��oj 22   18.09.2007
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

 

 

Броеви достапни
за читање on-line

Број 20

Број 19

Број 18

Број 17

Број 15-16

Број 14

18

ФИРМАТА ШТО ЌЕ ГО ГРАДИ „РАДИСОН“ НЕ Е МОЈА

Им пречам на најголемите олигарси во државата. Основата на бизнисот со „ОРКА“ е стабилна и се темели на годишен извоз од 7 милиони евра

пишува: СИНИША СТАНКОВИЌ

s.stankovic@globusmagazin.com.mk

ФОТО: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Каква е врската меѓу „Орка“ и хотелот зад „Рамстор“?

- Нема никаква врска. Адвокатите на „Орка холдинг“ и јас лично поднесовме тужба против господинот Јани Макрадули затоа што на прес-конференцијата изрече клевета дека компанијата „Џерома“ е сопственик или косопственик во компанијата „Орка“. Сите промени на регистрациите на „Орка“ од 1990 до денес се доставени до судот и се надевам дека судот ќе ја констатира вистината дека „Џерома“ никогаш не била сопственик на „Орка“. Компанијата ХЛХ УК е втората по големина англиска компанија во хотелиерството и во нејзина сопственост се 18 хотелски објекти. Јас не сум ја посетил таа компанија и сите информации за неа ги знам од нејзината веб-страница. Наш долгогодишен стабилен партнер во конфекцијата, веќе 13 години, е компанијата „Џерома“, една од најголемите англиски компании за женска модна конфекција. Тоа не е бренд, туку компанија која произведува за брендови. Нашите производствени капацитети, околу 1.200 вработени, работат за таа компанија. Кога власта изгради стратегија за привлекување странски инвестиции, ние на сите наши партнери им ја испративме програмата на кампањата „Инвестирајте во Македонија“, со молба на нивните бизнис-партнери да им ја презентираат сликата за Македонија, стекната низ долгогодишната работа во државава. Така, господинот Ендрју Фелман успеа да привлече компанија како ХЛХ да инвестира во Македонија. Значи, успеа нешто што не им успеа на многу други.

Добро, но штом се расчу дека ќе се гради хотел зад „Рамстор“, низ Скопје се прошири информацијата дека зад таа зделка стојат Камчев и Сашо Мијалков...

- Со Сашо Мијалков немам никаква бизнис-релација, ние сме пред се' пријатели. Не ми е ни кум, ни старосват, туку неговиот покоен татко и татко ми беа долгогодишни пријатели, а јас со него другарувам 20 години и тоа нема врска со политиката или со деловните интереси. Видете, ова беше трет тендер за тој плац, по тоа можеше да се оди на непосредна спогодба, зар мислите дека една компанија од врвот на англиското хотелиерство, со капитал од половина милијарда фунти, би се служела со такви работи или дека на неа нешто и' значи разликата од 50 или 100 евра за квадратен метар? Тоа се обвинувања без резон. Ако даде Господ за две и пол години да се изгради „Радисон“, јас ќе бидам најсреќниот човек, затоа што сум придонел мој деловен партнер да донесе сериозен инвеститор во Македонија. Јас немам средства ниту моќ да влегувам во вакви проекти, но и понатаму ќе се трудам, со сите мои врски и пријателства, да придонесам за влез на странските инвеститори во Македонија.

Зошто партијата на чие чело е госпоѓата Шекеринска, за која изјавивте дека е „единственото нешто вредно во СДСМ“, чиј кандидат за пратеник бевте и Вие, но и потпретседател на младинската организација, сега би Ви монтирала случај?

- Јас бев потпретседател на СДММ кога Радмила беше претседател и сметам дека и денес моите релации со неа се одлични. Никогаш не сум имал проблем со неа и понатаму го мислам тоа што го изјавив кога господинот Владо Бучковски беше премиер, дека таа е единственото нешто што вреди во СДСМ. Мислам дека непотребно ме вклучија во една политичка битка, а дека во крајна линија може да загуби државата. Со Јани Макрадули никогаш си немам кажано лош збор, но според неговите прес- конференции, ми се чини дека тој има нешто лично против мене. Можеби некому во СДСМ му е криво што оваа инвестиција е донесена кога е на власт ВМРО-ДПМНЕ, но да имаше нешто понудено на пазарот кога на власт беше СДСМ, јас исто така ќе помогнев да дојде некој странски инвеститор. Збунет сум зошто е ваков односот на оваа постава на СДСМ кон мене.

Ви беше ли јасно зошто и претходната постава на СДСМ беше против вас?

- Не ми беше јасно. Не е тајна дека моите односи со Бучковски беа на највисоко ниво и дека тој ми беше единствениот пријател во партијата. Но, откако стана премиер, јас не успеав ни телефонски да се чујам со него. Дали доби некакви погрешни информации, не знам, но човекот комплетно се измени.

Во СДСМ важевте за Титов младинец...

- Мислам дека Бранко Црвенковски имаше погрешна претстава дека Тито Петковски ме фаворизира заради некаков баланс во младинската организација. Јас во СДММ бев опкружен со пријатели и тука немаше политикантство. А Тито Петковски е долгогодишен пријател со татко ми, тие врски се нераскинливи и немаат врска со политиката. Во одделни политички ставови целосно се разликуваме со господинот Петковски, но тогаш во СДСМ не беше важно тоа.

Конечно, зошто заминавте од СДСМ?

- По поразот на изборите во 1998, јавно истапив со став дека Црвенковски треба да понесе одговорност и да поднесе оставка. Сите што имаа таков став, еден по еден беа елиминирани од партијата. Тогаш ги напуштив сите партиски органи и тела, а кога почна хајката против мене во 2003, излегов и од партијата.

Се сметате ли за транзиционен богаташ? Ве бие глас дека сте контроверзен бизнисмен кој редовно игра на работ...

- Горд сум што татко ми ја постави компанијата во 1990-тата, користејќи го своето искуство од „Македонија спорт“, каде што раководеше 15 години. Почнавме со мала хала со триесетина луѓе и со една спортска продавница и не сме транзициони богаташи. Татко ми имаше јасен став - дека не треба да се мешаме во приватизациите, особено по разврската со „Македонија спорт“ и со „Вектра“. И тоа беше една политичка игра на Црвенковски контра Петковски. Денес и Златко и Живко Груевски од „Јукан“ ќе ви потврдат дека беше така, зашто ние бевме жртви кога Црвенковски реши да ги вкрсти копјата со Петковски и не ја добивме „Македонија спорт“. Јас, апсолутно, не играм на работ. Во некои бизниси ризикувам, но генерално, темелите на фирмата се здраво поставени и концептот за извоз е на највисоко ниво според стандардите во Македонија. Компанијата има стабилен бизнис, со 7 милиони евра годишен извоз, малопродажната мрежа се шири и имаме 24 малопродажни објекти, а веќе пет години го градиме сопствениот бренд - „Кара“. И мислам дека тоа е иднината на македонскиот текстил. Можеби токму поради ова им пречевме како компанија на „големите десетмина“.

Зошто, па Вашиот бизнис не е конкуренција ниту на еден од „големите десетмина“?

- Да, но ударот врз мене беше директно инициран од Штерјо Наков. Целата хајка против компанијата од СДСМ ја водеше Никола Поповски, но „Орка“ се најде на удар поради суетата на Наков. Тој за време на владеењето на СДСМ, во периодот 2002-2006, ги заокружи сите свои бизниси и стана премногу моќен. Тогаш им вети на Турците дека преку свои врски во власта ќе им среди да го добијат земјиштето кај „Панорама“, иако тоа веќе две години беше во наша сопственост. Јас десетина пати бев повикуван во кабинетот на тогашниот министер Владо Димов за да им го отстапам просторот. Ништо не беше случајно. Откако го одбивме Наков, почна канонадата напади врз компанијата. Заради повредена суета, Наков ни испрати „забрана“ да доаѓаме во „Александар палас“!

Сепак, еден подолг период редовно бевте присутен во црните хроники. Ве обвинуваа за прикривање данок и за даночната пирамидата, па за неевидентирана стока, па по приведувањето и по една ноќ во притвор, плативте кауција од 60.000 евра...

– Видете, тоа се нереални обвинувања. „Орка“ во времето на СДСМ имаше добиено решение од УЈП за поврат на данок. Но, штом си ги побаравме парите, 100 милиони денари, настана револуција. Иако поведовме процес, добивме на суд и наплативме поврат на данокот, потоа УЈП донесе уште едно сосема спротивно решение. Па, ние се жалевме. Три години одевме по судови, за на крајот државата пак да ни ги земе парите.

А наводната неевидентирана стока беше нарачана работа. Јас најодговорно ви тврдам дека за таа фамозна неевидентирана стока не постои ни една пријава, ни од Трудовата, ни од Пазарната инспекција, ни од УЈП! Но, се' е џабе, не можеш да се браниш кога ќе се поведе хајка и во медиумите.

Смешни се и обвинувањата за пирамидата. Во јули 2005 добивме фактура за придружни материјали во производството, за кои данокот е вкупно 900.000 денари. Зар мислите дека за тие средства ќе влегував во пирамида? Па, финансиската полиција го констатираше материјалот. Имаа цела недела да реагираат. Ама ништо не беше случајно. Чекаа да отидам в петок на викенд во Грција, па отишле да ме бараат кај татко ми и мајка ми. И денес тврдам дека не е објавена целата листа на компаниите кои работеле преку тие десет фирми и ги ваделе парите. Меѓу нив имаше и министерства и јавни претпријатија, ама само „Орка“ беше обележана. Освен тоа, парите ги плативме утредента. За тоа уште трае судската процедура, во која првото вештачење е во наша корист, зашто „Орка“ во случајот не била даночен обврзник, а сега ќе се прави и второ вештачење.

Тогаш тврдевте дека сте жртва на монтировка. Ако Ви го монтирале тоа, какво е Вашето објаснување за аферата со плацот во центарот на Скопје и за парите што сте му ги дале, наводно, на господинот Буџаку?

- Плацот во центар го купила компанија која соработува со „Орка“. Каква врска имам јас со тоа? Тој плац никогаш не бил на „Орка„! Па, како јас, кој во тоа време се карам со Хари Костов, ваму правам бизнис со Буџаку? Човекот само на телевизија го имам видено. Ако бев толку близок со Буџаку, ќе барав политичка заштита од ДУИ додека траеше хајката против мене. Да беа такви релациите, ќе му речев на Буџаку – „Кажи им на Хари или на Бранко да ме остават на мира“. Хари Костов мавташе со ЦД за некаков сниман разговор. А во кое својство ме снимал? Човекот кој во Тетово беше шеф на наша продавница, преку брат му од Америка, го купил плацот. Тоа е вистината. Но, тоа беа нивни политички работи. Хари Костов сфати дека многу-многу не го есапат како премиер, дека не може да ја контролира работата со ДУИ и со некои скандалозни работи во власта и си поднесе оставка... Ама јас немам врска со тој случај.

По куршумите во „поршето“, медиумите Ве поврзуваа со бугарската, а по „кашикарите“ под џипот - со руската мафија...

– Да се разбереме, и „поршето“ и џипот беа на фамилијата Костовски. Јас имав свое возило. Прашајте се зошто Костовски го смени целокупното обезбедување по тие два напада. Каква руска, каква бугарска мафија! Јас не сум имал никакви закани, никогаш не сум имал обезбедување, никому не должам... Зошто МВР ништо не презема за тие случаи? Па, во близината на таа зграда се сместени луѓето на ЦИА, се' е покриено со камери, да сакаше некој нешто да открие, ќе откриеше... Се работи за една група луѓе кои тогаш му наметнаа на Костовски да земе ново обезбедување. Мислам дека сето тоа што ми се случуваше во тие шест месеци е дело на една структура во полицијата. Долго го анализирав тоа. Можеби сакаа рекет, но никој не дојде да побара пари. Поверојатно е дека требаше јавно да ме искомпромитираат, да ме оцрнат и да ме доведат во врска со некакви мафии.

Со бугарската мафија Ве поврзуваа и поради аферата со пробиени кодови и извлечени 10 милиони денари од кредитни картички од Франција и од Британија, за што беа обвинети двајца шефови на Ваши продавници?

- Тоа беше класичен монтиран процес. Јас бев во Кина десет дена. Во наши дуќани дошле купувачи од Косово, Албанци, кои во седум-осум дена купувале стока. Значи, не наеднаш голема сума пари, туку со денови. Картичките тогаш им поминале, ама банките нам не ни ги исплатија парите. Банките сигнализирале дека се пробиени кодовите дури осмиот ден! И тогаш пријавиле во полиција. Момчињата беа држени во притвор, иако воопшто не зеле пари. Без аргументи ги обвинуваа дека биле во врска со луѓето со картичките. А „Орка“ воопшто не ги наплати парите од Комерцијална и од Стопанска банка. Сега ги тужиме банките за тие пари. И логично, Апелациониот суд им ги укина и условните казни, зашто момчињата не се виновни. И како би биле виновни кога парите воопшто не стигнаа до „Орка“. Каков интерес имале момчињата? Инаку, целата хајка беше медиумски добро одработена, вестите на Канал 5 почнуваа и завршуваа со нас. Демек, Орце Камчев бил криминоген тип. Зошто никој никогаш не дојде да види што се' е направено во „Орка“? Нашите пари не се изнесени надвор, се' е инвестирано тука, во четири фабрики, во болница, 1.400 луѓе земаат плати... Никогаш не сме биле милениче на државата, не сме добиле ниеден тендер да шиеме за војска или за полиција, шиеме за НАТО, ама никогаш не сме шиеле за македонската војска или за полицијата.

И на блогови се појавија прашања зошто Орце Камчев ја продал „Мала Богородица“ само за 350.000 евра? Чија е фирмата „Евро Балкан“?

– Не сме ја продале евтино, ама не можат да ме разберат. Станува збор за инвестиција. Ние го продадовме нашиот удел во „Мала Богородица“ во договор со странска компанија која ќе гради општа болница во Бардовци, со инвестиција од 25 милиони евра. Луѓето од конзорциумот ќе дојдат кога ќе биде готов проектот за болницата. А дента кога ќе ја изградат болницата, 49 проценти од капиталот се препишува на „Орка“. Значи, со ставањето на „Мала Богородица“ во системот, ние добиваме капитал од 12 милиони евра, што не смееме да го отуѓуваме. Тие сакаат да продолжиме да го менаџираме бизнисот. Според бизнис-планот, за 8 години треба да се вратат вложените средства. n