��oj 156   13.04.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број



Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 154

Број 153

Број 152

Број 151

Број 150

Број 149

Број 148

Број 147

Број 146

Број 145

...

12

ПОЛИТИЧКО САМОУБИСТВО СО ЧАСОВНИК

Аферата со часовникот Ибло на Љупчо Тодоровски предизвика огромен интерес во јавноста, но како и обично, сврте во една погрешна насока

Пишува: Екипа на „Глобус“

Една недела по обелоденувањето на аферата со часовникот „ибло” на директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски, клопчето место да се одмота, доживеа уште поголем заплет. Откако медиумите започнаа да истражуваат како скопацен часовник вреден седумдесетина просечни плати се најде на левата рака на високиот полициски функционер, по дузината новинарски написи извесни се само две работи – дека Тодоровски ќе мора да се збогува од „подарокот кој за него има поголема емотивна, отколку материјална вредност” и дека засега тој е единствениот кој знае дали времето го одредува според швајцарските стрелки на луксузниот „ибло биг бенг“ вреден 25 илјади долари, или со кинеска ‘временска машина‘ која за 50-тина долари треба умешно да го имитира оригиналот. Потрагата по вистината за потеклото на швајцарскиот „ибло“ (кој патем во превод значи прозорец на бродска кабина), не е ништо друго туку обид на јавноста барем за момент да завири зад тесното прозорче во кабинетите на високите полициски функционери, за чија моќ, статус и пари тешко кој се осмелува да проговори.

Оттаму и не е за чудо, што приказната држи тензија и доживува секојдневни заплети, откако сите надлежните институции почнаа да бегаат од обврската за експертиза на часовникот како од оган. Да се носи скапоцен часовник во време на тешка криза, или да се носи ефтина копија, за која следи „дебела казна“ во повеќето европски земји, е дилема околу која се вртат сите расправи за „иблото“. Кон расплетот не придонесоа ниту експертите по индустриска сопственост, кои изнесуваат различни ставови за проблемот. Додека експертот Валентин Пепељуговски изјавуваше за медиумите дека „репликите се фалсификати и дека кривично дело е да купиш фалсификат, но не и да го носиш”, дел од неговите колеги не можат да се присетат дали во законот се предвидени казни и за оние кои што носат фалсификувана стока.

Откако во изминатите седум дена високиот функционер во МВР не успеа да го донира „фалсификуваниот” часовник во СОС детското село, оти тоа беше оценето како непристоен предлог, ниту пак се согласи да го продаде на медиумите за миниминално понудената цена, неславно заврши и обидот „мерачот на времето” да заврши на бироата на Координативното тело за заштита на интелектуална сопственост, со цел проверка на неговата оригиналност. Што ќе се случува понатаму со часовникот станува навистина неизвесно.

Реплика или не, часовникот како да има трње на себе, па сите стравуваат да се фрлат во костец со него, прогласувајќи се за ненадлежни. Владините тела за заштита на интелектуална сопственост велат дека нивна работа е само да координираат, не да исправаат криви дрини дали „иблото” на раката на Тодоровски тежи 25 илјади долари, или е сентиментален подарок од незначителна вредност. Експертите за индустриска сопственост не гледаат причина зошто некој би го казнил човекот кој е на една од челните позиции во МВР за носење „фалсификат”, кога ретко кој во земјава може да се пофали дека има допир со оригинали.

Да беа дузина часовници во прашање, можеби ќе реагираше првиот човек на Царината, Ванчо Каргов. Вака, за поединечен случај, оваа институција се прогласува за ненадлежна. „Фалсификатите се наша надлежност ако се увезуваат или шверцуваат комерцијални пратки. Тогаш проверуваме кој ги увезува, од каде, како... За индивидуални случаи не можеме да знаеме“, изјави Каргов за „Дневник“. 



НЕПРИСТОЈНИ ПОНУДИ Како што се поместуваше стрелката на фазмозниот часовник минатата недела, од час во час се менуваа и објаснувањата од Кабинетот на Тодоровски за потеклото на часовникот, неговата цена и можните решенија за негово вдомување.

Спојот на дрога, моќ и скапи часовници како магнет навлече бројни дилеми и прашања - колку години треба некој да работи за да си дозволи да купи часовник вреден 25 илјади долари, или колку богати роднини и пријатели треба да има, за да го заслужи како подарок.

Да можеше часовникот сам да зборува, како будилниците кои ги креираат Јапонците како еден од најновите модерни изуми, веројано ќе кажеше како се наошол во кинеската продавница и низ колку раце минал пред да стане верен придружник на секогаш елегатниот и до перфенционизам спастрен сопственик во МВР.

Вака останува да му се верува на сведоштвото на Тодоровски дека станувз збор за подарок од семеен пријател, набавен по ниска цена во кинеска продавница. Часовникот не вреди 25 илјади долари, туку 50 долари – тврдеа од МВР, нудејќи го на јавна продажба.

„Часовникот ми беше подарен од семеен пријател и за мене има поголема емотивна вредност, отколку материјална”, соопшти Тодоровски. Но, само еден ден по изнесената понуда, откако дневните весници „Утрински весник” и „Дневник” се понудија да го откупат најпосакуваниот часовник, сопственикот се пишмани и одлучи на целата приказна да и даде хумана димензија.

„Со оглед на медиумското внимание што го привлече, часовникот очигледно ја подигна и својата материјална вредност. Затоа одлучив да му го подарам на СОС-детското село, кое натаму може да го подари или продаде и добиените средства да ги искористи во полза на своите штитеници”, пристигна одговорот од Тодоровски, одбивајќи ги двете понуди.

Веројатно надлежните сега би сакале да ги ресетираат стрелките на часовникот и да го вратат времето наназад, се' до оној момент кога избрзано и несмасно известија дека станува збор за реплика која може да ја добие секој што ќе понуди 50-тина долари. Токму минимизирањето на вредноста на часовникот и негово „оцрнување” како евтина бижутерија, без да биде направена проверка на оригиналноста, ги диктираше и останатите несреќни случувања и заплеткувања на надлежните во аферата „ибло”. 

ПОДАРОКОТ НИКОЈ НЕ ГО САКА На поклонетиот коњ велат дека забите не му се гледаат, но во случајот со „иблото” оваа стара македонска поговорка се покажа како неточна. Обидот часовникот да заврши како донација за СОС детското село пропадна по само еден краток разговор. Откако на Тодоровски му било кажано дека подарокот е несоодветен и дека парични средства ќе им завршат многу поголема работа на 80-те згрижени деца, тој мораше модниот детаљ пак да го врати на својата лева рака. Откако се засилија бруењата дека Тодоровски многу лесно преку ноќ се одвои од својот „миленик“ кој реши да го подари, но и дека навистина е срамно да се даваат фалсификати како донација, последната опција што остана е да се расчисти најважната дилема: оригинал или фалсификат?

Арно ама и овој обид заврши неславно. Како што пишува „Утрински весник“, часовникот „ибло” не бил предмет на кривично дело и сега институциите не знаеле што да прават со него. Писмото на Тодоровски во кое тој бара да се провери часовникот во четвртокот пристигнало на масата на владиното Координативно тело за заштита на интелектуална сопственост. Таму го разгледувале, се думале што да прават со него, за на крај да му одговорат на високиот полициски функционер дека не се надлежни, оти нивна работа е да ги координираат инспекциите кои запленуваат пиратерија и други фалсификати.

КАЗНИ МВР нема јурисдикција да истражува какви проиводи се продаваат во кинескиот дуќан од каде што е купен фалсификуваниот часовник. Царината, пак, се оградува дека станува збор за индивидуален случај за кој не можат да реагираат. Тогаш кој може да го казни, тој што всушност го санкционира прекршувањето на законите?

„Ако е точно дека луксузниот часовник е фалсификат, во што ние не веруваме, Љупчо Тодоровски, мора да понесе одговорност. Македонија презела обврска да ја штити интелектуалната сопственост и да спречи фалсификување и користење таква стока. Затоа, ако луксузниот рачен часовник е фалсификат, тој морал да го пријави овој случај во Светската трговска организација и во нејзиниот комитет ТРИПС. Со оглед на фактот дека е директор на Бирото за јавна безбедност, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, мора да го извести и Интерпол“, е ставот на опозициониот СДСМ, за кои е скандалозно тоа што „полициски функционер кој пред медиумите запленува и уништува фалсификувана стока и поднесува пријави против сторителите, користи токму таква фалсификувана и недозволива стока“.

Опозицијата е во дилема дали „неговиот рачен часовник можеби е одземен од полициските депоа и дали на ист начин се посегнува и по друг вид на запленета стока?“. 

ИШКАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА Иако причината за обелоденувањето на аферата, беше токму впечатливиот часовник кој се надзираше и бодеше очи под ракавот од кошулата на Тодоровски, високиот полициски функционер ја „ишка“ својата одговорност придавајќи и политичка конотација и оквалификувајќи ја како фабрикувана афера од опозицијата.

Тој смета дека СДСМ му фабрикува афери „во недостиг од контрааргументи како за неколку години може да се смени имиџот на полицијата и таа да прерасне во меѓународно релевантен партнер во спречувањето на меѓународните канали за трговија со дрога“. „Фактот дека не може да се најде црна дамка, како поранешното исчезнување на кокаинот од полициските депоа, не може да се прикрие со измислици конструирани во партискиот штаб”, вели Тодоровски.

Дали Тодоровски, сепак, заборава дека прстот треба да го впери и кон себе и да се запраша дали на најтврдокорниот борец против криминалот му личи да носи часовник од 25.000 долари, или уште полошо, како му легнал на рака кинескиот двоец, ако веќе знаел дека е фалсификат во прашање? Ако е оригинал тој требал да биде пријавен во анкетниот лист за имотната состојба (во кој се наведнени две ниви, автомобил и расен коњ „хафлингер“). Ако е бледа копија на оригиналот, требал да заврши на буниште, заедно со останатата фалсификувана стока која се запленува речиси секојдневно.

Тоа го потврдуваат и експертите за индустриска сопственост, кои велат дека по редот на нештата, доколку станува збор за реплика купена во кинеска продавница, таа треба да се уништи, а не да се продава или да се подарува.

„Прво треба да се утврди дали часовникот е оригинал или фалсификат. Доколку е фалсификат треба да се заплени, а не да се подарува. Но, тука е и моментот дека нема прекршок доколку некој одлучи да го подари часовникот, оти тој не го продава и не заработува, туку е негова лична сопственост и може да прави што сака со него”, изјавуваа експертите за медиумите.

На чија рака ќе заврши спорниот „ибло“ и дали ќе има разврска приказната се уште е рано да се каже. Иако е сосема извесно дека и овој случај ќе се развива по принципот „секое чудо за три дена”, покажа дека и Македонија не заостанува во светските афери со скапи часовници, кои иако се случуваат многу често, секогаш со ист жар предизвикуваат интерес во јавноста.

Дали Тодоровски ќе се откаже од „скапата“ играчка и по примерот на американскиот претседател Барак Обама ќе си набави „Џемс бонд“ часовник од неколку стотици долари, или ќе излезе меѓу стечајците кои со месеци гладуваат, па ќе им го подари како знак на солидарност(по примерот на Путин кој на работник му подари часовник вреден 6.400 евра), или ќе најде некоја трета солуција за вдомување на малиот подарок кој му предизвика големи проблеми, допрва ќе видиме.

Впечаток е исто така дека и медиумите и институциите се заплеткаа во толкувања на тоа дали саатот е оригинален или е фалсификат. Никој не сакаше да преземе одговорност да се позанимава со политичката судбина на директорот на Бирото за јавна безбедност. Неговиот „фаул“ во однос на правилата на службата и на општиот морален кодекс се огромни и тој не би можел да ја задржи функцијата во ниту една демократска држава. Проблемот не е во часовникот и во тоа дали е оригинал и фалсификат туку во тоа што се појави во јавноста на раката на висок полициски функционер во еден многу деликатен контекст (дрога) и во присуство на министерката за внатрешни работи. Тоа е морално недозволиво и кривично казниво. Реакциите покажаа отсуство на морални интегритети во МВР и во Владата.

Некој му љубомори на македонскиот Елиот Нес!

Аферата „ибло“ предизвика различни реакции во јавноста. Имаше такви кои тврдокорно застанаа на браникот на „македонскиот Елиот Нес”, како што го нарекуваат,порачувајќи дека е безмислено занимавањето со „ситни часовничарски работи”, бидејќи станува збор за маргинални и безначајни работи, надуени од страна на медиумите.

„Во Македонија не смее никој посебно да се истакнува. Некој му љубомори на нашиот Елиот Нес. Ако веќе е подарен часовникот треба да се задржи, па бил оригинал или копија..“, пишува една читателка.

Други пак, приказната со часовникот ја сфаќаат како голем грев на функционерите кои „носат скапи часовници и гардероба од светски бранд, а не чувствуваат никаква одговорност кон народот кој го осиромашија и не може ни комуналиите да си ги плати”.

„Без разлика дали нешто е купено или ти е поклонето, сепак тоа спаѓа во имот на сопственикот и треба да се пријави, инаку следува казна. На ред е Антикорупциска да се докаже.Во спротивно и коли и станови и што ли не ќе излезе дека се подароци од роднини и пријатели и демек никому ништо. А така не е според законот“, коментира на интернет страниците на дневните весници читател од Маврово.

Часовниците престиж или проклетство?

Речиси да нема спортист, бизнисмен, политичар, човек од шоу бизнисот кој не потклекнал под магијата на брендираните часовници од чии баснословни суми, на обичните луѓе им се врти во главата. За некого е статусен симбол, за друг показател на моќ, за трети моден детаљ, за четврти функционална играчка за мерење на времето. Но, за дел од јавните личности скапиот часовник е и главоболка, голем товар и извор на афери.

Украдениот часовник на поранешниот претседател Џорџ Буш, кој му го „дрпнаа“ при посетата на албанскиот град Фуш Круја, уште долго ќе се споменува во медиумите, како особено интересна случка.

Свое место во новинарските извештаи најде и златниот рачен часовник “Патек Филип” од 1950 година, со потпис на Јосип Броз Тито, кој беше продаден на интернетска аукција по цена од 7.600 евра.

Откако беше обелоденето дека американскиот претседател Барак Обама носи часовник „Јорг Грас 6500“ од 260 фунти, овој мерач на времето стана вистински хит. Ако може да го носи најмоќниот човек на светот, тогаш може да биде дел од имиџот и на обичните граѓани, кои навалија масовно да го купуваат.

Пасијата на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер за собирање на скапоцени часовници, го чинеше многу. Медиумите му се насрнаа и со денови му ги броеја дузината раритетни часовници од неговата приватна колекција.