��oj 244   27.12.2011
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

МЈУЗИКЛ ЗА ДЕЦА АМА И ЗА ВОЗРАСНИ

"Волшебникот од ОЗ" во Театарот за деца и младинци во Скопје

ЛИЛЈАНА МАЗОВА

Дамнешна пракса е на крајот на годината театарите да се потсетат на најмладите, или како се манипулира, на својата идна публика. Па институциите или "актери собрани околу идеја" подготвуваат "претстави" во кои главна личност е Дедо Мраз, со Новата година како убавица, со снегулки, евентуално оџачарчиња, еленчиња... Некаде од втората половина на декември од тв екраните и уште повеќе преку градинките и училиштата, преку воспитувачите и наставниците, децата дознаваат за новите "претстави" и "групно" одат на театар!? Којзнае дали е тоа вистинскиот пат до децата како театарска публика или само во корист на оние што тоа го прават!?

Сепак сосема е јасно дека легитимно театар за деца е Театарот за деца и младинци во Скопје. Само во него нема наменски "изненадувања" и набрзина реализирана "претстава" за најмладите, за "својата идна публика".

Иако во терминот во "пресрет на Новата година", во Театарот за деца и младинци - Скопје, излезе нова претстава. Замислете, без дедо мразовци, снегулки, еленчиња, убавици како нови години. Излезе легитимно сработена претстава - мјузикл за деца, ама да си признаеме и за возрасни.

Мајсторот за театар за деца Боњо Лунгов, со свој проверен тим на соработници (од Бугарија), одново работеше во Театарот за деца и младинци во Скопје. Ја постави можеби најпознатата модерна бајка за деца "Волшебникот од Оз" (има многу театарски изведби, тв и филмски екранизации), всушност мјузикл по Лиман Френк Баум. Соработници му се Маја Енчева, Константин Каракостов, Михаил Шишков, Дилјана Прванова, Никола Маџиров, Величко Каракостов, Петко Лунгов и Ален Хаџи Стефанов. Ликовите ги играат и пејат Нина Дејан (Дороти), Тања Кочовска Павловска (Тетка Ема, Злобната вештерка и Четка), Ана Левајковиќ Бошков (Добрата волшебничка, Царица на глувците и Ножици), Марија Ѓорѓијовска (Кучето Тото и Чешел), Драган Довлев (Чичко Хенри и Волшебникот од Оз), Ефтим Трајчов (Лимениот човек), Мартин Јорданоски (Страшило), Петар Стојковиќ (Лавот и Дрвото), а повеќемина од нив ги играат и ликовите на џвакачите.

Веднаш паѓа в очи, барем за оние кои го следат Театар за деца, дека во претставата се вклучени повеќемина нови актери. Ниту малку едноставна работа за сложениот процес на работа кој Лунгов го поставува пред актерите при секоја нова претстава - било каде. Од друга страна, факт е и дека наголемите хитови, најдолговечните и најнаградените претстави на овој театар се токму дело на Бањо Лугов во сите изминати две децении. Се разбира, под будното око на веќе легендарниот негов директор (сега во пензија) Љубомир Чадиковски.

Во светот на бајките на Боњо Лунгов, важно е да се нагласи дека во него освен децата со задоволство влегуваат и возрасните, го гради низ поставката, играта и најмногу дизајнот и музиката. Класичната приказна е за денес, за времево во кое има надеж за победа на доброто над злото. Изведбата, полна со фантазија и музика, спакувана по мерка на денешните театарски цели и публика, докажува и дека целта за победа на доброто над злото (како и секогаш) лежи во нас самите.

Девојчето Дороти и нејзиното куче Тото по едно невреме стигнуваат во чудната земја Оз. Запознаваат страшила, лавови, вештерки и чудни нешта и се разбира сите не и се наклонети. Дел од нив се убедени дека на Дороти може да и помогне само Вошебникот... Така и бива...

Убаво спакуваната претстава на ниво на атмосфера влече. За деца е малку предолга, ама затоа музиката и боите го држат вниманието. И сигурно е дека Театарот да деца и младинци има нова хит претстава чија бајковитост е добро одработена и може да смета на договечност и радост кај публиката - децата и возрасните.