��oj 132   27.10.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 130

Број 129

Број 128

Број 127

Број 126

Број 125

Број 124

Број 123

Број 122

Број 120-121

...

60

МИЛКА НА НАШАТА МЛАДОСТ

Оперската дива, дамата со волшебен глас, се’ уште блеска со невообичаена боја и сензибилитет

Пишува: Томо Чаловски

Милка Ефтимова, вокален уметник, првенка при Македонскиот народен театар, редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и концертен уметник со извонредно широк дијапазон на репертоарот. Опус од четириесет и четири реализирани оперски улоги, од кои 157 пати со Кармен. Преку двестотини дела од ораториалниот и концертно – солистичкиот опус од сите епохи, вклучувајќи и бројни пра изведби и изведби на дела од македонски композитори, стотина гостувања во петнаесет земји на три континенти- често како прв и досега единствен вокален уметник од Република Македонија, бројни хуманитарни настапи по повод разни пригоди и свечености, несомнено ја издигаат нејзината уметност во еден од клучните столбови на македонската култура воопшто. Многу настапи се снимени за Македонското радио и телевизија. Повод одблиску да проговориме за вистинската примадона- дамата со волшебен глас, кој се уште блеска со невообичаена боја и сензибилитет. Ова е приказна за жената гениј, Кармен од Македонија.

КОРЕНИТЕ Потекнувам од печалбарско семејство кое со векови живеело во касабата Радовиш, денес современа урбана населба. Нашето семејство во Радовиш е познато по прекарот „Американците“. Зошто? Дедо ми Ристо и баба ми Кумјанија со мојот татко Коста, кој имал само четири години во 1912 година, тргнале на печалба за Америка, таму ги чекале браќата на дедо ми кои биле од порано отидени. Стигнале по копнен пат до пристаништето Саутемптон, во Англија, но не се качиле на бродот „Титаник“, бидејќи кога стигнале на пристаништето бродот веќе бил одалечен од брегот. Патот го продолжиле со друг брод. Овој податок остана само како претпоставка, бидејќи пасошите и другата документација изгореа во куќата кога Германците го бомбардира Радовиш.

Во Торонто, Канада престојувале 13 години. Спечалиле што спечалиле и се вратиле од печалба во Македонија. По извесно време татко ми втасал за женење и се оженил за мајка ми Катерина. Ним им се родиле пет деца ,четири ќерки Марија, Љупка, Благородна, Милка и братот Ванчо. Јас сум родена на 26 февруари 1936 година. Во Канада татко ми учел да свири на виолина и доволно бил обучен за да може да настапува. И благодарејќи на печалбарското искуство, по враќањето дома, покренал иницијативи за градење на дом на културата, дом за стари лица и други хумани активности. За домот на културата татко ми подарил земјиште и изградиле тулана за да има од што да се гради домот, затоа што знаел дека децата и младината ако немаат забава ќе почнат да се дрогираат. За дрогата во Радовиш се знаеше уште тогаш бидејќи се произведуваше афион, а ние учествувавме во собирањето на плодот од од афионот, а тоа е катранот кој е дрога, која се употребува за изработка на лекови во фармацевската индустрија. Еднаш татко ни не предупреди со ножот со кој го собираме сокот од афионот да не сечеме леб.„Друг пат за сечење на лебот ќе си носите друг нож“. Татко ми беше далеку виден човек за последиците што можат да настанат од невнимание и затоа се нафати да го изгради домот кој беше еден вид соколана. Сите игранки се одржуваа таму. Но, при изградбата се случи трагедија. На главниот мајстор на тајфата од чатијата му паднал синот кој на место починал. Таа трагедија остави длабоки траги врз здравјето на татко ми. Едно нешто морам да истакнам, за жал, никој не се сети да постави спомен обележје со неговото име. Татко ми сакаше да создаде култура во Радовиш и во тоа успеа. Кога почуствува дека е исцрпен зашто долги години беше претседател на Здружението на пензионерите дента на ручекот даде оставка, а вечерта истиот ден во 1972 година почина. Мајка ми Катерина е ќерка на Петруш Поп Лазаров, комита и борец во четата на Гоце Делчев, човек кој истрпел многу страдања за слободата на Македонија. Нашето пошироко семејство е со музичка традиција. Покрај татко ми кој на 17 годишна возраст ја совладал виолината во Канада, минувајќи повеќе години од деството и младоста со своите родители во Канада, тој стекнува за тие времиња отвореност кон новото, прогресивното. Мајка ми е исто голем песнопоец на народни песни. Музиката, свирењето на виолина на татко ми и заедничкото пеење со децата се неразделен дел од животот на нашето семејство. 

ОБРАЗОВАНИЕ- Талентот за музика кај мене се откри рано. Јас почнав да пеам од шестгодишна возраст. Настапував на разни приредби и прослави. Каде ќе ме ставеја, јас пеев народни песни што ги слушав кога мајка ми пееше. По секој мој настап луѓето велеа- чудо од дете. Подоцна јас и татко ми настапувавме заедно. Тој свиреше на виолината и заедно пеевме. Песните што ги пеевме беа составен дел со полските работи што ги работевме, посебно тутунот и беа проткаени со звукот на виолината. На семејните прослави нашето пошироко семејство имаше 26 инструменти што беше еден голем оркестар, составен од виолини, мандолини, примови, саксофони, тапани, дајриња. Се пееја староградски народни песни. Во саботите и неделите се изведуваа серенади, а татко ми беше човек кој сакаше многу музика и штом ќе се направеше серенада ние четирите девојчиња подготвувавме мезе и пијалак за на крајот свеченоста да заврши со пуканки.

Во прогимназијата, мојот музички талент беше забележан од наставничката по музика Љубица Лазарева-Лукарова. Таа ме советуваше да ја изберам музиката за животна професија, со што всушност ја потикна и мојата желба. Професорката ми велеше- „ти мораш да одиш таму каде што се свири и пее. Тој пат мораш да го фатиш затоа што си многу талентирана и ќе успееш“. По завршувањето на осмото одделение, во 1956 година се запишав во Средното музичко училиште во Скопје. Многу сум и благодарна на професорката и таа се' уште е жива. Јас пред да дојдам во Скопје, уште во Радовиш го прашував татко ми „со кој прст тате почнуваш да свириш на виолината“ и, се' така вежбав по неговото кажување. Тој ми велеше - „ме копираш како циганче“, зашто јас 6 години свирев во музичкото училиште, а во истовреме свирев виола за потребите на оркестарот во Скопје. Ќе споменам само неколку професори што ми предаваа, пијано Наталија Конева, композиција Властимир Николовски, теоретски предмети Стефан Гајдов. Бев многу трудољубива. Во почетокот од третата година од средното образование директорот Илија Николовски-Луј, не случајно ми ја откри убавината, специфичната и ретка алтовска обоеност на мојот глас. Го повика професорот по соло пеење и ме предаде во негови раце. Една од моите среќни околности е таа што тој човек е професорот Коста Трпков, наставник со неисцрпна енергија. Тој беше фасциниран од моите можности и работеше со мене секојдневно по повеќе часови. Јас кога настапував не пеев сурово, туку им давав текст и така ги правев мелодични. И навистина, не изостана резултатот. На натпреварот за ученици и студенти во Загреб во 1956 година, во конкуренција на многу подолго обучувани кандидати, јас ја добив третата награда, првата не се додели, додека втората ја доби сопранот Радмила Тодоровска исто така ученичка на Коста Трпков. Така јас станав еден од првите соло пејачи од Македонија наградени на професионален музички натпревар. Всушност, тие сакаа да ме задржат во Загреб. Од жирито се јави еден од членовите и рече дека ќе му биде драго ако останам во Загреб. Јас го завршив Средното музичко училиште со реализирани значајни солистички настапи. Кога се вратив во Скопје разговарав со Гога Трајанов, таткото на Борис Трајанов, беше прекрасен тенор во Љубљана. Јас разговарав со Гога, а тој ми вели - „тебе местото ти е да се запишеш на Музичката академија во Љубљана, во класата на прочуениот педагог и солист на Виенската опера, професорот Јулиус Бетето, уметник со два гласа бас-баритон, значи ниско и високо и ако сакаш ќе разговарам да дојдеш таму“. Јас му бев толку благодарна што едно писмо испратив до Бетето дека само две години сум настапувала, а не му кажав дека сум добила награда. Одговорот што го добив од професорот беше негативен. Меѓутоа, другиот ден добив ново писмо во кое професорот ми пишува дека сепак се предомислил и нагласи „сакам да дојдеш да те слушнам каков глас имаш“. Тој и го направи тоа, бидејќи следниот ден, кога се заврши натпреварот во Загреб, тука беше и директорката нa Средното музичко училиште Раева. Тој ја прашал дали доби награда некој од нашите ученици од Словенија. Таа му рекла- „жалам не добија, туку добија две ученички од Македонија, со убави прекрасни гласови, а ученичката што пее мецосопран требаше да ја добие првата награда, но настапи колебање бидејќи две години учела и и доделија трета награда. Како се вика девојчето? -Милка Ефтимова“. Тој и вели- „јас вчера и одговорив негативно бидејќи класата ми е преполна“. Професорот веднаш го напишал второто писмо и јас го добив во 9,30 часот. Следниот ден во 12,05 тргнуваше возот за Љубљана. Му испратив телеграма на пријателот Гога Трајанов со која го известив кога точно со возот ќе пристигнам. Јас не јадев цела вечер, бидејќи бев со мислите дали ќе бидам примена кај професорот Бетето. Гога откако ме пречека од возот, му се јави на професорот, а тој предложил да јадам да се одморам и попладне ќе биде видувачката. Јас со мојата младост и лудост велам дека сум јадена и наспана. Професорот му вели на Гога е штом е така ајде дојдете. Ме понудија кај професорот дали сакам кафе или чај, јас реков чај зошто бев свесна дека гладна кафето ќе ме раскопа. Професорот беше по природа еден мрк човек, но кога ќе се расположеше знаеше да се насмее и беше прекрасен човек. Откако го испив чајот ми вели ајде сега да почнеме, и почна да ме распејува. Јас сите мои ноти од Средното музичко училиште што работев и од натпреварот во Загреб ги носев со себе. Така почна да ме распејува и го гледам човекот почна да се смее. Кога завршивме ми вели - „браво дете. Дај ми ги нотите што ги имаш. Му ги подадов а тој ги разгледува и вели тата,тата, и ја става на страна, и така ги реди на страна за да на крајот ја зеде Кабанерата од Кармен, а неа јас многу сакав да ја пејам. Србите ми велеа - „таа тие како химна кај одиш Кабанерата ја носиш“. Јас потоа почнав мојот колега Трајанов да го гледам да му намигнувам и така да пее, како што требе да се изведува. Бетето се дигна и почна да свири на клавирот. Завршивме со изведувањето. Професорот ми вели - се случи по сто години да дојде ваков глас во Љубљана. Не можам да го опишам чуството колку бев среќна во тој момент. Потоа професорот ми вели овие пет работи ќе ги земеш и следниве три дена ќе работиш на нив, само толку дена беа оставени пред испитот. Ми рече и тоа да напишам молба во која да наведам дека сум дошла поради професор и да биде подвлечено. Другите колеги кои конкурураа имаа корепетитори. Јас отидов кај секретарката и и реков дека немам корепетитор кој ќе ме следи. Таа отиде кај професорот да го извести а тој ми вели - „драго дете, немојте за тоа да се секирате јас ќе ве следам“. „О боже, вели секретарката, „ова досега не се случило некој на приемниот испит професорот да го прати“. Подоцна, во книгата, напишана од Драгутин Цветко, посветена на вокалната уметност и вокалната педагогија, еве, како, Бетето ја опишува средбата со мене. „Вистински тип на јужначко девојче, црна коса, крупни очи, бели обетки, спуштени низ образите! Гласот е сиот кадифе, сосема слободен. Преодите во маска се многу добри. По малку груба, но тоа доаѓа од големата животна енергија, која ја има. Нејзиното пеење содржи многу чуства и сила“.

Инаку, студентскиот живот во Љубљана во првите месеци не ми беше баш лесен. Секојдневната скромна издршка ја дополнував со давање часови по солфеж, виолина и пијано, вокални придружби, помош на возрасни лица. На Музичката академија посебна улога во формирањето на мојата севкупна личност дадоа и двајцата раководители на Оперското студио Кирил Цветко, диригент за високо професионални и естетски префинети критериуми и Цирила Шкерл- Медведова, дипломиран пејач и драмски уметник со големо сценско искуство.Дипломирав со одличен успех на 6 јуни 1960 година


Ефтимова со Ѓорѓи Божиков

КАРИЕРА Во мај 1961 година, како член и солист на Хорот на Словенечката филхармонија, настапив во Виена под диригентската палка на големиот Ловро фон Матачиќ, изведувајќи повеќе солистички делници. Матачиќ самоиницијативно работи со мене врз партитурата на Кармен, толкувајќи низа музички и психолошки детали за овој лик. Непосредно по концертот во Виена тој ми понуди ангажман со операта „Кармен“ во Франкфурт, со убедување дека во кусо време ми претстои блескава кариера. Бидејќи јас бев стипендист на скопската опера, во налет на чуства на одговорност и на инсистирање на Скалоски и на Кочко, есента во 1961 година станав солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје. На 15 декември 1961 година за прв пат застанав на сцената на оперскиот театар тоа што значи сон и живот. Прва улога-Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“ заедно со Данка Фирфова како Леонора, Марио Ѓуранац како Манрико и Енцо Серини како Луна, диригент беше Александар Лековски. Салата беше преполна, многу аплаузи и се случи да добијам букет од Лазар Колишевски тогашен претседател на Република Македонија. По „Трубадур“ настапува во „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Бетерфлај“, „Орфеј и Евридика“. Во овој прв оперски период извондредно многу им должам на двајца музичари. Едниот е диригентот Фимчо Муратовски, човек чија култивираност, вкус, чуство за стил и музичка градба ќе трае низ целиот четириесет годишен творечки период. Втората личност е Ладислав Перлдик, вонсериски оперски корепетитор и воедно диригент.

На втората фестивалска година од Охридското музичко лето настапив како солист во кантатата „Величание“ на Тодор Скаловски. Се' уште ја паметам сцената од отворањето на фестивалот, кога бев поставена на врвот на зидините на Самоиловата тврдина, со бел, развиорен шал, со позадина на румено небо на езерско зајдисонце го пеев „Залезот“ од Скаловски.

Веќе во 1963 година со диригентот Фимчо Муратовски подготивме програма за натпревар на Вториот меѓународен конкурс во Софија каде ја добив третата награда од 117 кандидата од 26 држави. Претседател на жирито беше Тоти Дал Монте од Италија. Од Метрополитен операта од Њујорк Курт Адлер, односно вкупно 23 еминетни уметници, кои напишаа за мене- „најпрекрасниот глас и најшарматната певица„. На 26 јули се случи земјотресот во Скопје. Покрај многу јавни и приватни објекти беше рарушен Македонскиот народен театар, Домот на ЈНА со неговата концертна сала. За отворањето на новата монтажна зграда на МНТ во 1965 година јас реализирав една нова улога, улога која со текот на годините ќе стане мој симбол- Кармен во истоимената опера на Жорж Бизе.

Во 1966 година заминав на специјализација како стипендист на владата на Република Македонија во Италија во Санта Чичилија во Рим. Италијанска влада ми доделува двомесечна стипендија за престој во Сиена, на Академијата Киџијана каде што продолжувам да работам концертно пеење. Во септември 1966 година познатиот „Месаџеро“ пишува - „Милка Ефтимова певица со убава боја на гласот што навистина одговара на мецосопранот, глас што толку многу се бара од нашите оперски куќи“.

Од сите кандидати меѓу најдобрите бевме јас и една Американка. Добив награда за сценски настап. Таму бевме три месеци како најдобри изведувачи. Јас бев избрана да учествувам во серија настапи кои ја претставуваат академијата Санта Чичилија солистички, но и со оркестар. Римските рецензенти ја истакнаа мојата сензибилност, музикалноста, стилската диференцираност или силата на мецо вокалите. За кратко време, имав 21 настап. Морам тука да ја истакнам околноста што имав среќа да се запознаам со две Шпањолки од Мадрид кои беа исто со мене во академијата и со нив ги работев кастањетите и чекорите за Кармен. Шест месеци работев со кастањетите. Кога почнав да ги учам, можам да кажам дека тука во Скопје не знам дали имало некој што го свирел ритмовите така како што треба бидејќи композиторот Ловро Матачиќ, диригент, и тоа еден од најдобрите во светот, сакаше една година да отидеме во Виена уште кога бев во Словенечката филхармонија и хорот велеше - „би сакал да направам од тебе светска кариера со Кармен“, бидејќи сум како фигура, глас, темперамент и кастањетите ги свирам така што ретко во светот тоа некој може да го изведе. Бев пресреќна, само што не сакав да прифатам да одам од Македонија. Бидејќи дадов збор дека ќе бидам тука, а имав наша стипендија. На диригентот Тодор Скалоски, Матачиќ му одговори - „па што ако има македонска стипендија, кога таа може со една претстава да ги врати средствата што ги земала за сите тие пет години“. Јас му реков не маестро Матачиќ -„јас сакам македонскиот народ да има нешто од мене“ , бидејќи кога бевме во Берлин видов колку беа среќни посетителите. Сите ме слушаа иако незнаев добро германски, тоа беше пропратено со огромен аплауз и посакаа пак да им дојдам.


Во Рим во деновите на чествување на св. Кирил и Методиј

Тогаш имаше македонска дирекција и „Југоконцерт“. Постојано бев ангажирана од двете институции. Имав настапи во Русија, три пати во Кина и многу пати во Германија, Австрија и во Италија. Посебно е чуството кога на сцената ќе застанеш со еден Италијанец, Германец, Јапонец и требаше да се покаже квалитет, а тоа ме тераше се' повеќе и повеќе да се трудам да дадам се' од себе ,што се вели - јас да удрам печат. Јас многу сакам моите негативни работи да ми бидат кажани за да можам да си ги поправам, инаку за позитивните работи, секој човек знае што прави добро и го прави тоа. Поминаа шест години додека се правеше операта, отидов во Љубљана. Несреќа беше за Македонија што операта ја градеа 11 години. Јас одлучив да ја прифатам многупати упатуваната покана од страна на Љубљанската опера и веќе од септември 1967 година јас сум првенка на оваа куќа. Таму бев постојано на настапи. Јас немав практично време да преспијам по претставата туку во холот од хотелот со куферите го дочекував утрото и се упатував на аеродромот. Таков бурен и напорен живот сум водела. Во Љубљана направив многу улоги, дури од таму отидов во Сараево. „Кармен“ и „Трубадур“ многу пати сум ги пеела, Најмногу во улога сум настапувала во Кармен и во Колашчина тука со Орфеј а надвор во светот со „Кармен„ и со „Трубадур“.

Зошто со тие улоги? Знаете што, ако ако со ликот се соживеете можете да дадете се' што е потребно. Јас како човек бев таков карактер што сакав многу да слушам и многу да гледам. Пред колку години сум сакала да ми дадат некоја плоча, оти тогаш беа плочите во употреба, сега имам преку илјада видео касети. Тие улоги толку ми лежеа што сите ми велеа дека сум родена за Кармен и јас тоа така го чуствував. Од оперската сцена јубилејно се простив со Кармен на 6.11. 1991 година. Тоа ми е 157 претстава, воедно и последна. Во Љубљана реализирав 17 премиерни улоги. Од ова богата серија ќе ги издвојам како исклучителни достигнувања кои зрачат со изразито личниот белег и претстауваат ново преоткривање на толкуваниот лик пред се Кармен премиера во 1968 година која рецензијата ја нарече победа и слава на Ефтимова, потоа е Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, која до крај ги прикажувам моите вокално сценски способности,премиера во 1970 година, Кабаниха во Катја Кабанова на Леош Јаначек, Aрлента во Крунисувањето на Помпеја на Клаудио Монтеверди тоа беше најубавата приспивна песна слушната било кога на Љубљанската сцена. Хата во комедијата Продадена невеста на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата Еквинокциј на Марјан Козина. Своевиден примат остварив со Марфа во „Хованшчина“ на Модест Мусоргски.

Од Љубљана се вратив 1978 година во Скопје како првенка на Операта при МНТ. Настапував во низа обновени премиери од железниот репертоар како Трубадур, Кармен, Бал под маски, Евгениј Оњегин, Кавалерија Рустикана, Кнез Игор и Фауст. Реализирав антологиски премиерни улоги како што е Марчелина во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт и Неда во „Кузман Капидан“ од Трајко Прокопиев. Во ликот на мајката Неда која строфа посебно Ве возбудуваше? Тешко е да одвојам зошто сите ги пеам со голема возбуда. Сепак ќе ја наведам строфата – Но и други борци ќе воскресне река и водач нивни ќе излезам вгора. По вашата трага ќе тргнам и по вас ќе одам, јас да ве уништам морам. Со ликот Кармен кој ме придружува низ целата кариера извондредно успешно ја пеев на концертите во Бугарија, Узбекистан, Романија, Чешка. До денес јас сум единствениот македонски уметник кој гостувал на ексклузивната сцена на Сметановиот театар во Прага. Реализирав извондредно успешни настапи изведувајќи македонска музика во Италија,Франција, Бугарија, Норвешка и Кина. Но од време на време едно три ипол години одев во Љубљана бидејќи немаа солист за моите улоги.

Моето проштевање од оперската сцена во ноември 1991 година се претвори во вистински празник за музичката уметност и оперска сцена. Со овации и бројни китки цвеќе ме испратија не само колегите и пријателите туку и долгогодишната публика, благодарна за сета музика и убавина подарена од мене. 


Ефтимова со Марија Скаловска, Емилија Џипунова и Цветанка Шулевска

ПЕДАГОШКА ДЕЈНОСТ - Последната деценија од мојот работен век им го посветив на младите, како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и наставник на Музичко-балетскиот училишен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип.

Како ги создававте вашите уметници, за да се оформат како оперски певци? Во текот на учебната година јас имав по осум студенти. Јас сама одбирав кандидати од средните музички училишта кај што предавав.Од моите ученици како истакнати македонски вокални уметници ќе ги спомнам Весна Гиновска, Павлина Новакова, Цветан Стојановски, Михаило Арсенски, Маја Павловска, Ристе Велков. или перспективните припадници на помладата генерација Анастасија Јовановска,Марика Толевска, Александар Стефановски Владимир Саздовски и други.

Со мојата колешка Јасминка Чакар како пијанист настапуваме 53 години заедно, се дружиме и работиме во Македонија и надвор во светот на многу гостувања. Така јас со многу корепетитори сум настапувала. За жал, мора да ја споменам покојната Лилјана Иванова и со неа имам многу настапувано со Снежана Анастасова Чадиковска, Со Каревски , Со Милица Шперовиќ, со Елезовиќ Трпкова. Исто и со словенските оркестри и корепетитори.

Авторот Снежана Анастасова Чадиковска по многугодишно макотрпно истражување ја изготви монографијата насловена Милка Ефтимова „Светот на еден глас“. На 267 страници со многу фотографии во колор и црнобела техника прикажан е нејзиниот животен и творечки пат исполнет со анализи на нејзините достигања, со рецензии, плакати, со сите оние фасцинатни докази за силата на талентот и професионалноста, за љубовта кон вокалната уметност и родните корени, за пријателствата и пријателувањата со бројни личности од целиот свет, за животот исполнет со светлината и магичноста на креативното.