��oj 335   24.09.2013
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Ме повика ден пред дефинитивно да го напушти Белград. Беше есен, 1991 година. Мораше да замине. Пишуваше против Милошевиќ и се најде на полицискиот список. На списокот беше неговото име, а крај името пишуваше: "Да се убие и да се земе станот"
Пред 70 години, за прв пат во својата историја, Истра беше припоена на матицата

Репертоарот и публиката по заминувањето на Бранислав Нушиќ од Скопје беа правени според формулата "прави се така да не личи на Хамлет"

40 ГОДИНИ НА СЦЕНА: АКТЕРОТ СИ Е АКТЕР ... ИЛИ САМО БАЈРУШ МЈАКУ - ДР СТОКМАН ВО "НАРОДЕН НЕПРИЈАТЕЛ"

ЛИЛЈАНА МАЗОВА

Сосема јалова работа е да се бараат варијанти за почеток на текст а да станува збор за актер, уметник и човек каков што е Бајруш Мјаку (1952 г.). Директно: енергија и посветеност на она што Бајруш Мјаку го прави/создава во изминатите 40 години, своеглаво и најмногу самоиницијативно го оствари како и што замислуваше: минатата недела, од понеделникот со саботата (16 до 21 септември), големиот Бајруш Мјаку пред публиката и почитувачите на неговиот талент, работа и театарски подвизи, промовира своја книга и одигра претстава создадена на своја иницијатива. Книгата е "Дневник за Дневникот на лудиот" а претставата, со поголема група свои верни соработници, е "Народен непријател", во режија на Дино Мустафиќ. И двете се уште по една нова и добро завршена работа на Бајруш Мјаку.

ДНЕВНИКОТ Изданието/книгата "Дневникот на Дневникот на лудиот" (формат 21х 30) нема претензии да биде некаква монографија за еден актер. Таа е запис во кој има многу, многу емоции и многу, многу фактографија. Значи, актерот Бајруш Мјаку запишувал и пишувал, собирал и собирал она што му се случувало додека го подготвуваше и играше еден од своите најуспешни проекти "Дневникот на лудиот" (2001) по Гогољ и во режија на Иван Поповски. Ама и собрал многу нешта за себе, за своите почетоци во театарот, за матичниот му Албански театар, за контекстот и времето во кои ги играл своите повеќе од 140 ликови, за својата продукција "Театарот на еден актер" ... ги запишувал настаните, се потсетува на некои, сочувал многу од она што други го пишувале за него, побарал од други автори текстови за своето актерско мајсторство... Завршил голема работа - како што е тој самиот: голем човек, голем актер, голем работник со постојано нови и нови идеи кои, редовно, и ги остварува.

Книгата, како раритен во нашата театарско/издавачка дејност, е на три јазика: на албански, македонски и на англиски јазик. Значи, достапна е за најширок круг на читатели. Во неа е збрано "лудилото" на Бајруш, како творечко лудило на еден голем творец и борец кој го живее животот низ деноноќниот сон за сцената, за театарот, за публиката. Книгата им ја посветил на сопруга Бехиџе и на ќерките Мајлинда, Флоринта, Афердита, Висаре и Флутура. Тоа негово големо семејство (сега и со зетовци и внуци) е и неговата најголена поддршка во изминатите 40 години на неговото актерско/театарско лудило. Во најубавта смисла на значењето на една взаемна предаденост, почит и помош/разбирање во секој миг и за сe.

Бајруш Мјаку е тврдоглав, непоколеблив нуркач во височината на професијата во која секој нов лик, како зрнце песок, го таложи на брегот што го создава/гради четири децении. На тој брег, како на висока камена кула се наѕидани неговите стотина и четириесет ликови во театарски претстави одиграни на албански, на македонски, српски и хрватски јазик, ликови во десеттина филмови во продукции на разни јазици, ликови во ТВ филмови и серии, главни ликови или епизодни по кои се памети и целата претстава во која, нели, играл Бајруш Мјаку.

Тој е од оние актери кои полека и систематски работи на себеси и на својата актерска магија. Со творечка задлабоченост и со елементи кои со секоја нова задача/ситуација/приказна стануваат с? посигурни, Бајруш во секој од нив нурка и го бара карактерот. Денес во таа негова долга елаборација на создавање и посветеност, е цел еден огромен опус со свој истражувачки процес, свој став, свој стил на игра. Ги создава ликовите и низ сопствената емоционална и интуитивна перцепција од која, потоа, пренесува/игра/создава лик кој го доградува по своја мерка и доживеаност, се разбира со совршена примена на елементи на актерскиот занает и сопствената умешност.

НАРОДЕН НЕПРИЈАТЕЛ Сите овие елементи на играта на Мјаку сега ни се ставени на дланка: на боксерскиот ринг во кој е Бајруш Мјаку како докторот Стокман во "Народен непријател" на Хенрик Ибзен.

И во оваа претстава е вграден тврдоглавиот и настојлив актерски карактер на Мјаку. Реши и ја направи - самиот си знае како. Ама обезбеди меѓународна екипа и пари од повеќе места. Да, големите претстави чинат. И книгата и претставата се помогнати од Министерство за култура на РМ, од Амбасадата на Норвешка во Македонија, од Министерството за култура на Косово и уште други. Претставата е во копродукција на "Театарот на еден актер" на Бајруш Мјаку и Театарот "Ода" од Приштина, Косово, а премиерата/одбележувањето на неговите четири децении на сцената беше во неговиот матичен Албански театар (21 септември). Претставата беше дел и од програмата на годинашниот МОТ, а на 23.ти септември имаше изведба и во Приштина.

Во големиот ринг, како и секогаш, Бајруш избоксува актерска победа. Со него се и актерите Салаетин Билал и Фисник Зеќири (двајцата од Македонија) и Илире Венца, Арта Селими, Беслим Мучај, Албан Укај и Адриан Морина (сите од Приштина, Косово). Режијата е Дино Мустафиќ (Босна и Херцеговина), драматург е Жељка Удовичиќ Плештина (Хрватска), костимите се на Веса Краја, има видео документарни монолози на Јетон Незирај (и двајцата од Косово), сценографијата е на Крсте С. Џидров, музиката на Оливер Јосифовски кој и ја изведува во живо пред и во рингот (и двајцата од Македонија), кореографијата е на Ѓерѓ Превези (Албанија).

Оваа добро одбрана екипа, сложна во работата и инспирирана од идејата на режисерот, заедно создава претстава во која с? функционира со брз и точен ритам и е актуелен театар кој бескомпромисно полемизира/укажува на времево што се живее и од кое многумина се згрозени. Ама - тоа е. И укажува и на добра тимска работа без која нема добар театар. На пример, на Мјаку и на Мустафиќ ова им е петта заедничка претстава, Мустафиќ често работи со драматургот Жељка Удовичиќ Плештина и со кореографот Ѓерѓ Первези, а со оваа разнородна и сложна театарска екипа, во заедничките проекти е и Крсте С. Џидров. И - резултатот е жесток/ангажиран театар кој удира/татни по општествениот неморал.

Бајруш Мјаку е Ибзеновиот доктор Стокман кој изнесува цврсти докази за загаденоста на водата во новите градски бањи/капалишта кои се направени како атракција за гостите и ќе носат пари. Стокман научно докажува дека водата е многу опасни и за гостите и за граѓаните. Се разбира сите се здружуваат против него, доживува разни понижувања, а најголем противник му е градоначалникот кој, всушност, му е роден брат... Пред незнаењето, глупостите и личните интереси, профитот и лицемерието, Стокман ја губи битката...

ПАМЕТНИТЕ НАСПРОТИ ГЛУПАЦИТЕ Се уриваат сите елементи на демократијата пред кои потклекнува мнозинството. Стокман тврди дека правото не е никогаш на страна на мнозинството, прашува кој го чини мнозинството на една земја - паметните или глупаците кои, тврди тој, го чинат мнозинството насекаде околу нас... Тврди дека не може да е во ред глупавите да владеат со паметните. На неговите научни докази разулавените по лесна добивка на сметка на загрозените човечки животи од било што - тука од загадената вода за која треба да се молчи зашто во спротивно ќе секне изворот на пари - масата со викање го прогласува за народен непријател. Паѓаат идеалите, ја губи битката ама не се откажува од ставот дека најсилен човек на светот е оној кој е - сам. Паѓа среде рингот обиколен од профитери, лицемери, корумпирани луѓе.

Режисерот Дино Мустафиќ во однос на пораките на Ибзен, оди многу подалеку актуелизирајќи ги самоволијата на моќниците во битката по пари и глупавоста на оние кои покорно ги бранат - иако е на наивна штета. Режисерски и драматуршки, и во целина како претстава, ова е жесток театар кој се потсмева на, на пример, скопската, македонската или балканската реалност: малцинството (како помалубројно) да владее со мнозинство. Затоа и сцената е боксерски ринг околу кој на сите четири страни е публиката. Доктор Стокман се боксува со глупаците и корумпираните - ама губи. Неговите докази не се прифатливи за манипулаторите и корумпираните. Тој е жртвата.

Во таа атмосфера на боксерски ринг кој како силен адут го формира/изведува сценографијата на Крсте С. Џидров, има место за сите глупости, лицемерија, корупција. Нема место само за вистината. Бајруш Мјаку е силен и додека докажува и кога ја губи битката со глупаците. Исцртува портрет на човек кој знае, не е корумпиран и, денес нормално - морално и практично - ја губи битката. Губи појакиот, ама кој тоа ќе го разбере.

"Народен непријател" е претстава која докрај го соголува неморолот во кој живееме. Преку отворената игра на Мјаку режијата на Мустафиќ целосно/ангажирано открива лик на човек хуманист наспроти општествениот неморал. Во таа отвореност кон сето она што "загадува" се и сите други актери кои го поддржуваат темпото на претставата, сериозно и наполно влезени во суштината на театарот кој заедно го создаваат. Ги води, се разбира, големиот Бајруш Мјаку со режисерот Дино Мустафиќ и нивната заедничка цел: да создаваат актуелен театар во кој центар е човекот, односно актерот низ лавиринтите на животот кој, барем за актерот, е секогаш нов и поинаков. Како оној на Бајруш Мјаку и на неговите повеќе од 140 одиграни ликови.

Фотографии: Доријан Миловановиќ