��oj 232   04.10.2011
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

ПРИКАЗНА ВО ЗАДНИНАТА: ОТСТРЕЛ НА НЕМОЌНИТЕ - ДЕЦА НАДВОР ОД СИСТЕМОТ

Во битката за право на семејство, Ситемот наместо партнер, застанува на спротивната страна

ЛИНА ЌОСТАРОВА УНКОВСКА

Сторијата на Петар Стојковиќ, под наслов: "Во подготовка на 'погребувањето' на мојата сестричка, како жртва на Системот", (http://www.plusinfo.mk/mislenje/320/Podgotvuvajkji-go-pogrebot-na-mojata-sestrichka-kako-zhrtva-na-sistemot), која за само еден ден беше прочитана 13.000 пати, и стана најпрочитаната сторија на Инфоплус он-лајн порталот, остави запрепастени и во неверица стотици граѓани, кои се понудија да помогнат. Сторија, која отворено и непосредно ни го разоткрива пеколниот механизам на одлучување и постапување на т.н. "стручни комисии", неподносливо (не)моќни во името на "најдобриот интерес" на детето, да ја донесат вистинската одлука. Девојчето со тешка попреченост, одгледано и пораснато во згрижувачко семејство, кое на сите можни начини се обидува да ја задоволи постоечката законска регулатива, со единствена цел да го задржи детето во кругот на семејството, по тринаесет години, со одлука на Комисијата мора да го предаде на Институција.

"'Тоа е. Постапуваме според законот! Не можеме ништо надвор од законските рамки.' беа зборовите на 'стручниот тим' од Центарот", раскажува Петар, за драмата на семејството и се прашува: "Дали посебните потреби на овие деца можат и смеат да се генерализираат со една или две реченици во некој закон или правилник? Дали некои луѓе во пратенички фотељи кои носат закони за лица кои никогаш не ги виделе ниту ја познаваат нивната проблематика, можат и смеат да се ставаат во улога на Господ кога се во прашање животите на овие деца? До кога ќе дозволиме да има жртви на системот кои самите го дизајнираме?".

Одговорите на сите овие прашања всушност се многу едноставни: НЕ - потребите на овие и сите други деца НЕ СМЕАТ да бидат генерализирани, како што и нестручни лица НЕМААТ ПРАВО да донесуваат закони и правилници, ниту да членуваат во комисии кои носат клучни одлуки за детските животи, без притоа одлично да ја познаваат проблематиката, без да имаат извонредни познавања од меѓународното право со кое се регулирани детските права, без да имаат непосреден увид во политиките и ефектите од нивната имплементација во практиката. И ДА не смееме да дозволиме да си ги убиваме сопствените деца. Решението лежи и секогаш мора да се бара во најдобриот интерес на детето. А законите служат затоа за да ни помогнат да го направиме тоа најдобро. И толку.

Меѓутоа, во нашата практика, не еднаш, и не случајно, туку по правило, приказната тече поинаку. Агонијата на семејството сеуште трае: "Таа завршува во понеделник, 3 октомври", вели Петар, "кога ќе треба да ја однесам мојата мала сестричка назад во Центарот од каде потоа ќе биде сместена во Заводот во Скопје Север. Нејзината судбина е во рацете на Законот - мртви букви на парче хартија. Оставена на милост и немилост на системот."

Ова е приказната за очајничка битка за "правото на семејство" кое му се одзема на едно дете, од страна на Системот. Братот, старателот и потенцијалниот родител, истовремено е и јунак и Модел за тоа како треба да изгледа едно згрижувачко семејство, и како тоа треба да се бори за детето и неговите права, кога тие се доведени во прашање, од било кого. Парадоксот е во тоа што Ситемот наместо партнер, застанува на спротивната страна, во оваа нерамноправна битка. Приказната е застрашувачка, но може да биде и повод, за конечно отпочнување на промените, не само во регулативата, туку и во менталитетот на нашите ткн. експерти, и "стручни комисии", кои задскриени зад законот, и во недостиг на капацитети за одбрана на детското право, кое најчесто и не го познаваат, се впуштаат во донесувањето најважни животни одлуки, за децата.

Детето ги стекнува своите права со раѓањето. Тие не му се доделуваат, не се заслужуваат, ниту со било што смеат да се условуваат. Детските права се загарантирани со бројни меѓународно ратификувани документи, меѓу кои Конвенцијата за правата на детето, обврзувачка за сите земји потписнички станува и најрелевантната референтна рамка и водич во градењето ефикасни закони, регулативи и механизми на детска заштита, и независно од условите и степенот на развој на заедницата. Меѓу другото, Конвенцијата го гарантира и правото на секое дете на индивидуализирана процедура на проценка и одлучување, секогаш земајќи го предвид најдобтиот интерес на конкретното дете. Истовремено, правото на секое дете на семејство е негово неприкосновено право, и само во исклучителни случаи кога нема замена за семејството детето може, и тоа само привремено, да се згрижи во соодветна институција. Улогата на националната законска регулатива (правилници и сл.) е регулаторна. Тие само го уредуваат спроведувањето на правото, олеснувајќи го неговото преточување во практиката. Овие документи не смеат да го ограничат, ниту да го доведат во прашање исполнувањето на било кое детско право. Од тука и членот 3 од Конвенцијата, за "најдобриот интерес на детето" не е само добро срочена фраза, туку мора целосно да се испочитува, а за тоа како тоа се спроведува во разни домени од детското живеење, исто постојат документи. Најдобриот интерес на детето се проценува за секое дете посебно, со проценка и предвидување на индивидуалните краткорочни и долгорочни импликации, врзани за неговата актуелна состојба. Тоа истовремено значи дека доколку законите или било која друга регулаторна мерка во практиката дојдат во судир со било кое детско Право, ТИЕ мораат да се менуваат, а во меѓувреме, најмеродавни остануваат меѓународните документи кои непосредно го регулираат засегнатото право. За да ваквата процедура се спроведе во дело, потребни се обучени, одважни, храбри и посветени стручни лица, докажани авторитети со висок легитимитет во одлучувањето, но и во давањето насоки за промена на нефункционалните, контрадикторни и штетни регулативи по детето и детската заштита. Децата со посебни потреби, вон од семејството нема кој да ги штити, и токму затоа, и особено тука Системот не смее да си дозволи да потфрлува. Не смее да импровизира, ниту да покаже незаинтересираност и немоќ, како во случајов.

Ова е уште еден пример за состојбата со детските права во земјава, која и по двата Извештаи (од 2000год. и 2010год.) на Комитетот за правата на детето при ОН, и бројните препораки за подобрување на состојбите во детската заштита, ништо суштински не направи, освен што реториката на Конвенцијата експресно се воведува во нашето законодавство. Во позадината останаа истите недозволиво дехуманизирани политики и практика, кои на децата со посебни потреби, но и на сите други ранливи групи деца (децата на улица, децата надвор од евиденција, децата во институции, и многу други "невидливи" деца), гледа како на грешка на природата, или како на социјална патологија, која може да заврши било каде, само да се тргне од очите на јавноста, за да конечно сите ние другите заживееме во мир и спокојство, и за да ни биде уште поубаво. Тоа е генералниот, сеуште традиционален, моралистички став кој мора итно да се менува, ако сакаме вистински да им помогнеме на децата, и на целата заедница.

Како инаку да го толкуваме "великодушниот" гест на Владата која дава уште еден гратис за ин-витро оплодување, сега и за второ дете, но само за родителите на кои првото дете им е "фалично", родено со маана. Ништо помалку бедно не изгледа ни широкото медиумско покривање на акцијата за тргање на децата-питачи од улиците, проследено со неодминливото лице на министерката Јанкуловска (од каде таа!!!), при сечењето лента (зошто лента!!!) на новиот транзитен центар за децата-питачи, повторно во името на "посреќно детство". Притоа добро познавајќи ги катастрофалните услови во институциите за деца без родителска грижа, нестручноста, недоволниот и несоодветен кадар, недостигот на обуки, отсуството на планско следење, проценки и супервизија, недоволниот број на квалитетни згрижувачки семејства, кои исто така остануваат изолирани, на маргините? Кому тоа може да му звучи како вистинско решение за децата на улица, за да зборуваме за успешна приказна?

Наспроти тоа, ја имаме вистинската приказна за голготата на едно згрижувачко семејство, која не сакаме да ја видиме, кога аплаудираме на прибирањето на децата на улица. Кој е Моделот на згрижувачко семејство што ни го нуди Системот за овие деца, кога пред наши очи тој ист Систем безмилосно ги игнорира сите негови напори во битката за едно дете? Ако толку лесно можеме да жртвуваме дете за кое некој така жестоко се бори, како ли се однесуваат службите кон дете зад кое нема кој да застане, зад вистински напуштено дете, кое никој не го сака? Како ли за нив одлучуваат "стручните комисии"?

Човек денес мора да направи голем напор за да остане присебен и при здрав разум во судирот со овие двојни /дупли/ слики од нашето секојдневие... Не може тоа секој. Обичниот човек е веќе обезличен, згазен, осиромашен и по сите основи обесправен, па тешко дека нему може нешто повеќе да му се раскаже, за да се придобие неговото учество. Тој одамна веќе избрал да не се меша, потоа престанал да гледа, за потоа да се откаже и од чудењето пред нелогичноста на двојните, контрадикторни пораки кои постојано му се сервираат. Му останува само уште да се надева дека некако ќе преживее, веќе не е важно ни Колку, ни Како ќе живее. Затоа најчесто и немаме вистинска реакција, најчесто молк, кој веќе не значи ни негодување. Затоа и добиваме такви типизирани, отуѓени одлуки, кои ги носат некои безимени луѓе во државната администрација: во Центрите за социјална работа, судовите, образовните и здравствени институции ... Не доаѓа тоа само од незнаење, страв, или некадарност, туку и од одбивањето да се знае. Од научената беспомошност. Дури и кога со сета мудрост, логика и аргументи би се обиделе да ја елаборираме погубноста на ваквите одлуки и постапки по човечките животи, по децата и нивните развојни перспективи, тоа не допира, се одбива, како од зид, не затоа што темата не е важна, дури и кога е таа многу драматична, сеедно. Тоа е затоа што нема никого од другата страна, нема кој да го слушне гласот и крикот. Оваа појава, на аутистична дехуманизација на општеството, која станува препознатлив стил во однесувањето на институциите на Системот, со која доколку само еднаш се судрите во својот живот, ве тера на уште поголемо повлекување и само-изолација, го затвора кругот на немоќта на обичниот човек, од кој тој нема како да излезе, освен и натаму трпеливо да чека да се појави Спасителот. А тој доаѓа, најчесто предоцна, персонализиран во безимените квази-моќници, кои одлучуваат за неговата судбина. И затоа одлуките никогаш не се по негова мерка, на човекот, затоа што се задоцнети, а мерката е произволна, зависно од интересот или инспирацијата на моќникот... Такви се и нашите законски регулативи во доменот на детската заштита, такви ни се и правилниците за посвојување, законот за семејство, образовните планови и програми, законот за млади и нивното учество, такви ни се реформите во сите области на човековото живеење, денес. Затоа, и Правата на детето и неговиот најдобар интерес за надлежните останува неразбирливо, неважно градиво, за кое не се ни прашуваат како тоа најдобро да се спроведе во реалноста на една сиромашна заедница.

Петар и неговата сторија, за жал не се осамена приказна. Но за првпат е таа толку жестоко соголена, во сета своја суровост и грдотија. Токму затоа таа во себе ја има храброста и моќта да сруши и убоде, и тоа во најнедопирливиот домен на ткн. "законско постапување". Токму таквото повикување на законот, кој така лесно се користи за покритие во одземањето на основно детско право, правото на дом и семејство, во суштина ги урива високо поставените и омилени теми во заедницата, за изгубените семејни вредности? Може ли Системот да продолжи со својата заложба за СЕМЕЈСТВОТО како основна клетка на заедницата, или со долгорочните вложувања во многудетното македонско семејство, кога истовремено едно докажано грижливо семејство, во заштита на своето дете, ја губи битката со истиот тој Систем, и тоа токму на браникот на семејните вредности? Со кој кредибилитет Владата ќе продолжи да не уверува во своите стрегии и планови за поддршка на семејството, и по кои тоа модели ќе гради и ќе вложува во идните згрижувачки семејства, од кои сеуште имаат потреба илјадници деца? Како тоа Системот ќе го прави, кога истоврмено не е во состојба да донесе вистински развојна одлука за едно веќе ситуирано дете со посебни потреби, туку безмилосно го негира и руши неговото семејно опкружување, заменувајќи го со институција, и тоа во име на закон? Ова се прашања на кои Системот мора да одговори, и тоа веднаш, пред да продолжи со своите акции во реформирањето на младите и нивното вистинскио место во заедницата.

А до тогаш она што му останува на Петар е огромната поддршка добиена со незапирливиот бран подржувачи на социјалните мрежи, и конечно, граѓанската непослушност, како последен чекор, на кој се решава:

"Решив да го искористам правото на граѓанска непослушност. Ќе го цитирам Махатма Ганди: 'Непослушноста е граѓанска само кога таа е искрена, ако почитува, ако е повлечена и никогаш не предизвикува. Во нејзината основа мора да се наоѓа еден добро разбран принцип, да не зависи од расположение и, пред се, зад неа не смее да стои лоша волја или омраза. Граѓанската непослушност е вродено право на секој граѓанин. Ако тој се откаже од неа, со тоа престанува да биде човек'.

Во меѓувреме ќе се обидам да направам се' за да го спречам заминувањето на Гордана и да исконтактирам со луѓе кои имаат ингеренција да иницираат измени и дополнувања на Законот за социјална заштита, Законот за семејство, Правилникот за згрижувачки семејства...".