��oj 74   16.09.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 72

Број 71

Број 70

Број 69

Број 67-68

Број 66

Број 65

Број 64

Број 63

Број 62

Број 61

Број 60

Број 59

...

48

НА ГЕНЕРАЛОТ ИМА КОЈ ДА МУ ПИШУВА

Животната приказна на несудениот кондураџиски калфа кој од политички комесар на чета достигна до генерал- полковник, општественик и врвен аналитичар Тодор Атанасовски

пишува Томо Чалоски

Роден сум на Ѓурѓовден во 1925 година во Кавадарци. Така е заведено во тефтерите. Според моето паметење, знам дека српскиот крал Александар е убиен во 1934 година. Тогаш јас бев четврто одделение во основно училиште. Се памети и тоа дека од раѓање сум бил болникаво дете, дури толку што не ме ни регистрирале во матично. Претпоставувам дека е направена грешка. Роден сум во 1924 година, а запишан во 1925 година. Но, сега не е ни битно дали полнам 84 или 85 години. Кумот Крум Поп Стефанов, шапкар од Кавадарци, рекол: детето ќе го викаме Методија. На српскиот матичар тоа му се сторило премногу бугарско и, место Методија, напишал Милан. А дома нагалено ме викале Тодорче или Тоде.

По ослободувањето требаше да се средат документите, бидејќи јас бев со три имиња: Тодор, Методија, Милан и со две презимиња Атанасовиќ и Атанасов, за да го добијам конечно името Тодор и презимето Атанасовски.

КОРЕНИТЕ Не сум од некое големо и неизбришливо колено. Историјата никогаш не ја правеле ниту спектаклите, ниту фанфарите, ниту парадите. Напротив, историјата можела да биде замаглена од многу огномети, од многу спектакли. Затоа сметам дека примарно е да се биде човек. Човештината не се заменува со ништо.

Моите предци потекнуваат од планината Кожуф, од јужните потпланински простори. Подоцна, од разни причини, прво се префрлиле во Чемерско, потоа во селата Бунарче, Ресава, Бегниште и се населиле во Манастирец, Тиквешко. На крај се преселиле во Кавадарци. Тоа се случувало преку целиот 19 век, бидејќи татко ми е роден во 1905 година. Татко ми беше едно мало бистро човече. Најпрвин работел како трговски помошник во чаршијата, потоа станал службеник во основното училиште, а подоцна преминал во Прогимназијата. Велам бистро затоа што беше писмен човек. Тој како самоук брзо го научил книгоповрзувачкиот занает. Ги поврзуваше училишните, општинските и синдикалните книги, така што имаше дополнителни приходи. Јас му помагав во работата и така имав можност да ги прочитам книгите.

Мајка ми Фета потекнува од Мегленско. Кога ќе направев некоја беља, баба ми ќе речеше: „Тоде, Меглен да фатиш, дома да не се вратиш“. Во моето војување се случи и Меглен да фатам. Мајка ми родила осум деца, од кои четири преживеале. Јас сум првенче. Тогаш била голема сиромаштија. Ние сме имале четири кози, две-три овчички, магаренце и некоја нивичка. Татко ми не беше надарен за земјоделство. Убаво пееше, а уште поубаво пиеше. Приходот од тутунот, кога ќе го соберевме, се случуваше две третини да му го пресметаат во шкарт. Ќе му дадеа малку пари, а ние живејачка од тој тутун чекавме. Бидејќи ни недостасуваа пари, татко ми од мака ќе се напиеше. Мајка ми во своето потекло имаше солунска линија. Нејзината баба Ката имала постар брат Никола во Солун, кој бил голем мајстор за убави печива, мирисливи симити и сомуни. Тој таму имал неколку фурни. Баба Ката имаше моминска носија, вистинска солунска облека со чизми и кадифени елечиња. Била висока и стројна и доживеала 101 година. Од тринаесетте деца што ги имала, само мајка ми ја надживеала. Кога стасала за мажење, се бендисала со Пано Јунан. Арно ама Пано бил комита во Ораовечката и во четата на Добри Даскалов. Пред или за време на востанието добил задача да го минира Уќуматот во Кавадарци. Направил бомба и ја ставил на магаренцето. Магарето го отерал пред Уќуматот во просторот за стока. Кога експлодирала, бомбата нешто срушила, но никој не загинал. Османлиите го фатиле и го осудиле на 101 година во затворот Беас Куле во Солун. За време на Уриетот бил ослободен. Комитата Пано, кога излегол од затвор, во Солун купил пушка. Тој толку ги мразел османлиите што убил еден од нив ни крив ни должен. Го фатиле и го затвориле. Бил осуден да умре распнат на крст сред полјаната во Поланското Маало во Кавадарци. Телото му било премачкано со мед за да го касаат пчелите. Баба Ката доаѓала и со мокра шамија му ги натопувала усните за да му ги олесни маките. Ги бркала пчелите што бил насобрани на целото тело. Нашите лета во Кавадарци се многу жешки, ова овде во Скопје не е ништо. Дедото со големи маки одвај ќе изговорел: „Като, Като, не бркај ги, зашто другите што ќе дојдат ќе бидат погладни и ќе ми биде уште потешко, барем овие се нацицани“. Дедо ми починал во најстрашни маки. Паметам и нешто друго. На војводата Добри презимето не му е Даскалов, туку Поп Зарков. Татко му е Поп Зарков, а негов брат е Спиро Поп Зарков, кој бил терзија. Спиро и' велеше дадо на баба Ката, тие биле братучеди. 

ДЕТСТВОТО Кога имав седум години, се запишав на училиште и завршив четири одделенија основно училиште во 1934 година. Потоа се полагаше испит за Прогимназија. Татко ми успеваше да добие книги од побогатите деца и јас никогаш не сум останал без книги. Го положив приемниот испит и ја завршив прва година со одличен успех. Втора година ја повторував. Читав се' друго, а не тоа што ми беше според наставната програма. Му помагав на татко ми во поврзувањето на книгите. Професорите сакаа да ми помогнат да завршам. Дури професорот по француски јазик, кој беше од Лесковац, ми велеше: „Вие Македонците сакате да се ослободите, а не учите“. Тоа што ми го кажа уште го паметам. Го запишав третиот клас, ама учењето не ми одеше. При оваа состојба дома одлучија да ме дадат на занает за кондураџија и така се случи. Ама бев пописмен чирак од другите чираци. Бев попоткован и занаетот ми одеше многу лесно. Не поминаа неколку месеци и од исправање шајки поминав да правам полуподметки и да му помагам на мајсторот во изработување нови чевли, да прошијам, да направам кедер итн. Мајсторот беше член на Занаетчиската комора и уредил јас да полагам за калфа. Испитот го положив. Беше тоа во годината 1939. Мајсторот Тоде Далкин беше сиромав и имаше едно мало дуќанче. Како калфа не можеше да ме плаќа и јас останав без работа. За да се преживее, одев на копање како аргат по нивите. Физички бев многу слаб. Ќе ме земеа посилни другари и ќе му речеа на газдата: ако го земеш и детево, ќе ти копаме.

Во 1940 година се' уште бев без работа, а и меѓународната ситуација се заоструваше. Во моето маало во Кавадарци имаше Ат-пазар и Маркова кула. Бидејќи имаше мобилизација, на тој простор дојде многу војска. На оградата на пазарот цело време висев, гледав и запаметував како вежбаат војниците лево, десно во ров. Кој е најдобар заклон за борецот, прашуваа капларите. Пушката, ако се пука со неа, одговараа војниците. Таму се пукаше со митролези калибар од 12 мм. Во противавионските митролези имаше маневарска муниција. Кога војниците ќе залегнеа, јас и другарите ќе ја прескокневме оградата и ќе им ги испукавме митролезите. Во 1941 година немаше веќе маневарска муниција, туку боева. Слушајќи ги наредбите на капларите, тогаш научив многу работи и војската ми влезе во крвта. 


Тодор Атанасовски (втор оддесно) како комесар на 14. македонска младинска бригада „Димитар Влахов“, која се борела на Сремскиот фронт

ВОЈНАТА Дојде 6 април, авионите „штуки“ го нападнаа Кавадарци. Војската се разбега. Митролезите на местото каде што се вежбаше останаа без посада. Јас и моите другари отидовме на митролезите и удривме по „штуките“. Арно ама, авионите ни се свртија нам и едвај живи глави извлековме. Кога се вративме дома, изедовме добар ќотек. Таа детска игра излезе многу сериозна и опасна и за малку ќе изгиневме. По капитулацијата на стара Југославија веќе бев организиран и постојано учествував на воени задачи на собирање и подмачкување на оружјето. Потоа станав секретар на една млада група комунисти. Групата ја водев на обука во еден каменолом на влезот на Раечка Клисура на патот за Прилеп. Во каменоломот работевме без пари само за да се обучиме за минирање. Таму миниравме, а од спротивната страна беше Бугарската полициска станица. Во реката што беше во близината ќе фрлевме фишек и ќе ловевме риби. Потоа ќе испечевме пиперки, ќе направевме пинџур и еве ти ги бугарските џандари за да не' проверат. Ама и тие ќе се налапаа од нашето јадење. Тиквешијата никогаш не била гладна и најсиромашните луѓе имале што да јадат. Постојано имало голема бела погача. Во Кавадарци со 5 хектари земја си богат, но само ако ја работиш земјата.

Уште во 1941 година си одредивме партизански имиња, псевдоними. Јас го зедов името Јане. Имаше уште еден Јане. Тоа беше Никола Минчев. Тој беше големиот, а јас малиот Јане. Таа година формиравме одред, но не успеавме да го исфрливме на терен. Кавадаречкиот одред имаше две градски чети: Неготино и Кавадарци и селски Ресава, Бегниште, Калиново и други села. Одредот не се исфрли затоа што командантот се поколеба.

Јас присуствував на една заклетва на селска чета во селото Ресава. Денес не' обвинуваат дека сме биле анационални. Заклетвите тогаш беа на вкрстен пиштол и кама исто како комитите кога полагале заклетва за време на Илинденското востание. На капите носевме петокрака ѕвезда, но на градите црно-бел триаголник на кој пишуваше смрт или слобода. Тоа сега не го забележува никој.

Во 1942 година ме примија во партијата. Кога се формира Тиквешкиот одред „Добри Даскалов“, станав секретар на месното партиско поверенство. Не го кријам своето комунистичко минато. Чесно се борев и не сум му направил зло на никого. Брат ми Пане беше борец од 1944 година, бидејќи беше помлад. Тој самиот ја водеше фамилијата, бидејќи мајка ми и татко ми беа во затвор. Настана некоја провала и некои мои другари мене ме поткажале. Да бидеме искрени, Бугарите беа многу репресивни во затворите. Ужасно мачеа. Секој не можеше да го издржи мачењето и нешто ќе кажеше. Со тактизирање ќе го кажеше Тодора. Тој е во партизани, меѓутоа, страдаше фамилијата. Во текот на војната до ослободувањето сум учествувал во 170 акции во група, одред, бригада и баталјон. Но, сите акции не беа нападни, офанзивни. Имаше и бегање, а тоа е мисија затоа што ако не избегаш, ќе те фатат и ќе те убијат.

ВОЕНО ОБРАЗОВАНИЕ По завршувањето на војната посетував воени училишта. Прво го завршив курсот при Главниот штаб на НОВ и ПОМ, а потоа ме пратија на курс по оператика. Тоа беше една нелогична работа. Нормално е да се оди на курс по тактика, потоа на оператика и на крај по стратегија. Ја посетував и ја завршив Вишата пешадиска школа во Белград. Таа беше темелна школа каде што се обучувавме од водна, четна, баталјонска, полковска се' до обука на дивизија. Со образование продолжив на највисоката штабна воена академија и кога ја завршив, бев единствен со 17 години член на Југословенскиот совет за воена вештина. Додека траеше образованието, се случи да дипломираат и тие што ја посетуваа Воената академија. Бидејќи бев семеен човек, се оженив за сопругата Нада, и таа е борец од 1943 година, а материјалните можности не ми беа големи за да си играм низ Белград, а имав афинитет да конструирам задачи, да коментирам ситуации, воени сценарија, на многу мои другари од војната што ја посетуваа Воената школа им изработував дипломски и тоа од општа ситуација до решение. Со самото тоа уште повеќе го усовршив своето знаење.



КАРИЕРА По долги години отсуство од Македонија и служење низ Србија, во 1965 година конечно се вратив во Скопје и бев именуван за началник на штабот на скопското воено подрачје. Во 1945 година ја завршив војната на формациска полковничка позиција. Меѓутоа, чинот не го добив цели 20 години. Ми се случуваа многу работи во војската. Тоа не би го издржал ни Сизиф. Јас издржав, бидејќи ја сакав професијата.

Зошто? Прво треба да се види како Македонија се однесувала кон сопствените кадри. Примарно е тоа дали македонските репрезенти, македонскиот државен врв имал сопствена политика и стратегија како ќе се однесува во заедничката држава, како ќе ги пласира своите интереси и како ќе партиципира. Како ќе ги постигнува своите и заедничките цели, бидејќи републиките се конститутивни рамноправни единки и чинители кои градат заедничка политика. Одговорот е мое размислување и сведочење. Додека бев во војската, никогаш никој не ме праша, ниту еден од македонскиот естаблишмент, како ви е таму во војската. Освен еден и тоа Мито Хаџивасилев Јасмин, кој беше претседател на Собранието. Кога во една ситуација бев нападнат во војската, ме праша: „Што ти се подготвува тебе, дојди да поразговараме“. Македонскиот врв немаше национален став во однос на кадрите, немаше изградено политика. Целата таа политика беше препуштена на Лазар Колишевски, кој ја водел таа политика кога одел по риби со командантот на скопската воена област, Анте Банина, и малку ќе си поразговарале и целата работа се сведувала на тоа. Односот кон македонските кадри беше општо поинаков и сето тоа неофицијално, не декларативно, не по наредби, не по директиви, туку по едно тивко неформално однесување. За жал, тоа се забележуваше уште на Сремски фронт. Мојот командант на бригадата Боро Паунов, шпански борец, првоборец, беше капетан, а сите други команданти на бригади на другите дивизии беа потполковници и полковници. Јас, пак, бев политички комесар. Тогаш имавме двостарешинско командување. Командантот и комесарот беа исти. Јас бев младо дете комесар, а тој беше искусен борец. Од сето ова произлегува дека воопшто не сме се бореле за својот статус.

Во овој контекст многу интересно е прашањето како се растури Народноослободителната војска на Македонија. Од 1941 до 1945 година создадовме воен систем со сите релавантни потсистеми. Територијата е војувалиште, а тоа е својствено само на државна територија. Тоа не е фронт од некој голем систем, туку тука војуваа само Македонците и тие што живеат со македонскиот народ. Целите што ги имавме пред себе: национална слобода и сопствена држава, се цели кои не се создаваат на друго место за да ни бидат сервирани нам. Еве ви, Македонци, слобода, еве ви држава. Слободата и националната држава се платени со 24.000 жртви. Кога велам воен систем, тоа значи дека ние имавме воена територија, воени установи, Главен штаб, штабови на корпуси, зони, области. Војската имаше своја командна структура, систем на командување. Ние не сме биле против, ниту надвор од Југославија. Но, тука не војуваа ниту босански, ниту српски, ниту словенечки партизански единици. Тука само Македонската војска војуваше и си имаше општествено покритие. Нашата држава имаше сопствен нумерички систем. Прва Македонска бригада, Втора, Трета, и беа дваесет и нешто бригади. Сега сме национална држава, а осум наши барјаци на бригадите што беа на Сремски фронт се во Воениот музеј на Калемегдан во Белград. Барјаците ги однесоа во 1992 година и Македонија до ден-денешен не ги побарала. Јас пет пати интервенирав и барав велејќи: „А бре држава сте, сторете се сајбии на знамињата и вратете ги. Ако не ни ги даваат, кажете му на светот“. Македонците ја доживеаја територијалната одбрана како реинкарнација, оживување на Народноослободителната војска на Македонија и сите кадри сакаа да се вратат во неа, затоа што овозможуваше поголема застапеност во сферата на одбраната. Но, ниту една македонска влада не го сфати тоа.

Еве и други недоследности, пропусти во заедништвото. ЈНА имаше 700 одморалишта, но ниту едно не беше во Македонија. Надоместоците на штетите на селаните од вежбите во Македонија беа симболични, а во Словенија енормно високи. Од целата воена индустрија ние само панталони правевме во Тетово и малку чевли во ЧИК. Тука морам нешто да истакнам посебно. Мој целосен придонес е што се изгради фабриката „Сувенир“ во Самоков. А еве како: имам побратим и не знам дали е уште жив, а тој е генералот Илија Радаковиќ. На Сремскиот фронт тој беше комесар на Прва личка бригада, а јас комесар на 14. Македонска младинска бригада „Димитар Влахов“. Кај Банова Јаруга мојата бригада водеше тешки борби. Напомош ни дојде Личката бригада. За нашата борба на фронтот Радаковиќ ми вели: „Ваква војска досега не сум видел. На еден пункт еден мој пушкомитролезец испукал муниција од 4 митролески гнезда. Загинале митролесците и тој застанал на позицијата и удрил. Како јагленар беше целиот црн од барут“. Радаковиќ го предложи борецот за народен херој. Од тој момент станавме побратими. Тој од мојата крв се напи, јас од неговата, се прегрнавме велејќи побратиме, побратиме. Подоцна по извесно време ми се јави на телефон и ми вели: „Побратиме, во Травник се реновира фабриката за муниција. Имаме десет машини за производство на муниција калибар 7,9 мм. Дали ги сакаш машините?“ Праќај ги, му велам. Потоа ја зедов картата еден спрема милион и гледам каде е најдобро да биде лоцирана фабриката. Си велам овде е Скопје, овде е Јасен, овде селото Здуње, понатаму е Брод и увидов дека е најдобро фабриката да биде во Самоков. За време на Отоманската Империја таму имало ковачница за оружје и за монети. На половина страница ги наведов основните податоци за оправданоста од изградба на фабриката. Потоа побратимот рече дека проблемот ќе биде решен со Никола Љубичиќ. Потоа со камиони беа донесени машините. За да бидат одвоени средства, однапред купив муниција за десет години. Поп Стефанија од Охрид го зедов да ја води работата. Локација ни даде општината, а жителите од крајот бликаа од радост зашто им се отвораше можност да се вработат. Фабриката „Сувенир“ е прва воена фабрика во Македонија која денес ја разнебитија.

Од сето ова произлегува дека македонското раководство цело време во заедничката држава не ги штитеше своите интереси и не ги водеше работите како што треба. Инаку, да не беше така, Македонија немаше да доживее ваков пад на државноста по осамостојувањето. Енормен пад на ниво на државноста.

РОГАТ ГЕНЕРАЛ Еден ден седам во својата тесна канцеларија. Без најава ми упаднаа генералите Ненезиќ и Хриберник. Генералот Ненезиќ ми вели: „Слушај ти, денеска има седница на Советот за народна одбрана на СРМ. Појди таму и кажи им дека не можеме да присуствуваме поради тоа што имаме важна работа. Истовремено кажи им дека регрутните работи не ни одат добро“. Го гледам генералот, го гледам човечето. Прво стоев во став мирно, потоа се раскомотив и му велам: „Слушај ти, јас не можам да отидам, затоа што според законот вие сте должни да присуствувате. Законот не признава супституција“. „Што е тоа супституција“, ми велат. „Тоа значи дека нашите места се незаменливи. Можам да кажам дека не можете да присуствувате, зошто имате работа. За ова другото, како ви одат работите со регрутацијата, ќе си најдете време да им го кажете“. Потоа излетаа од канцеларија.


Генерал Атанасовски бил првак во стрелаштво во ЈНА

Чинот генерал-мајор го добив во 1972 година. Претседател на комисијата за генералскиот испит беше Ненезиќ, оној истиот кого Македонија го избрка. Јас им велам на знаење не можам да паднам, тоа е апсурдно. Ненезиќ само пет дена пред испитот се откажа од комисијата. Темата ми беше: „Командување со вооружените сили во случај на агресија во заднина на непријателските сили на привремено окупирана територија“. Новиот претседател беше Црногорец, шпански борец, ми се јави по телефон и ми вели: „Полковнику, дојди на испитот, ама не на испит. Тоа нема да биде испит, само ќе поразговараме, затоа што јас не сум прочитал ваков труд, отворен критички според концепцијата“. Оцената беше напишана, јас само полагав.

По десет години, во 1983 година, станав командант на Територијалната одбрана на СРМ. Таа година требаше да бидам унапреден во чин генерал-полковник. Меѓутоа, тогаш се случи „Фени“. Во една пригода имав главна инспекција предводена од генерал-полковникот Раде Суша. Тој беше главен инспектор на вооружените сили. Моето мирнодопско командно место беше во Скопје, а военото во Јасен. Отидовме да го видат военото командно место. Со нас беше и секретарот Никола Кастратовиќ. Тој беше по мајка штипјанец, а по татко Црногорец. По патот Раде ме праша што е со „Фени“. Јас му велам: овие нашиве овде не се во состојба да го решат. Тие можат само да растураат. Бидејќи јас и Радета бевме другари од војната, му реков нешто да направи во смисла ако на војската и' треба фероникелот за оружје, зашто Лазовци не можат тука ништо да решат. Кога пристигнавме на командното место, го снема Кастратовиќ. Тој го зел џипот, се вратил назад во Скопје и на Љупчо Ставрев, кој беше претседател на Извршниот совет, му рекол генералот Атанасовски вели вака и вака. Ставрев го повикал Милана Панчевски, претседател на ЦК СКМ, и формирале комисија. Утрото јас имав бригадна вежба во Тетово и ја набљудував инспекцијата. Доаѓа мојот помошник Коста Георгиевски и ми вели - друже генерале, ќе одиш на одговорност. Комисијата ја води Методија Петревски. Јас му велам кажи им на тие другари кога ќе заврши инспекцијата ќе се видиме, потоа се премислив и му реков дека никакви комисии не признавам. Овие, пак, од инспекцијата генерал-полковници почнаа да ставаат забелешки. Командантот на бригадата не го сторил ова, не го сторил она. Мене ми дојде преку глава и од тие од ЦК, се дигнав и му велам: слушај Раде Суша, ако слушнам уште еднаш да ми го критикувате мојот командант, да си ги запалите џиповите и правец за Белград да си одите. Тој човек е цивил и е само три месеци на тоа место. Дали ви е мобилизирана бригадата од 1.300 луѓе, да, е па што сакате повеќе од него. И тоа го пренеле во ЦК.

Отидовме на Кожуф, тогаш се градеше рудникот. Насекаде имаше расфрлано кабли, опрема. Се гради рудник. Но, јас ги паметам котите. По вежбата дојдовме и ни прикажуваат филм. Еве како во „Фени“ неекономично се работи и тоа пред Комитетот за општонародна одбрана. Бидејќи ми се познати котите, им велам: ова не е „Фени“, ова е некоја монтажа. Вие сакате да го затворите „Фени“ и само монтирате. Ова што го гледаме на филмот е рудникот „Саса“. Вратете го филмот и им велам кота број тој и тој итн. Ставрев вели - мене не ми се верува, другиот вели - не ми се верува и како резултат на едното, другото и третото, ме сопреа во унапредувањето. Томе Буклевски, Маќули ми вели: се залагав да не прават такви глупости. Чинот генерал-полковник го добив со пензионирањето во1985 година. 

ВО СОЈУЗОТ НА БОРЦИТЕ Во периодот од 1989 година до 1991 година бев претседател на Сојузот на борците на Македонија. Бидејќи се наближуваше јубилејот 50-годишнина од НОВ, сакав сите партии да ги анимирам и да им кажам како мислиме да го одбележиме јубилејот. Годината 1941 е многу важна за Македонија, затоа што тогаш почна едно ново будење на расцепканиот, понижениот, ограбениот, осиромашениот, опустошениот македонски народ, кој скоро името си го заборави. Во 1941 година си го најде името. Ако не беше тоа, сега се' ќе ни беше попусто и залудно. Моја е идејата боречката организација да биде натпартиска организација, да не биде невладина. НОВ не беше комунистички теснограда. Таа си беше широка бидејќи се случуваше во екот на големата антифашистичка борба во целина. Дојдоа претставници од сите партии, освен Петар Гошев и Љупчо Георгиевски. Гошев сакаше и понатаму да бидеме негова трансмисија. Дојде Абдурахман Алити од ПДП, како и верските поглавари.

Како го советував Киро Глигоров


Државно-партискиот врв на прошталниот прием на претседателот Глигоров: Атанасовски трет оддесно

Кога Киро Глигоров беше избран за претседател на Република Македонија, тој не' одбра мене и Крсте Црвенковски за членови на Советот за национална безбедност. Составот на Советот беше многу интересен. Премиер беше Никола Кљусев, претседател на Собранието, Стојан Андов, потпретседател на претседателот, Љупчо Георгиевски, Томислав Трајчевски, командант на Територијалната одбрана.

Крсте Црвенковски по извесно време се откажа од членството во Советот кога синот Стево Црвенковски стана министер за надворешни работи во владата. Мислам дека беше во прашање суетата што му е советник на Глигоров.

РАСПАДОТ Кога почнаа реформските зафати во ЈНА и кога еден дел од државниот врв на чело со Борислав Јовиќ почнаа да кројат работи со кои требаше да се заобиколи Уставот на СФРЈ, во Сојузното собрание се' уште партиципираше Советот на републиките, кој по новите избори го водеше Петар Гошев. Тоа значи дека нашите делегати учествуваа во работата и гласаа при донесувањето на новиот Закон за народна одбрана и на новиот Закон за служба во вооружените сили. Намерата на државниот врв беше со тие закони да се изврши централизација на вооружените сили, тивко и нечујно. Почна расправата на Советот. Глигоров праша што да правиме. Седев до Глигоров, до мене Никола Кљусев, потаму Ристо Дамјановски, до него Томислав Трајчевски, Митре Арсовски, Денко Малевски. Јас молчам. Дамјановски вели: претседателе, да видиме што ќе направат прво Словенците. Потоа следуваше банална дискусија. Глигоров ме гледа мене и ми вели: Атанасовски, кажи нешто. Јас ќе кажам и по мене да го заклучиш состанокот, му велам јас и продолжив. Ако се усвојат овие два закона, тоа значи дека со нив се врши воено-државен удар на мала врата. Со тоа амандманот 15 од Уставот ќе биде надвор од сила. Нема повеќе да имаме ниту Територијална одбрана, ни републички секретаријати, ниту евиденции. Сето тоа војската ќе го преземе. Кога ќе ги соберат македонските војници на словенечкиот фронт, дури тогаш ќе се чудите што ве снашло. Тогаш мува да пролеташе, ќе се чуеше. Мртва тишина. Глигоров ме праша што предлагам. Прво, предлагам, реков, да се побара уставна оцена на законите. Второ, четиричленото или тричленото претседателство што се' уште постои да ја прекине постапката за донесување на овие закони. Ако не друго, барем Македонија да не учествува во донесувањето на овие закони. Повикајте го Васил Тупурковски и кажете му одлучно да се спротивстави во донесувањето на законите. Пред Глигоров да почне да зборува, се јави Стојан Андов и вели: другар претседател, ние гласавме таму, Гошев гласаше и сите наши човеци гласаа, старите и новите. Кљусев му вели на министерот Дамјановски: слушаш, Ристе, што вели генералот. Слушам, слушам, вели Ристо. Глигоров даде пауза за да го повика Тупурковски. Васила го нема, бил на некој кошаркарски натпревар. Потоа Глигоров по телефон го побара Јовиќ и го прашува каде е Тупурковски? Јовиќ одговара: колку што вие знаете толку и јас. Тој никогаш не е тука.

Од мојот совет што го изнесов Кљусев извлече вистински заклучок. Нека му е лесна земјата, од воени работи ништо не знаеше ама ја сфати работата. Тој организираше да се соберат картотеките и да се оневозможи војската да прави мобилизација.

Советот за национална безбедност најактивно работеше во 1991 година, додека во 1992 година не работеше како што треба. Јас дури и не присуствував на оној состанок со Хаџиќа. Некој на Глигоров му рекол: да не присуствува генералот Атанасовски.

Дојде време Глигоров да оди во ООН за Република Македонија да стане полноправен член. Се подготвува за на пат и јас го советувам: претседателе, Данајците-Грците кога ти даваат поклон, дури тогаш сите четири очи да ги отвориш. Таму сите да ги поздравиш и да им кажеш дека ООН се резултат и директен производ на големата антифашистичка борба. Во таа голема антифашистичка борба македонскиот народ даде големи жртви. Македонскиот народ уште во текот на војната на 2 август 1944 година прогласи своја држава. Првата одлука што ја донесе беше да продолжи војната против фашизмот. Декларациите на Собранието се според Атлантската повелба, а таа повелба е матичен документ на ООН. Во 1944 година ние сме сојузничка земја, се' уште не сме во федерацијата. Македонија де факто е основач на ООН. Дајте ни го столчето што ни припаѓа, ни име ни презиме нема да менуваме. Ние се викаме Република Македонија.

Киро Глигоров се смешка и ми вели: Ќе ја наредеме таа, ќе ја наредеме таа. Глигоров не го направи тоа, ниту пишува нешто за тоа. Ја нареди 17 години да сме ПЈРМ.