��oj 224   09.08.2011
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

СТАНУВА ЛИ ЛУСТРАЦИЈАТА ИНКВИЗИЦИЈА?

Во услови кога власта ги држи сите полуги на мож во свои раце и ги употребува некритички и без усул, лесно е да се очекува еден процес кој имаше сосема поинакви, можеби и демократски мотиви во стартот, да се претвори во јавна пресметка со сите оние кои на таа иста власт нема да и чинат

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Кога минатата есен Комисијата за утврдување на фактите го стави пред судот на јавноста претседателот на Уставен суд Трендафил Ивановски, претставувајќи го како кодош уште додека бил во куси пантолани, во ГЕМ клубот се одржа јавна трибина на таа тема. Мора да се каже дека поголем дел од присутните изразија страв дека она што го готви власта, преку инструментализација на полуги за владеење, кои таа веќе ги контролираше (полицијата, судовите, медиумите), ќе го претвори процесот на лустрација во еден вид на инквизиција!

СТАНОВИШТЕ На ова становиште беше и присутниот режисер и генерален директор на Институтот Отворено општество Македонија - Владимир Милчин, кој тогаш ги презентираше своите искуства со кодошите во земјата, но постави ограда меѓу процесот на лустрација кај нас и вистинските мотиви за лустрирање кои се појавија во Источна Европа.

Таа резерва, која беше речиси општа и во јавноста, има противтежа само во еден дел на печатот, кога некои наши колеги сметаа дека лустрацијата мора да тргне макар и со големи пропусти во процедурата и констатацииите кои беа видливи веќе кај случајот Трендафил Ивановски?! Овој случај се повторува и за самиот Милчин. По игра на судбината, но и согласно на веќе воспоставените критериуми, според кои во овој процес кај опозиционо настроените или критички мислечките лица во земјата Комисијата очевидно може да биде и "креативна" а провладините функционери на своевиден начин заштитени, како што покажа досегашната практика, Милчен е практично ставен на ѕидот на срамот со многу стеснет простор за одбрана, согласно на веќе утврдената методологија на - објективно - дискреционите овластувања на споменатата Комисија.



ШЕСТМИНА Инаку, Милчин периодов не бил во земјава од приватни причини. Во овие неколку дена, пак, Комисијата за верификација на фактите двапати се обидела да го достави заклучокот до, како што утврдила, поранешниот соработник на тајните служби, бидејќи тој морал да го прими лично.

Ова е шести вршител на јавна функција за кој комисијата утврдила дека изјавата оти не соработувал со тајните служби не соодветствувала со доказите во полициските досиеја. Прво такви сознанија лустраторите имаа за поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, потоа за претседателот на Титовите леви сили, Слободан Угриновски, за еден пензиониран судија од Врховниот суд и за двајца лидери на помали политички партии, припадници на заедниците, чии имиња не беа откриени.

"Во ситуација на политички линч, страдаат процедурата, правото, демократијата, па и луѓето. Јас ќе ги разгледам законите, но единствен начин за борба против овој линч е јавноста. Еве зошто велат процедурите се прекршени. Моето достоинството не е заштитено, бидејќи, налепен сум со етикети пред да го добијам потврда за досието. Плус, оваа операција ја води претседател на Комисијата за лустрација, чиј мандат е одамна истечен" - рече Милчин. Со овие зборови на крајот на јули првиот човек на Фондацијата Отворено општество Македонија кај нас им се обрати на новинарите, по повод отворањето на т.н. досије "Драматург", со кое се настојува да биде дискредитиран како полициски кодош од страна на Комисијата за утврдување на фактите.

ДОСТА Милчин кажуваше дека се соочил со неговото досие благодарејќи на поранешната министерка за внатрешни работи, Доста Димовска, во 2000 година. Таа го поканила во МВР, а тој поднел барање за неговото досие со број 25 630 да го добие со целата содржина. Оваа документација содржи 217 страници. Новинарите ја добија, ако така може да се рече, корицата на досијето а истото, во форма на фељтон, значи во продолженија, се објавува во порталот Инфоплус. Но икорицата е доволна за да се види дека во декември 2000 година самата полиција ги потврдила следните факти:

- дека Владимир Милчин до тој датум, значи и 15 години после датумот до кога е сомнителен за Комисијата (!) немал контакти со МВР;

- дека бил предмет на полициска обработка подолго време и тоа како анархолибералист, како основач на магазинот "Фокус" (од 1971 г.) и основач на театарот "Свети Никита Голтарот", што се сметало во она време за општествено провокативно и потенцијално опасно;



Во тоа време Владимир Милчин работел во МНТ како драматург а неговото движење и коресподенција ја следеле деветмина. Според Милчин најбитното име од нив, што тој го знае (починат човек) е покриено а она на другите осуммина било оставено, па тој се одлучил и нив да ги покрие, сметајќи ги дека се од второстепено значење.

- Анархо-либерализам во тоа време значеше граѓанска десница - објасни Милчин, додавајќи дека имало обид во негова близина да се вметне женско лице, за откривање и пренесување на информации, што, истакна тој, било пробивање на приватноста.

ИЗВОРИ Тој за обвинувањето на Комисијата дознал додека бил на одмор и тоа од новинарите, кои му побарала изјава за овој случај. Ако можеме како редакција да забележиме по "стар, добар обичај" од оваа Комисија лесно протекнуваат информации и тоа речиси кон предвидливи медиуми.

Наводното кодошко досие на директорот на невладината организација, која застана на фронтот против актуелната власт, не било од Дирекцијата за безбедност и контраразузнување (ДБК), туку од Државниот архив на Македонија. Новинарите прашуваа и се повикуваа на практиката Комисијата, пред да "пресечува", да води сметка за фактот дека три извори на можни водени полициски истраги се релеватни и дека тие треба да се "поклопат". Без таква поклопливост заклучоците не можат да се валидни, што отвори дилема кај еден од присутните новинари.



- Досието е од Архивот, но оваа институција не води досиеја, туку го чува досијеата од поранешните тајни служби, кои по распадот на старата држава, се пренеле дел во ДБК - вели Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите. Факт е меѓутоа дека во Комисијата по повод на овој случај имало разногласија и дека еден од членовите пред камерите изјави дека сака, со уште двајца колеги да направи нова, презакажана седница. Но, веројанто потоа врз него е вршен притисок и тој член на ова тело не се огласи одново?!

Не се појави ниту УДБ со изјава дека Милчин не бил денунцијант, иако некои колеги на прес конференцијата тоа го најавуваа за истиот ден. Во тоа малку кој би верувал - се работи за ситуација која е долго и драматуршки осмислувана, особено, како што врелат колегите - новинари во услови кога власта е масовно и остро критикувана заради ставање на ад акта на т.н. хашки случаи.

ЕКСПЕРТИ Дека има и втор чин во таа драма покажа веста дека тројца академици се цел на работата на Комисијата за утврдување на фактите, демек дошле на ред, што има за цел да го дисперзира фронтот на одбраната а Комисијата да ја стави во играње на "симултанка" со повеќе осудени (обвинети), при што јавноста ќе биде деконцентрирана.

Што велат експертите?

Без потпишана изјава за засновање на соработнички однос помеѓу одредено лице и тајните служби за време на социјалистичкиот режим, нема соработнички однос, тврди универзитетскиот професор и поранешен советник за национална безбедност на двајца претседатели на државата, Стево Пендаровски, коментирајќи ја изјавата на првиот човек на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев, дека човекот од досието "Драматург" немал потпишано акт за соработка.



- Никој не може да се нарече соработник на тајните служби, ако не потпишал согласност. Кога ќе потпише, за тоа добива награда во пари или компезација во напредување во кариерата - објаснува Пендаровски, кој смета дека поради оваа изјава првиот лустратор треба итно да си поднесе оставка.

-"Со овој процес имаме проблеми на неколку нивоа. Прво, секаде каде што се прави лустрација на комунизмот во Комисијата влегуваат луѓе со висок авторитет. Во Македонија, освен што што партиите предлагаат членови на Комисијата, уште попроблематично е тие луѓе немаат никаква никакви предзнаења од оваа област ниту претстава како треба да се прави лустрација, кои досиејата треба да се отвораат и дали тоа што го наоѓаат во досиејата од државна безбедност се навистина досиеја на кодоши", укажува во "Утрински" Пендаровски.

Според него, Комисијата има исклучително слаб професионален состав и затоа се случуваат киксови на буквално секое одделно соработничко досие и сите случаи кои ги отворија предизвикаа контроверзи. Тој уште и предупредува на односот на лустраторите кои надвор од сите закони и норми прераскажуваат детали од досиејата и прават случаи уште пред личноста да го добие досието.

ЗАСЛУЖЕН Тоа не е случај само со последниот предмет "Драматург" на Владимир Милчин, туку и со "Средношколец" на уставниот судија Трендафил Ивановски и со "Ла Корбизие" на Слободан Угриновски. И пред тие сами да се откријат, на јавноста и' беше јасно за кого се работи.

Комисијата за лустрација половина година работи со претседател на кој му е истечен мандатот - Томе Аџиев. За Пендаровски тоа е само уште еден доказ дека тој човек мора да заврши уште некои работи и да извади уште некои досиеја. Очигледно е, вели тој, дека затоа го држат.

"Пред Комисијата стои политичка дупка. Тие луѓе досега само покажаа дека се нечии марионети. Невозможно е сите наводно откриени случаи да доаѓаат од редовите на опозицијата. Се работи за изразено политичко - селективно постапување, кое не се осмелува да влезе во просторот на власта. Имаше примери кога се работеше за личности од владејачката партија за кои имаше надгласување внатре во комисијата. И самите кажаа дека имаат досие на министер од 500 страници за кое утврдија дека не бил кодош, но логички се поставува прашањето на што се однесуваат тие 500 страници", забележува Пендаровски. На неговиот став се придружува со својата колумна и професорката од Филозофски факултет Билјана Ванковска.

"Замачкувањето на очите почна: по онаа срамна амнестија сега од ракав се вади џокер. Оние што се покажаа некадарни да се справат со воени злосторници, сега покажуваат сила на "комуњари". Оние што се договорија со "Ибар" и "Мама", сметаат дека е најважен "Драматургот" - пишува Ванковска. "Не само што документите што ги компромитираа командантите се прогласија за фалсификати, туку и воените злосторства како никогаш да не се случиле. На засрамената и замолчана (вмровска) јавност ќе им испорачаат еден од најнепопуларните опоненти. Ќе постигнат уште еден успех против смртниот непријател, а мртвите ќе бидат заборавени. Поинтересно е да се занимаваш со живите, особено кога од мртвите немаш фајде. Општо е познато дека злоделата на кодошите се далеку потешки од оние на учките".

ВИСТИНАТА Мислењето на Ванковска е сега интересно, бидејќи, таа не крие дека кај неа има разлики во однос на тоа што мислел или правел Милчин во однос на некои политички збиднувања. "Најмалку имам желба да го бранам дотичниот, кој своевремено сметаше дека некои прашања не заслужуваат одговор. Наспроти с?, небото нека се урне, ама поважна е вистината. Во овој театар на апсурди, драматург е некој друг. Тој ослободува од вина воени злосторници, а на јавен 'пир' изнесува не обичен кодош, туку "соросоид". Веќе се слушаат двете минути на омраза и злорадост, а членството се чувствува рехабилитирано, полетно, иако добар дел од нив немаат поим што е лустрација. Демократија е да бидеш безбеден и кога си непопуларен, а тоа што е некој за промена на името не значи и дека бил кодош. Во случајов, склона сум да верувам дека станува збор за дисидент и за обработуван, а не за соработник на минатиот режим" - пишува Ванковска.

Професорката инаку укажува дека за лустрацијата се изјаснила одамна, но прогнозирала дека ќе заврши во циркус во кој најзрелите за "прочистување" ќе се заштитат (дел од нив се и пратеници), а потоа ќе се "лустрираат" политичките противници. Она што не претпоставила е дека ќе биде и средство за дефокусирање на јавноста од срамната политичка зделка над гробови и јами.

УЦЕНУВАНИ Индикативно е дека и универзитетскиот професор Димитар Мирчев нема пофални зборови ниту за Комисијата ниту за досегашниот тек на лустрацијата. Тој укажува дека сите предмети што излегоа во јавноста се помалку важни од барањето одговорност од оние кои биле припадници на службите за безбедност и на некој начин го организирале кодошењето.

"Мене ми е крајно чудно зошто не се санкционираат припадниците на службите за безбедност што тогаш ги уценувале тие луѓе и ги притискале да станат кодоши. Затоа што тогашниот систем прво следел одредени жртви, а потоа имала можност да ги уценува. Апсолутно не ми е јасно како тие денеска не подлежат на кривична и друга одговорност, а подлежат овие кои подлегнале поради одредени притисоци и уценувања", вели професор Мирчев.

Една од послендите вести, во последните денови на јули, кога е пишпуван тесктот ("Глобус" за Илинден ја правеше вообичаената еднонеделна пауза) е дека Собранието конечно, по повеќе од половина година доцнење ќе го замени Аџиев од неговата фунбкција. На ова свој коментар имаше и професорот по управно право - Борче Давидковски, кој потенцираше дека во случајот на Аџиев сите одлуки и решенија што ги потпишал тој насдвор од мандатот (јануари или февруари годинава) се невалидни!

Како и да е откако почна процесот на лустрација, но и претходно, поостојано не мачи дилемата дали како земја имаме капацитет да спроведеме вака крупен и постојано "нма работ на ножот" процес, кој секако може дас поведи лесно некого, но тешко дека дава прилика потоа вистината, кога е таа спротивна на нејзините "креатори" да ја исправи работата.

Режисерот најавува тужби

ДОСИЕЈАТА ЌЕ ГИ ЧИТААТ ВО УПРАВНИОТ СУД

Владимир Милчин, директорот на Фондацијата Отворено општество и режисер и универзитетски професор преку соопштение до медиумите се изјасни по решението што Комисијата за верификување факти му го достави минатата недела.

- "Решението од Комисијата за верификација на фактите што ми беше врачено на 5.08.2011 година е паушално, без никакви докази, со наводи намерно и извртено интерпретирани и извадени од контекст, а со цел лажно да се прикаже дека јас наводно сум соработувал со СДБ - пишува режисерот.

Причината за ова е јасна. Јас и понатаму тврдам дека на власта ? пречат моите ставови со кои се застапувам за демократско општество. Затоа Комисијата за верификација на фактите е искористена за нарушување на мојот личен авторитет. Во законскиот рок ќе поднесам тужба до надлежниот суд со која ќе го оспорам донесеното решение.

Зачудува фактот дека решението има назнака СТРОГО ДОВЕРЛИВО, а наводите од решението се претходно прераскажувани во провладините медиуми. Ова покажува дека целиот случај е хајка, а останува отворено прашањето кој ги давал доверливите податоци пред воопшто формално да биде донесено решението.

Согледувајќи го начинот и тенденциозноста на решението, неизбежен е заклучокот дека ќе следат нови постапки против други лица кои јавно искажуваат критички ставови", се вели во соопштението.



Како е постигнат кворум?

АЏИЕВ НЕ ЗНАЕ ШТО Е НАПУШТАЊЕ НА СЕДНИЦАТА!



Tројца членови на Комисијата за верификување на факти, поранешниот претседател Јанаќе Витановски и двајцата членови, Благоја Гешовски и Чедомир Дамјановски поднеле приговор на одлуката на Комисијата за лустрација, со која лустраторите без кворум за гласање официјално го прогласија Владимир Милчин за кодош, објави порталот "Журнал".

Лустраторите ја оспоруваат легитимноста на одлуката, бидејќи во моментот на гласањето биле присутни само шест членови, од потребните седум, односно немало двотретински кворум, откако тие тројца ја напуштиле седницата. Од работата на Комисијата од оправдани причини отсуствувале лустраторите Агим Мехмети и Ѓорѓи Малковски, па одлуката за тоа дека Милчин бил соработник ја донеле шестмина од вкупно единаесет членови на Комисијата.

Претседателот Томе Аџиев потоа свика итна седница, потврди дека има стигнато приговор на решението, но не сакаше да открие зашто е итноста на новата седница. Аџиев претходно изјави дека одлуката се носи со мнозинство гласови и дека е легитимна со две третини од членовите на Комисијата. Кворумот во лустрација е седум членови, а на денешната седница решението го донеле шестмина лустратори.