѓе, како на пример министерот во тренерки. Николовска доби тоа што го заслужи.

б) Моќта и парите лесно се зближуваат па така се случи и со газдарицата на ТАТ Соња Николовска и премиерот Бранко Црвенковски. Соња мислела дека Народната банка во секое време ќе и' излезе во пресрет со пари доколку многу штедачи наеднаш решат да си ги повлечат влоговите и дека на тој начин ќе ја одржи ликвидноста на штедилницата. Но ако навистина „министерот во тренерки“ наеднаш повлекол една вреќа пари, немало враќање назад. Очигледно е дека некој во синџирот на ТАТ наеднаш добил напад на чесност и не сакал повеќе да учествува во мамењето, па така дојде до рушење на пирамидата. (2 поени)

в) Соња Николовска стана многу блиска со премиерот Бранко Црвенковски и стана опасност за него и за целата сдсмовска врхушка. Ноќта спроти 7 март од сметката на штедилницата беа повлечени големи суми пари, за веднаш утредента да се разгласи дека штедилницата има проблем со исплаќањето на штедните влогови. Штедачите потрчаа но попусто. Народната банка објави банкрот на штедилницата. На Соња и' се заканија дека ако го објави списокот на штедачите ќе ја ликвидираат и затоа таа молчеше и во судот и додека ја отслужуваше затворската казна (0поени).

4 Која беше заднината на тајванската авантура во 1998-1999 година режирана од Васил Тупурковски?



Тајванската сага во Македонија почна на парламентарните избори во 1998 година кога Васил Тупурковски, лидер на новоформираната Демократска алтернатива им вети на избирачите дека ако го изберат ќе донесе една милијарда долари во странски инвестиции. Според информирани извори Тупурковски оваа сума ја имал договорено со Тајван во замена на признавањето на кинеската провинција, но таквите наводи никогаш не беа докажани. На 1 јануари 1999 година владата на Љупчо Георгиевски и на коалицискиот партнер Тупурковски го призна Тајван. Пекинг на тоа возврати со експресно прекинување на дипломатските односи со пријателска Македонија а својот гнев го изрази и преку ставање вето на 25 февруари 1999 во Советот за безбедност при ОН за натамошно останување на заштитните сили на УНПРЕДЕП на македонската северна граница. Тајван отвори амбасада во Скопје, но неговиот амбасадор никогаш не ги предаде акредитивните писма бидејќи Киро Глигоров беше против признавањето на Тајван. Аферата заврши 30 месеци подоцна во јули 2001 со обновувањето на дипломатските релации со Кина. Тајванската авантура беше една од причините за воениот конфликт 2001 бидејќи по ветото на Кина македонската граница со Косово остана незаштитена.

а) Васил Тупурковски имал искрена намера да го помогне македонското стопанство а истовремено и тој и неговата партија да имаат корист но која нема да биде само политичка. Но Љупчо Георгиевски не дозволи проектот да заживее бидејќи тој и неговата клика немаа контрола над милијардата на Циле и се плашеа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе послаба партија од Демократска алтернатива ако навистина во земјата се случи економски бум по заслуга на Тупурковски. (4 поени)

б) Тупурковски, заедно со пријателите Вања Битуљану и Александар Димитров тајно оделе неколку пати во Тајван за да ги договорат деталите околу признавањето. Но, никој не успеал да го дознае нивниот план кој почнале да го разработуваат веднаш по формирањето на партијата. Целта била преку милијардата да дојдат на власт. (2 поени)

в) Циле добро знаел дека во Македонија лесно се добива власта но уште полесно се губи. Затоа тој седнал и смислил брилијантен план да ги залаже избирачите. Откако тоа му успеа и ги доби изборите, тој го наговори Георгиевски да го признае Тајван со кого претходни имаа договор за исплата од една милијарда. Целта беше Кина да ги раскине односите со Македонија и преку ветото во ОН да ја остави границата порозна за слободен премин на терористите кои подоцна дигнаа востание. (0 поени)

5 Кој и со какви мотиви стоеше зад македонскиот Вотергејт во 2000/2001 година?

Најголемата опозициска партија СДСМ во почетокот на 2001 година изнесе докази дека се вршени прислушувања на телефоните на околу стотина личности од јавниот и од политичкиот живот на Македонија. Се тврдеше дела прислушувањето било извршено во два наврати: во екот на локалните избори во септември 2000 година и во следните три месеци кога владата на Љупчо Георгиевски се обидуваше да го спаси своето мнозинство во парламентот. Скандалот беше обелоденет на 17 јануари на прес конференција на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски кој изнесе 150 страници записи од телефонски разговори. Дваесетина новинари ја тужеа државата а првата пресуда во нивна корист беше донесена во 2007 година но се уште не е конечна бидејќи се чека на изјаснувањето на Апелациониот суд. Кривична пријава заработија и тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и нејзиниот соработник Александар Цветков. Но во екот на доказната постапка против нив претседателот Борис Трајковски со акт на аболиција ги ослободи од натамошно гонење. ВМРО-ДПМНЕ до денеска негира дека имала врска со прислушувањето и тврди дека целиот процес бил монтиран со цел за нивно политичко дискредитирање.

а) Прислушувањето не се вршело само тогаш туку се врши секогаш и секаде. Опремата за прислушување може да се набави за дваесетина илјади евра и може секој да ја купи. Опремата може да се монтира во комбе кое по потреба ќе шета од место до место и ќе ги слуша разговорите за кои има интерес. (4 поени)

б) На ВМРО-ДПМНЕ тоа му беше прва власт по 2001 година кога беа надитрени од Црвенковски и Глигоров и им беше земена власта и затоа сега решиле цврсто да ја држат. Тие првин се фокусирале на прислушување на опозициските политичари но потоа работата излегла од контрола и операцијата била проширена и на амбасадори, новинари и директори. Но СДСМ имаа луѓе внатре во Петтата управа кои им дадоа информација за прислушувањето и аферата експлодира. (2 поени)

в) По неуспехот да ја собори владата на Георгиевски во декември 2000 година, Црвенковски побара помош од своите разузнувачи. Тие проценија дека во синџирот на власта највана алка е Доста Димовска која беше најважен соработник на Георгиевски и решија да му зададат удар преку неа. За таа цел се поврзаа со неколку нивни вработени во МВР и му поставија заседа на Љупчо Георгиевски за кого знаеја дека сака да прислушува. (0 поени)

6 Како и зошто дојде до воениот конфликт меѓу Албанците и Македонците во 2001 година?

Во пролетта 2001 година дојде до вооружен судир меѓу етничките Албанци и македонската држава. Судирите најпрвин избувнаа во Тетово и околните села а потоа брзо се проширија и во кумановскиот регион за да завршат во околината на Скопје со целосна окупација на селото Арачиново. Во судирите загинаа 63 припадници на војската и на полицијата а противничката страна објави човечки загуби од 64 борци. Судирот заврши со потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид на 13 август 2001 година од страна на претседателот Борис Трајковски и лидерите на четирите главни партии Љупчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Бранко Црвенковски (СДСМ), Арбен Џафери (ДПА) и Имер Имери (ПДП). Рамковниот договор предвиде повеќе права на Албанците во однос на употребата на нивниот мајчин јазик, образованието и застапеноста во државните институции. Како последица на воениот судир Меѓународниот суд во Хаг покрена обвиненија против министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски и против Јохан Тарчуловски. Бошкоски е ослободен а Тарчуловски е осуден на 12 години затвор.

а) По востанието во Косово и бркањето на српската армија од таму, на ред дојде Македонија. Косовските Албанци ги подготвија своите македонски сонародници преку разни тренинзи од другата страна на границата а потоа ги уфрлаа назад заедно со веќе искусните борци на УЧК. По усшечниот бунт што беше изведен на Косово беше невозможно овдешните Албанци да не добијат инспирација. (4 поени)

б) На Али Ахмети му здодеа седењето во Швајцарија па го собра своето друштво во уште еден поход овојпат во Македонија. Тие собраа доволно пари од дијаспората и во договор со лидерот на УЧК од Косово Хашим Тачи, започнаа операции во Македонија. (2 поени)

в) Албанците во Македонија ги има во толку голем број што решија да основаат своја држава и да ја спојат со Косово. Бидејќи лидерот на ДПА Арбен Џафери изјави дека негов сон е да ги види сите Албанци во една држава, а бидејќи беше со нарушено здравје реши да ги забрза работите па со неговиот коалициски партнер Љупчо Георгиевски направија договор за поделба на Македонија. (0 поени)

7 Дали претседателот Борис Трајковски загина во случајна авионска несреќа или пак беше жртва на успешно изведен атентат?

На 26 февруари 2004 година на пат кон Босна и Херцеговина се сруши авионот со кој претседателот Борис Трајковски заедно со соработниците леташе на конференција во Мостар во кој загинаа сите патници. Загинувањето на Трајковски предизвика лавина од шпекулации иако истрагата го заклучи својот извештај со констатацијата дека за катастрофата е виновна пилотската грешка при процедурата на слетување. За загинувањето на Трајковски се' уште се водат дебати во Македонија, а барањето на неколку европски пратнеици за обновување на истрагата ги подгрева сите можни варијанти за причините за трагедијата. Сомневања искажаа и семејствата на двајцата пилоти кои управуваа со леталото кои тврдат дека вината за уривањето на авионот е префрлена кај нив со цел да се прикријат другите виновници.

а) Владиниот „Кинг-ер“ беше стар и дотраен и нема ништо чудно што во сложената операција на слетување во услови на дожд и магла инструментите не ја покажале точната висина на која се наоѓа леталото кое удри во рид поради ниското летање (4 поени)

б) Авионот токму во моментот на слетување бил зафатен од силен ветер но пилотот кој повеќе пати слетувал на овој аеродром не сакал да се врати назад бидејќи така претседателот ќе задоцнел на конференцијата (2 поени)

в) Можеби авионот правел чудни пируети на небото а радио-врската поради лошото време била во прекин и нервозните припадници на меѓународните сили го гаѓале со ракета. Откако виделе дека срушиле претседателски авион решиле да го заташкаат слулајот за да нема натамошни реперкусии. (0 поени).

Решение

1. 0 Поени

Не сте биле концентрирани кога сте го рашавале овој тест. Се надеваме дека не сте биле со мислите на друго место планирајќи како да се самоубиете. Можеби веќе се подготвувате да се обесите. Нема да ве спречиме!



2. Од 0 до 10 поени

Вие сте мрачен тип кој ги чита сите весници од кои може да дознае мрачни детали за мрачните појави во општеството. А да престанете да го правите тоа?



3. Од 10 до 14 поени

Оптимизмот ви е на завидно ниво. Одвреме навреме некој сомнеж ќе ве обземе во однос на намерите на луѓето од вашето опкружување на добро се справувате со тоа. Вие сте ја пронашле успешната формула за преживување. Добро сте се поставиле. Нема да бидете ништо поуспешни и посигурни во себе ако тежнеете повеќе кон сомнежи. Честитки!



4. Од 14 до 22 поени

Вие сте човек на златната средина. Способни сте да проникнете во сржта на проблемот но сте доволно трезвени да го зачувате мирот и покрај лошите факти на кои ќе наидете. Оттука може да се каже дека имате умешност да опстанете во македонското општество без притоа да се изолирате далеку од случувањата.



5. Од 22 до 28 поени

Вие сте навистина опуштена личност и се чувствувате многу добро во Македонија. Задоволни сте од тоа како живеете, ја сакате својата земја, сметате дека има добро политичка и секаков вид друга клима која ви овозможува и вам успешно да виреете и да се развивате. Вашата добра страна е што во секоја работа наоѓате добра страна! Продолжете така и нема да се разочарате.