��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

30

ЕВРОПСКА ПАРАЛАКСА: Лустрација на глупавите, а не на кодошите

НЕБОЈША ЈАКОНОВ

Законот за лустрација конечно ќе се најде пред македонскиот Парламент, што ќе рече дека, одново, овдешната јавност ќе се замајува со будалаштини наместо, евентуално, да се зафати со многу пополезната работа хиерархиските структури да ги исчисти од оние потпросечните на кои, и натаму, животот им врви како подмачкан

Нацијата конечно може да здивне. Позицијата и опозицијата се договориja пред Парламентот најпосле да се појави прочистениот текст на долгонајавуваниот Закон за лустрација при што, работата да биде понадежна, жестоките политички опоненти по прашањето дали оние луѓе, што во претходниот режим си правеле кариера со кодошење на други луѓе, треба да ги стигне заслужената казна (во форма на забрана да се занимаваат со јавна дејност и да добиваат јавни функции) се согласија во расправата околу ова важно општествено и политичко прашање да не се користат трикови во форма на амандмани со кој едната или другата страна на македонската асамблеја ќе се обиде текстот на овој закон да го наведе на „својата воденица“.

Демек, ќе се лустрираме. Притоа ова „дејствие“, како што се слуша, ќе се одвива како чисто „хигиенска“ постапка, дотолку што оние што ќе креваат два прста за овој закон се усогласија дека тој треба д се однесува само на историскиот период на Социјалистичка Република Македонија, а не на оваа самостојна, независна и плурална Македонија во која, нели, согласно со нејзиното демократско устројство, кодошењето не ни можеше да стане „систем“ туку, евентуално, само споредна форма со која „безбедоносните структури“ ќе обебедуваат одредени „информации“. Што се вели, нешто како инерција во трансформацијата на разузнавачката дејност во согласност со новата „нафака“.

Инаку, кога ги споменуваме „безбедоносните структури“ како фундаментален чинител во она што со народски јазик го нарекуваме кодошење, се' нешто ми паѓа на памет една анегдота што своевремено ми ја раскажа еден колега кој кус период од својот живот ги мина во редовите на полицијата. Анегдотата, патем, се однесува на една персона која со време стана не знам каква си таму полициска „шаржа“ (за потоа, за жал, да „зглајзне“ во некоја од „чистките“ во МВР), а кој како млад полициски иследник успеал преку ноќ да ги испревари генерациските исписници во најмладиот ешалон во полицијата, привлекувајќи го со своите разузнавачки интересни „белешки“ вниманието на претпоставените. Неговите приказни за разни „извори“ и „живи јазици“ на крајот стигнале и до самиот врв на РСВР (така тогаш, нели, се викаше денешното МВР) па се открил „трикот“ на итриот млад џандар. Тој, имено, кога било побарано некои повисоки полициски структури да се сретнат со неговите „информатори“, признал дека сите белешки всушност ги измислил, а со цел, како што рекол, „да си ја поправи варијабилата“.

Оваа поучна приказна, несомнено, има врска со поразната констатацијата што беше изречена кога, своевремено, беа отворени за јавност архивите на злогласната источногерманска тајна полиција „Штази“. Тогаш, имено, некои од жртвите на иследување од страна на агентите на „Штази“, соочувајќи се со „материјалот“ што педантно бил собиран за нивниот приватен и јавен живот, ќе забележат дека „александриската библиотека“ од биографски прибелешки што „Штази“ во текот на годините ја собрал за граѓаните на ДДР е, напросто, само Гаргантуовски, непојмливо голем куп глупости без никакво суштинско разузнавачко значење. Со еден збор, дека фамозната архива на врвната безбедносна структура на Источна Германија можеби највпечатливо од сите други институционални траги на системот ја разоткривал бесмислата на „комунистичкиот проект“ и на лицемерната политичка заложба луѓето, ако треба и со сила, да се направат добри или, ајде да кажеме, подобри одошто се.

Секако, кога ја споредуваме архивата на „Штази“ (таму, велат, работата била доведена до совршенство па сопругите си ги кодошеле своите мажи, а родителите си ги поткажувале чедата) со се' уште, условно кажано, полутајните архививи на нашата социјалистичка „народна милиција“ (тие, нели, своевремено беа дадени на увид на јавноста, ама, велат, по претходно темелно „прочистување“ од сиот материјал што, евентуално, би можел политички да му наштети некому) ќе мораме да констатираме дека разликата е напросто несомерлива. Сакам да кажам, една од жртвите на лустрацијата во Германија на крајот излезе големиот Хајнер Милер, творец за кого се вели дека е „најголемиот поет на театарот по Семуел Бекет“ и „највлијателниот германски дараматург по Бертолд Брехт“ (но, ете, наводно бил и „кодош“ на „Штази“), додека секому му е јасно дека ако од жбунот на нашава македонска лустрација евентуално и истрча некој зајак тој, несомнено, по „габарит“ нема да го надвиси вообичаениот „фото робот“ на нашите типични жбирови – оние мрсули од луѓе што седат по кафеаните и ловат „неподобни“ разговори меѓу гостите.

Кога е веќе така, се разбира дека некој би можел со право да ги праша Стојан Андов, иницијаторот на Законот за лустрација, и малата група, главно млади по години, здушни поддрувачи на таквиот проект (го читале децата Колаковски, па тоа ти е) зошто ја замајува јавноста со глупости да откриваме кој „гргур“ од денешните пензионери се задскривал зад кодната шифрите „бутот на свастиката“ или „сина птица“, та потоа да му забраниме, евентуално, да стане претседател на советот на корисници на некој од овдешните пензионерски домови. Не ли ќе беше поупатно - ако веќе навистина сакаме да се зафатиме со темелно прочистување на јавниот живот од „токсините“ заостанати од комунистичкото време – да се потрудиме од играта да ги исфрлиме оние што напредувале, а богами и се' уште напредуваат во нашиов систем по друга, а не по „кодошка“ основа. Говорам, нели, за она што во еуфемистичка форма го нарекуваме „номенклатура“ и „систем на владеење на медиокритети“, еден од најпеколните „трикови“ што зад себе ги остави претходниот поредок, а кој, фала богу, се чини дека и ден денешен е еден од главните принципи во таканаречената вертикална проодност на системот и во изборот на луѓето кои на најразлични нивоа ќе раководат со него. Кажано поинаку, немаше ли да биде поумно и, дефинитивно, многу попелезно конечно да се ослободиме не од кодошите, ами од глупаците во хиерархијата на општествените структури. Ова затоа што е се' поочебијно дека инертното опстојување – кој знае поради кои тајни законитости на социјалната динамика на македонското општство - на социјалистичката кадровската филозофија на „владеење на просечните“ лека полека не' претвара во општество со кое, на крајот, ќе владеат оние потпросечните. Патем, да не биде дека се задскривам зад „општи формулации“, како што тоа обично бива кога јавно се говори за некој невралгичен општествен феномен, јасно и недвосмислено го кажувам своето мислење (ако сакаат и нека ме тужат за тоа) па велам дека како сигнали на постапна „петрификација на олигофреноста“ во структурата на општествените елити во оваа земјава ги гледам примерите кога, да речеме, некогашен министер за здравство, ќе почне да се занимава со маркетинг на панаѓурски „направии“ за универално здравје или кога еден бивш ректор ќе заврши како - „козметичарка“. Таквите примери, нека ми биде простено, ама го надминуваат капацитетот на вообичаеното помирување со нештата изразен преку ставот дека, ебаго, таква е транзицијата.

Секако, бидејќи е јасно дека глупоста е една од најбезграничните димензии во опстојувањето на човечката цивилизација (така барем ја дефинирал Ајнштајн), крајно е нејсно како конкретно би можел да се спроведе еден проект за помало или поголемо „дератизирање“ на општествениот ситем од оние на кои интелегенцијата и знаењето им се во обратнопропорционален сооднос со „грбот“ и „вујкото владика“ што ги имаат за да ги бутка по вертикалите на општествената хиерархија. Конечно, да не заборавиме дека таканаречениот „непотизам“ (уште еден странски збор во оптек во нашава јазична практика) овде кај нас, обично, се преведува како „кумство“. А кумот, се знае, не е копче и уште долго ќе отане една од темелните институции на ова наше се' уште фолклорно, да не кажеме родовско општество, кое само патетично се преправа дека апсолвирало некои од правилата на граѓанските заедници.