��oj 70   19.08.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 67-68

Број 66

Број 65

Број 64

Број 63

Број 62

Број 61

Број 60

Број 59

Број 58

Број 57

Број 56

Број 55

...

22

КАКО ДА СЕ ЛАТИНИЗИРА КИРИЛИЦАТА


Nomen est Omen Македонија или Македонџа, прашање е сега - македонските претставници на Олимпијадата во Пекинг заедно со таткото и синот Џорџ Буш

Македонија нема соодветни правила според кои македонскиот се транскрибира во латинична верзија. Како да речеме треба на латиница да се напише личното име Цветанов или Кацарски, а да не се остави простор да се читаат како Кветанов или Какарски. Грците и Бугарите имаат правила за латиничната транскрипција на јазикот

пишува: Ѕвездан Георгиевски

z.georgievski@globusmagazin.com.mk

Можеби некому ќе му изгледа изнасилена тезата дека во екот на заштитата на кирилицата и во годината која ја прогласивме за година на македонскиот јазик, токму поради овие фактори македонските спортисти ги постигнуваат на Олимпијадата во Кина резултатите што ги постигнуваат, односно гордо го понесуваат приматот на последното, евентуално на претпоследното место во светската спортска елита. Имено, како во овој глобализиран свет некој ќе го прочита името на, на пример, Сашо Несторов, кој заврши 51-ви од 51 натпреварувач во воздушна пушка на десет метри, ако по некој случај се качеше на победничкиот пиедестал? Никако, се разбира!

Македонскиот правопис, имено, за буквата „ш“ предвидува латинична транскрипција во „{“, знак што ќе го успеат да го прочитаат само словенските народи, и тоа не сите, и кој во принцип не значи ништо за целиот нормален свет. Сепак, според изданието од 1999 година на Правописот на македонскиот литературен јазик (издание на „Просветно дело“, редакција на Тодор Димитровски, автори Божидар Видоевски, Тодор Димитровски, Кирил Конески, Радмила Угринова - Скаловска) има опција за прилагодување кон другите јазични подрачја, особено кон англиското говорно подрачје, предвидува и употреба на буквата „ј“ пред основната буква, што значи дека правописецот предвидел (повторуваме, поради англиското и другите јазични подрачја што ги немаат таканаречените дијаректички знаци – тоа се оние знаци кои вообичаениот писмен свет ги нарекува „уши“), што ќе рече дека нашиот стрелач Сашо, по оваа транскрипција би требало да го напише своето име како Sasjo, при што се предвидува, да не кажеме дека се подразбира, дека англофоните ќе го прочитаат како што треба. Токму така – Сасџо, на пример.

Всушност, оваа приказна околу имињата почнува, ама не завршува околу Олимпијадата – ако забележавте и бугарските и грчките репрезентативци успеаја да создадат некаква транскрипција, која барем приближно се чита онака како што се изговара. Така на пример, ако бугарскиот репрезентативец се вика Цанков, латинично е транскрибиран како Tsankov, а ако по некој случај имавме ние некој репрезентативец што се презива Цаневски, тој на својот дрес ќе го имаше името Canevski, што значи дека сите ќе го читаа Каневски, со погршен акцент, се разбира. Кај Грците оваа работа одамна е доведена во некаков ред, па така нивната дефинитивно неразбирлива азбука е лесно читлива и за овдешните патриоти, кои, ете, ќе ви препорачаат да не пиете „Tsantali“, односно „Цантали“, туку македонска мастика.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Лилјана Макријоска признава дека вакви проблеми се појавуваат, особено во комуникацијата по електонска пошта и во службените документи, но смета дека сепак треба да се следат правилата на Правописот. Професорот Људмил Спасов, пак, тврди дека решенијата во нашиот Правопис и не се толку лоши, туку дека проблемот е во афирмацијата на земјата и на нејзините граѓани. Новак Ѓоковиќ, големиот српски тениски ас, го знаат сите што тенисот ги интересира. Без оглед како ќе му биде напишано името. Од друга чешките имиња, на пример, иако оригинално се напишани на латиница тешко се читливи. Тешко е, имено, да се замисли човек од Јужна Дакота, на пример, кој ќе го прочита името на големиот режисер Кшиштов Кишловски онака како што треба. Ивица Челиковиќ, нашиот автор што со години живее во Шведска, бели дека луѓето што не го знаат, неговото име го читаат како Ивика, а презимето веќе доживува низа варијации. Челиковиќ вели дека и најдобриот шведски фудбалер, значи Златан Ибрахимовиќ, нивните спортски новинари го изговараат како „Слатан“. Барем оние понеискусните. Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ вели дека го слушал своето име во варијации од „Жабер“ преку „Ксабир“ до „Хабир“. Вели дека тоа не му пречи и дека одамна како прва буква на своето име ја употебува буквата „Ј“. Дека проблеми секогаш ќе има потврдува и професорот Спасов, кој се потсеќа дека некаде на почетокот на 90-тите години, односно на почетокот на југословенските војни, тогаш мошне актуелното хрватско градче Пакрац беше именувано на сите светски медиуми, вклучувајќи го и Си-Ен-Ен, како Пакрач, односно Пакраќ. Имено, тогаш веќе се знаело дека ако некое хрватско или српско име завршува на „ц“ тогаш се чита „ќ“ или „ч“. Се разбира, кога војната го зеде својот замав во полна смисла на зборот, а богами и на жртвите, и Пакрац стана – Пакрац.

За волја на вистината, постојат анегдоти од типот дека во Босна и Херцеговина најпопуларно машко име за сите родени во 1956 година било Јамесдин (демек таа година загинал Џемс Дин – James Dean), дека Моника Левински стана Левински, наместо Луински, затоа што така нејзиното презиме се пишува на латиница, а чита на кирилица, и, конечно, дека Елвис Присли во овие краишта никогаш нема да стане Елвис Презли, токму поради традицијата на латинично-кириличното читање.

Сепак, покрај сите други проблеми, проблемот со латиничната транскрипција на овдешните имиња делува навистина бенигно, но токму во овој врел август, кога речиси цело Скопје е во Охрид или евентуално во Струга, па дури и на некоја планина, токму за потребите на овој текст успеавме да ја сфатиме целата тежина на овој проблем. Значи за потребите на текстот беа консултирани и професорот Зоран Анчевски, како и научниот соработник во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Елка Јачева–Улчар. Со оглед на фактот дека комуникацијата одеше преку електонска пошта, можете да замислите како гласеа електронските адреси на нашите соговорници. Се разбира, не беа според Правописот. Луѓето, ете, сакаат и нормално комуницираат.

Коментирајќи ги решенијата во Правописот, госпоѓата Улчар вели дека „бидејќи ваквата транкрипција се покажа како неудобна во глобалниот свет, во 2001 год. Советот за македонски јазик, кој работи во рамките на Министерството за култура на РМ во Билтенот за македонски јазик бр. 3 даде нов предлог за тоа како да се пренесува нашата азбука со латинично писмо. Според овој предлог гласовите ж, ѓ, ѕ, љ, њ, ќ, ч, џ и ш на латиница се предаваат како: zh, gj, dz, lj, nj, kj, ch, dj и sh. Овој предлог важи само за личните имиња и веќе се применува. Моето презиме, на пример, во пасошот, кој е од 1998 е напишано како Jaи'evа-Ulи'ar, но во неодамна извадената лична карта тоа гласи Jacheva-Ulchar“.

Људмил Спасов, пак, разликува две форми на транскрипција на македонските имиња на латиница. Едната е, условно кажано „јужнословенска“ (не е словенска зашто Русите не ја применуваат), и тоа е таа транскрипција каде што се ставаат таканаречените дијаректички знаци, односно „квачила“ или „уши“, а втората е поблиска до меѓународната фонетска транскрипција, каде што „ш“, на пример, би се пишувало „sh“. Руската транскрипција, како и сите останати, се разбира, се базира на традицијата, а таа, уште од времнето на Пушкин, може да се нарече „германско-француска“. Добро, со мали примеси на англосаксонството. Но, сепак, Спасов смета дека ако сме некоја егзотична земја, тогаш сите ќе не' читаат – егзотично. А, напротив, ако сме афирмирана земја тогаш сите ќе знаат како да не' прочитаат.

Оваа констатација на Спасов не' враќа, можеби, на клучниот проблем со нашата латинична транскрипција. Имено, токму во преговорите за името на Републиката излезе една варијанта дека името ќе остане Република Македонија, ама во кирилична транскрипција. Тогаш овдешните „професионални патриоти“ со индигнација го одбија овој предлог, зашто, наводно целиот свет ќе не читал како „Репаблика Македонџа“. На крајот на краиштата, можеби и не е битно кој како не' нарекува, се' до оној момент дури не станеме битни за да ни го погодат вистинското име.

Како се викаме на латиница

Ѕвездан на латиница

Авторот на овие редови се заинтересира како би требало да се напише неговото име и презиме (значи Ѕвездан Георгиевски) на латинична транскрипција за да се прочита онака како што се изговара. Според Правописот првата буква би била Dz (само D се пишува големо, останатите се мали), што создава некои забуни при пишувањето на латиница на зборовите „предзнак“, „надзор“ и слично, кои, според нашата транскрипција, би требало да се прочитаат „преѕнак“, „наѕор“ итн.

По консултацијата со родени Англичани ми беше објаснето дека гласот „ѕ“ воопшто не постои во англискиот јазик и дека затоа е најумно да се употребува буква „z“. Сепак, поголем проблем излезе од презимето Георгиевски. Онака како што е напишано, според пријателите од Велика Британија, би се прочитало „Цорџиевски“, демек аналогија на англиското име George (Џорџ). А за да се прочита онака како што треба, тгогаш би се напишало „Gueorgiyevski“ или „Gieorgiyevski“. Како и да е, тоа е!

Топоними

Поблиску до оригиналот

Д-р Елка Јачева-Улчар предупредува и на проблемот на латиничната транскрипција на топонимите, па вели:

Сметам дека час-поскоро треба да се договориме и за тоа како ќе ги бележиме нашите топоними со латиница. Државите во светот не само што ја заштитутваат пишуваната форма на топонимите, туку го заштитутваат и нивниот оригинален изговор. Неодамна присуствував на една конференција во организација на Австриската академија на науките и UNGEGN (United Nations Group of Experts on Geographical Names), поткомисија за стандардизација на географските имиња која работи во рамките на ООН, и таму добив сериозна забелешка што името на нашава земја го артикулирав како Маседониа (според англискиот изговор), а не како Македонија, зашто една од задачите наUNGEGN, покрај другото, е и да се запази колку што може повеќе оригиналниот изговор на топонимот, независно од тоа како е напишан на латиница. Сепак, прашањето за топонимите е една поширока и покомплексна тема која заслужува поголем и поширок простор од овој што го имам на располагање денес.