��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

26

ВЛАСТА ГИ ТОПИ ИДЕОЛОШКИТЕ РАЗЛИКИ

По трансферите на активисти на НСДП во ВМРО-ДПМНЕ

пишува: Александра М. Митевска
a.mitevska@globusmagazin.com.mk

фото: архива „Глобус“

Кога пред околу две години се формира НСДП, неверојатно прозвуче информацијата во некои медиуми дека на новата партија ќе и' се приклучат неколкумина дотогаш мошне експонирани кадри од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа прогноза се покажа како чиста шпекулација, за во меѓувреме да се случи обратна ситуација. Пратеничката Мирјана Секуловска неодамна премина во десничарската ВМРО-ДПМНЕ, збогувајќи се со НСДП, која се декларираше како изразито левичарска партија. Претходно, во ист правец пребега и Јагнула Куновска, која во почетоците на плурализмот беше во конзервативната МААК, така што многумина повеќе се изненадија од тоа како таа стана носител на листа на НСДП отколку од нејзиното преминување во ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш и сега новите социјалдемократи обвинија дека трансферите се мотивирани од лични и материјални интереси. За иронијата да биде поголема, пратеничките што излегоа од друштвото на Петковски му се приклучија на неговиот коалициски партнер Никола Груевски, односно преминаа од помалата во поголемата владејачка партија.

Во кусата историја на македонскиот плурализам пратеничките трансфери не се непозната работа. Трендот доби на интензитет во третиот парламентарен состав, кога ДА се раситни на неколку партии откако ВМРО-ДПМНЕ покажаа амбиции кон нејзините пратеници, а партијата на Васил Тупурковски не успеа во проектот за ново парламентарно мнозинство. Сепак, последниве примери се чинат најспецифични, бидејќи досега главно беше практика пратениците да се „одметнуваат“ во идеолошки поблиски политички опции и надвор од коалициите на кои им припаѓале пред да решат да ги сменат партиските бои.

n НОВИ ЧЛЕНОВИ Ситуацијата со трансферите од НСДП во ВМРО-ДПМНЕ е карактеристична и поради тоа што коалициските партнери од самиот почеток се сопнуваа на меѓусебните идеолошки разлики, што и ја наметна дилемата колку е принципиелна нивната коалиција. Затоа и прашање е до кога НСДП ќе може да ја толерира ВМРО-ДПМНЕ, која не ја крие амбицијата да го зајакне своето влијание во сите сфери, макар и на сметка на коалицискиот партнер, кој истовремено е соочен со два ризика: да остане во старото друштво и по цена на својот интегритет или да го напушти, соочувајќи се со неизвесноста што би му ја донела опозициската позиција.

Откако потпретседателот на НСДП, Иван Анастасовски, и' приговори на Секуловска дека е симптоматично како еден поранешен член на СДСМ преку НСДП преминува во ВМРО-ДПМНЕ, таа одговори дека „во ситуација кога имате огромна невработеност, сиромаштија и низок економски развој, ирелевантно е дали една партија е десна или лева“.

Секуловска, се чини, не е единствената која по последните парламентарни избори „сфатила“ дека „ВМРО-ДПМНЕ има визија за Македонија и дека прави вистински чекори за подобрување на животот на граѓаните“. По неодамнешното ажурирање на членството, од ВМРО-ДПМНЕ се пофалија дека на партијата постизборно и' пристапиле околу 20 илјади нови членови. Сепак, вмровците не веруваат дека масовниот прилив на нови членови е резултат само на магнетната привлечност на власта туку сметаат дека има нешто и во програмата „Во сто чекори“. Паралелно, со реевидентирање на членството се занимаваше и опозицискиот СДСМ. И оттаму „прикажаа“ извесен прилив на нови членови, иако за нив е недостижен резултатот што овој пат го постигна ВМРО-ДПМНЕ. Сличен биланс, како сегашниот на вмровците, социјалдемократите регистрирале во периодот по изборите во 2002 година, кога партијата се врати на власт. Иако во првите четири години поминати во опозиција од СДСМ се дистанцираа многумина дотогаш истакнати кадри, партијата по изборната победа не ја искористи можноста за замрзнување на „кадровското освежување“ - барем во почетниот период по преземањето на власта.

Оттука и се наметнува прашањето дали партиските бази се запознаени и колку им е блиска ориентацијата што (барем декларативно) ја избрала партијата на која и' се приклучиле или, пак, пресудна е можноста за остварување одреден личен интерес? И дали партиите повеќе се препознаваат по избраната идеологија отколку што се идентификуваат со својот лидер и со поекспонираните личности во партискиот врв?

n ПОМАЛ ЈАЗ Сублиматот од повеќе експертски дебати на оваа тема е дека македонските политички партии помалку држат до прокламираната идеологија, а повеќе ги користат сите расположливи механизми за да го зголемат списокот на членството и да придобијат поголем број гласачи. Според тоа, иако левицата би требало да биде ориентирана кон работничката класа, а десницата кон капиталот, активностите и програмите на нашите партии се програмирани да можат да претендираат кон повеќето целни групи и да го положат тестот на сите идеологии.

Ивица Боцевски, уште пред да стане портпарол на Владата на Груевски, од позиција на политиколог тврдеше дека во парламентарните демократии постепено се губат големите идеолошки разлики меѓу левицата и десницата. Можеби и затоа тој не се вознемири премногу кога опозициските социјалдемократи му забележуваа дека е нелогично нивни кадар да стане гласноговорник на влада со доминантно десничарска ориентација. Претходно Боцевски во една своја изјава објасни дека поделбата на левица и десница произлегла од начинот на кој седеле пратениците во Франција по револуцијата. Оние што се залагале за одржување на стариот режим се сместиле десно, додека пратениците што сакале промена на системот биле лево.

„Кај нас работите стојат поинаку, бидејќи поранешниот СКМ беше филтерот низ кој помина целата елита на државата. Оттаму СДСМ, како партија што произлезе од СКМ, настојува да се одржи таа елита, додека ВМРО-ДПМНЕ се стреми кон нејзино рекомпонирање. За нашата земја е карактеристично и тоа што нема еден партиски систем, туку постојат два потсистема – едниот на партиите на македонските Албанци, а другиот на сите други“, рече Боцевски, посочувајќи дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се сметаат за стожерни партии, кои немаат посебни целни групи, туку претендираат да ги освојат сите табори со различни политики.

Иако на ВМРО-ДПМНЕ и' се забележува дека често се потпира на популизам и ретерира кон левичарски мерки во обид да го одржи високиот рејтинг, политиколозите се согласуваат дека некои од чекорите што ги направи владејачката партија (како што е намалувањето на даноците или обидот за воведување веронаука) се типично десничарски. Затоа, пак, најголемиот партнер во власта или ги отфрла или ги презема како свои социјалните проекти што ги нуди НСДП, како што се предлозите за решавање на статусот на стечајците или за задолжително здравствено осигурување на лицата над 65-годишна возраст. Во меѓувреме, и опозицискиот СДСМ, на кој со години му се забележува дека е близок со олигархијата, најави враќање на идеолошките корени преку автентична програма на македонската социјалдемократија. Во тој правец од штабот на СДСМ стаса и предлогот за загарантирана најниска плата од 8.100 денари.

Бегства кон центарот

Само во овој состав на законодавниот дом се случија уште шест преминувања од една во друга опција. Откако беше исклучен од СДСМ, Есад Рахиќ реши да стане независен пратеник, а неговиот дотогашен сопартиец Кире Гештаковски замина во Партијата на слободни демократи на Љупчо Јордановски. ВМРО-НП влезе во парламентот со шестмина пратеници, а сега има тројца откако Весна Јаневска и Валентина Божиновска станаа независни, а Ѓорѓи Оровчанец ја формира Нова алтернатива. Првиот трансфер го направи Фадил Сулејмани, кој исто така се одлучи за независно дејствување, напуштајќи ја ДУИ. Мошне специфичен беше случајот во претходниот парламентарен состав, кога ВМРО-ДПМНЕ седна во опозициските клупи со 26 пратеници, од кои подоцна дури 13 заминаа во ВМРО-НП, а тројца во Земјоделската партија. Пред крајот на мандатот на овој состав и петмина социјалдемократи преминаа во новата НСДП.