��oj 143   12.01.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 141

Број 140



Број 139

Број 138

Број 137

Број 136

Број 135

Број 134

Број 133

Број 132

...

50

ПРИЈАТЕЛСТВО НА ЅИДОТ ОД ДНЕВНАТА

Македонските автори по прв пат говорат за присуството на туѓите дела во својот простор: Мазев кај Чемерски, Станковски кај Вангели...

Пишува: Катерина Богоева

Академикот Боро Митриќевски во шеесетите години на минатиот век, на негова самостојна изложба во Скопје, сликарот Никола Мартиноски му направил голема чест. Големиот уметник ја разгледал изложбата и му побарал едно дело, поканувајќи го тогаш младиот скулптор, штотуку вратен од Академија, да дојде во неговото ателје и за замена да си одбере една слика од неговиот познат циклус „Циганки“.

„Бирај која сакаш’ , рече човекот кој ми беше и професор и ме израмни со него. Јас се шашардисав, се прашував кое дело да го земам, а сите беа горе - доле со иста вредност. Одбрав едно, тој го откачи и едноставно рече: „Носи!“. Е, тоа е работа за почит, а јас таков однос имав и со сликарите Ванчо Георгиев, со Лазар Личеновски, кои со задоволство ги примаа моите работи“, рече Митриќевски, илустрирајќи го ефектно разговорот кој го водевме во неговото ателје во гаражите на МАНУ, пред новогодишните празници. Му се допадна идејата да размисли од кои македонски автори поседува дела и потенцираше дека за него тоа е повеќе од пријателство. „Кога имате дома такво дело значи дека авторот ви е многу близок и дека го чувате со почит. Таквиот контакт не создава љубомора и треба да се гради. Но, јас сега се помалку творам, а не е во ред на колегите да им давам дела во гипс, бидејќи треба да бидат пооргинални“. Неуморниот скулптор на списокот на уметниците од кои поседува дела ги вброи и Борко Лазевски, Иван Велков, Родољуб Анастасов, Божидар Дамјановски, Миле Корубин, Рубенс Корубин, Петар Мазев, Свето Манев, Таки Павловски, Пеце Видимче, а поседува и копаница од Славе Крстанче. „Дома имаме скулптури само од наивни, самоуки вајари, една афричка, подарок од Ацо Шопов и скулптура од Индија“.

Откако заедно испивме чај од шипинки, Митриќевски ни ја покажа изработената глава од дрво на Родољуб Анастасов, која сликарот си ја излеал во бронза, а како „вратка“, на скулпторот му подарил своја слика. Во неговиот дом не успеавме да влеземе, но ни посочи дека делата од неговите македонски колеги уметници, освен дома, му се наоѓаат и кај двајцата синови. Потрагата по нив, и фотографирањето во оваа прилика му се виде како сложен процес.

Сакајќи да видиме колку е чувствителна темата за која уметниците досега во земјава јавно не говореле, се обидовме но, не успеавме да влеземе во домовите кај сите што ги имавме во план. Едни одбиваа со образложение дека имаат само сопствено творештво, други дека туѓите дела не им се врамени и сл. Но, сепак, имавме среќа.

РАЗМЕНИ На денот кога католичките верници го славеа Божик, влеговме во нововселениот дом на графичарката Славица Јанешлиева, во центарот на Скопје, во чија дневна соба стојат повеќе дела од македонски автори. Атмосферата беше празнична, а таа посочи дека би сакала да има и повеќе дела.

„Се што имам дома е добиено или преку размена со колегите за време на студии или после тоа, кога не сме имале обврски со работа или многу поинтезивно сме се дружеле. Имам и купувани дела, но тоа малку потешко оди, бидејќи ние уметниците немаме висок стандард“. Ни откри дека и меѓу уметниците функционира познатиот принцип за одреден повод да се прашуваат меѓусебно што да си подарат, но и дека не секогаш, со задоволство и даваат уметничко дело“. Сметаат дека сега техниката или пак другите пригодни работи се многу евтини, па би сакале и поевтино да поминат. Кога ме прашувале секогаш сум барала барем еден цртеж, но на мојата свадба, на пример, не сите поканети уметници од мојата, веќе средната генерација, ми донесоа уметнички дела. Бев разочарана, затоа што сметам дека е наједноставно да се свитка парче хартија“. Во дневната соба покрај нејзините, се наоѓаат и дела на Оливер Мусовиќ, Димитар Малиданов, Ана Темкова, Гоце Наневски и Жарко Башевски, а во ателјето, има се' уште неврамен цртеж од Дадата, графики од Петар Хаџи Бошков и Симон Шемов со кои заедно учествувала во правење на мапи. Ни потенцираше дека планира да направи цела серија од работи кои не се нејзини и да ги изложи во истиот простор. Со уметнички дела се сретнавме и во ходникот, а ги има и во спалната соба.

„Искрено не би сакала да гледам само мои дела. Би сакала да ставам и повеќе работи, но сегашната поставка треба идеално да ја решам од самиот старт, за да не правам многу дупки“. Јанешлиева вели дека не и пречи кога некој за туѓо дело ќе и каже:

„Ова е многу убаво, твое е?“, бидејќи за неа, „уметноста е индивидуален сензибилитет, не може човек да се меша во вкусовите“. Не ја загрижува што поставените дела во ист простор, може да ја поттикнат да ги компарира со сопствените. „Мислам дека многу оддамна го надминав тоа. Бидејќи графиката многу често се излага, како графичари сме ставени во ситуација да бидеме претставени во каталог со нашите професори или пак со некој кој го сметаме за авторитет во оваа област. Јас се занимавам и со објекти и инсталациии и сум имала прилики да се претставувам и покрај автори кои за време на студиите сум ги идеализирала. Во Франција, на пример, пет години по студирањето, имав среќа да изложувам покрај светски познатите имиња како што се Олег Кулик, Илија Кабаков и др. Секако дека има моменти кога човек ќе си каже дека некое туѓо дело е послабо отколку што тој може да го направи, но тоа се сепак фази“.

Неколку години наназад таа посакува да има едно дело од последната творечка фаза на Миле Корубин, на кое не знае колкава му е цената, но претпоставува дека чини повеќе од три – четири нејзини плати, што ги добива како продекан за настава на Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. „Никогаш не сум влегла во галерија да прашам колку чини, бидејќи не ми се допаѓа принципот на работење на нашите галерии како препродавачи“.

СУЕТА Сликарот Сергеј Андреевски со своето семејство живее во куќа во населбата Ѓорче Петров. Ѕидовите и ги нарече галериски, бидејќи содржината често им се менувала. Ние имавме прилика да видиме навистина голем број дела, а тој посочи дека најмногу се застапени автори од светот, бидејќи целата творечка активност ја има упатено надвор од Македонија, „вкрстувајќи ги четките со уметници од други култури“.

„Така што природно, во мојот домашен простор, секогаш има повеќе автори од светот отколку домашни, македонски. Во моментов во поткровјето на мојот дом изложени се два прекрасни пастела на Жарко Јакимовски, кои што се подарок за моите деца, Меглен и Воскресија и уште еден пастел од Глигор Чемерски, со посвета за Меглен. Поставките често се менуваат, обично куратори и испициенти сме јас и Воскресија“, рече и позираше на катот, токму пред трите дела.

Андреевски има и неизложени дела од Петар Мазев, Вангел Наумовски и Димче Коцо, а поседувањето дело од други автори, го смета културна дисциплина која што помага во творечкиот поход. „Има многу актуелни автори чии што дела исто така би сакал да ги поседувам. Да се поседуваат дела од други уметници покрај себе, на некој начин делува отрезнувачки, смирувачки врз творечката суета, која што секој автор неизоставно ја поседува. Сметам дека оној кој што има расчистено со себеси и кој знае кој пат во уметноста го следи, секогаш ќе ги дели сопствените ѕидови со своите колеги. Уметниците често прават размена на своите дела, а неретко и подаруваат онака без повод“.

А, дело од Андреевски би сакал да има сликарот од Гостивар, Решат Амети. Освен него на листата од посакувани автори од земјава од различни генерации, Амети ги наведе и Лазар Личеновски, Адем Кастрати, Петар Мазев, Омер Калеши, Коле Манев, Глигор Чемерски, Тања Балаќ, Никола Иванов - Балтон, Беди Ибрахим.

„За мене е невозможно покрај своето творештво да не ти е интересно и творештвото на другите. Прекрасно е чувството кога гледаш дека на твоите ѕидови висат и други ликовни „вистини“, затоа што со делата ја имаш и авторовата душа“. Тој дома и во своето ателје има дела од фотографот Осман Демири, од сликарите Данчо Ордев, Башким Меџити, Гоце Божурски, Сафет Спахиу и други.

„Повеќето сум ги добил со размена на ликовните колонии каде сум учествувал бил. Таму меѓусебната комуникација е подиректна, бидејќи имаш можност да видиш како другиот работи, како го создава делото. Досега сум сретнал многу наши сликари со разни стилови на изразување и разни типови на карактери. Од прекрасни творци и личности од кои сум посакал да имам дела, до автори кои сметат дека се поголеми „генијалци“ од своите дела. Комуникацијата на размена на делата меѓу уметниците е индивидуална и мислам дека нема шаблонска релација. Со некого ти оди муабетот и го сакаш неговото творештво, а од некого само творештвото“.

За овој автор, добитник на минатогодишната награда за сликарство „Лазар Личеновски“ на Друштвото на ликовните уметници, поседувањето дела од други автори, значи почит на сопствената професија. 

БЛИСКОСТ „Кога ќе размислам подобро, морам да заклучам дека многу повеќе подаруваме свои дела на не-уметници, а себе на некој начин како да се прескокнуваме, најверојатно поради преголемата близина и сродност. Пред не многу долго време, заедно со неколку пријатели-уметници дојдовме до овој ист, парадоксален заклучок и решивме токму по ова прашање да превземеме акција во правец на размена на нашите дела...“, изјави ликовната уметница Жанета Вангели, која во сите простории каде што живее и работи, има дела од неколку македонски уметници.

„Меѓу првите кои ги имам добиено е еден експресионистички портрет, кој Елизабета Аврамовска ми го направи уште додека студиравме на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и е многу интересен и автентичен за тој период, посебно ако се има предвид дека не е работен по модел. Од истиот период датираат и неколку графики кои ми ги подари Виолета Силјановска, која тогаш студираше на графичкиот оддел. Од Александар Станкоски имам цела колекција на слики од 80-ите до денес, која вклучува цртежи, масла на платно, масло на стакло, плотер-отпечатоци, книги-самиздати, стрипови, итн. Неговото творештво е навистина еруптивно и гигантско... Во моја сопственост се делата: „Пеливани“ (1983), „Банту“ (1999), „Хиерархија“ (2002), автопортет на А.С. „Човек и птица“ (1995), максимално експресионистичка и дисторзирана претстава на неговиот лик, мој портрет работен по црно-бела фотографија (2000) „Портрет на баба ми со штака“ (1980), „ИНРИ“ (1989) , како и неколку портрети на маченици од истата година. Исто така, самиздат- изданието во десет примероци „Виртуелниот уметник“ (2009), самиздат-стрипот во тираж од три примероци „Гратис“ (2009). Да не го заборавам портретот на Хитлер насловен како „Адолф од раните 90-ти години“, кој редовно предизвикува иритација кај посетителите во моето атеље...“.

Во последните години таа станала горд сопственик на неколку многу интересни дела. Наведе еден плотер отпечаток од серијата дела на визуелна поезија „Доблетрее Рељуем“ од Митрополит Методиј Златанов, фотографија од проектот „Кураторска работилница“ на Горанчо Георгиевски, 3 скулптури од Борјана Божиновска, а посочи дека во 1999 година Зденко Бужек и подарил извонреден реди - мејд објект „Авијација“. На подарок добила и екстраординарни фотографии од Дарко Мораитов, Кире Галевски, Влахо Бранѓолица, Емил Иљоски и Боро Рудиќ. Сепак, наведе дела и од странски уметници, подароци што ги добила од неколку германски уметници- пријатели од времето на своите студии во Франкфурт/М. Дела од Мартина Клуеглер, Марина Јахнке, Улф Килиан, Ферди Јаклин, со кои разменувала слики, фотографии и објекти. Размената ја нарече „една многу природна и саморазбирлива појава меѓу уметниците, која е прекрасна“. Ги спомена и делата американската уметничка Кати Нолан како и еден калиграфски цртеж од тајванката Карол Чанг. 

СТАВ Бевме подготвени на изненадување и кога отидовме во ателјето на сликарот Глигор Чемерски, кој за оваа прилика одбра две дела, портрет од Петар Мазев од 1955 година, на која Чемерски позирал со 15 години и една таписерија, дело на неговата покојна сестра Илинка Глигорова-Суза. За делата тој говореше со посебен пиетет. „Портретот е од периодот на раѓање на стилот на Мазев, експресионистот кој заврши со брилијантно сликарство“. Го добил на подарок, а се наоѓал најпрвин во семејната куќа на неговите родители, па го преселил во неговиот дом и во неговото ателје. Таписеријата беше изложена на посебен ѕид. „Ова е единствено дело од мојата приватна колекција“, рече, и нагласи дека по природа не е колекционер, иако имал подароци и размени со извесен број на луѓе, многу одбрани, повторно на интимен начин. „Таписеријата е брилјантна, тоа е нејзин изум, таа предаваше текстил и една од убавите работи беше што нејзините ученици ме сретнуваа и ми велеа ’Вие сте братот на нашата професорка‘. Ја издвоив таписеријата бидејќи таа и ја воведе оваа техника и со нејзините ученици реализираше една серија, но не сакав и да ја мешам со маслата, во другиот дел од ателјето. Да не се споредуваме на еден план што би изгледало како, ’кој од двајцата Чемерци е подобар’. Ова не е семејна фаворизација, туку е дел од еден интимен сликарски избор во кој навистина освен сликарските вредности, бојата на светлината, на материјата, ништо друго во таписеријата не е важно и пресудно за нејзиното место“.

Иако знаеше дека ќе разговараме за неговиот избор на дела од македонските ликовни уметници, Чемерски посочи дека соработувал и со многу други сликари од светот. „Доаѓав во ситуации да менуваме дела, некој да ми подарува цртежи или графики. Имам доста пријатели од светот, од Македонија, од поранешна Југославија, но морам да признам, а тоа е мојот став и денеска, дека не се менувам со секого, без оглед на репутацијата која ја имаат. Сум добивал понуди од многу афирмирани сликари, дури и на врвот на медиумските пофалби, но не прифаќав се, освен она што ми личеше на најфиниот флуид во сликарството кој допира до мене. Одбивав дела од многу скапи и славни сликари, не знаев што да правам кога ќе стасаат во моето ателје. Не сакав да ги вртам кон ѕидот или да ги ставам во остава, меѓутоа со многу пријатели си имаме повеќе работи еден на друг дадено. Се рабира имам слики од Мазев, кој ми беше вујко, но и од помлади сликари од Илија Пенушлиски, од Кољо Мишев и од Влатко Симеонов, кој штотуку излегува од академија“.

А на прашањето дали би сакал да има дело од постарите македонски автори што во одреден период му биле значајни, одговори: „Имав еден Личеновски кој долго стоеше кај мене. Малечка прекрасна слика, париски пејсаж од 1928 година. Ја заменив за една своја голема, иако сопственикот ми понуди две од Личеновски. Одбив за и тој да има дело од тој автор. Пејсажот стоеше долго кај мене, но и го отстапив на Националната галерија за добра компензација, зашто знаев дека е добро да стои таму. А јас не зависам од еден Личеновски, ги имам сликите во својата глава и можам ако сакам, да насликам слична и на таа тема. Ние оддамна веќе сме врсници, јас сум сега постар од него за осум години, бидејќи тој умре многу млад, на 62 години. Тој вид на великодушност е одлика на сликар кој знае дека во својата традиција има добри сликари како што се Пандил, Личен, Мартин, меѓутоа веќе е на своја возраст и не е подолу во хиерархијата на сликарството. Таму сите се врсници, тие што се добри. Лошите немаат врсници“.

Уметниците, сепак, се „чудна сорта“. Кој и да рече дека се сакаат само себе си и своите дела, греши, нели!