��oj 30   13.11.2007
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 28

Број 27

Број 26
 

Број 25

Број 24

Број 23

Број 22 

Број 21

...

20

СИТЕ ПРЕЗИМИЊА НА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА

Историјата на спорот околу името

пишува: ДИМИТАР ЧУЛЕВ
фото: архива „Глобус“

Цели 16 години трае грчкото противење на името, "процес" кој започна наредниот ден по 8 септември 1991 година и прогласувањето на самостојноста на Република Македонија. ЕУ (тогаш се' уште Европска заедница) се држеше резервирано кон осамостојувањето на најјужната република на тогашна СФРЈ, која почна да пука по внатрешните шевови. Иако беше единствената која имаше позитивна оцена од францускиот правен експерт Робер Бадинтер, Македонија не беше признаена од ЕЗ зимата 1992 заедно со Словенија и со Хрватска, ни во април истата година кога беше признаена Босна и Херцеговина, иако последните две не ја контролираа својата територија поради војната која почна на просторот на бивша Југославија.

ПРОТЕСТИ Во Грција во тоа време се организираа масовни протести во Атина и во Солун каде што милионска маса хистерично извикуваше "Македонија е грчка". Паралелно со ребрендирањето на северот на земјата, кога од подметнувачи за кафе се' до таблата за влезот во Грција беа означени со македонската "ѕвезда од Вергина", ликот на Александар Велики и името Македонија, Грција го зголемуваше притисокот внатре во ЕЗ. Тоа резултираше со донесувањето на таканаречената Лисабонска декларација на самитот на Европска заедница во јуни 1992 година на инсистирање на Грција, со која на Република Македонија, која тогаш бараше меѓународна поддршка и меѓународно признавање на нејзината државотворност, и се забрануваше во своето име да го задржи зборот Македонија или каква било придавка од тој збор.

Во обидот да се испеглаат разликите тогашниот претседател на Меѓународната конференција за поранешна Југославија, Сајрус Венс, во почетокот на 1993 година, предложи Македонија да се нарекува Нова Македонија. Меѓутоа, секој од свои причини, Скопје и Атина го одбија тој предлог. Зимата, истата година, не помина ни компромисната формула Република Македонија (Скопје) која претседателот Глигоров се обиде да ја објасни пред македонскиот парламент. "Собранието, имаше дилеми дали прифаќањето нема да предизвика светот да не нарекува "скопјани", но - вели извор близок на македонскиот државен врв - нашите дилеми среде расправијата ги реши Атина која го одби предлогот".

ПРИЕМ Поради грчкото противење Македонија на 8 април 1993 година беше примена во ОН под името Поранешна југословенска република Македонија, име за кое македонскиот претседател Киро Глигоров тврдеше дека е само за два месеца. Советот за безбедност на ОН побара од Атина и од Скопје да започнат разговори за разликата за името и за специјален пратеник на генералниот секретар Бутрос Гали и посредник е именуван Сајрус Венс. Првата рунда во Њујорк се одржа во август 1993.

Грчките политички партии, пред тоа, одржаа лидерска средба кај тогашниот претседател Костантин Караманлис на која беше донесен официјалниот став на Атина кој и денес е во сила и гласи дека Грција нема да прифати име за северниот сосед кое го содржи зборот Македонија. Секое отстапување од тој став се цени за национално предавство. Токму деновиве лидерот на грчките комунисти, Алека Папарига, побара од премиерот Караманлис да прифати име кое, сепак, би претставувало отстапка од утврдената позиција, но, дефинитивно, апелот е фингиран да демонстрира грчка подготвеност за компромис.

Преговорите или разговорите никогаш немаа вистински континуитет. Пред се', поради заемно прифатениот "бонтон" тие да не се одржуваат за време на претседателски, парламентарни, па и локални избори...

Останува дилема, дали "работата" не можела да биде завршена уште во првите месеци на преговорите. Премиерот Мицотакис во октомври 1993 година ги загуби изборите, меѓу другото, и поради спорот со Скопје. Имено, со тесно мнозинство од само еден пратеник, тој мораше да распише избори во октомври истата година кога неговиот министер за надворешни работи, Андонис Самарас, и прв меѓу "јастребите" против Република Македонија, му откажа послушност, ја напушти партијата и стана независен пратеник.

"Неговиот наследник, Папаконстантину, ме убедуваше, а тоа беше објавено и во интервју дека речиси била постигната согласност, вели за "Глобус" Трајко Мирчевски, долгогодишен (1993-1999) дописник на "Нова Македонија" од Атина - но, се случија изборите и Мицотакис мораше да му го предаде премиерскиот мандат на Андреас Папандреу". Приказната, вели Мирчевски, дека Константинос Мицотакис, (инаку татко на актуелната министерка за надворешни работи Дора Бакојани) бил приврзаник на спогодбено решение со Скопје не еднаш беа тема на медиумски шпекулации, како и тоа дека можело да најде разбирање кај тогашниот шеф на државата Константинос Караманлис (и чичко на актуелниот премиер Костас Караманлис).

ЕМБАРГО Следува промена на власта во Грција и Андреас Папандреу како премиер демонстрира "специјално воспитување" за Скопје. По најавата дека САД отвораат Канцеларија за врски во Скопје, на 14 февруари 1994 година воведува економско ембарго кон северниот сосед.

Намерата "за два месеца Скопје да падне на колена" се претвори во 18- месечно тотално ембарго. Прегледот на написите на "Нова Македонија" - најинформираниот медиум од тој период - говорат за невидени дрскости од грчка страна како, на пример, премачкување на боите на "Палер-Македонија" или спречување на брачна двојка од Грција да усвои дете од Македонија зашто "државата не постоела". "Нова Македонија", сепак, ќе објави дека ембаргото имаше и друга заднина: луѓе блиски на Папандреу, кој во тој период ја градеше "розовата вила" за својата "Мими", профитираа од шверцот на грчка нафта која со преточување во Петрич, влегуваше во Македонија или преку "непризнаената земја" заминуваше кон Србија, која, исто така, беше под ембарго. "Шеиците од Петрич", "Петрич како Кувајт" беа насловите кои тогаш ја третираа таа материја...

Панајотис Димитрас, шеф на Грчкиот хелсиншки комитет, иницираше изјаснување за грчките мерки против Скопје. Акцијата резултираше со потпишани само или над 600 интелектуалци, новинари, културни работници, а списокот подоцна беше злоупотребуван од медиумите во кои потписниците беа оквалификувани као "продотес" - предавници.

Се' ова се случуваше во време кога грчките медиуми лиферуваа неофицијални (владини) извори дека името на "северниот сосед ќе има географски предзнак како "Северна", "Горна", "Централна Балканска " (Циле Тупурковски и австрискиот министер Алојз Мок претходно ) , со намера да се издвои новата состојба на северната граница. Етничката одредница "славомакедонска" во старт немаше иднина поради очекуваното противење на албанското малцинство во Македонија. Трета опција беше временската одредница како "Нова..." Оваа позиција и предлози за кои, како варијација на тема, ги имало над стотина, не се променија ...

Се заборава, но ембаргото кое ја чинеше Македонија две милијарди евра, предизвика контрареакции кај европските колеги. Во почетокот на 1994 година и токму кога Грција е претседавач со ЕУ, на Министерскиот состанок во Јанина, беше донесена одлука Грција да оди на суд поради кршењето на "правилата на игра на ЕУ". Поедноставно кажано, не може една земја на ЕУ самоиницијативно да спроведува ембарго. Предметот никогаш не дојде "до рочиште", веројатно, поради тоа што во меѓувреме се случи Привремената спогодба.

СПОГОДБА Односите меѓу Македонија и Грција навидум се подобрија по потпишувањето на Привремената спогодба за соработка по укинувањето на едностраното ембарго. "Првата страна" и "Втората страна" претставувани од тогашните министри за надворешни работи, Стево Црвенковски и Каролос Папуљас, кој сега е претседател на Грција, на 13 септември 1995 во Њујорк, во присуство на американскиот дипломат Сајрус Венс, потпишаа Привремена спогодба за пријателски односи и градење доверба и за заемно почитување на територијалниот интегритет и суверенитет. Спогодбата беше потпишана под притисок на американскиот "дипломатски булдожер" Ричард Холбрук за кого велат дека во исто време го имал и Папандреу и Глигоров на линија на кои им го поставил условот: "Или договор..."

Во првата половина на октомври 1995 година или само два дена по атентатот врз Глигоров, на 5 октомври, македонското Собрание ја ратификуваше спогодбата и ги промени државното знаме и Уставот, по што Грција ги отвори границите и го прекина едностраното ембарго.

Вања Тошевски, експреговарачот во ОН во интервју за "Утрински весник" тврди дека тоа не било "отстапка". Црвеното знаме со 16-кракото сонце никогаш не било во меѓународна употреба, вели Тошевски и затоа како и наводната референца БЈРМ не треба да се третира како македонска отстапница кон Грција.

" Македонија влезе во ОН со уставното име Република Македонија, а ФИРОМ е грчка измислица да се денфува фактот дека Македонија под тоа име може да биде примена и во НАТО... а потоа за нив битката е изгубена...", вели амбасадорот.

ПРЕДЛОГ Пред две години Грција и Македонија беа речиси на дофат на "заемно прифатливо решение" иако, како што вели долгогодишниот преговарач во македонско-грчкиот спор , амбасадорот Вања Тошевски, "такво нешто не постои. Тоа е како дрвено железо, такво нешто не постои". Во претходниот "формален" обид за решавање на спорот посредникот Метју Нимиц на 7 октомври 2005 излезе со предлог кој предвидуваше во периодот од 2006 до 2008 година македонската држава во меѓународните организации, мултилатералните договори и спогодби да се именува како Република Македонија во латинична верзија, (Republika Makedonija), а по 2008 во латинична транскрипција на англиски јазик Republic of Macedonia. Во билатералната комуникација земјите што го признале уставното име би продолжиле така да и' се обраќаат на Република Македонија. Грција во билатералните релации би го користела името Република Македонија - Скопје. И двете земји ќе немаат ексклузивно право да го употребуваат името Македонија.

Македонскиот државен врв начелно го прифати предлогот како добра основа за постигнување конечен договор со забелешка дека треба да се договорат некои детали. Иако во медиумите се создаде вештачка дилема дали латиничната транскрипција не значи и губење на името зашто светот ќе не' именувал како "Македониџа"(!?), владата во Атина беше таа која експресно го одби предлогот, со образложение дека е едностран и не ги задоволува интересите на Грција. Грчките власти дури се заканија со блокада на евроатлантската интеграција на Македонија и со одржување национален референдум за тоа прашање. Грција подоцна го ублажи ставот преку објава на грчкото МНР дека Атина нема да се противи на приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО под референцата ПЈРМ.

Метју Нимиц претходно во април 2005 излезе со уште еден предлог: Република Македонија - Скопје напишано на латиница. Предлогот беше прифатлив за Грција, но веднаш одбиен од Македонија.

Македонија во својата понова историја дури три пати го менуваше уставното име: од "Демократска Федерална Македонија" во "Народна Република Македонија" во 1946; во "Социјалистичка Република Македонија" - 1963 и во "Република Македонија" - 1991.

Метју Нимиц неделава доаѓа во Скопје



Неприфатлив предлог за државниот врв и за опозицијата

Метју Нимиц неделава доаѓа во Скопје и тоа веројатно ќе биде ексклузивна можност македонската јавност од "прва рака" да дознае каква била идејата, а каква намерата на посредникот за разврска на грчко-македонскиот спор околу името кога на 1 ноември во Њујорк соопшти неколку "сугестии", некои прифатливи, а некои не за Македонија, како што првично беше соопштено и за кои неколку часови подоцна премиерот Никола Груевски во интервју за МИА беа оценети како неприфатлив "предлог" за Македонија.

"Би сакал да кажам дека овој документ е документ што и понатаму ќе продолжиме да го анализираме и кој во себе содржи повеќе точки, од кои некои се повеќе проблематични, некои не се толку проблематични, а некои се добри. Меѓутоа, има една точка… во овој нацрт-документ за Македонија е неприфатлива и за таа одредба нема да можеме да разговараме", изјави премиерот Никола Груевски.

Државниот врв и опозицијата, партиите без разлика на етничкиот предзнак, се обединија околу ставот дека Македонија не е подготвена за компромис, кој претпоставува промена на уставното име, на јавноста како "ракавица в лице" и' е фрлена дилемата име или НАТО,со очекуваниот подготвен одговор дека членството во Алијансата е преголема цена за името на државата.