��oj 32   27.11.2007
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 30

Број 29

Број 28

Број 27

Број 26
 

Број 25

Број 24

Број 23

...

30

ТАЈНАТА НА МУСЛИМАНСКИТЕ ШАМИИ



Каква симбилика или идеја ги тера младите муслиманки да ги покриваат главите со разни форми на шамии повеќе отколку порано

пишуваaт:
Сoња крамарска
Бранка Д. Најдовска

фото: Андреј Гиновски

Мерсиха (23) имаше дваесет и една година и беше на студиите на Правниот факултет во Скопје кога ги фрли фармерките, се откажа од поп и рок-музиката и му се приклони на исламот забрадувајќи ја својата глава со широка и дебела кафеава шамија и облекувајќи долг и широк фустан. Мајка и', која таа ја нарекува раскошна блондинка која не ни помислува да го следи патот што го одбрала ќерката, протестирала. Се обидела и сестра и', студентка на Медицинскиот факултет, да и' влијае, но безуспешно.

Денеска Мерсиха е црната овца, ако може да се нарече така, во семејството Смајловиќ од Скопје, по националност Бошњаци, чии предци децении порано дошле од Босна и Херцеговина. На Правниот факултет им паѓа в очи на сите. Забрадена глава, долг фустан од чоја, а од под шамијата ве гледаат интелигентни сини очи, проѕирен бел тен и грижа дали приштот што и' се појавил вчера ќе и' ја нагрди сликата во весник...

ДЕБАТА Куранот ги учи муслиманските жени строго да го почитуваат хиџабот („hijab“), арапски термин за покривање: „И кажи им на жените од нашата вера да го спуштат својот поглед, и да ги чуваат своите приватни делови, и да не ја покажуваат својата убавина, и да ги повлечат своите шамии врз своето чело, и никому да не ја покажуваат својата убавина, освен на своите блиски...“, вели Куранот, кој кај Мерсиха дојде на ред откако ги прочита сите романи од Сидни Шелдон.

Во светот повеќе не се дебатира дали пророкот Мухамед се оженил со својата Ајша кога таа имала шест години и почнал со неа сексуални односи кога имала девет години или, како што тврдат повеќето муслимани, бракот бил склучен кога Ајша наполнила 18 години. Се дебатира за муслиманскиот дрес-код (dress code - правило за облекување) или за шамиите кои во Западна Европа веќе создаваат политички контроверзии.

Во Македонија дебатата се разгоре минатата седмица кога групата млади наречена „Исламот и науката“, предводена од Мерсиха Смајловиќ, поведе иницијатива за сликање со шамии на муслиманките при вадењето лични документи, вклучително и пасош. Социолозите се поделени во мислењата.

„Со таквиот начин на облекување се разликуваме се' повеќе. А мислам дека нема заедништво ако постои желбата за разликување. Добро би било да се дружиме по некои слични работи. Мислам дека облеката нема да ја направи повеќе или помалку муслиманка жената од таа етничка заедница“, вели професорката на Социолошкиот факултет д-р Амалија Јовановиќ. „Мислам, вели таа, дека стана некаква мода секој да сака да се разликува според нешто. „Можеби тоа е страв од влијанието на околината и сакаат да го изразат тоа“, смета професорката.

МОДАТА ХИЏАБ Нашата соговорничка Мерсиха е облечена во abaya - арапски термин за наметка што ја носат муслиманските жени врз облеката, а на главата ставаат шамија во темни бои. Тоа е национална облека во Обединетите Арапски Емирати и во некои други арапски земји. Обично се носи заедно со nigab, а тоа е превез или прекривка на лицето. Саудиска Арабија бара жените да бидат покриени по целото тело кога се надвор, а прекривката на лицето е право на избор. За покривањето на телото е задолжена религиозна полиција наречена „мутава“.

Во Иран прекривката се вика chador (шадар), што е црна наметка која е отворена напред по целата должина, а жените мора да ја придржуваат кога одат со рака за да не се отвора. На главата задолжително се носи шамија. Овој стил на облекување е карактеристичен за постарите жени од руралните краишта на Иран. Во урбаните места, пак, наметката се носи во комбинација со долг бел превез на лицето, кој започнува под очите и завршува под вратот. Денешните жени во Иран, иако не се обврзани да се придржуваат кон таквиот стил на облекување, сепак, го практикуваат. Сината боја е омилена за шиење на авганистанските шадри. Пред да дојдат Талибанците на власт, во градовите во Авганистан ретко се носеа шадри, но со нивното доаѓање дојде и до поинаков третман на жените, од кои се бараше задолжително носење на наметката.

Најстрога облека во муслиманскиот дрес-код е бурката (burqa), а тоа е целосно покривање на телото и на главата, дури и на очите, каде што се става проѕирен дел за гледање. Потекнува оттаму каде што сега е Пакистан. Овој тип прекривка има културно и религиозно значење. Во Пакистан, Бангладеш и во Индија, бурките сепак овозможуваат да се „откријат“ очите или лицето. Прекривката е сошиена од лесен материјал.

„Hijab“ е арапски термин за покривање и во исламот хиџабот има значење на скромност, приватност и моралност. „Jilbab“ е широк капут или прекривка за телото. Модерниот џилбаб го покрива целото тело, освен рацете, стапалата, лицето и главата, која се прекрива со шамија или марама. Некои муслимански жени сметаат дека тој ги исполнува барањата на Куранот за хиџаб. Во Тунис секуларната влада забрани покривање на лицето во обидот да се спротивстави на религиозниот екстремизам. Во некои земји, како што се Кувајт, Либија, Јордан, Сирија и Египет, превезот на лицето не е задолжителен.

Најголемата контроверзија е тоа што, според перцепцијата на модерниот свет, исламот ги загрозува жените, но денеска тие се најагилни во неговото ширење. „Многу сме горди на исламот и ни пречи кога луѓето даваат погрешна слика. Треба да се прави разлика меѓу тоа што е ислам, а што е традиција. Проблемот кај муслиманските жени е во традицијата, а не во исламот. Во исламот муслиманката има многу права, но жените не ги знаат“, вели Мерсиха. Но, засега тоа е во спротивност со законските одредби во нашата земја. „Исламот е комплетен систем“, се брани Мерсиха.



КОНФЛИКТ Прекривањето на лицето на муслиманските жени станува контроверзно политичко прашање во Западна Европа и неколку интелектуалци и политички групи бараат тоа да биде забрането. Владата на Холандија е прва што најави дека ќе ја забрани бурката. Како одговор на тоа, група муслимански жени организираа демонстрации во холандскиот парламент во Хаг.

Исламистичкиот начин на облекување предизвика бура и во Велика Британија. Поранешниот министер Џек Строу во една пригода побара муслиманските жени од неговата изборна единица да ги фрлат превезите кога разговараат со него. Медиумите се разжештија. Строу, кој потекнува од изборна единица каде што една четвртина се муслимани, рече оти е загрижен од импликациите што ги носат поделбите. Премиерот Гордон Браун е близок до ваквиот став, велејќи дека „за Велика Британија е подобро“ ако „се' помалку муслиманки носат превез на лицето“. Ајша Азми беше отпуштена од едно училиште во Велика Британија откако одби да го симне својот нигаб во присуство на мажи. Таа го тужеше училиштето, но ја загуби парницата.

Контроверзиите во јавноста се шират и се индикација за поларизацијата меѓу муслиманите и западноевропските општества. За некои критичари муслиманското облекување е прашање на конфликт на вредностите и судир на цивилизациите. Исламското облекување некои го гледаат и како симбол на постоење две паралелни општества и пораз на заедништвото.

Во Франција и во Турција, кои инсистираат на секуларноста, забрането е исламско облекување во државни институции, како што се судовите и јавните сервиси, и во училишта што се финансираат со државни пари. Франција го оправда тоа со потребата да се зачуваат секуларизмот и религиозната неутралност на земјата. Мерсиха Смајловиќ деновиве и' напиша на државата дека во Турција, и покрај забраната за покривање, е дозволено сликање за пасош со шамија на главата.

Во неколку белгиски покраини се забранети и нигабот и бурката. Мароканка доби казна од 75 евра затоа што носеше бурка. Во Германија две 18-годишни муслимански студентки кога се појавија на факултетот во Бон покриени со бурка, веднаш беа истерани со образложение дека го „нарушуваат мирот“. Овој инцидент ја илустрира сензитивноста и на Германија кон муслиманското облекување, особено во училиштата.

Минатонеделните случувања покажаа дека и Македонија не ја одмина бурата наречена исламски дрес-код. Како ќе заврши тоа, останува да се види, со оглед на тоа дека станува збор за конкретно барање од страна на приврзаничките на шеријатот.

Д-р Хасан Јашари, Универзитет на Југоисточна Европа

"Сите граѓани мора да бидат исти, со еднакви шанси и под еднакви услови пред институциите на државите. Тоа е содржано во повеќе одредби на универзалната декларација за човековите права. Тоа за нив е комуникација со државата - еден миг - сликање и ништо друго. Тоа е службен однос - не е присутна јавноста, а документот, сликата, стои кај поединецот и кај државните органи, кои ги чуваат, потпирајќи се на строги правила и правни норми на чување на личните податоци.

Прифаќајќи ја исламската облека жените всушност, моделираат јавен простор за себеси. Тие можат со тоа облека да се движат вон домот, да се вработуваат. Лејла Ахмед во својата книга "Жената и родот" во исламот зборува за едно истражување помеѓу две групи на жени покриени и непокриени во Каирскиот Универзитет. Истражувањето е базирано на одговорите на 200 жени од двете групи. Од одговорите може да се заклучи дека има непосредна корелација помеѓу покривањето на главата и степенот на образованието на родителите . Тоа е до тој степен индикативно што ниското ниво на образование на родителите е клуч за голема веројатност на жените дека ќе се покриваат по времето на пубертетот или не. Оттука, се гледа дека поголемиот број на нивни татковци имаат ниско образование или само базично. Некој од нив имаат средно образование. Татковците на непокриените жени - студентки во случајов, имаат по правило завршено гимназија или факултет. И мајките на непокриените и покриените студентки имаат разлики во образованието. Голем број мајки на жени кои носат исламска облека имаат минимално образование или се неписмени. Повеќето од покриените студентки, 77 отсто од нив, доаѓаат од семејства каде и мајките носат шамија ( 82 отсто од нив). Само кај 18 отсто од нив, нивните мајки не се покриени. Овде всушност, имаме и едно повторување на семејна традиција. Најновиот тип на исламска облека кај ученички и студентки се јавува по појавата на плуралистичкото општество и новите плурализми како што умее да ги посочи Питер Дракер. Имено, првата ученичка се појави во 1992 година во гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово, па, во 1993-та се појавија три ученички во СДУ "Зеф Љуш Марку" во Скопје, а потоа една поголема група во Гимназијата во Гостивар..." - вели, д-р Хасан Јашари, директор на постдипломските студии на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Хаџи Јакуп Селимовски, Исламска верска заедница

Граѓанско право на муслиманската жена во Република Македонија е дали ќе ја покрие главата со шамија. Овој "обичај" што се базира врз верско убедување е всушност, сериозен пропис во исламот. Жените кои сакаат да го практикуваат тоа треба да бидат поддржани и да им се овозможи при аплицирањето за лични документи, да бидат фотографирани со шамија. Тоа е веќе воспоставена култура на облекување на жените од исламска вероисповест и се совпаѓа со религиозниот принцип.

Министерството за внатрешни работи за жал, не ја консултираше Исламската верска заедница кога ги носело подзаконските акти за ова прашање и еве, за прв пат, се соочуваме со нејаснотии. Никогаш порано ова не било проблем. Мојата мајка, која е се уште жива, секогаш на фотографијата на пасошот и личната карта била со покриена глава. Тоа е нејзин секојдневен изглед и би било многу чудно, кога на исправите би изгледала поинаку! Освен тоа, се вели дека жените вработени во ИВЗ, сопругите на вработените во ИВЗ, калуѓерките, чесните сестри можат да бидат покриени на споменатите фотографии, а останатите, кои тоа го сакаат - не можат!?

Треба ли потсетување дека со Уставот на Република Македонија не се дозволува никаков вид на дискриминација!

Како "оправдување" се користи тенденцијата за влегувањето во Европската унија, но во земјите на ЕУ никаде ова не е проблем! Во Франција беа забранети верските обележја во образовниот систем и тоа е сосема друга работа, но при вадењето документи апликантот се фотографира онака, како што изгледа во текот на целиот ден.