��oj 93   27.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 91

Број 90

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

...

28

ДЕСЕН ЛЕВИЧАР ИЛИ ЛЕВ ДЕСНИЧАР ВО ПОЛИТИКАТА

Портрет на претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов

пишува: Соња Крамарска

Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, својот животен пат во Скопје го започна во скопската населба Лисиче, во дивоградба, каде што живееше додека се искачуваше по скалилата на бившата македонска и југословенска младина. Ѓорге Иванов, Бранко Азески, Аце Коцевски, Стевче Јакимовски, Зоран Крстевски, беа клапата од последната македонската комунистичка младина кои последни имаа врски со комунистичката централа во Белград. Со Бранко Азески дури и беа во ривалска трка за освојување на претседателското место на југословенската комунистичка младина. Иванов, тогаш го претрпе својот прв политички пораз, бидејќи функцијата по гласањето му беше доверена на Азески.

Кој е денес Ѓорге Иванов? Лев десничар или десен левичар? Заробеник на духот на античката историја. Еден од многубројните балкански националисти. Уважен професор на Правниот факултет и научен работник. Советник на премиерот Груевски. Огорчен непријател на довчерашните другари од опозицискиот Социјалдемократски сојуз. Фан на Владимир Владимирович Путин. Човекот за кого Груевски смета дека лојално ќе му служи, нему а не на народот, како претседател на Македонија.

Тоа се дилемите што во наредниот период ќе бидат расчистувани на политичката сцена во Македонија. Тонот ќе се засили со наближувањето на официјалниот старт на претседателската кампања. Во самата кампања, пак, најверојатно ќе дојде до вадење на валканите алишта за кандидатите, при што, ниту Ѓорге Иванов, кој има перфектна работна биографија, нема да биде поштеден. Опозицискиот СДСМ под чија закрила Иванов своевремено дејствуваше на јавната сцена во Македонија, веќе ги остри копјата.

Иванов ја троши последната година пред зачекорувањето во петтата деценија од животот. Роден е пред 49 години во Валандово каде завршил основно и средно образование. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Скопје на теми за демократијата и цивилното општество. Извесен период работел како уредник на Третата програма на Македонското радио. Во моментов е редовен професор на Правниот факултет во Скопје. Во подолгата биографија што е објавена на интернет страницата на Правниот факултет доминира долгата листа на семинари и на научни собири на кои имал свои излагања. Главно се движел во регионов и тоа најмногу во Грција, а од европските метрополи, патот на научната мисла го одвел и во Берлин, Париз и во Лондон.

БУКЕФАЛИСТИ. Во два случаи, Иванов се јавува како коавтор на книги и тоа една со познатиот колумнист и гласен критичар на власта Љубомир Фрчкоски, кој веднаш по објавувањето на кандидатурата на Иванов, жестоко го нападна. Втората книга е исто така интересна, но не само поради коавторот, бидејќи на неа работел заедно со професорот Светомир Шкариќ, кој деновиве го придружува Иванов во кампањата. Оваа книга го носи насловот „Политички теории-Антика“, односно го обработува она што е денес очигледен сон на премиерот Никола Груевски- популаризацијата и политичкото инструментализирање на античките корени на Македонија. Иванов е очигледно еден од инспираторите на античкото освестување на Македонците потпомогнато од Владата. Неговите противници го нарекуваат „новоосознаен афирматор на букефалистичката вистина за Македонија“.

Она, пак, што го нема во биографијата на Иванов поставена на интернет страницата на Правниот факултет, е тоа дека тој во еден период бил и еден од новинарите на „Млад Борец“. Во биографијата е изоставено и дека бил извршен директор на Фондацијата „Киро Глигоров“ и еден од соосновачите на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, кој беше политички спонзориран од СДСМ, а на чие чело во почетокот беше Ѓорѓи Спасов, кој , подоцна, поради заминување на јавни функции му го отстапи местото на Ѓорге Иванов.

Како што може да се види, Иванов навистина има перфектна биографија, со една единствена фалинка. Отсуствува каков било негов досегашен политички ангажман. Кандидатот за иден претседател на државата и иден врховен командант на вооружените сили на Република Македонија нема поминато ниту еден ден во реалната политика и што е уште пострашно, тоа му е една од главните препораки дека е вистинската личност за претседателската функција.

Расправите што деновиве се одвиваат околу неговото (не)искуство ме потсетија на случајот со Каролина Кенеди во САД. Ќерката на американската претседателска легенда се најде меѓу најсериозните кандидати за пополнување на испразнетото сенаторско место на Хилари Клинтон. Меѓутоа, целата американска јавност се дигна на нозе обвинувајќи ги демократите дека сакаат да постават во Сенатот личност која никогаш досега не извршувала јавна функција и единствената препорака дека му е ќерка на Џон Кенеди не е доволна за да добие висока функција за која нема претходно политичко искуство. Каролина Кенеди се повлече од трката за сенаторското место.

ТЕРИТОРИЈАЛНА ПОДЕЛБА. Ѓорге Иванов продолжува да граби кон претседателската функција на државата со препораката дека тоа што досега не бил политички ангажиран му е добра страна.

Иванов важеше долги години за умерен левичар. Два настани кои ќе се случат во 2004 и 2005 година ќе постават високи ѕидови меѓу него и неговите сдсмовски пријатели. Тој се профилира како силен противник на територијалната поделба и се придружува во хајката против „транзициските политичари, “ но и против странските амбасади.

Во септември 2004 година, владата на премиерот Хари Костов го преживеа гласање на доверба, а Ѓорге Иванов во изјава за „SouthEast Times“ ќе оцени оти иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ пропаднала затоа што зад неа стоело крилото на Љупчо Георгиевски чија цел не била да ја разниша владата туку да го одврати вниманието од референдумот против територијалната поделба.

„Дипломатите се дојдени кај нас да прават кариера. Тие не сакаат црни дамки во својата кариера и затоа сакаат статус-кво ситуација“, ќе рече тој, пак, на една трибина во октомври 2004 година, непосредно пред одржувањето на референдумот против територијалната поделба. Со такви изјави, Иванов ја заработи етикетата на антиглобалист.

Партијата ДУИ, која се смета дека ќе биде еден од главните поддржувачи на Иванов во претстојната претседателска трка, веројатно памети некои од неговите поранешни квалификации за нив. Во март 2006 година се' уште гневен поради територијалната поделба, тој во интервју за „Дневник„ рече: „Законот за територијалната поделба е донесен со уцени и притисоци од ДУИ. Сега нека се засрамат и нека се преиспитаат сите оние што поддржаа таков закон донесен на таков начин“.

Во 2005 година, Блаже Иванов, брат на Ѓорге, е осомничен дека како помошник командир на полицијата во Гевгелија, учествувал во шверц на возила од Грција, по што му уследи притвор, кривично гонење, затворска пресуда и отпуштање од работа. Во еден од неговите настапи, што ќе следат подоцна, Груевски ќе изјави дека кога ќе дојдат на власт ќе го преиспитаат овој случај познат уште како случајот „Југ“.

Иванов по овој случај станува жесток критичар на тогашната сдсмовска власт. „Ќе молчам се' додека не заврши постапката, но, потоа, од она што ќе го кажеме јас и брат ми ќе се замислат многу луѓе од власта, бидејќи меѓу има многу замешани во организиран криминал“, беше една од неговите изјави. Социјалдемократите почнаа да возвраќаат со обвинувања дека намерно штима анкети против нив.

ОД ЛЕВО КОН ДЕСНО. По овие два настани, Ѓорге Иванов целосно се дистанцира од СДСМ и од нивен поддржувач станува нивен жесток противник а неговата омилена реченица ќе постане „СДСМ е во слободен пад....“.

Веќе во 2006 година, неговите текстови ќе почнат да се појавуваат во проекти финансирани од македонската централа на десничарската фондација „Конрад Аденауер“ која е во сестрински врски со ВМРО-ДПМНЕ. Читајќи некоја од неговите мисли, човек не може а да не помисли дека неговите оцени за владеењето на СДСМ денес можат да важат и за ВМРО-ДПМНЕ. Еве, некоја од неговите јавно изнесени критики во тоа време за состојбите во Македонија:

„Една политичка групација може да владее само доколку е организирана како партија и доколку со повремени кампањи создава непријатели или пак создава прекрасни слики за иднината и на тој начин ги заведува мнозинството избирачи. Во таквата претстава најважна е фасадата и привидот на законитоста. Правните правила се заобиколуваат со неформални инструкции. Луѓето се поставуваат на раководни места според начелото на послушност, лојалност и опортунизам. Средствата се трошат без јавна контрола“.

Во истото писание од 2006 година, тој ќе го рече и следново: „Во Македонија на дело е процес на церемонијализација на политичкиот натпревар. Се наметнуваат партии без профил, листа на имиња без својства, се множат ветувања, стратегии и планови: се' е празно и без вистинска содржина. Јавната сцена се претвора во спектакл и игра“.

Човек просто да се прашува дали Иванов пишувал завчера, додека се подготвувал за конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и примањето на претседателската номинација или, пред три години, целејќи на бившите другари од СДСМ. Денешните состојби, имено, се многу слични на она што тој го пишувал во 2006.

Како несуден амбасадор во Лондон, Ѓорге Иванов доби уште една причина да ги зацврсти своите врски со владејачката десница и да се сврти против претседателот Бранко Црвенковски, кој, поради несогласувања со Груевски, одби да ги потпише амбасадорските номинации. Од неговиот однос кон Црвенковски, со кого некогаш беше близок, може да се заклучи и дека идниот македонски претседател има незгодна особина да негува омраза кон личности кои му згрешиле. Имено, неодамна, тој за Црвенковски, дискутирајќи на трибина по повод аболицијата на Зоран Заев, ќе рече: „Оваа трибина е парастос на еден политички мртовец и системот на неговото владеење наречен султанизам“.

ПРОТИВ РЕШЕНИЕ. На една од трибините на кои се' почесто му прават друштво Бранислав Саркањац, Панде Лазаревски и други интелектуалци блиски до ВМРО-ДПМНЕ, Иванов, лани, кон крајот на април, се стави во одбрана на самораспуштањето на парламентот и на вонредните избори со што јасно и става до знаење на владејачката партија дека може да смета на него. „Не треба да се гледа дека е направен лош чекор со самораспуштањето на парламентот. Не е точно дека без предвремени избори би се решил проблемот со зачленувањето во ЕУ и НАТО, бидејќи услов за тоа е промена на името, а јас не верувам дека која било влада би го сторила тоа“, ќе рече тој.

Противниците на Иванов денес тврдат дека тој бил жесток противник на Рамковниот договор. Како поткрепа на таквите тврдења се посочува неговата изјава дадена во 2007 година во интервју за сервисот Би-Би-Си каде тој вели: „Охридскиот договор ја етнизира политиката во Македонија и го исклучи либералниот концепт за демократијата“. Од она што може да се најде како негови изјави, меѓутоа, нема експлицитен доказ дека е тој против Рамковниот договор, туку дека тој сметал оти една малцинска заедница, како што се Албанците, не може да биде политички доминантна над останатите малцинства ,односно, тој се залагал за еднаков третман на сите малцински заедници.

Денес се смета дека Иванов е еден од творците на политиката на ВМРО-ДПМНЕ во врска со спорот за името. Тој, според нашите информации, го застапува ставот за „непопуштање за нешто што не може да се попушти бидејќи нашето име е одраз на нашиот идентитет“.

Сумирано во две три реченици, фаворитот за претседател на Македонија не верува во функционирањето на нејзината територијална поделба, смета дека Албанците не треба да имаат посебно место во Уставот пред останатите малцинства, недоверлив е спрема странските амбасадори, љубител е на античкото минато на Македонија и се залага за непопустливост во спорот со Грција. Тој исто така и нема зад себе никакво политичко искуство во поглед на вршење на јавна функција.

Личности кои добро го познаваат велат оти очекуваат дека тој ќе биде претпазлив во кампањата и нема да дозволи да избие на површина неговата карактерна особина на негативен однос кон сето она со кое не се согласува. Но, се плашат дека потребата еден претседател на држава да поседува политичка, карактерна и секаква друга широчина, нема да ја пронајдеме во ликот и делото на Ѓорге Иванов.