��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

36

МЛАД НАУЧНИК ЕДНА ГОДИНА ЧЕКА ВРАБОТУВАЊЕ

Случајот на Софија Грандаковска заглави во маѓапсаниот круг на бирократијата, вели Владо Бучковски

пишува: КАТЕРИНА БОГОЕВА
фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Магистер Софија Грандаковска, млад научник на годината, чека вработување, како што и' било ветено и како што, впрочем, и заслужила. Грандаковска е добитничка на наградата „Млад научник на годината“, доделена од Одборот на Фондот за млади научници „Вита Поп Јорданова“ при Македонската академија на науките и уметностите на 10 април 2006 година за научните трудови објавени во 2005 година, евалуирани според меѓународни критериуми, и е единствена од досегашните петмина добитници на наградата која чека да биде трајно вработена во соодветна институција во земјава. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на групата општа и компаративна книжевност, каде што и магистрирала под менторство на академик Катица Ќулафкова. Нејзиниот научен интерес, пред се', е насочен кон средновековната книжевност и сакралниот дискурс, работела како професор во гимназијата НОВА и како соработник во Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ. Денес работи на својот докторат и се обидува преку обраќање до надлежните инстанции да најде одговор каде застанал нејзиниот случај, зошто, и покрај покажаниот успех и јавно покажаната подготвеност на Владата и на тогашниот премиер Владо Бучковски, не е реализирана докрај можноста да биде вработена. Смета дека станува збор за грешка без преседан.

„Ако наградата ’Млад научник на годината‘ добила државно признание - вработување, а вратите на институциите остануваат затворени со непробоен молк, тогаш во интерес на младите во Република Македонија и на оние што доаѓаат, а тука се и моите поранешни ученици, барам да се одговори прецизно: што е тоа што ги затвора, а што е тоа што ги отвора тие врати за да може младиот човек достоинствено да си ја работи работата за која се образувал и има високи резултати“, вели деновиве Грандаковска, која по долго чекање, на 28 декември минатата година беше удостоена со одговор од Владата, која ја информира дека согласно со законските надлежности, државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ е автономна институција која самостојно одредува кој кандидат ќе заснова работен однос, согласно со Законот за високо образование, по објавување јавен конкурс и врз основа на утврдени услови и критериуми.

„Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија Ве охрабрува да аплицирате на јавните конкурси за вработување на високите образовни и научни институции од Вашиот профил, согласно со утврдените услови и критериуми во Законот за високо образование“, стои во писмото испратено од Канцеларијата на премиерот.

МАЃЕПСАН КРУГ Неколку дена потоа во медиумите во врска со случајот на Грандаковска се огласи и поранешниот премиер, професор Владо Бучковски, изненаден од фактот дека, иако во мај 2006 Владата на чие чело беше тој покажала подготвеност за обезбедување средства за вработување на наградената, вработувањето не е реализирано.

„Ако овој случај остане, како што се вели во писмото од Канцеларијата на премиерот Никола Груевски, на тоа дека Универзитетот е автономен и повторно случајот се префрли таму, а Универзитетот опстанува со дополнителни средства и согласности од Министерството за финансии за подмладок, пред се' за асистенти, тогаш ќе се доведеме во една апсурдна ситуација каде што ќе се покаже дека квалитетните научни кадри со своето знаење, со својата потенцијална моќ, се товар на ова општество“, вели Бучковски, според кого целата процедура поврзана со случајот на Софија Грандаковска во меѓувреме, по промената на власта во јули 2006 година, се изгубила во бирократскиот лавиринт. Експремиерот смета дека ветеното вработување може да се реализира со почитување на законот и процедурата и на владината политика за стимулирање на најдобрите 100 студенти од универзитетите „Свети Климент Охридски“, „Свети Кирил и Методиј“ и Штуловиот универзитет, насочен кон тоа тие да се вработуваат во државната администрација. „Законот за високо образование сега е во процедура во Собранието и ова ќе биде добра причина за да се изнајде начин како да се најде брз пат за најдобрите студенти да можат да останат, пред се', на факултетите. Првите чекори сега треба да ги направи Министерството за образование во координација со Министерството за финансии, каде што наменски треба да се одобрат средства за ова вработување. Ова е сега еден маѓепсан круг во кој ја вртиме Софија додека не крене раце од Македонија и не побегне во странство“, вели тој.

Случајот со четвртата добитничка на високото признание на МАНУ, а прва од областа на хуманистичките науки, во рамките на книжевноста, е своевиден лавиринт во кој, за жал, низ различни патеки се втурнати многумина млади научни кадри во барање на своето место под сонцето во сопствената земја.

ПОВОД Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Ѓорѓи Мартиновски, случајот на Софија Грандаковска го смета за повод да се види каква е состојбата со вработувањето на младите научни кадри. Најновите податоци се поразителни - за десет години бројот на асистентите е намален од 1.095 на 743. „И Грандаковска е меѓу овие 300 млади научници кои заслужуваат да бидат вработени, а ни недостигаат. Нејзиниот проблем е проблем на младата генерација, воопшто. Но, Универзитетот не може да решава поединечни случаи, надвор од законската процедура, која подразбира отворање конкурс за вработување. Ова е повод да се види каков е односот на државата во време кога места за младите научни кадри има на сите факултети“, вели ректорот Мартиновски.

Деновиве и претседателот Бранко Црвенковски ја поддржа Грандаковска во нејзините барања, посочувајќи дека очекува надлежните институции да ги реализираат започнатите обврски кон неа. Академик Момир Поленаковиќ, претседател на Одборот на Фондацијата „Вита Поп Јорданова“, пак, посочува дека другите добитници на наградата „Млад научник на годината“ се вработени на високи научни места, двајца се вонредни професори, еден е доцент, а еден асистент.

„Наградата е големо морално признание со одреден финансиски надомест. Моралната сила на наградата треба да отвори нови простори во идните истражувања на младиот научник. Нејзиниот добитник треба да биде вработен, бидејќи тоа е од полза на Република Македонија“.

„Комуникацијата меѓу Владата и нас дојде неочекувано. Не добивме одговори на нашите барања за вработување на 30-ина млади луѓе, млад научен кадар на Филолошкиот факултет, а добивме писмо од Владата упатено и до ректорот во кое стоеше дека таа е подготвена да обезбеди финансиски средства за вработување на Софија Грандаковска на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Ни беше препорачано да побараме обезбедување средства, на што веднаш можеше да ни биде одговорено позитивно. На таа катедра немаше ниту тогаш ниту, пак, сега има барање за такво вработување и поради тоа барањето го препуштивме на Институтот за македонски јазик и литература“, вели, меѓу другото, деканот на Филолошкиот факултет, Максим Каранфиловски, според кого ниту една влада досега немала соодветен однос да ги следи вистинските потреби на Универзитетот.

ИНСТИТУТОТ ЧЕКА „Логичен заклучок е дека ако некој добие толку престижна награда каква што е наградата ’Млад научник на годината‘, тогаш тој има исклучителни квалитети. Следствено, не е логично тој да не биде вработен. Оттука, гестот на поранешниот премиер Бучковски го сметам за чин што се заснова на здравата логика која вели дека кадрите што покажуваат исклучителна стручност треба да бидат вработени. Поради тоа, на писмото на поранешниот премиер одговоривме позитивно, но и воопштено. Да, Институтот за македонска литература е заинтересиран за вработување млад кадар, особено со оглед на фактот дека во нашиот институт просечната старост на вработените е над 40 години, сите се доктори на науки, односно нема научен подмладок, а со заминувањето во пензија на постарите колеги бројот на вработените перманентно се намалува. Велам воопштено, зашто никој, па ни премиерот, не може да го прескокне конкурсот кој, според законот, сме должни да го распишеме за секое ново вработување.

А млади, талентирани и образовани луѓе има повеќе. Само со конкурс може да се стекне увид во нивните квалификации. Сметавме и се' уште сметаме дека Софија Грандаковска е еден од сериозните кандидати. Такво писмо пративме и до тогашниот премиер, и до министерот за образование и наука, и до министерот за финансии. Од никого не добивме одговор“, вели Лорета Георгиевска-Јаковлевска, директорка на Институтот за македонски јазик и литература, каде што Грандаковска би сакала понатаму да ја продолжи својата научничка работа. За неа овој „случај“ и е и не е специфичен. „Она што Грандаковска ја издвојува од другите е споменатата награда и тоа, секако, има значење и дава тежина на ’случајот‘. Но, не би рекла дека е единствен, зашто има и други млади луѓе кои имаат и награди и високи просеци и магистратура, а, сепак, се без работа. Исклучителните, за жал, не се многу“, вели, меѓу другото, Георгиевска-Јаковлевска. Вака младите научници, борејќи се за работни места, го градат својот однос спрема државата, партиите, институциите, а во какви личности ќе се профилираат понатаму, останува да се види. n

Софија Грандаковска

Минатата година реализиравте и научно истражување во Белград?

- Минатата година бев на подолг научен престој во Белград, кој се оствари како резултат на номинацијата за млади истражувачи што ја добив од Одделението за литература и лингвистика при МАНУ со одлуката на Претседателството на Академијата, а ја поддржа САНУ, што зборува за една долгогодишна меѓународна соработка за размена на млади научници на академиите од двете држави. Работев на истражувања во врска со темата на „Богородичниот акатист“ како книжевен текст и неговата визуелна семиотика во средновековниот живопис во Македонија, на Балканот и латинската иконографија. 

Како гледате на владината кампања за моќта во образованието?

- Мислам дека оваа кампања, развивајќи ја свеста за моќта на знаењето, треба во исто време да прави и практичен терен за реализација на моќта на знаењето. Доколку има само акција, а нема терен за реакција, кој би бил тогаш долгорочниот бенефит како колективно добро за Македонија.

Сметате ли дека Вашиот случај е искористен во политичка пресметка?

- Лично не верувам во вакви апокалиптични претпоставки. Не, затоа што е 21 век, но Македонија во многу нешта го има докажано и го докажува единствениот став кон долготрајните вредности за нејзиниот автентичен идентитет. Односно дека признанијата, резултатите, науката и уметноста се со вонвременско значење и тие, вредностите, во таа смисла се несебични, бидејќи им припаѓаат на сите и на сите периоди на вековната историја на Македонија, а не само на актуелниот миг.

Слаѓана Тасева - „Транспарентност - нулта корупција“

„Во случајот не постојат индиции за какви било коруптивни елементи од страна на сите учесници. Постои само неразбирливо игнорирање и недостаток на волја на овој млад научник да му се овозможи со своето знаење и капацитет да го зајакне нашиот систем за образование, а посебно да ги поттикне развојот и меѓународната афирмација на науката. Ова е уште еден пример за тоа како Република Македонија се однесува со младите луѓе кои во себе имаат личен интегритет и кои се добро образовани.

Преку овој пример се покажуваат слабостите на нашиот систем институционално, а не со кампања да ги поддржува и поттикнува развојот и образованието. Ова е очигледна причина за тоа зошто младите луѓе ја бараат својата иднина и можностите за својот професионален развој.

На крајот ова е уште еден доказ дека во нашиот систем не постојат процедури и систем за одговорност за оние што не ги почитуваат, што е првиот чекор кон општество во кое владее правото.