��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

16

БЛОГЕРСКА ИНТИФАДА

Обид да се организира интернетско случување на народот за одбрана на уставното име односно на темата за заштита на македонскиот идентитет

пишува: Небојша Јаконов
n.jakonov@globusmagazin.com.mk

фото: архива „Глобус“

Кога не би било онака како што е и кога не би ни се случувало она што ни се случува (со години наназад), некој би можел да констатира дека минатонеделниот протестен митинг против евентуална промена на името на нашата држава во спорот што го водиме со Грција претставуваше голем исчекор во унапредувањето на демократските стандарди во Македонија. Оваа оцена, притоа, не би се однесувала толку на фактот дека собирот на скопскиот плоштад „Пела“ – како што, генерално, се вели деновиве - беше масовен и мирен (освен оние од 300 до 500 млади „јунци“ што се издвоија од масата и тргнаа кој грчката канцеларија за врски, очигледно со намера на дипломатските претставници на јужниот сосед да му пренесат и некои „понепосредни“ пораки за тоа дека сме резолутни во намерата да го браниме нашето уставно име), ниту, пак, за наши услови, барем кога станува збор за вакви случувања, по малку невообичаен „светски“ амбиент што владееше таа вечер во центарот на Скопје: каде што дел од луѓето, со транспарентите, знамињата и најразличните други демонстрантски реквизити на еден, така да кажеме, чисто „семантички“ план покажуваа дека се дел од протестот, додека други, користејќи го невообичаеното топло време за овој период од годината, продолжуваа со својата релаксирана променада по улицата „Македонија“ и плоштадот, небаре, сосема незаинтересирани за митингарите и митингот. Горенаведената квалификација за нов дострел во нашиот демократски развој, а во врска со искажаното „не“ за промената на уставното име (порано, во недемократскиот социјалистички систем, би рекле, „едногласно искажаното не“) се однесува на тврдењето дека овој митинг е првото масовно јавно изразување одреден политички став што е иницирано и, што е уште поважно, како организациска логистика е изведено, главно, со инструменти на новата информатичка технологија, поточно со помош на Интернет-мрежата или, ако сакате најточно, со користење на она што упатените во оваа ИТ-проблематика го нарекуваат „блогосфера“.

ФОРУМ Фактите, инаку, велат дека новинарот Миленко Неделковски, човек што ја познава оваа материја и кој, очигледно, е свесен каква моќ во комуникациска смисла поседува Интернетот, во саботата напладне, еден ден по неговата емисија на Канал 5 во која му гостуваше колешката Мирка Велиновска и се говореше токму за најновиот развој на настаните во спорот околу името со Грција, на својата веб-страница, поточно во секцијата наречена „форум“ – за неупатените, тоа е термин со кој се означува еден вид конференциска дебата на одреден Интернет-сајт - пласираше една петиција, некаков вид повик или, да кажеме, иницијатива да се организира јавен протест на кој, како што ќе напише, народот јасно би им ставил до знаење на политичарите дека не се согласува да се преговара со Грција околу името на нашата земја. Само пет минути, како што се вели во Интернет-жаргонот, по „постирањето“ на петицијата на Неделковски, ќе стигне првата реакција: некој си што на форумот ќе се претстави со прекарот Делија кусо ќе одговори: „Еве, јас прв сум за!“ 



 МРЕЖА Она што ќе уследи, всушност, најдобро ја демонстрира моќта на глобалната компјутерска мрежа дури и овде кај нас во Македонија, каде што обично велиме дека Интернет-комуникациите се се' уште во повој. Имено, во тој момент, во целата работа ќе се вклучи таканаречената македонска блогосфера или, попрецизно да кажеме, иницијативата на Миленко Неделковски ќе влезе, ќе се најде во виртуелната структура која - така барем велат упатените што и нам ни го објаснуваа овој нов социјално-комуникациски феномен - на овдешните луѓе, кои, евентуално, се' уште не слушнале за блоговите и блогерството, најдобро може да им се објасни така што ќе се спореди со некоја кафеана или некој друг тип наше традиционално собиралиште каде што луѓето доаѓаат оти знаат дека таму секогаш ќе најдат некој познат или, евентуално, ќе стекнат нов познајник за да промуабетат со него за кое било прашање што ќе им се види интересно во мигот. Е, токму тој нов виртуелен „кафич“, што сега благодарение на Интернетот стои на располагање на дел од македонската популација, ќе направи што ќе направи со идејата на популарниот Миленко. Едноставно, раскажувајќи еден на друг – а тоа значи пласирајќи ја петицијата или само коментирајќи ја на своите блогови - овдешните блогери за сосема кусо време ќе ја рашират веста и не само тоа, туку ќе создадат мрежа на волонтери, кои загреани за идејата, ќе изразат готовност на еден или на друг начин да се вклучат и во организацијата (лепење плакати, организација на превоз за учесниците и слично) на извесниот митинг со дефиниран термин и со дефинирана локација веќе во неделата попладне. 

БЛОГОСФЕРА Секако, ова е дел од приказната што ја пласираат оние што се „внатре“ во македонската блогосфера и кои, судејќи според преовладувачкиот број од коментарите што уследија на блоговите и форумите по митингот, се прилично горди дека токму благодарение на нив „македонскиот народ го изрази своето единство и сплотеност“ во поглед на прашањето дали македонското државно раководство треба да направи каков било компромис во преговорите со Грција и да прифати некои од решенијата што ги понуди медијаторот Метју Нимиц. Во овој „ексклузивен“ став, како што велат оние што ја познаваат блогерската сцена и, воопшто, проблематиката на користењето на Интернет во земјава, се препознава, меѓу другото, и една битна специфика на популацијата, главно помлада, која за кусо време здушно ги прифати придобивките на новите информатички технологии и на Интернетот. Специфика која оние постарите и поконзервативните, што не ја познаваат таа нова занимација на младите, обично ја квалификуваат како „секташтво“, некаков вид „јуродивост“, што е карактеристична за помладите луѓе, додека оние што се веќе влезени во просторот на таа нова „сајбер-Македонија“ се склони да ја нарекуваат „револуционерност“ и да ја оценуваат како зародок на еден сосема нов тип социјално поведение. 


Дарко Булдиоски

 ЗАЕДНИЦА „Соочени со оваа новина“, вели Дарко Булдиоски, млад комуниколог и еден од референтните имиња во македонската блогосфера, „многу луѓе прават грешка, па ја доживуваат, пред се', како социјален феномен, превидувајќи дека во целата работа централно место има тоа што блоговите и, воопшто, Интернетот, теоретски гледано, се нови медиуми, нов вид или тип комуникациски канали кои згора на се' во себе ги инкорпорираат и оние старите, традиционални медиуми. Поаѓајќи од ова, Булдиновски (кој, инаку, заедно со Сеад Џигал веќе подолго време, од март 2005 година, го води блогот „Комуникации“, кој е посветен токму на новите медиуми, па во таа смисла многумина го посочуваат како референтна содржина за развојот на македонската блогосфера) вели дека блогерската заедница, ако веќе сакаме да ја проценуваме од социолошки или, во случајов, од потесен политиколошки аспект, во ништо суштествено не се разликува од останатиот дел на македонската популација. Кажано со други зборови, Булдиновски вели дека она што како социјално поведение, како политички став, како матрица на вредности може да се забележи во блогосферата по ништо не се разликува од она што го гледаме и доживуваме во онаа другата, „невиртуелната“ Македонија.


Роберто Беличанец

НАПАД На исто становиште е и Роберто Беличанец, кој, исто така, го нагласува медиумскиот, комуниколошкиот аспект на феноменот на блогосферата. Беличанец, неодамна беше цел на жестоки напади на овдешните блогери кога во една дебатна емисија на Македонската телевизија искажа децидна оценка дека „седумдесет, осумдесет отсто од блоговите се ѓубре, од кои половината се расистичко ѓубре“. Веднаш по оваа негова изјава, во овдешната блогосфера се крена кука и мотика, при што „ортодоксните блогери“ го оквалификуваа Беличанец како конзервативец, поврзувајќи го неговиот став со ставот што, според блогерите, преовладува кај луѓето од традиционалните медиуми, кои доживуваат блогосферата ја како „непријател“, пред се' затоа што тие медиуми (печатените и електронските) одамна се ставени во скут на политичките и на бизнис-центрите на општествена моќ, за разлика од новите медиуми, кои, наводно, по оцената на приврзаниците на Интернетот, се „отворени“ и иманентно демократски. Патем, учествувајќи во Интернет-дебатата што се разви околу ова прашање, Беличанец дополнително го прецизираше своето становиште, констатирајќи дека „ако на прачовек му дадеш компјутер, тој нема да стане дигитален граѓанин“, став, кој дефинитивно, би рекле, може да се брани, ако ништо друго поаѓајќи од фактот дека и во „виртуелното кафуле“ на македонската блогосфера, баш како во нашите реални кафеани, меани и други социјални сврталишта, може да сретнете искази кои, главно, со отворениот и нагласен шовинизам, најблаго речено, би можеле да бидат предмет на опсервација на овдешните обвинителства.



МИТИНГ Тука некаде, по овие неколку кратки општотеоретски пасажи за македонската блогосфера, се чини, би можеле одново да се вратиме на централното прашање на овој наш текст, односно на оцената дали „митингот на Миленко“ (на кој, според наши процени, се собраа меѓу 10 и 15 илјади граѓани и тоа од разни социјални и генерациски категории, но, би рекле, и од разни политички провиниенции) навистина е првенче во организирањето еден општествен настан на кој јавно се искажува определен политички став, а со обилно користење на предностите што ги нуди комуникацискиот канал на Интернет-мрежата. За да одговориме на ова прашање, секако, важно е да откриеме дали колегата Неделковски, во случајов, треба да се вброи во категоријата „блогерски ентузијасти“ и „револуционери“ или, пак, како што тврдат некои, тој е само „вметнат човек“, што значи дека приказната за револуционерната улогата на Интернет-мрежата како нова демократска придобивка и можност во јавното артикулирање на политички ставови во општеството не држи вода, односно дека пионерската димензија на целиот настан е во тоа што ова случување на народот со помош на Интернет е само првиот колку-толку успешен обид за манипулација и политичка злоупотреба на новите медиуми во иста мера во која, нели, се злоупотребуваат и се манипулирани традиционалните медиуми. Да објасниме, патем – на тоа дека митингот на плоштадот „Пела“ беше (или требаше да биде) некој вид случување на народот, се чини, инсистираа токму Миленко Неделковски и луѓето што официјално се потпишаа како организатори на минатонеделниот митинг - режисерот Борис Дамовски, креатор на сатиричното шоу со недвосмислена политичка ориентација „Еднооки“, информатичарот Аристотел Тентов, кој заедно со академик Томе Бошевски е автор на новото „македонско“ читање на познатиот Камен од Розета, како и новинарката Мирка Велиновска, која подоцна, од непознати причини, се огради од организациониот тим, не исклучувајќи ги тука ниту стафажните ликови, како што се „генералот“ на „Лавовите“ Горан Стојков и актерот Тони Михајловски, единствениот конферансие на митингот, своевремено портпарол на „Лавовите“, што, пак, на некои им даде аргумент целата организациска екипа, а со самото тоа и митингот, прецизно да ги лоцираат во одреден сегмент на македонската политичка сцена. 


Ивица Антевски

НАТРАПНИЦИ Ивица Антевски, еден од оние што има искуство и во традиционалните медиуми (тој е новинар и колумнист на „Шпиц“) и во блогосферата (креатор е на еден, од идеолошки аспект, најпрецизно дефинираните македонски блогови „аНТИблог“, во кој се застапува за тезата Интернет-комуникацискиот канал да се искористи за ново предефинирање на левата политичка опција), во контекст на горепоставената дилема вели дека македонската блогосфера во основа ја одразува целата скала на политички становишта што постојат во земјава, но инсистирајќи на тоа дека овој нов комуникациски канал мора да остане „незагаден“ и целосно посветен на идејата за проширување на демократските хоризонти, констатира дека одредени луѓе и проекти што се појавуваат во „виртуелниот македонски парламент“, сепак, можат да се квалификуваат како „натрапници“ и „аутсајдери“ кои, евентуално, во некое идно време, кога блогосферата дополнително ќе зајакне, би можеле да се обидат и новите медиуми да ги стават во „функција“ на манипулирање со јавноста. На оваа линија, патем, се и тврдењата на некои познавачи со кои контактиравме, а кои тврдат дека такви обиди веќе постојат – конкретно дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ своевремено им дало задача на неколку свои активисти да отворат навидум нивни лични блогови преку кои и во овој медиум би се инфилтрирала пропагандната оператива на оваа партија. Којзнае, впрочем, дали чудната позиција само владејачката ВМРО-ДПМНЕ да даде партиска поддршка на митингот (нешто што се случи буквално во пет до дванаесет кога веќе беа завршени сите организациски подготовки) не беше одраз токму на таквата стратегија или, пак, како што оценуваат некои, тоа беше само „тактичка реакција“ поради процената дека ова „случување на народот“ би можело да се насочи и против актуелната власт (која, нели, се декларира како народна), што значи со него сериозно да се начне „светиот институт“ на партијата - рејтингот на премиерот и партискиот лидер Никола Груевски.

Како и да е, митингот беше и помина (патем, организаторите најавија дека тоа било само генерална проба), при што доби вакви и онакви политички оцени. Што се однесува до нашето прашање, би рекле дека времето (и тоа некое баш сосема скорешно време) ќе каже дали тоа беше првата реална пројава во Македонија на „политичката моќ“ на Интернетот (демек, дали во скоро време ќе мора и блогерската заедница да ја сметаме за една од „партиите“ на овдешното политичко небо) или, пак, обратно, стануваше збор за првиот обид со упад извршен од страна на „невиртуелните“ политичари и политички „аспиранти“ и „приправници“, кои сосема реално ни го моделираат животот и судбините , што се вели по со време да се анулира евентуалното политичко инсталирање на еден нов демократски институт, кој дополнително би ја усложнило позицијата на актуелната, испробана и проверена „политичка технологија“ што се применува во земјава. Како и да е, и без конкретен одговор на прашањето што го поставивме, останува фактот дека Интернет-технологијата е тука и дека политичкото влијание на новите медиуми ќе расне – можеби и со експоненцијална брзина. Први свесни на тоа, се чини, станаа овдешните мејнстрим-политичари, кои на практичен пример открија дека и некои навидум минорни играчи на политичката сцена, со добро познавање на новите технологии, можат ако не да ја наметнат својата кандидатурата за експресно зачленување во елитниот политички клуб, тогаш барем баеаги да им го искомплицираат животот.

ШТО СЕ МОЖЕ ДА СЕ ВИДИ И ПРОЧИТА НА БЛОГОВИТЕ

Блогосферата, велат, во поглед на политичките ставови е „слика и прилика“ на реалната политичка сцена во земјава. Еве што, на пример, може да се прочита на блоговите во врска со минатонеделниот митинг и, воопшто, околу спорот за името со Грција



Што се 5 камења фрлени у Грчка амбасада и 3 скршени шофершајбни на коли у споредба со продажба на име кое егзистира веќе 25 векови?? Стиховен Калибар (Горан Јанкуловски)



Нема една вистина, нема една Македонија и пред да почнете да ме тепате уште сега гордо изјавувам- ако ова значи да се биде македонец јас сега знам дека тоа НЕ сум. Да живеат Ескимите! Фемгерила



Ма и светот знае кој е Александар... И у филмот има све. МафиМК

Нашата младина живее во дамнешно свршено време во кое може да си се дружи со Грците и со Албанците како свои очигледни истомисленици и браќа и сестри по национализам.

Квадратура на кругот (Мирјана Најчевска)



Што прават ова западњациве бе ...Бог да чува...

Проклетите боцки



Националниот идентитет – концептот нација – држава, одамна е застарен и јас стојам гордо наспроти сите вас – патриоти од секаков калибар Букаро (Алекс Букарски)



Да живее Македонија, да живеам и јас... Freestyle



Ги збунафме политичарите

ЈовеМК (на Форумот на Миленко)



Лазар и Киро ги праќаат нашите дедовци на одат да се борат на Сремски фронт и да гинат за туѓа држава, со која немаат ништо заедничко. Е друже, уште тогаш е грешно постапено па се' до денес. Ако нашите отишле на кај Солун, сега до овие срања немаше да има ништо, и ќе си одев за 1 мај на наше море, и секое лето на плажа на наше море, и немаше да има егзодус на нашите во Грција. Ортодокс



Златно правило: тој кој го има златото ги прави правилата... Рокси



Па, сега навистина станавме, „хемороид“ на газот на светот, и го активираат кога сакаат. Затоа е таа зграда на Кале, толку голема и грда, за да ни го активира хемороидот, за кога ќе крвари лек да му стават Дацафаца



Нели е интересно тоа дека се прогласуваш за потомок на некој кој немал живи потомци. Син му на Александар бил убиен на 12 години и лозата била прекината, Гоце Делчев не ни имал деца

Аминта 23

ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКАТА БЛОГОСФЕРА

Користењето на блоговите - кои теоретичарите ги дефинираат како еден вид поттип или жанр во компјутерската комуникација, пред се' во Интернетот кој, пак, се дефинира како медиум во Македонија - е искуство од понов датум. Имено, за прв македонски блог се смета блогот MacedoniAnia што Ана Марија Светозаров ќе го активира на 5 октомври 2001 година.

Инаку, до денес во македонската блогосфера се регистрирани околу 225 илјади блогови, од кои најголем број се присутни на блог- платформата Блогерај http://blog.com.mk што ја одржува фирмата On.net .

Што се однесува до темите присутни таму, тие се најразновидни, од забавата, преку уметноста, па се' до политиката. Патем, кога веќе ја спомнуваме политиката, како што е тоа случај и во светот, и овде во Македонија неколкумина политичари имаат свои блогови како, на пример, Јани Макрадули, министерот Трајко Славески, Филип Петровски и уште неколкумина други.