��oj 88   23.12.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

Број 77

Број 76

Број 75

Број 74

...

16

ВО ПРЕГРАТКИТЕ НА МИНИ-ЈУГОСЛАВИЈА?

Ризван Сулејмани вели дека на Балканот се создава нова реалност: мини-Југославија во која околу Србија гравитираат недовршени држави какви што се Босна, Црна Гора, Косово и Македонија

пишува: Александра М. Митевска

a.mitevska@globusmagazin.com.mk

фото: Никола Јакимов

Треба да се отвори дебата и јавно да се проговори што е тоа име, а што идентитет. Како се чува името, а како идентитетот? Дали се гради идентитетот со изолација, во која некој нов Дарвин ќе треба да ја докажува теоријата на расите? Дали се штити идентитетот со над 38 проценти невработеност?

Вакви сугестии во разговор за „Глобус“ нуди д-р Ризван Сулејмани, некогаш препознатлив како пратеник на ПДП, а потоа заменик-министер за одбрана и министер за локална самоуправа во Владата на СДСМ и на ДУИ. Сулејмани моментно е директор на Институтот за политички и мултикултурни студии и е посветен на аналитиката и на истражувањата, така што сега од „пристојна дистанца“ ги следи политичките случувања. 

ДВЕТЕ ГРЕШКИ Тој прашува дали е поважна стабилна држава, како место каде што можат да се градат вредности и каде што ќе се раѓаат нови митови, како сврзливо ткиво на еден народ, или е побитно да се врзуваме за старите и дискутабилни митови кои се извор на конфликти со околината и произведува нестабилност? И заклучува дека подобро ќе го заштитиме идентитетот ако како мала земја се најдеме на иста маса со крупните играчи на светската политика и добиеме рамноправна шанса да се избориме за вистината.

Според него, во регионот како да се создава една нова реалност - една мала Југославија, каде што Србија станува главен центар околу кој гравитираат нестабилните држави – Босна и Херцеговина, Македонија, Косово. А во таква констелација, прашање е дали ќе успееме да бидеме еднакви со другите? Дали се пропушти шансата Балканот да се реорганизира во полицентричен регион, каде што еднакво важни ќе бидат и Скопје, и Приштина, и Подгорица, и Сараево? Едно е извесно – надвор од НАТО и од ЕУ, Македонија ќе биде провинција без иднина.

„За таква ли независна Македонија се залагаме? Оваа дилема останува отворена поради две крупни грешки што се направија во минатото: референдумското прашање за независност, кое остави можност за некоја нова Југославија, и договорот Хаџиќ – Глигоров, чија содржина никогаш не се обелодени. Дали евентуално создавање таква творба е најдобра заштита на идентитетот и на нацијата? Што треба да направи Македонија за да ја натера Грција да ја крене рампата и да не' пушти да влеземе внатре? Едноставно – она што го направија големите патриоти за своите народи и нации. Доволно е да се простудира што направија Ататурк, Аденауер, па и Ругова кога беа во слични ситуации“.

Според Сулејмани, за Македонија се приоритети интегрирањето во ЕУ и во НАТО, подобрувањето на економската состојба и стабилноста на државата.

„Но, од тоа како се води политиката во овие сфери се создава впечаток дека приоритетите не се многу усогласени меѓу заедниците што живеат во земјава. Различни заедници имаат различни приоритети и барања. Македонија е фрагментирана држава и на национална и на верска, но и на социјална основа, така што е нормално граѓаните да имаат различни очекувања и различна кондиција да издржат на крупни прашања, како што е евроинтеграцискиот процес. Потребите на граѓаните се ургентни, а стратегиските цели долгорочни. Умешна политика е таа што знае да направи баланс“. 

НАЦИОНАЛИЗАМ Сепак, нашиот соговорник вели дека не може да се очекува еден политичар да биде комплетно морално чист. Во таа група приоритети, политичарот не ретко се наоѓа пред избор меѓу барањата на граѓаните, кои го даваат гласот на избори, и меѓу долгорочните перспективи на државата, чија реализација може да значи губење на поддршката од граѓаните. Затоа, според Сулејмани, најбитно е да се пронајде балансот, бидејќи треба да се работи во интерес на граѓаните, но во преден план треба да биде основната цел, чија реализација значи долгорочна стабилност и просперитет.

Дали оваа власт има капацитет да го постигне тој баланс?

„Мојата перцепција е дека во овој момент власта е премногу фокусирана на потребите и барањата на граѓаните, што носи ризик да ги загрозиме долгорочните перспективи. Треба да се направи разлика меѓу јавното мислење и можните последици од нереализирањето на крајната цел. Но, не верувам дека во догледно време ќе се случи тоа. Доаѓаат локални и претседателски избори. Од друга страна, регионот се' уште е трусен, а економските неприлики и случувањата околу Грузија ги поместија приоритетите на клучните фактори на меѓународната сцена. На малите нации и држави ретко им се дава шанса да излезат на површина од дното на морето. Тоа се случува еднаш во 30-40 години. Тие треба да ги преземат сите мерки додека морето е мирно за да се осигураат дека следниот кризен бран нема да ги врати на дното“.

Сулејмани вели дека има два рационални одговора на прашањето како Македонија, од земја со јасни европерспективи, стана земја со загрозена меѓународна позиција.

„Прво, кај сите поранешни комунистички земји што сега се членки на ЕУ се јави одреден евроскептицизам, ама тоа се случи откако влегоа во Унијата. Нашиот народ кондициски е послаб, па заморот дојде побрзо. Нормално, една политичка сила го искористи тоа за да дојде на власт. Но, она што нашиот случај го прави интересен е како национализмот на македонската страна не произведе агресивен национализам и во албанскиот кампус. Објаснувањето е дека кај македонската страна се развива еден национализам кој првпат не е многу антиалбански настроен“.



НОВИ КОРЕНИ Втора крупна работа, според Сулејмани, е што оваа гарнитура во ВМРО-ДПМНЕ го прекинала континуитетот во однос на словенското потекло и сега ги бара корените во античка Македонија.

„Југославија беше федерација на словенските народи, а со сегашните поместувања се постигнаа два ефекта на внатрешен план и еден на надворешен. ВМРО-ДПМНЕ, како партија што се смета за промотор на македонската кауза, успеа да ги елиминира внатрешните конфликти што ја држеа поделена и слаба. Другиот ефект е што Албанците првпат гледаат на Македонците како на народ што сака да има свој идентитет и нема да биде испружена рака на Софија, а посебно на Белград, со кој имаат многу лошо искуство. Ова ситуација, пак, создаде нусефект на надворешен план. Соседите што претендираа да имаат контрола над Скопје преку свои претставници во партиите на Македонците сега го губат влијанието, што ги прави агресивни и непријателски настроени спрема Македонија. Албанците, пак, се солидаризираа со ваквата позиција на Македонците“.

Според соговорникот на „Глобус“, дотука ситуацијата може рационално да се објасни. Но, треба да се има предвид дека стапот има два краја.

„Земјите што се засегнати од тоа што го губат влијанието, првенствено Грција, која, пак, традиционално има добри врски со Србија, како да дејствуваат координирано. Атина и Белград секогаш сакале да бидат соседни држави. И улогите меѓу нив како да се поделени. Ако Грција ја игра улогата на лошо момче, Србија се поставува како постар брат, кој знае да прости и кога помалиот ќе згреши. Бугарија, од друга страна, изгледа збунето и без концепција, бидејќи не и' останало ништо друго освен сонот дека има исти корени и јазик со Македонците. Затоа се плашам дека на крајот ќе се докаже изреката - патот кон пеколот е поплочен со добри намери. Добрите желби ќе ја доведат Македонија до изолација или, во краен случај, во прегратките на Србија и на Грција“. 

ПРОПУШТЕНА ШАНСА Сулејмани посочува и на неспособноста и некомпетентноста на албанските политички елити, кои можеа да ја искористат оваа ситуација за да одиграат клучна улога во приближувањето на Македонија кон НАТО и кон ЕУ. Но, како што вели, тие не го препознаа крупниот општ интерес, туку во прв план ги ставија личните и партиските суети.

„Во клучниот момент, пред Самитот во Букурешт, наместо да се концентрираат на создавање критична маса и про-НАТО политика, тие отворија невидена меѓусебна битка за сметка на стратегиските цели. Тоа придонесува денес навидум хомогената Македонија да ја изгуби перспективата. Денес Македонија како да нема јасен ориентир“.

Во овој контекст, Сулејмани посочува на спој на три фактори. Од една страна, имаме македонска партија што е длабоко навлезена во оваа ситуација и не може да се врати назад, зашто тоа може да ја чини губење на власта. Од друга страна, таквата ситуација како да и' одговара и на бизнис-олигархијата, која во ситуација на поголема отвореност на пазарот би се соочила со конкуренција и би била во неизвесност дали ќе го издржи притисокот. Третиот фактор е што албанските партии и елити немаат капацитет да се трансформираат во модерни субјекти за да можат да се справат со предизвиците на интегративните процеси. И ним како да им одговара да дејствуваат во изолација, бидејќи така најдобро се снаоѓаат. Приближувањето кон НАТО и кон ЕУ бара покомплицирани правила на игра, умешност и знаење, за што тие не се подготвени. 

РАЗДВИЖУВАЊЕ Оваа тројна круна, како што нагласува нашиот соговорник, ги блокира процесот на реформи и дијалогот за евроатлантските процеси и проблемот со името.

Но, како ќе реагира албанскиот гласач во иднина на „млаката политика“ на своите лидери. Се наѕира ли можност од појавување на некој трет субјект, од радикализација?

„Веќе се наѕираат некои раздвижувања во албанскиот блок. Но, мислам дека притисокот нема да дојде од пошироките маси, туку од средната образована класа. Двата нови универзитета произведоа кадар, но нема доволно развиена економија, особено во албанскиот дел, која би го апсорбирала тој потенцијал. Досега тоа на некој начин се амортизираше преку правичната застапеност, но и тој процес завршува. Затоа тој слој ќе врши притисок, прво кон албанските партии, но прашање е до кај ќе се стигне и дали ќе може да се менаџира сето тоа. Во секој случај, тој слој ќе бара начин да се консолидира и да зајакне. Дури и бизнисмените - Албанци не се поддржани од партиите на Албанците. И тие бараат заштита. Сега за сега, политичките партии главно ги таргетираат ниските слоеви, каде што е грото од електоратот“, заклучува Сулејмани.

И Македонците може да посакаат да се отцепат

Ако продолжи блокадата во евроинтеграцискиот процес, која би била алтернативата за Македонија?

- Реална алтернатива нема, но алтернативниот третман се наѕира. Сите напори на Владата, па и на ЕУ, се насочени кон визното олеснување. Но, визната либерализација, без конкретен напредок во рамките на ЕУ, ќе предизвика контраефект. Тогаш Македонија ќе се промовира како држава во која печалбарството е традиција, но не и како држава во која се печали. За да бидеме држава во која се печали, треба да бидеме членка на Унијата. Тогаш зголемувањето на вработеноста ќе биде резултат на зголемените странски инвестиции и на стабилноста наместо намалувањето на невработеноста да биде резултат на одењето на печалба. 

А кои би биле последиците поради етничката раслоеност на општеството?

- Тука се можни две работи. Факт е дека Албанија стана членка на НАТО, дека економски се развива, дека брзо чекори кон ЕУ, така што е можно Албанците во Македонија да тежнеат да бидат како Албанците во Албанија. Другото прашање е како ќе се развиваат работите во Косово. Колку и да има политички или економски проблеми таму, очигледно е дека желбата за самостојна држава ги дава првите резултати. Косово станува динамично место и, ако продолжи така, можно е да се забрза и неговото приближување кон меѓународните институции. Тогаш многу е логично Албанците во Македонија да се прашаат зошто да живеат во една конзервирана држава што не може да обезбеди перспектива за никого. Македонија, просто, принудена е да биде еден чекор понапред од овие две држави ако сака да биде стабилна. Всушност, интегрирањето на целиот регион во ЕУ е голема шанса Албанците да бидат заедно, но и Македонците да бидат заедно со Македонците од Епирот и од Егејот.

Но, можна е и друга опција. Тоа е синдромот на Баскија и Каталонија кои, иако се подобро економски ситуирани, бараат отцепување, бидејќи сметаат дека нивните пари одат за другиот дел на Шпанија, каде што живеат мрзливи, неспособни и сиромашни Шпанци. Тие не калкулираат со фактот дека се богати затоа што ги користат ресурсите од другата територија. Тој синдром би можел да се појави и во Македонија. Се' повеќе се слушаат констатации од типот: „Албанците не плаќаат данок и струја“, „не го почитуваат законот“, „немаат капацитет да се демократизираат“, „предизвикуваат изборни нерегуларности“. Па и Македонците може да речат: „ние не сакаме да живееме заедно со Албанците“. Всушност, и анкетите укажуваат дека Македонците се многу понетолерантни и понерасположени да живеат заедно со Албанците. Ако кон ова се додаде и прагмата, како главна одлика на политиката, за македонските политички елити ова би било извонредно алиби да се оправдаат зошто не можат да ја внесат Македонија во НАТО и во ЕУ, а за албанските елити добро покритие да се оправдаат за својата неспособност да се справат со проблемите.

Сепак, мислам дека ситуацијата ќе се држи под контрола, бидејќи прагматизмот на меѓународниот фактор нема да дозволи да се развива ваков биполарен конвергентен процес. Тие се многу инволвирани во политиката на државава и се заинтересирани за стабилност на регионот. Во краен случај, тие ќе интервенираат со одредени мерки, како што е симнување на визите, за да спласнат социјалните тензии и да се создаде една конзервирана ситуација, односно замрзнат конфликт, во каков што живееше Македонија и во минатото. 

Дали тоа значи дека би можеле да се вратиме на нивото на меѓуетнички односи од пред 2001 година?

- Не. Тоа би била ситуација во која нема поголеми тензии или, пак, тие се држат под контрола. Тоа е како кога ставаш нешто во фрижидер за да не се расипе. Не е многу вкусно, ама се јаде. Лошо е што нема да има сопствен развој, каков што би имало кога би биле во НАТО и во ЕУ. Тоа значи дека кај странците Македонија би се доживувала како инвалидизирана држава што не може да се движи со исто темпо како и други држави, туку мора да има посебен третман. Со тоа Македонија пропушта шанса да прерасне во центар на Балканот, преку кој комуницираат, наместо да се судираат, сите од опкружувањето. Но, ако не' заобиколуваат енергетските и стратегиските коридори 8 и 10, наместо центар на Балканот, ќе се претвориме во слепо црево.

Јазот меѓу заедниците

На прашањето како ја објаснува безусловната конструктивност на ДУИ како партнер во власта, Сулејмани вели дека граѓаните не се многу задоволни од таквата политика, ама ја толерираат, бидејќи немаат алтернатива.

„Претпоставувам дека ДУИ проценила оти секоја нејзина реакција би придонела за уште поголемо хомогенизирање на македонското гласачко тело. Досегашните искуства покажуваат дека секогаш кога некоја од албанските партии ќе покаже агресивност, тоа резултира со обединување кај Македонците и продуцира антиалбанско расположение. Но, ваквата политика на ДУИ долгорочно може да предизвика и последици. Тие ризикуваат губење на довербата кај граѓаните. Така, може да се случи девалвација на албанските партии, но и нарушување на концептот на Рамковниот договор, а тоа веќе би било било проблем. Тие мора да работат за да ги убедат граѓаните дека дејствуваат во нивни интерес“.

А на што е резултат повторниот пораст на недовербата меѓу Македонците и Албанците?

„Тоа само по себе не е опасно. Само прашање е дали тоа ќе може да се менаџира за да носи позитивни резултати. Зашто кога има доверба и комоција, лесно може да се заспие, додека недовербата и стравот те држат буден и те тераат перманентно да се градиш. И тоа може да прерасне во моторна сила на општеството. На тој принцип се гради и интегрира ЕУ. Таму недовербата, наместо да носи деструкции, произведува синергија.