��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

72

ИНТЕРВЈУ СО АКБАР ЕТЕМАД

Персискиот политичар и физичар е татко на иранската нуклеарна програма

Пишува: Бисера Фабрио

Доктор Акбар Етемад се смета за татко на иранската нуклеарна програма. Денес, во 70. година од својот живот, физичарот и политичар Етемад го знае секој детал, секоја техничка подробност од создавањето на нуклеарната технологија во моќната Персија во почетокот на 70-тите, кога како потпретседател на иранската влада и шеф на Иранската нуклеарна агенција започна да ја води нуклеарната програма во Иран. Имаше голема доверба од шахот Реза Пахлави, на кого мошне детално му ја објасни предноста на оваа нова технологија и со кого се состануваше неколкупати месечно, со часови разговарајќи за можностите и за примената на цепењето на атомите. Доктор Етемад е личност која најмногу знае за капацитетите на иранската нуклеарна технологија. Живее во Париз, каде што емигрирал непосредно пред Иранската револуција. Доби политички азил. Откако се забревта приказната за иранската нуклеарна програма, д-р Етемад е мошне баран соговорник. Сите би сакале да разговараат со него - разузнавачи, новинари, аналитичари, експерти, политичари, а д-р Етемад повеќе сака да ги одбегнува поканите отколку да ги прифаќа. Со новинарите на "Глобус" разговараше во својот париски стан, во јужниот дел на градот, токму во време кога е објавен извештајот за тоа дека Иран се откажал од развојот на својата нуклеарна програма во делот на вооружувањето уште во 2003 година. Имено, со тоа е намален притисокот врз Иран, иако Соединетите Држави не се откажаа од наметнувањето санкции на режимот на Ахмадинеџад.

Дали навистина е отстранета опасноста од можноста Иран да направи нуклеарна борба?

- Не е. Таа можност никогаш не е отстранета. Секоја земја што развива своја нуклеарна програма мошне едноставно може да го смени методот и да ја насочи кон одбранбениот сектор. Луѓето погрешно мислат дека најтешкиот дел е да се спроведе постапката за збогатување на ураниумот или со цепењето на плутониумот, а тоа не е вистина. А тоа е наједноставно. Најтежок е политичкиот дел.

Зошто?

- Затоа што поседувањето нуклеарна бомба е мошне силна политичка порака. Неколку години никој не се грижеше што се случува во Иран, тој беше целосно оставен настрана и меѓународната заедница навистина не ја интересираа ни кршењето на човековите права ниту, пак, фактот дека режимот не им е по волја. Немојте погрешно да ме разберете, никако не го поддржувам режимот на Ахмадинеџад, но само велам дека се' до моментот кога од Техеран не е објавено дека се тргнува со нуклеарната програма, апсолутно немаше никакви проблеми. Од мигот кога го направија тоа, вниманието на целиот свет е насочено кон Иран и постојано се говори само за Иран. Се закануваат со санкции, се говори за кршењето на човековите права, а сето тоа е последица само на една вест, онаа за нуклеарната технологија од Техеран.

Мотиви за бомба

Доколку Иран немал намера да развива сопствено нуклеарно оружје, односно нуклеарна бомба, зошто државните функционери беа толку двосмислени кога говореа за ова?

- Никогаш не работите на нуклеарно оружје со намера да го употребите. Тоа што го имате ви гарантира дека светските сили, меѓународната заедница особено ќе ве почитуваат. Иран ја постигна таа цел. Еве пример, начелно, Иран е демократска земја, а Пакистан не е. Иран нема нуклеарна бомба и може да му се закануваат со секакви санкции. Пакистан има нуклеарна бомба, но дали некој му приговара? Не. А Пакистан е еден од поголемите американски сојузници. Нуклеарната бомба што ја имате ви дава голема моќ. Таа ви е гаранција дека сте ценети во светот. Се' додека сте послушни и слушате што ви налагаат другите земји, вие сте слаби. Со нуклеарна бомба во својот арсенал вие сте непроценливо силни и се вбројувате во редот само на неколку земји во светот што ја поседуваат. Единствена земја која во војната ја искористи беа Соединетите Држави. Соединетите Држави беа и прва земја што имаше нуклеарно вооружување и, сфаќајќи ја неговата сила, наместо да ја уништи таа технологија, тие почнаа да ја развиваат. Секако, со нуклеарно оружје веднаш тргна и Советскиот Сојуз, сфаќајќи дека нуклеарниот потенцијал не смее да остане само во рацете на една земја.

Зошто Иран би сакал да има нуклеарна бомба?

- Покрај за сопствена сигурност, Иран живее во едно турбулентно опкружување. Да ја земеме, на пример, Ирачко-иранската војна која траеше осум години. Во Иран загинаа многу луѓе, а Садам Хусеин, кој во тоа време беше американски сојузник, го користеше хемиското и биолошкото оружје против Иранците, убивајќи ги масовно. Луѓето не ги забораваат таквите страдања и најмалку што може да направи Иран е да бидат сигурни дека таквите напади никогаш повеќе нема да се повторат, да бидат сосема сигурни. Иран не ги напаѓа другите држави, но сака да има своја сигурност.

Пренасочување на знаењата

Дали е доволна само најавата дека ќе развивате нуклеарна бомба?

- Да. Само најавувате дека ќе направите нуклеарна бомба и веднаш сите ќе говорат за вас и ќе ве гледаат поинаку. Зошто Израел има атомска бомба? Меѓу другото, токму и затоа за да ја поддржи својата моќ и затоа неговите потенцијални непријатели особено го ценат. Никој не преиспитува зошто е тоа така. Сега и Јордан пројавува желба да има своја нуклеарна програма и ќе видите како ќе почне да се менува ситуацијата кон таа земја. Јакнењето на позицијата на некоја земја не е нешто што Соединетите Држави го сакаат, бидејќи со тоа се менува нивната положба на суперсила.

Според неодамнешните процени на ЦИА, Иран може да направи нуклеарна бомба за една-две години. Дали е реално тоа?

- Не е проблем технички да се направи атомска бомба. Ако имате развиена нуклеарна програма, можете да ја користите во различни цели. Прашање на политичка одлука е кога ќе го пренасочите своето нуклеарно знаење во воениот сектор. Но, тоа секогаш е политичка одлука и политички ризик. Станувате силни, но и изложени. Поседувањето нуклеарна бомба е контрадикторно само по себе. Со тоа што ја имате гарантирате дека нема да ја користите.

Доколку некој, сепак, би одлучил да ја употреби...?

- Немојте за такви сценарија.

Дали терористичките организации можат да дојдат до нуклеарна бомба?

- За тоа е потребна голема инфраструктура. Се сомневам дека е можно тоа.

Ве нарекуваат татко на иранската нуклеарна програма, бидејќи со воведувањето на таа технологија започнавте уште во 70-тите, кога со светот владееше нуклеарна мода. Зошто на Иран му беше потребна нуклеарна технологија?

- Сфативме дека потрошувачката на енергија во Иран е голема и дека мора да сториме нешто за да го смениме тоа. Според моите пресметки пред 30 години, Иран до средината на 90-тите речиси ќе останеше без нафта, бидејќи ќе ги исцрпевме сите извори на енергија. Ни требаше нешто ново. Во тоа време западноевропските земји ја воведуваа нуклеарната технологија, Франција особено предничеше околу тоа прашање, така што и ние одлучивме да ја поттикнеме нашата нуклеарна програма што ја водев. Имав слобода да работам како што сакам и имав доволно финансиски извори да не се грижам за ништо, како и поддршката на шахот Реза Пахлави. Работевме мошне брзо. Само за една година во Нуклеарната агенција беа вработени повеќе од пет илјади луѓе и планот беше да се изградат четири нуклеарки кои требаше да почнат со работа од 1979 до 1982 година. Секоја година по една.

Најчиста технологија



Бевте ли свесни за опасноста од нуклеарната технологија?

- Да, но и тука често постојат забуни. Нуклеарната технологија е најсигурна од сите и е најчиста.

Франција, земјата во која сега живеам, е втора според бројот на нуклеарните електрани во светот. Целата своја енергетска политика Франција ја темели врз нуклеарната енергија и искористувањето на водите и во тие процеси воопшто не произведува СО2. Знам, ќе кажете дека се случија катастрофи, и тоа е точно. Чернобил беше голема трагедија, но да не заборавиме дека лошо се управуваше со кризната ситуација откако се случи хаваријата. Секако, секогаш е неопходна внимателност, но нуклеарната технологија не е таков бауч како што го претставува антинуклеарното лоби.

Запрена програма

Што се случи кога изби револуцијата? Дали таа ја запре нуклеарната програма?

- Да, прво револуцијата, а потоа и Иранско-ирачката војна. Во тоа време повеќе не живеев во Иран. Многу документација и погони што се направени беа уништени, Французите и Германците, чии компании работеа на нуклеарната програма во Иран, си заминаа.

Имаше обиди нуклеарната програма да се обнови, но, всушност, ништо конкретно не се случи се' додека Ахмадинеџад не проговори за желбата да се реактивира целата прикаска. Тогаш фокусот на меѓународната заедница повторно се сврте кон Иран и неговата нуклеарна програма.

Поранешна Југославија - а денес Словенија и Хрватска - ја има нуклеарната електрана "Кршко". Луѓето од југословенската нуклеарна програма од 70-тите редовно се состануваа со Вас. Зошто?

- Интересно е како успеавме да имаме толку цврста позиција во преговорите со Соединетите Држави. За вашата нуклеарка "Кршко" ги знам сите детали, бидејќи луѓето од делегацијата ми говореа за плановите, за технологијата, за динамиката на изградбата. Имено, за да можете да користите нуклеарна енергија, морате да добиете одобрение за тоа од Американците. Моравте да им поднесувате извештаи за се', вклучувајќи го и користењето на нуклеарното гориво, фрлањето на нуклеарниот отпад, капацитетите... Сметавме дека тоа засега во нашиот суверенитет и се поставивме мошне тврдо, така што Американците на крајот се согласија на систем на најповластена нација, што беше многу поблага варијанта.

Југословените беа фасцинирани од тоа и доаѓаа да ме прашаат за совет како да го решат тоа и како да добијат што повеќе во преговорите со Американците. Не знам дали на крајот и успеаја.

Добредојден во Иран

Како сте примени денес во Иран?

- Мошне добро. Кога повторно се говори за нуклеарната програма во Иран, јас сум добредојден. Денес таму сум пречекан како херој, бидејќи нуклеарната технологија повторно е актуелна. Одам еднаш годишно и фрапиран сум од брзината со која се развива општеството и колку млади научници имаме кои се мошне стручни, добро обучени и квалификувани за својата работа. Иако имаат помалку од 40 години, работат на мошне одговорна нуклеарна програма и, навистина, станува збор за врвни експерти. 

Американците се луди ако мислат да го нападнат Иран

Верувате ли дека Соединетите Држави воено ќе интервенираат во Иран?

- Навистина не знам. Но, не верувам дека на Американците би им било умно такво нешто по нивното искуство во Ирак. Тие и во Авганистан и во Ирак очекуваа дека целата акција ќе трае кусо, дека ќе имаат конкретни резултати, дека ќе го пронајдат Бин Ладен и хемиското оружје, но не се оствари ништо од тоа. Се сомневам дека ќе се осмелат повторно да тргнат во така опасна авантура.

Зар не би било логично да се очекува дека притисокот ќе се намали сега кога е јасно дека, всушност, нема нуклеарно оружје?

- Се сомневам. Што и да се случува понатаму, западните сили сакаат да продолжат со политичкиот притисок. Мислат дека со притисоците и со санкционирање на Иран ќе го решат проблемот на Блискиот Исток, а тоа не е вистина. Иран не е Ирак и е невозможно во Иран да се интервенира така како што го направија тоа Американците во Ирак.

Кои се главните разлики?

- Иран е голема, моќна држава. Неговиот народ, а Иранци се 70 милиони луѓе, е мошне единствен. Иран може добро да се брани, добро е опремен и може да се одбрани од Американците. Само лудите луѓе можат да мислат дека е можно лесно да се нападне Иран. Мислам дека тоа би било полошо од Виетнам. 

Атомски физичари во иранската гарда



Тезите на Буш дека Иран најмногу го спонзорира тероризмот и дека финансиски ги помага шиитските милитанти во Ирак, во книгата "Иранската закана" уште порано ги изнел Алиреза Џафазадек, водач на иранските дисиденти, кој прв ги објави податоците за нуклеарните постројки во Натанз и Арак. Токму откритијата на Џафарзадех доведоа до акцијата на ОН против иранската нуклеарна програма и до санкциите кон крајот на 2006. Во јуни 2007 година, Џафарзадех ги откри деталите за иранското предизвикување на секташкото крвопролевање во Ирак, а минатиот месец за "Фокс њус" рече дека сите најзначајни ирански атомски физичари и стручњаци за нуклеарно оружје, а ги наброја 21, се именувани на највисоки командни должности во Револуционерната гарда.

И шахот Реза Пахлави размислувал за изработка на нуклеарна бомба

Со шахот успеав да воспоставам мошне искрен, плоден дијалог. Имав одврзани раце и сосема доволно пари за да можам да ја водам програмата според свои замисли. Почнавме во 1974 година, но постојано имав една дилема. Шахот Реза Пахлави беше врховен командант на иранската војска и ме интересираше дали и кога ќе го постави прашањето за можноста за изработка на нуклеарното оружје. Ја чекав можноста да го прашам. А кога најпосле и го сторив тоа, не беше ни малку изненаден од моето прашање. Речиси два часа ми ја објаснуваше геополитичката позиција на Иран. Ми рече дека силната дипломатија, заедно со ефикасниот одбранбен систем, е темел на нашата надворешна политика. Нашата воена подготвеност во тоа време беше значително над сите други држави во регионот, освен еден важен исклучок, Советскиот Сојуз. Се' додека ниту една друга земја нуклеарно не се вооружа, немаше потреба ни да се размислува за такво нешто. Доколку еден ден се укаже потреба за такво нешто, тогаш ќе размислуваме за разни опции, ми рече шахот. Мислам дека тој беше мошне мудар политичар. "Во иднина, кога ќе се случат и ако се случат промени и доколку рамнотежата на силите значително се помести, ќе размислуваме за промените во нашата одбранбена политика. Можеби тогаш ќе одлучиме дека нуклеарното вооружување ни е потребно", така ми рече. И повеќе не се заморував со тоа дали ќе тргнеме со воената компонента на нуклеарната програма.