Брoj 127   22.09.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 125

Број 124

Број 123

Број 122

Број 120-121

Број 119

Број 118

Број 117

Број 116

Број 115

...

46

МАКЕДОНКА ВО АВГАНИСТАН

Ана Пејчинова за „Глобус“ ги открива сопствените доживувања, опасностите и убавините на Ирак и Авганистан

Пишува: Тони Димков

t.dimkov@globusmagazin.com.mk

Скопјанката Ана Пејчинова пет години од својот живот помина во воените услови на Авганистан и Ирак работејќи во повеќе различни мисии на ООН. За неа тоа се години кога стекна искуства и спознанија кои не можат да се здобијат во мирновременски услови, а истовремено собра доволно материјал за нејзината претходна професионална ориентација. Имено, Пејчинова дипломираше на Катедрата за општа и компаративна книжевност на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во 1997 година. Потоа продолжи на соодветната катедра за компаратистика на докторски степен на филозофскиот факултет при Карловиот универзитет во Прага, каде студиите ги заврши во 2002 година.

Во 2002 година се врати во Македонија. По серија краткорочни ангажмани во културата и проектниот менаџмент, на кратко беше ангажирана во УНДП во Скопје. Потоа стана интернационален офицер при мисијата на асистенција на Обединетите Нации во Авганистан. Седум месеци работеше како провинциски офицер за граѓанско образование на претседателските избори во Авганистан. По изборите продолжи да работи како шеф на гласачкото образование за ирачките избори за дијаспората во канцеларијата во Копенхаген, Данска. По ирачките избори, со УНОПС се врати во Авганистан како регионален офицер за граѓанско образование за парламентарните избори на земјата.

По сите искуства стекнати на теренот во Ирак и Авганистан одлучи да студира втор факултет, овој пат тоа беа магистерски студии од политички науки. Во 2006 се стекнува со титулата - магистер на Централно-европскиот универзитет во Будимпешта (ЦЕУ), дел од мрежата на институтот Отворено општество - Фондација Сорос, како најдобар студент на класата со награда за исклучителни академски остварувања. Нејзината магистерска теза беше поврзана со Авганистан со наслов „Создавање на демократија на војсководци“.

Во 2007 година работи за приватната фирма „Кемоникс“, која е главен субконтрактор на УСАИД во земјата, на проектот „Програма за алтернативен развој - Јужен регион“, што се реализираше во Лашкар Гах, Хелманд, во Авганистан.

Покрај работата во мисиите на ООН, работи и во својата струка. Го преведе делото „Четирите Зои“ од Вилијам Блејк, потоа работеше на преводот на делата на Дерида, напиша серија текстови и неколку приказни, подготви нацрт за нејзиниот прв роман и препев на стихови од поетот Руми, познат суфист од средниот век. Во овој период е во Македонија и без задршка ја прифати поканата на „Глобус“ да зборува за нејзините искуства од Ирак и од Авганистан.

Колку години поминаа откако прв пат почнавте да работите во мисиите кои се одвиваат во Ирак и во Авганистан? Дали и таму времето тече на ист начин како и тука?

- Поминаа повеќе од пет години откако прв пат стапнав во Авганистан. Изгледа како неколку засебни животи да минале, секој со своја наивна младост, трпелива зрелост и исцрпена старост. Текот на времето, наместо да наликува на стрела, личи на разгрането дрво чии гранки обликуваат своја целина, даваат цут и плод, им капат лисјата и потоа повторно доаѓа пролет и време на изобилство. А сокот на тоа дрво е живото искуство: насмевки, различни неба, песочни бури, напнатост, задачи, ослободувања, хоризонти...

Времето, исто како и просторот во кој живееме таму, е клопчесто, свиено околу себе, често заплеткано во јазли и искинато. На некој начин, времето на терен е погусто. На пример, еден месец на терен се чувствува како три, а три месеци како шест. Една година е еден живот. Еден цел живот.

Практично, што работиш, за каков вид мисија станува збор и во чија надлежност се мисиите?

- Порано работев на мисиите на Обединетите нации, прво во следењето на изборите, а потоа се префрлив да работам за приватни развојни компании кои имплементираат агрибизнис-проекти на УСАИД. Како специјалист за комуникации, моите одговорности се движат од технички и политички анализи, преку редовни извештаи, до организација на јавни настани, графички дизајн, како и односи со медиумите и со јавноста, со месното население и со меѓународните ентитети.

Какво е чувството да се работи во воени услови, и толку далеку од дома? Колку километри има од Градски зид во Скопје до Багдад во Ирак, или до Кабул во Авганистан?

- Багдад е релативно блиску, само две илјади километри не' делат во права линија. Кабул е подалеку, повеќе од четири илјади километри. Но, во доба на авионски летови, растојанието се мери со денови потребни да се стигне од едно место во друго. Така, Багдад е на два дена пат, а Кабул на три. Внатрешноста на Авганистан, каде што често работам, е уште подалеку: потребни се неколку дена додека се најде локален лет до провинциите, а периодите на песочни бури можат да ги прекинат летовите и по неколку недели.

Сепак, најосетната далечина не се мери ниту во километри ниту во денови, туку во туѓост. Зборувам за далечината помеѓу нашата култура и културите на Ирак и Авганистан. Ирак, повторно, ни е поблиску - според навиките на однесување Ирачаните ни се доста слични по олабавеноста, хуморот и потребата од кафе, муабет и цигари и со проевропската култура во образованите кругови.

Од друга страна, Авганистан, освен Кабул, е како Европа во дванаесеттиот век, со ретко населени села, без струја и чиста вода, без медицински клиники и образование. Тоа е култура во која главната моќ во заедницата е во рацете на советот на главите на домаќинствата, во густо испреплетените крвни врски и стари семејни долгови, лојалности и одмазди. Сето ова е во контраст со некои технологии на дваесет и првиот век, каде луѓето користат сателитски телефони, возат крос-кантри мотори и имаат современо рачно оружје. Оваа далечина, сепак, е немерлива во однос на секојдневното Скопје.



Во Скопје студираше компаративна книжевност, а сега се наоѓаш во ситуација кога животот пишува поинакви романи? Со какви искуства се сретнуваш на теренот во Ирак?

- Од книжевноста ја задржав навиката на набљудување и пишување. Ова не престанува. Се' уште објавувам постови на мојот блог на Интернет, не често, но никогаш напразно. Докторирав на компаратистика во Прага, а неколку години подоцна магистрирав на политички науки во Будимпешта. Последново ме одучи од илузијата дека човештвото се учи на грешки или дека светот се движи кон подобро. Не гледам доказ за тоа. Сега гледам поединци, и во нив вреди да се вложува и верува. Поединците го менуваат светот. Јас и ти и тој и таа. Имаме лична одговорност и релативна моќ да предизвикаме промени кај себе и кај другите. Тоа е доволно.

Во Ирак ме зафати иронијата на целата ситуација: Ирачаните ни се толку слични како луѓе. Она што им се случи на Ирачаните може да ни се случи и на нас (иако не ја носиме ’клетвата на нафтата‘). И ние во нашиот регион видовме групи со агенда кои ја фрлаат целата земја во војна, видовме и странски интервенции и, највпечатливо, видовме како мирните соседи се претвораат во мачители во концентрациони кампови, или во безимени јунаци кои гинат спасувајќи ги своите блиски.

Со какви искуства, пак, се сретна во Авганистан? Колку тоа што светската јавност отстрана го гледа на телевизија е одраз на тоа што се слушува на теренот?

- Медиумското покривање од Авганистан е подобро отколку порано. И претходните години, барем ние што бевме на терен, го гледавме растот на Талибан, корумпираноста на авганистанската влада и немоќноста на странската војска да ја задржи територијата под контрола. Зафатени со Ирак, светските медиуми и влади не сакаа да слушаат за ваквите тенденции во Авганистан. Сега, кога земјата повторно е на врвот на агендата, подобро се известува од терен и се прифаќа фактот дека на странското присуство во земјата не му оди најдобро, дека владата на Карзаи е нефункционална и нема кредибилитет кај населението, дека изборите безобразно се купуваат и дека целата земја се лизга кон можна масовна војна, како многупати во нејзината историја.



Има ли некакви пишани, или непишани, правила за живот во такви услови?

- Како цивили, имаме приватни безбедносни компании кои не' чуваат. Наспроти лошата репутација на „Дајнакорп“ и „Блеквотер“, постојат компании чија политика е да избегнат насилство по секоја цена. Имав среќа да работам со такви компании. Освен правилото да се почитуваат безбедносните правила (нема излегување од кампус без вооружен конвој, нема шетање на пазар и посета на пријатели), основното правило дека она што не' држи во живот и што ни овозможува да работиме се добрите односи со локалното население. Во Авганистан, почитта кон културата и редовните консултации со населението се клучни. Советите на старците, или шури, често ги обезбедуваат нашите проекти и луѓе на терен, или барем не' предупредуваат да се повлечеме од некои подрачја кога талибански групи поминуваат низ нив. Со нив се консултираме и за тоа што точно се развојните приоритети на заедницата: дали брана, или бунар, или пат, на пример, или ветеринар, квалитетно семе, и така натаму. Сепак, ние сме гости во една земја со древни традиции.

Како ги премостуваш реалните климатски разлики во однос на состојбата која владее во Македонија? Каква е климата во Ирак, а каква во Авганистан? Дали телото навистина успева физички да се прилагоди на секаква состојба?

- Ирак има пустинска клима со денови на песочни облаци кои умеат да наседнат над градот и да не се движат со денови. Тогаш телото се покрива со фин, црвенкаст прав кој надира во секоја пора и во секој набор. При залез на сонце, облакот се обојува во црвенило, се' е длабоко румено, и правта ги стивнува звуците – вистинско вонземско доживување. Кога ќе зафати жегата, сонцето како да удира со стап по телото. Затоа во тие култури се носи облека со долги ракави, до земја, и се покрива главата. Паметно е, и корисно.

Авганистан има планинско - пустинска клима. Градот Кабул е на 2.600 метри надморска височина и небото над него секогаш е кристално сино. Еден декемвриски ден во Кабул, се зачудив зошто луѓето околу мене имаат тенки бели траги од очите до брадата. Тогаш осетив како очите силно ми солзат од продорниот ветер и како солзите веднаш ми се замрзнуваат на лицето во бели траги. Сите бевме така обележани.

Во тие подрачја дождот се случува толку ретко што претставува вистински настан. На пример, во 2004-та, седмата година на суша во Авганистан, се сеќавам како Кабул го покри едно крило од монсуните кои го навлажнуваат Пакистан. Сите се надевавме на дожд. Чекавме со денови нешто да се случи. Едно спарно попладне, стоев надвор и го гледав небото. Една капка падна на бетонската патека покрај моите стапала. Ја видов како испари за миг - и тоа беше се'. Капката дожд беше како надеж. Но, не видовме дожд таа година.

Југот на Авганистан, каде што обично одам, е потопол, но жегата е сува и за мене лесно поднослива. Необично пријатно ми е на таа надморска височина, воздухот е некако електризиран, помалку се спие и човек е побуден. А под таква ведрина и сонце дури и во зима е тешко да се биде тмурен.

Има ли некаква екстремната ситуација со која си се сретнала во Ирак? Колку опасноста може да стане секојдневје?

- Во Ирак имав претежно канцелариска работа и, освен неколку експлозии во близина, најголемата опасност беше да не успеам да стигнам да ја завршам работата во предвидениот краен рок! Всушност, имав неочекувано мирна година. Сепак, после Авганистан, Ирак беше како прошетка во парк... Добро, не сосема така. Можеби, мал бетонски парк под вооружено обезбедување.

Тогаш, каква беше ситуацијата во Авганистан? И од друга страна, кои, пак, се убавините на Авганистан?

- Југот, дивите области на Авганистан, колку се фасцинантни, толку се и несигурни. Таму често сме изложени на напади и немаме поддршка од војската да не' извади ако дојде до директен напад. Се навикнуваме на тој ризик, како што се навикнуваме на ризиците во цивилизација. Имавме и бомбаши-самоубијци, и ракети да ни летаат над глава, и насилни демонстрации, и евакуации, и решетирање на конвој, но сето тоа станува дел од фолклорот на работата.

Вреди да се проживее низ сето тоа, пред се', поради убавините на тој дел од светот и поради фасцинантните луѓе кои се родиле и живеат во далеку понесигурни и полоши услови од нас. Ги почитувам Авганистанците поради неспоредливата способност да преживеат секакви лишувања и масивни лични трагедии.

А, пределите на Авганистан го одземаат здивот: планините се дел од синџирот Хинду Куш, но сосема голи, обоени со разни минерали и метали, мов и планински билки кои, кога расцветуваат, ја разуздуваат сета своја обоена убавина, во контраст со едноличноста на пустината.

Кога самата себе си ќе се погледнеш отстрана, колку Ана Пејчинова созреа, или се промени, во текот на овие години поминати во работа со мисиите во Ирак и Авганистан?

- Не може човек да биде изложен на тој живот, а да не се промени. Мислам дека стекнав поголема жилавост и фокусираност, одреден мир и самоконтрола, кои се неопходни за да се функционира на терен и да се постигнуваат резултати. Прифатив дека непредвидливоста е нормална работа. Мислам дека научив подобро да си ги скротувам емоциите и да не се предавам.

Една кинеска поговорка вели: „И ова ќе мине“. Би додала: „И ние ќе минеме“. Ваквата помисла ги става нештата во перспектива и го ослободува човека да се сосредоточи на она што е пред него и на тоа што е најбитно.

Што е личниот предизвик да се работи во мисиите? Имаш понуди да работиш тука, но, сепак, одбираш да работиш таму?

- Предизвиците... авантурата, пред се'... љубопитноста, која колку повеќе се пои, толку пожедна станува. Бидувањето во зони на интензитет каде се' е потенцирано. Доброто е подобро, злото е позло, убавото е преубаво, а грдото – неподносливо. Некакво душевно растегнување во сите правци одеднаш. Постепеното спознавање на она што е човечко, и самоспознавањето во криза. Драгоценоста на живеењето која таму е кристално јасна. Исклучителните луѓе кои ги среќавам на терен. Бидувањето со сета сила. Пределите, хоризонтот бескрајно јасен... и извонредната плата!

Ѕидови кои значат живот

На дел од фотографиите чекориш покрај Т-ѕидовите во ирачките градови. Покрај реалното, физичко присуство на бетонските ѕидови, колку тие претставуваат и психолошки бариери меѓу луѓето кои живеат и кои работат во Ирак? Како лично ги чувствуваш тие бариери?

- Т-ѕидовите се 3.7 метри високи бетонски блокови кои служат да попречат оган и експлозии. Бетонските коридори, кои опколуваат голем дел од Багдад, од булевари до куќи, заповедаат една стеснета визија на светот, дефинираат мал простор преполн со немоќ и фрустрации, а, сепак, засолнуваат и можат да значат живот.

Багдад ми личи на лавиринт од т-ѕидови подигнати од ’мајсторите на убиството и мајсторите на преживувањето‘. Не беше јасно кого од кого чуваат, дали тие внатре или тие надвор? Необично е што човек се навикнува на нив, засолништето станува затвор, затворот засолниште. А она што го гледаме секојдневно ни го обликува умот. Можеби тие ѕидови се и надворешен облик на внатрешната поделеност, взаемната опасност која ближните ја носат еден на друг. Голема и тажна иронија. Но, вредеше да се сведочи.

Смислата на доживеаното

Дел од искуствата со кои се стекнуваш ги споделуваш со своите пријатели, но и со сите љубопитни сурфери на Интернет преку твојот блог. Дел од доживувањата веќе ги смести во своите „Авгански дневници“. Со која цел, намера, мисија, порака, сакаш да ги споделиш тие искуства? Да не се заборави, или можеби, да се даде одраз на реалноста?

- Пишувањето е начин на кој доживеаното добива смисла. Инаку, сите овие искуства, ми се чини, би биле залудни - би се свеле на акционен филм од трета категорија, наместо европска рефлективна и комплексна приказна без добри и лоши момци. Не пишувам за работата, туку за човечкото искуство, за чудните нешта што не' спојуваат и разделуваат со туѓинците. На некој начин, ја преведувам туѓоста во разбирливост, и ја разбивам очигледноста во необичности. Барем таков впечаток имам.

На некој начин, пишувам разгледници од внатрешните доживувања таму, за да не измине во заборав бесценетоста на тие мигови. Пишувањето ми е единственото навистина вредно нешто што го правам. Се' друго е заменливо.