��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

30

МАКЕДОНИЈА ЛЕСНО ГИ ЗАБОРАВА ХЕРОИТЕ

Зошто не е снимен филмот за Драгољуб Боцинов, контраадмиралот што застана на чело на првиот Генералштаб на АРМ и човекот што го спаси Сплит од бомбардирањето на ЈНА

пишува: Љубомир Костовски

l.kostovski@globusmagazin.com.mk

фото: архива „Глобус“

Вицеадмиралот Драгољуб Боцинов несомнено е еден од ретките офицери во поблиската историја кој блесна во еден многу тежок период и за Македонија и за тогашната поширока татковина и тоа со потег што Његош го нарекува ’чојство‘ и кое е многу посилно од самото јунаштво. Овој висок офицер на ЈНА, свесен за својата жртва и за евентуалното страдање на своето семејство, одби да стрела на градот во кој го мина поголем дел на својот живот поради бесмисленоста на потегот, поради свеста дека ќе страдаат цивили и поради тоа што не ја признаваше таа - тогаш веќе граѓанска војна - за своја. Му беше монтиран процес во кој беа вперени многу очи, а кон кого неговата Македонија се вклучи многу доцна, оставајќи го осамен предолго својот висок офицер.

ТОПЛО-ЛАДНО И во својата ново-стара татковина адмиралот доживеа топло-ладни моменти: час беше дочекуван и приман како херој, час беше трган од одговорни задачи за кои тој имаше знаење и вештина. Притисокот за определување кон некоја политичко-кадровска опција беше пресилен, а некои наши колеги-новинари очевидно умееја да ја „солат“ ситуацијата во МО на таков начин што само ги зголемуваа тензиите во војската и околу неа. Некаде по неговото пензионирање, како началник на ГШ во 1996 година, се јави и идејата за снимање игран филм, под работен наслов „Лора“, во македонско-хрватска копродукција, што влезе во фаза на претпродукција, но и преку ова идно уметничко дело се прекршија дивергентните сили што го следеа адмиралот во последните децении од животот. Како една мала компензација, два дена по неговата смрт, во септември 2003 година, на МТВ беше прикажан документарен филм, произлезен од маргините на крупните чекори кон грандиозната и нереализирана копродукција во играната сфера. Речиси пет години од заминувањето, Боцинов, се чини, е вистински заборавен и кај нас и во неговиот Сплит, каде што некоја улица залудно чека да го добие (ветеното) име на човекот што го спаси градот.

„Јас сум хуманист“, ќе рече во една пригода. „Не можев да стрелам во својот град. Само едно мало промашување со минофрлач и можев да погодам детската градинка, која е само десет метри од мојот дом во Сплит. Ми велеше тогаш мојот син - тато, тогаш јас тебе би ти пресудил. А имавме 480 гранати од 120 милиметри и можевме со таа сила да го урнеме целосно Сплит. Мојата ’вина‘ тогаш беше што не сакав да бидам тој идиот. По сецесијата на Словенија, сфатив дека Југославија повеќе ја нема. Би бил глупав или слеп офицер ако не го видам тоа, а уште и да отворам оган врз градот. Можеа да ме убијат за тоа и јас му реков тогаш на судијата Медиќ дека ги сакав сите луѓе како што го сакам своето семејство – па, 42 години минав од Пула до Бока. Носител сум на ’Златниот грб‘ на Шибеник, па на Бронзена плакета на островот Ластово, на кое дадов се' што можев како човек - не за да уривам, туку за да градам. Нема таква сила што ќе ме натераше да рушам“.

За време на војната, меѓу цивилната одбрана и полицијата на Сплит и Армијата Боцинов вели дека нема загинат војник, освен еден - извесен капетан на фрегата Зјајиќ, кој загинал бегајќи од Каштел Суќурац. Тука е и еден резервист што загина во играта која ја знаеме како „руски рулет“. А во Суќурац, според адмиралот, можела да се случи еколошка катастрофа - биле минирани објекти, кои ако експлодирале, би довеле до масовно труење на населението на широко подрачје.


Опасноста за овој град не доаѓаше од директната артилериска стрелба кон него, туку и од минирањето на "Лора", која би го кренала во воздух западниот дел на Сплит

ПЛАН Во ЈНА во 1991 година е направен план за бомбардирање на Сплит, со мешана минофрлачка батерија со дострел до 6 километри. Биле означени 34-38 цели. Направен е план со точно утврдени координати, но Боцинов ги скрил. Касата на Боцинов била разбиена со цел да се најде таа „хартија“, но планот бил далеку од воените објекти - во домот на неговиот пријател Перо Кољанин од селото Муц, така што и домаќинот не знаел што има дома. Адмиралот кажува дека целите на стрелањето од Лора биле командата на полицијата, бившиот армиски гарнизон во центарот на градот, радиостаницата, Собранието на општината... Оние што сакале да има бомбардирање по секоја цена, ги поставиле орудијата и би стрелале и без план, но Боцинов го зел до себе оној што можел единствено без него да дава наредби - командантот на минофрлачката единица, кој не се осмелил да му противречи.

„Во југословенското безумие некој свесно и со одредена цел ги уриваше сите војнички и човечки принципи, воопшто. Дали основната цел беше да има повеќе урнатини и жртви? И тоа во земјата која некогаш беше заедничка, држава на сите нас, колепка на сите, на луѓето со кои бевме блиски, толерантни, се дружевме, се зближувавме и логично животно и роднински се поврзувавме. Каде останаа оние основни тактички начела и принципи дека дејствата во војната треба да се водат витешки, кога постојано се најавуваа нови и нови преговори, односно додека чекавме нови решенија и се прашувавме што ќе биде со нас“, вели адмиралот Боцинов во едно од своите пишани сеќавања. „Но, тоа беше војна во која не важеа никои принципи и тоа беше граѓанска војна кога на секој начин се сакаше непријателот едноставно да се сотре, да се уништи. Војната затоа беше се' покрвава. Кои беа цели на војната, не ни беа познати; тоа стана појасно дури во 1993 година, кога Белград истакна дека целите се да се заштити српскиот народ во Краина, а ЈНА треба да послужи да се одредат границите на третата Југославија. За што се боревме? Не сакав да бидам инструмент или со мене да се манипулира, како што се манипулираше со Македонците во балканските војни и во Првата светска војна, кога се боревме на двете страни на фронтот?“

Интересно е кажувањето на Боцинов дека додека бил затворен во Лора, до рака му дошол романот на Петре Андреевски „Пиреј“. Таму ја нашол паралелата со судбината на Македонците, впрегнати постојано да војуваат за туѓи интереси, но и силата да ги издржи тешките денови што му претстоеле.

„ЦВВШ во Сплит со својот наставно-научен потенцијал, континуитет, традицијата и локацијата претставуваше амбиент и можност за оспособување врвни кадри, вели Боцинов, за сите видови бродови за воената морнарица“. Но, на крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, настаните во тогашната држава, особено официјалниот распад на таа држава во јуни 1991 година, сета таа ситуација се пренела и почнала да се рефлектира и во воените редови, конкретно и врз центарот. Дел од составот, кој во нормални услови имал илјада луѓе, користејќи ги тогашните прописи, ја напуштал службата во тогашната армија. Најпрво Словенците, па Хрватите... „Како и да е, редовите се празнеа, бројната состојба се намалуваше, а борбената способност опаѓаше. Луѓето не можеа да одат против своите сфаќања, тие се определија по диктатот на своите држави и отидоа да ги бранат своите граници, односно независноста. Оваа нечиста војна, овој хаос, оваа општа конфузија не беше нивна борба, како што не беше ни моја војна“, уверливо говори Боцинов. „Не дозволував никој да ми одлучува, да ме жртвува, да ме брише од списокот на живите... да ми наредува некоја ’пресудна одбрана‘ за целите и идеите кои мене не ми беа познати. Иако бев ортодоксен војник, јас сакав да си го зачувам својот интегритет“, пишува тој.


Кога се прикажуваа урнатините во Вуковар некои луѓе во киносалата плескаа, а јас бев воспитуван како хуманист и тоа не можев да го прифатам, вели Боцинов


СОВЕСТ Адмиралот чувствувал дека го има безбедносниот систем на ЈНА на својот грб од почетокот на 1990-тите. „Прво се наоѓав во ситуацијата кога бев осамен офицер од несрпска националност, а составот беше 90 отсто српски обоен. Во штабот и во воената команда на Сплит имаше 10 старешини од кои осум беа Срби, а само јас и Франковиќ не бевме. И тие не сакаа од почеток да прифатат Македонец да им се најде на чело во таа ситуација - им требаа ’проверено српски‘, значи екстремистички настроени офицери, кои ќе ја спроведат наредбата на воениот врв. И ние другите, практично, сметавме оти тие вршеа етничко чистење и Армијата го загуби атрибутот на повеќенационална армија и се претвораше во еднонационална, армија на еден народ, на една држава, а јас бев Македонец и не можев друго да бидам. А ако Југославија веќе не постои, центарот не треба да се сели, бидејќи се наоѓа во Сплит и и' припаѓа на Хрватска. Реков - оние што сакаат да си одат, нека си одат, а ние ќе останеме. Кога се прикажуваа урнатините од Вуковар, во амфитеатарот некои луѓе плескаа. Не можев да го сфатам тоа, затоа што сум воспитан како хуманист.

И, наводно, јас бев човек од мешан брак, со жена Хрватка, што според некоја нивна теорија сите тие луѓе од мешани бракови се предавници. Втора работа беше што сакав сите проблеми да се решат по мирен пат, преку разговори, преговори и мојата одлука да не се пука на Сплит е одлука на мојата свест и совест. Јас бев заточеник на мојата совест и така и завршив. И сметам дека мојот најголем чин не е чинот адмирал, туку чинот што не дозволив да се урне Сплит и што придонесов да остана неоштетен“.

Боцинов е уапсен на 2 октомври 1991 година, рано наутро, во 3 часот. „Во собата упаднаа началникот за безбедност и двајца офицери, почувствував бодење од левата страна на градите. За што се работи, прашав. ’Морам да ве апсам‘, изјави едниот од нив. Кој е потпишан на барањето, не можев да видам. Најпрвин кружеа со автомобилот, потоа бев вратен во Лора и сместен во тукашниот затвор. На 17 истиот месец началникот ни подели бели мантили, да фингираме дека сме дел од санитетски персонал и со хеликоптер ме сместија во Истражниот воен затвор во Белград“.

Адмиралот е често прашуван каква казна очекувал за сите оние деликти кои, наводно, ги сторил според обвинението? „Сакам да кажам дека уште во ноември 1991 година адмиралот Бровет, на прашањето на една слушателка на радиото Б-92, каква ќе биде судбината на уапсената група ’Боцинов‘, одговори дека против нас ќе биде поднесено обвинение, ќе бидеме изнесени пред суд, потоа ќе бидеме судени и осудени. Од тој аспект можам да кажам дека знаев дека ќе бидам казнет, иако не го знаев обвинението. Според тој акт, што го добив многу подоцна, сфатив дека обвиненијата кон мене нараснале како квасец. Истрагата во исто време се водела во командниот центар во Бока и тоа од 15 до 25 јануари 1992 година, значи официјално три месеци по апсењето“. Истражниот судија ги сослушувал сведоците од гарнитурата што ја подготвиле органите на безбедноста и врз основа на кажувањето на сведоците јавниот обвинител го подигнал обвинението. Тоа на Боцинов му е врачено на 17 март, три месеци откако е составено, односно по шест месеци од апсењето. Тоа се темели на член 125, став 1 од Кривичниот закон на државата која не постои и поради уривање на одбранбената моќ на земјата која, исто така, не постои.

„По завршувањето на процесот што траеше 20 дена, казната беше 18 месеци строг затвор и надомест на трошоците од целиот судски процес. Од тоа, издржав 9 месеци во ќелија во Белград и ми остануваа уште толку. Но, во пресудата беше назначено дека можам да се бранам од слобода. И казната ми е потврдена во 1993 година, за што на пресудата вложив жалба, но Врховниот суд ја потврди пресудата од 18 месеци“.

БЕГСТВО Додека осуденикот на режимот на Милошевиќ ја чекал конечната пресудата во Белград, живеејќи во станови на пријатели, добил идеја да побегне во Македонија. Но, немал пари и пријатели што би ризикувале да му помогнат. Добил кеш од адвокатот Боби Спирковски, кој му е внук, па се качил во автобус на „Млаз“, каде што се криел и седнал на седиште дури кога ја минувал границата на Табановце, каде што се' уште се градел терминалот.

„Бев истоварен пред хотелот ’Гранд‘. Помнам дека беше 26 јули 1992 година. Ме чекаа со воодушевување роднините, пријателите и другите. Веднаш потоа беше организиран прием кај претседателот на Републиката Киро Глигоров, истовремено и врховен командант. Претходно немавме лични контакти, но се познававме по идеите и по работите што ги толкувавме, онака како што треба да ги толкува чесен и искрен патриот на Македонија. Нашата средба беше многу топла, многу коректна, а Глигоров ми понуди да одлучам што ќе работам понатаму. Му реков дека не се враќам во Хрватска и ќе останам овде. Дојдов со еден дел од семејството, а другиот дел дојде подоцна со мене. Тој ми рече да размислам и ми понуди опции: дали ќе сакам да работам во Министерството за одбрана или да одам во пензија. Јас ја прифатив солуција да бидам на кое било формациско место (логично, според мојата претходна функција) во АРМ. Така и се случи“, пишува во сеќавањата.

ГРИЖА Боцинов најпрвин настојувал да се погрижи за образованието на кадарот што се вратил од ЈНА дома. „Во Македонија останаа или дојдоа десет генерали и 2.400 пониски офицери од некогашна ЈНА. Проблем беше дооформувањето на кадетите што заминаа од школите на ЈНА и кои не можеа да останат на улица“, се сеќава на поблиското минато Боцинов во своите дневнички записи. Веднаш ја сфатил важноста од соработката со пријателски наклонетите војски од светот, особено со меѓународните трупи од регионот, во што вложил голема енергија.

Но, она што му се случувало во Сплит, му се повторило и во Скопје - Боцинов едноставно станал лесна цел за пребивање на некои локални долгови. Според истражувањето на „Глобус“, еден и денес виден функционер на позиција го прашал јавно дали ќе пука на идните демонстранти, опозиционо настроени, кои ќе дојдат пред парламентот, по којзнае кој повод во 1995 година?! Тоа силно го погодило адмиралот, во Македонија генерал-потполковник, поради споредбата „не пукаше на сплиќани, ќе пукаш на своите“! По совет на блиските, тој не се впушта во дијалог во весниците со познатиот економист, кој денес би требало барем да го гризе совеста. Потоа доаѓа напис во „Фокус“, исто така од 2005 година, во кој се говори за интригите во ГШ, за некакви „надворешни шпиони“ што ни ја поткопуваат армиската подготвеност, по што се нарушуваат односите во армискиот врв, а пензионирањето на Боцинов е во функција на некакво „денствување“ на кризата, во една поширока смисла на зборот.

Тешко погоден од смртта на сопругата во 1999 година, Боцинов умре не дочекувајќи го 70. роденден.

Проектот „Лора“ зависи од Боби Спирковски

Идејата да се сними филм за драматичните години што ги живееше адмиралот настанала во „Македонија филм“. Боцинов, особено по пензионирањето, секој ден беше гледан како доаѓа на утринско кафе кај овој македонски продуцент. Според сега пензионираниот директор на оваа филмска куќа Мето Петровски, идејата ја прифаќа лесно тогашниот министер за култура Слободан Унковски,. Тој доделува на „Македонија филм“ некои почетни средства од 50 илјади марки. Секој ден се снимаат сеќавањата на адмиралот за неговите воени денови, лентите се префрлуваат во книга, а книгата станува - сценарио. Се оди кон трета верзија на сценариото, но тука, според Петровски, недостасува клучниот дел од идните сцени, оние што треба да донесат драматика – судењето. Тоа трае шест месеци, а за тоа време единствен достапен сведок кој колку-толку знае нешто за тој период е адвокатот Боби Спирковски, инаку внук на адмиралот, кој во вториот дел на судењето се вклучува во одбраната. Тие делови на сценариото треба да ги напише токму „фишкалот“.

Според Мето Петровски, со промената на политичкиот врв во 1998 година, се менува ставот кон проектот „Лора“, а откупот на авторските права за книгата и сценариото од страна на актуелниот министер за транспорт и врски Спирковски е примен во пошироката јавност и како можност за забрзување на проектот. Со падот на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ - ДА, Спирковски, кој е дел од партијата на Циле, ја нема таа волшебна моќ, а наскоро и заминува од земјата, веројатно и поради некои финансиски опашки што го загрозуваат. Последното споменување на ова министерско име е околу наводниот фалсификуван документ со кој си го присвоил имотот на сопругата.


Од снимањето на „Генералот“ во Корчула

Одолжувањето на првата клапа по заминувањето на Спирковски е компензирано со снимањето документарен филм под наслов „Генералот“. Автор е младата режисерка Маја Младеновска, која завршила режија во класата на Вера Хитилова во Прага, а сценарист е Блаже Миневски. Екипата, заедно со Боцинов, престојувала во Сплит и на Корчула, каде што јунакот од филмот имал семејна куќа. Според зборовите на Младеновска, нивниот централен лик од 30-минутниот филм, снимен на 35 милиметарска лента, постојано коментирал „Јас сум во аут, јас сум адмирал во политички аут“, што говорело за неговата драма која, како кај некој антички херој, постојано висела над неговата глава и барала во секоја минута од својот живот да се одлучува за нешто или за некого.

„Генералот“ е завршен дури во 2003 година и е емитуван непосредно по заминувањето од овој свет на човекот кој долго и трпеливо стоел пред камерата на снимателот Дејан Димески и пред микрофонот на тонецот Варнава Андреевски.

Мето Петровски денес коментира, жалејќи што не е реализиран проектот „Лора“, дека Македонија докажа дека не умее да создаде критериуми според кои ќе ги вреднува своите херои и ќе најде начин постојано да се сеќава на нив, да има константен однос. Сценаристот од „Генералот“ - писателот Миневски, кој секако најдолго има поминато време со високиот офицер на АРМ, не крие дека Боцинов последните години од животот бил многу резигниран човек, свесен дека бргу го забораваат и дека не ги искористиле докрај неговите потенцијали.

И ако денес трагате за испишаните стотини страници на книга, на сценариото или на другите документи врз чија основа требаше да биде снимен филмот, ќе сфатите дека трагате за некакво „азно“ кое небаре излегло од бајките за „Илјада и една ноќ“?! Од нив ниту трага, ниту глас, а сите учесници во проектот ве упатуваат кај оној другиот. Не можете да го видите ниту документарниот филм, кој само еднаш е прикажан на телевизија, бидејќи, според Младеновска, никој не знае каде е употребливата копија.

(За корекцијата на претходните четири пасуси објавена во бројот 48 кликнете овде)

Тоа само покажува како го помагаме заборавот на херојот на новото време, бидејќи сеќавањата за него, како песокот низ раката, истечуваат далеку во минатото.

Писмо до сопругата Марија


Боцинов од стартот на АРМ верувал дека меѓународниот фактор е нашето најсилно оружје

По долга и неизвесна одвоеност од своето семејство, Боцинов од Лора успеал да и' испрати писмо на сопругата Марија на 27 септември 1991 година. Во него тој вели дека е жив, „но на мене ми се вршат силни притисоци и не знам како ќе се сврши сето ова. Моја цел е да бидам со тебе“, пишува Боцинов, кој кажува дека поднел барање за заминување уште на 25 септември, но нема кому да му го врачи. „Се' правам да не дојде до меѓусебно крвопролевање, а тоа најлесно ќе стане ако добијам брод и ги испратам оние што го сакаат тоа назад во Бока“, стои во писмото, во кое се објаснуваат извесни кадровски решенија што укажуваат дека од Белград ќе дојде замена со чија помош ќе биде уценуван.

Инаку, една недела претходно, во Лора со брод се истоваруваат резервисти од Бока за кои Боцинов вели дека биле недисциплинирани пијаници. Ги провалиле сите кантини и пиеле до бесвест. Еден од нив и загинал додека играл руски рулет. Дојденците барале да им се даде посилно оружје, но адмиралот не го го сторил тоа. Резервистите бргу се зближиле со поекстремните офицери во Лора и Боцинов бил свесен дека е сметан за предавник и дека не му мислат добро. Истовремено, одбил една пратка со силен експлозив со кој требало пристаништето и Лора да бидат „обложени“. Се работело за 60 мини од типот „саг 2“, кои содржеле 5,4 тони експлозив, со кои, ако дошло до палење, би летнала во воздух не само Лора, заедно со екипажот во неа, туку и крајбрежниот појас на западниот дел на градот. „Сфатив дека бевме жртвувани заедно со објектите, со луѓето, со системот - тоа беше таа команда за пресудна одбрана“.