��oj 97   24.02.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 95

Број 94

Број 93

Број 92

Број 91

Број 90

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

...

54

СКОПЈЕ ЌЕ УМРЕ ОД НЕВКУС

Интервју со Небојша Вилиќ: Урбаната естетика што се манифестира низ  остварените и најавени споменици претставува систематско уништување на естетските критериуми на нацијата

Пишува: Дејан Буѓевац

d.bugevac@globusmagazin.com.mk

Се гледа ли крајот на оваа мачна и веќе примитивна транзиција во естетската и архитектонската физиономија на Скопје?

Tековната конзервативна идеологија не ме убедува дека ова ќе има крај. Но, во определувањето на транзицијата како „примитивна“ треба да се внимава - таа е примитивна од аспект на модернистичката проективност и концептот „moderni“, но е суштинска од аспект на предмодерните „antiqui“. Се' зависи од тоа кон која идеологија се приклонувате...

Мислам дека ме разбравте на што мислам?

Знаете, додека стоев пред новопоставената скулптура „Шмизла“ од Димитар Филиповски (за мене наполно непознат автор), додека се згрозував од неумешноста на изработката на нејзината фигуративност, и додека се прашував која комисија ја одобрила нејзината изработка, до мене стоеше еден постар господин, обичен граѓанин на Скопје, целиот восхитен од неа. Ме погледнува и убедено ми се обраќа: „Браво, бе, Грујо, алал да ти е!“

Во тој миг, мојата „модерност“ (втемелена во идејата за проективноста од позиција на напредок) не се судри со можните различни естетски аспекти во воспримањето на скулптурата на господинот, туку со неговото политизирано доживување на истата таа скулптура. Оттука тоа, што не' буни нас „модерните“, е очекувањето транзитирањето да се одвива кон поново (покрај прогресивноста, новумот е, нели, уште една суштинска особеност на модерниот проект), та затоа е и нашата квалификација на тековноста како „примитивна“.

Кај нас, конзервативното очекување е врзано за зачувување и понатамошно развивање на вредностите преку запирање и оневозможување на прогресивноста во модерната смисла на зборот која, како и да е, се врзува за гледањето нанапред преку претпоставката на тоа што треба да се случи, а во спрега со целата неизвесност од новото. Да, за тоа треба храброст, творечки и отворен дух. Афирмацијата на минатото и традицијата е само закрила за нехрабриот, нетворечкиот и неотворениот дух кон рискантни промени - тоа е безбедното одење по патот на веќе потврдените вредности.

На што сме, всушност, сведоци кога е во прашање денешното обликување на „урбаниот пејзаж“ на нашиот град? Какви ќе бидат јавните, културолошките и психо-социјалните последици од ваквото дејствување?

Нашиот, не само скопски, урбан пејзаж е само пресликување, поточно - остварување, резултат, последица на остварената конзервативна идеологија. А, какви или кои ќе бидат последиците? Па, не треба да се биде многу умен за тоа - тие ќе бидат во духот на владејачката идеологија: ќе се создава вистинитост врз основа на владејачката идеолошка парадигма која веќе создава субјекти на стварноста со не/без-проективен, не/без-нов, и затоа не/без-прогресивен поглед на иднината. Имаме создавање субјект кој схизофренично ќе талка помеѓу инструментализираното изминато, политизираното сегашно и безидејното идно.

Дали се чувствувате навредени од целата состојба?

Да, лично, се чувствувам навреден. Да, бидејќи приклонувам кон групата на оние кои и понатаму веруваат во модерниот (сега веќе престорен во постмодерен) проект.

Според едни размислувања, на нашиот урбан, животен и културен контекст му се случува една систематска девастација, едно систематско себеукинување, додека, според други, во прашање се „само“ игнорантски и итри поединечни интереси, кои ги голтаат сите претходни цивилизациски достигнувања и евентуални нови визии за Скопје?

Во првиот миг и јас мислев дека станува збор за случајни потези, потези од незнаење, неинформираност или творечка немоќ, дури и „само игнорантски и итри поединечни интереси“, но сега веќе согледувам дека станува збор за системско уништување преку една сериозна идеолошка парадигма. На сцената е стапната, веќе одамна, делотворноста на идеологијата на конзервативизмот. Периодот на „македонската нова вистинитост за стварноста“ најјасно се исцртува уште со дејствувањето на првите музички групи од типот на „Мизар“ (прочитајте како е именуван нивниот последен албум), „Архангел“ или „Анастазија“ (но, без албумите „Лице гори“ и „Ноктурно“), преку изборот на знамето со ѕвездата од Вергина, уривањето на џамијата врз Климентовата црква на Имарет и возобнувањето на истата црква, археолошко-ископувачката еуфорија. Лакрдијата со преименувањата дури и на автопатишта во „Александар Македонски“ или „Филип II“, наградата „23 Октомври“. Потоа, Крстот на Водно (кој, патем, поради својата ориентација е само геометриска форма, а не христијански крст), воскреснувањето на фантомите на зградите на Македонскиот народен театар, Офицерскиот дом, возобновувањето на црквата на плоштадот... Додека архитектурата на Спомен-домот на Мајка Тереза, а и она самоиницијативно здружение на Стојан Тренчевски „Скопјанката Мајка Тереза“ се само – кулминација.



На што се должи таквото помпезно и сценографско производство/реанимирање архитектонски „историцизми“ во нашиот простор?

Репроизводството или реанимирањето на архитектонските историцизми се должи или на многу внимателно поставена и умна стратегија или на наполно непознавање на идеолошките обрасци во историјата на архитектонската мисла. Во едно ТВ-интервју, Мирослав Грчев еднаш го именуваше тоа како „фантомски згради“. Јас би додал - „аватари“. Тоа што ми е интересно во сето ова е обновувањето на тријадата на скопскиот плоштад – значи, старата зграда на Офицерскиот дом, црквата и банката. Според сите дефиниции, ова (воз)обновување на симболите (или знаците) на општественото уредување на Кралството на СХС или, подоцна, Кралството на Југославија значи (воз)обновување на нејзините три столба: војската, капиталот и религијата. Со други зборови, дали го возобновуваме идеолошкиот образец на старото кралство? За нечија жал, архитектурата не е само архитектонската форма, туку, пред се', нејзина контекстуализација. Тоа, изгледа, или се заборава или се превидува. Уште ако на тоа се додаде и замената на кралските коњанички скулптури на Августинчиќ со лавови пред Камен мост (како фронтони со апотропејско значење уште од Лавјата порта на античка Микена) и, згора на тоа, и мегаскулптурата на Александар Македонски, добиваме една наполна какофонија, кодов шум и една наполна дезориентираност на пораката која концептуално и идеолошки ќе биде испратена од скопскиот плоштад. Дури тоа ќе биде порака која целосно ќе ги упропасти идните генерации. Едно жигосување и запечатување на безидејноста на времето во кое живееме.

Уште отсега верувам дека идните генерации нема да бидат горди на таквиот еклектицизам, како што сум јас горд на модернистичката проективност и визија за постземјотресно Скопје, олицетворена во бисерот на тогашната и таквата архитектонска мисла - Градскиот трговски центар. 

Претпоставувам дека тука не мислите на еклектизмот во неговата креативна постмодернистичка „препознатливост“?

Секако, кога велам еклектизам, не зборувам за постмодерниот пастиш, цитат, рециклирање или палимпсест, туку за оној 19-вековен збир на различни архитектонско-текстовни предлошки, кои од историјата на архитектурата и уметноста биле во целост негативно оценети. 

Според Вас, дали веќе е предоцна Скопје да добие можност да стане град на креативни и отворени идентитети, град на витални и чувствителни просторни концепти, кои би ги артикулирале оперативните и секојдневните потреби на самите граѓани?

Да, предоцна е. Но, како што би рекол Влатко Стефановски со насловот на неговиот албум „Трета мајка“, и Скопје ќе има своја „трета мајка“ - „трет земјотрес“. Посакувам да го „преживеам“ за да можам да видам на која идеолошка матрица ќе и' припадне задачата за негово возобновување. И како ќе го возобнови. Најдобро би било да го преселиме и да го направиме одново, како што тоа го направиле старите скупјани во 6 век, преселувајќи се по нивниот земјотрес на југоисточните падини на Водно.

Како историчар на уметноста, како ги доживувате најновите скулптурални освојувања во центарот на градот? Поставени се неколку скулптури, се очекуваат уште 30-ина други, а како топ-приоритет на овдешната културна политика се очекува и поставувањето на 30-метарската скулптура на Александар Македонски...?

Како?! Со горчина во душата, со бес во чувствата и со отпор во главата.

Интересно ми беше повлекувањето паралела со скулптурата на Чарли Чаплин во Вестминстерскиот парк во Лондон со нашава „Шмизла“ во колумната на сликарот Коле Манев во весникот „Време“.

Настрана критиката на Манев дека ликовните критичари и „ликовни естетичари“, како што вели, не си ја вршат работата. Значи, кога еден ликовен уметник пронаоѓа вредност во скулптурата на уметникот Филиповски, и уште сосема неосновано ја споредува со скулптурата на Чаплин, тогаш навистина не знам што да кажам. Ме „смирува“ илустрацијата приклучена кон текстот - цртеж, кроки, скица на скулптурата на Чаплин потпишана (но не и датирана) од Манев, и си помислувам - нормално е уметник со толку лош цртеж да оправдува и афирмира скулптура со толку лоша форма.

Едноставно кажано, кога би тргнал од Камен мост, веднаш би ги претопил следниве дела: „Жената-дрво“ (поради недефинирана форма на женското тело – тоа, сепак, е некој хермафродит), „Вљубениот пар“ (поради недоискажаноста на формата и преголемата издолженост), споменикот на Мисирков на плоштадот „Пела“ (за да не го гледам тоа бедно кускуле од човек), Мајка Тереза на академик Томе Серафимовски (поради дисфункционалната анатомија и жалниот изглед), „Шмизла“ (поради непознавање или неумешност да се изработи фигуративност), „Жената“ на академик Томе Серафимовски спроти Музејот на град Скопје (поради пренагласената робусност на женското тело и патетичноста на нејзиното разбивање), додека онаа безидејната апстрактно-линеарна метална форма што се наоѓа наспроти претходно споменатата би ја исекол на парчиња.

Додека новата скулптура на Мајка Тереза во Спомен-домот би ја искршил уште пред да ја постават. Додека „малото симпатично девојче“ на авторката Гоца Каникова би го преместил пред самиот пешачки премин (поради тоа што таму и' е и местото, а вака „преминува“ преку недозволената линијата за застанување на автомобилите, а „мачката“ на Томе Аџиевски би ја преместил врз некој тревник (поради тоа што наполно не одговора на местото на кое е поставена и поради тоа што истата скулптура совршено соодветствува во паркот на АСУЦ „Боро Петрушевски“).

Како ја коментирате идејата за Скопје - град на јавна скулптура?!

-Да, би го прокоментирал главниот идеен проект: брендирањето на Скопје како град на јавна скулптура. На пешачка должина не подолга од 1,5 километар да се постават 30-40 скулптури е рамно не само на невкус, туку на лудост. Настрана, во цела Македонија нема 50 вајари кои имаат континуирана изложбена дејност преку која би можел да оценам кои се тие 50-ина уметници што би создале скулптури. Од овие петмина досега, како за вајар можам да зборувам само за Аџиевски, додека Каникова ја знам само како дипломиран студент на ФЛУ, а другите се наполни анонимуси од аспект на нивното изборено и докажано место на македонската уметничка сцена. Со други зборови, македонската ликовна сцена нема толкав авторски и творечки капацитет (не зборувам за бројот на дипломирани вајари) за исполнување на толку голема порачка (колку и да е таа добронамерна и позитивна). И затоа ни се случија овие многу лоши скулптури. Како ли ќе биде со сите останати што се предвидуваат - страв ми е дури и да помислам.

Како ја објаснувате можноста за нејзино поставување на градскиот плоштад?

Тоа значи критика за сите нас: значи дека не сме успеале во ништо и дека никого не сме успеале да воспитаме со тоа што како култура го имаме и го создаваме. Помислувам дека бадијала сум ги пишувал книгите, сум ги правел изложбите, сум ги држел часовите. Бадијала 20 години ја претставувам македонската уметност во странство, кога дома еден функционер може да има толку мал интелектуален капацитет и да го предложи овој концепт. Но, тоа само ми дава поттик да продолжам. Белки, еден ден ќе се родат и некои други дечки.

Конечно, според Вас, каде е курцшлусот со естетско-архитектонското доживување на Скопје во овие 20 години? Можете ли да спомнете некој позитивен пример.

Кога имате инстант или фаст-фуд концепција за култура, култура за еден ден, рамковна култура, каде да се бара курцшлусот ако не во погрешното толкување на суштината на демократијата и узурпацијата на моќта на одлучување преку институциите на системот. Но, тоа е, да кажам, административниот аспект на проблемот. Творечкиот аспект мислам дека се однесува на духовната ерозија, пред се', на уметниците, а потоа и на стручната јавност и на нејзиното непроизнесување за остварувањата. Вината е заедничка. Имаме состојба на замолкнати институции, апатични критичари и уметници кои не сакаат да инвестираат во сопствената интелектуална надградба. Немаме ангажирани, бунтовнички и борбени млади: традиционалните (значи - од народот смислените) културни урнеци од типот - тато носи - мама меси и наведната глава сабја не сече не ни можат да создадат млади кои ќе донесат промени.

Во тој ослободен, празен простор навлегуваат оние немушти и безидејни автори за кои е поважно да грабнат од финансискиот колач наречен „50 скулптури“ преку шурувањето со партиите, отколку да се заложат за изградба на сопствена ликовна поетика, па оттука и додавање нови вредности. Како поинаку да си објаснам, каде ја снема творечката моќ на скулптурата „Св. Климент Охридски“ на Петар Хаџи-Бошков пред НУБ „Св. Климент Охридски“ - една од малкуте вистински творечко моќни скулптури во целата историја на скулптурата во Македонија.

Па, ако сакате, дури и скулптурата на Благој Чушков пред Уни банка на оние весели музичари е далеку пред сите овие пет нови поставени урбани скулптури - ако не за друго, тогаш сигурно поради пропорционалниот однос спрема амбиентот, веселоста на поднапиените музиканти која го разгалува(ше) секој поминувач, дискретноста и ненаметливоста во појавувањето и присуството...

И, конечно, оној кутрион и наивен градоначалник Костовски (кој, патем, ништо не направи за Скопје) залудно се повикува на законската регулатива. Или не разбира дека тука владее тоталкратијата или не разбрал на што се нафатил кога се кандидирал за градоначалник.

Дел од реакцијата на Вилиќ по повод отворањето на Спомен-домот на Мајка Тереза

Во духот на гемиџиите

„...Одамна мислев да поставам динамит под објектот Спомен-дом на Мајка Тереза и да го кренам во воздух. До тоа дереџе ме дотера мојата, веќе одамна неподнослива, стварност. Особено кога го видов одличниот првонаграден проект (чинам дека се работи за Португалци), пикнат во подрумските простории на Министерството за култура, и откако се исфалсификува конкурсот, а се усвои овој, на „нашиот“ Вангел Божиновски. И се' тоа во духот на гемиџиите (и „јас сум од Титов Велес“), и во духот на претходното, скорешно вмровско искуство - минирањето на џамијата врз Климентовата црква на Имарет во Охрид. Колку да се продолжи гемиџиската традиција, не за друго. Потоа сфатив дека за да го минирам кородираниот македонски дух во целост (престорен во постојниот и претстојниот идеолошки тоталитаризам и тоталкратија), ми треба многу повеќе од Нобеловиот пронајдок. Сега ми останува да чекам Скопје да го снајде уште еден, уште поуништувачки земјотрес што ќе ги поништи сите архитектонско-урбанистички небулози на овој град заедно со своите создавачи, поддржувачи и остварувачи. Заедно и со сите нас кои не сме способни да го сопреме сето ова... “

 

Јавна уметност во Јавен простор

Македонија не може да создаде еден Бернини

„Уметноста во јавниот, пред се', во јавниот отворен простор е една од најсложените задачи за уметникот. Постојат низа категории што треба да ги поседува делото за тоа вистински и да профункционира. Во основа, станува збор за три вида и тоа: споменична, улична и парковска скулптура. Сите тие треба да водат грижа за темата, намената, локацијата и, што е најважно, просторно-содржинската контекстуализација. Таа, пред се', е порачана уметност со однапред зададени барања (тематски, содржински, локациски, урбанистички итн.) Големината на успешноста на оваа уметност е врв на културното поимање на времето и местото и на порачувачот и на уметникот. На пример, во Скопје не може да се случи посакуваната фонтана „Треви“ на градоначалникот Трифун Костовски, затоа што Македонија го нема Бернини. Поточно, Македонија не може да создаде еден Бернини, затоа што ниту е во прашање судирот на реформацијата и контрареформацијата во рамките на црквата како институција, ниту е во прашање верификацијата на новата капиталистичка форма на стоковната размена, ниту, пак, е во прашање судирот на капиталот со монархијата. Искрено, од аспект на социологијата на уметноста, добиваме уметност која е одраз на општественоста и тоа не ме чуди. Одговорно е да се зафатите со уметноста во јавен простор. Затоа и дразни леснотијата со која нашите уметници се нафаќаат за изработка на овие нарачки. Конечно, и во светски рамки, мал е бројот на вакви успешни остварувања. Ова, пак, особено важи за одговорноста за споменичната уметност. Уличната јавна уметност треба да го одразува урбаниот сензибилитет на градот, додека парковската би требало да внимава на спецификите на паркот како зачувана оаза на напуштената природа од градот.

Оттука, клучна улога во поставувањето на уметноста во јавниот простор, пред сите, треба да ја имаат урбанистите, а не како што е кај нас - политичарите. Токму поради фактот што оваа уметност, особено уличната, смета на факторот на изненадувачки топоними: движејќи се по урбаните комуникации, наидувате на таков еден проблесок на неочекуваната уметничка сензација. Погледнете како се поставени сегашниве пет скулптури - тргнати настрана, како да се нужно зло, па морале да ги постават... а со сите 50 улицата „Македонија“ ја замислувам како „скопска Кроазета, како мртва природа“...