��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

41

ОД ДИСТАНЦА: Реконструкцијата нема да промени ништо

ВАСИЛ МИЦКОВСКИ

Не може да смени нeшто онаму каде што не се случува ништо. Да бидам попрецизен, не може да се реконструира нешто што воопшто не е ни конституирано

Деновиве се' поактуелна е темата за можната реконструкција на Владата. Некои медиуми тврдат дека ќе стане збор за реконструкција што ќе опфати само неколку министри, други, пак, дека ќе биде пакет-реконструкција, односно дека со неа можеби ќе биде опфатена и една третина од постојниот владин кабинет, што е малку веројатно.

Уште во старт би сакал да потенцирам дека какво било реконструкција под водството на актуелниот премиер не би сменила ништо ниту за државата, а ниту за самите институции. Не може да смени нешто онаму каде што не се случува ништо. Да бидам попрецизен, не може да се реконструира нешто што воопшто не е ни конституирано. Таква е оваа влада, под овој премиер, каде што само еден човек свири виолина, а целиот оркестар му ги врти страниците. А народот? Народот аплаудира и повикува на бис.

Кога некој добро би ја погледнал нашата актуелна политичка реалност, би забележал дека извршната власт е окарактеризирана со премиер од типот primus supra impares (прв врз нееднакви), што би значело дека нашиот премиер институционално е посилен и од американскиот претседател.

Сепак, реалната позиција која нашиот систем ја наметнува и која секој премиер би требало да ја почитува е primus inter impares (прв меѓу нееднакви), додека би било пожелно, гледано од аспект на зголемување на политичката одговорност кај премиерот, а не само со политичкото фалбаџиство, да се воведе принципот што е познат како германскиот тип на премиерствување - primus inter pares, односно прв меѓу еднаквите.

Тоа би значело дека премиерот не е нешто одделно од својата влада и дека самиот гарантира за своите постапки и за постапките на своите министри. Односно, во практиката тоа би значело, ако се менува министер, паѓа дел од владата, а со самото тоа паѓа и премиерот.

Го прифаќам мислењето дека во тој случај би станало збор за преслаб премиер, но подобро е слаб премиер опкружен со силни личности отколку силен премиер со бледи личности околу него.

Од друга страна, и споменатиот среден модел на primus inter impares е прифатлив, односно, можеби и најприфатлив за нашиот политички систем, но практиката на нашето премиерство, односно практиката на актуелниот премиер, ни демонстрира како таквата позиција може лесно да биде злоупотребена. Тоа е позиција на премиер кој не одговара за постапките на своите министри. Таа позиција ниту го мотивира премиерот да се опкружува со квалитетни соработници ниту, пак, го симнува од власт кога неговите министри си заминуваат. Односно, премиерот си функционира сосема независно од својата влада или, како што е случајот кај нас, функционира или се прави така да изгледа дека само премиерот е важен. Кај нас, за жал, вистината е дека политичката сцена е преплавена со ликот и (не)делото на актуелниот премиер, додека министрите не само што се релегирани во некоја минорна улога туку речиси и како да не постојат.

Досега, во повеќе случаи укажував колку е важно и добро премиерот да биде комплетна личност или барем да се стреми кон тоа. За добар премиер се потребни способности и квалитети на многу полиња. Второ, тој треба да биде личност која знае да унифицира наместо да дели. Но, тоа, бездруго, не подразбира и не претпоставува дека премиерот треба да биде центарот на универзумот и дека треба да стои неговото име зад секој политички чекор или улога.

Нашиот премиер е собирач на лаври. Како некој антички лик, тој ужива во почестите. Што и да се случува во земјава, заслугата за тоа му припаѓа нему. Поточно, Груевски, едноставно, ја зема. Дали се работи за економија, за образование, за надворешна политика, значи, од најбитните до најбаналните нешта, заслужен е нашиот премиер. Се отвора некој објект и ете го прв Груевски. Се промовира ли некоја нова политика или ветување, во името на Владата ќе говори Груевски. Ќе се преведуваат и ќе се издаваат книги - Груевски е тука да ни го каже и тоа. За се', буквално за се' што се случува во земјава, се создава впечатокот дека Груевски е заслужен и неопходен. Уште малку недостига и изгревањето на сонцето или промената на годишните времиња да ги дочекуваме со изјава од Груевски. Мегаломанијата и егоманијата на премиерот се неограничени. Човекот свесно сака да ни ја исполни со свое присуство секоја сфера од нашето политичко и секојдневно егзистирање.

Се прашувам, за што служат тогаш министрите? Работат ли тие воопшто и сработуваат ли нешто? Дали тие имаат одговорности што им прилегаат на нивната функција? Дали имаат некаква моќ и компетенција или за се' мора да одлучува Груевски? Станува толку очигледно дека немаме ниту еден силен министер во Владата, немаме ниту една силна политички одговорна личност, наспроти премиерот кој е сеприсутен кога треба да собира аплаузи. До пред неколку месеци, од министерското сивило отскокнуваше Зоран Ставрески, човекот од доверба на премиерот. Но, по случајот со продажбата на ТЕЦ „Неготино“ што се изроди во аферата „Хач“, по посната инвестициска 2007 година и по незаживеаната законска гилотина, Ставрески се' помалку се експонира како идеолог на преродбата.

Груевски го избра моделот на собирање лаври за да го одржува и онака високиот рејтинг во јавноста. Тој модел на засенување и на поклопување на сите други луѓе од власта, изгледа логичен и пропулзивен при висок рејтинг. На тој начин и се создава маѓепсаниот круг од кој не може да се излезе. Но, да не заборавиме дека негативните работи од таквата прагма и од вкупната политика на Владата се' уште не излегле на површина. Кога ќе излезат, а еден ден мора да излезат, таа супсумирачка политика на Груевски ќе се покаже штетна и за Владата и за него лично. Баш ме интересира во која дупка Груевски ќе си ја скрие главата кога на јавноста ќе и' здодее политиката на враќање на оптимизмот.

Институционални глупости Но, индивидуалните каприци се товар само за современиците, додека институционалните глупости се товар за иднината на една земја.

Немањето силни личности или политичари на власт е голема штета за една држава, за градењето на нејзините човечки капацитети, институции и воопшто за самиот систем. Тоа што Груевски е насекаде е невкусно. И тоа е крај на приказната за институционалната капацитираност на државата. Тоа што никој друг освен него не е ставен да работи одговорно или да учи како да работи одговорно е катастрофално за една млада и кревка демократија. Ако министрите се безгласни букви, значи дека и самите институции кои тие личности ги водат се занемарени и немаат простор за напредок и усовршување. Ако нашите министри не работат или не им се дава да работат или, пак, ако се небитни, тогаш што станува со пониските ешалони кои се вистинскиот костур на секоја институција.

Владата на Груевски или Груевски на Владата не и' дава никакви компетенции и сега е разбирливо зошто нашиот премиер одбрал да се опкружи со послушници и климоглавци, а не со луѓе кои ќе работат на унапредување на нашите институции и на систем и со тоа ќе ја подобрат состојбата во државата. Оттука, можеме да бидеме сигурни дека нашите министерства и сите други институции, наместо да се пополнуваат со компетентни луѓе кои ќе бидат мотивирани вредно и динамично да работат, ќе бидат исполнети со закржлавени апаратчици на владејачката партија.

Гледање сеир Каде се во сето ова постарите и поискусни политичари за да направат нешто и да помогнат? Каде се Стојан Андов, Тито Петковски, Арбен Џафери или Мендух Тачи, каде е Ѕинго? Кога се конституираше оваа Влада, јас изразив жалење што Груевски не направи епистемиолошки рез во резонот како треба да изгледа и како да функционира владиниот кабинет. Имено, во македонскиот плурализам стана практика лидерите на помалите владејачки партии да не влегуваат во Владата, што е нетипично за зрелите демократии. Ние сме меѓу оние ретки држави каде што се мисли дека лидерот на партија, која е дел од владејачкото мнозинство, ќе биде покорисен како пратеник отколку како дел од егзекутивата. Груевски не ја промени таа лоша практика од минатото.

Значи, Андов, Петковски, Тачи и Ѕинго се дел од владејачката коалиција, но нивниот личен интерес преовладува пред интересот за државата. Тоа се политичари кои со години се дел од парламентот и секој од нив стекнал огромно политичко искуство. Тоа се политичари кои, доколку влезат во егзекутивата, би можеле значително повеќе да влијаат врз работењето на Владата, да сменат нешто во министерствата, да пренесат некои искуства. Но, тие мудро си седат во пратеничките клупи. Наместо да имаат желба нешто да ги научат помладите и неискусните, тие се затвориле во своите византиски замоци и си гледаат сеир. Мислам дека ни катаклизмичен земјотрес не би ги помрднал овие мастодонти на македонската политика. Немаат доблест, ниту храброст барем еднаш да излезат од своите вазални кабинети и да ја напуштат својата вечна стратегија за политичко одржување - колку подалеку од одговорноста и од задачите толку подолго ќе издржиме и ќе траеме во политиката.

Ситуацијата е сериозна, а луѓето не сакаат да ја согледаат вистината. Никој не сака да каже ништо за состојбата која актуелно ја доживуваме под оваа влада, под ова масовно перење мозок. Ниту постарите политичари, ниту интелектуалците, ниту најголем дел од новинарите, а да не зборуваме за обичниот граѓанин, кому единствено оправдание му е дека од сите овие категории има најмалку средства за да реагира, не чувствуваат потреба гласно и јасно да кажат дека се претера со политичката манипулација.

Одбравме да се опиеме со лажен оптимизам и со лажен економски прогрес, но и кога економскиот прогрес би бил реален, ниту тогаш оптимизмот не би бил оправдан. Држава е многу повеќе од економија. Држава е инвестирање во младите, во способните, во самите нас и во нашите институции за да имаме стабилен и прогресивен систем. Наместо тоа, ние само се трошиме за баналности и си веруваме на тоа што Груевски секојдневно ни го инјектира во мозокот. Хегел рекол дека оној човек кој одвреме-навреме не застанува сам со себе да си расчисти што е в ред, а што не е, туку само слепо го впива она што друг му го кажува, дека не е човек.

Јас не сакам да бидам апсолутен, му ја препуштам таа функција на премиерот, но нереално е неговиот рејтинг и сликата во јавноста да се одржуваат на такво високо ниво додека државава се уназадува. Премногу имаме поминато за бидеме толку наивни и мрзливи да и' погледнеме на вистината в очи. Повторно велам дека немаме никаква потреба и нема да извлечеме никаква корист од ситни наполеончиња или возвишени харизми. Настрана фактот што Груевски ниту поседува генијалност ниту има некаква харизма, ние граѓаните сме оние што му ги даваме инструментите и квалификациите кои премиерот ниту ги поседува ниту му се вродени. Убеден сум дека за нашите и за неговите постапки скапо ќе платиме.

Сега враќање нема и треба допрва да научиме што е реалност, а што добар маркетиншки трик.