��oj 40   22.01.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

Број 34

Број 33

Број 32

Број 31

...

32

ЕКУМЕНИЗАМ КАКО ДА СЕ ДОБЛИЖАТ ХРИСТИЈАНИТЕ

Декларативно и католиците и православните се за единство. Како најголем камен на сопнување за православните е учењето за непогрешливоста на папата

пишува: БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА

Поради нашите поделби, на многу луѓе им го затемнивме ликот на Христос и Христовата реалност ја направивме неуверлива. Нашите поделби се одговорни за сомневањата кои многумина ги имаат во однос на црквата; во таква состојба не може да се правиме дека сме задоволни сами со себе и да продолжиме како ништо да не се случува. Нема алтернатива на одговорниот екуменизам. Секоја друга позиција противречи на нашата одговорност пред Бога и пред светот...

Вака за екуменизмот размислува кардиналот Валтер Каспер, претседател на Папскиот совет за единство на христијаните, кому функцијата му налага да ги „пегла“ разликите меѓу христијанските конфесии, поточно меѓу католиците, православните и протестантите, присутни од 1054 година, па се' до денешни дни. Но, може ли тукутака да се надминат навидум малите нешта кои христијаните ги поделија, условно речено, на источна и западна црква?

Декларативно и католиците и православните се залагаат за единство меѓу христијаните, но има и православни центри во кои времето е запрено и кои се' уште екуменизмот го сметаат за ерес. Тие не ги негираат тенденциите во екуменското движење, ама жестоко се борат дури и против дијалогот со инославните. Оние што го поддржуваат екуменизмот, како единствено учење за Бог, а меѓу таквите е и патер Стјепан Кушан, професор на Филозофскиот факултет „Исусовци“ во Загреб, кој последниве пет години е во служба на Бога во Католичката црква во Охрид, го тврдат спротивното и велат дека христијаните, всушност, се како едно семејство, но со различно презиме.

ДОГМИ А разликите кои за едни се мали, за други големи, се стокмени во неколку догми кои десет века ги разделуваат христијаните. На Првиот и на Вториот вселенски собор, додека источната и западната црква се' уште биле заедно, дефинирани се основите на христијанското учење, но западната подоцна направила измена на символот на верата, пред се', во делот каде што се говори дека Светиот дух излегува од Отецот и го додала и Синот. Таа догма позната како филиокве и денес не е надмината и секој има свое објаснување зошто ја проповеда „западната“ или „источната“ верзија. Православното и католичкото учење се разликуваат и во догмата за безгрешното зачнување на Богородица. Додека православните сметаат дека сите луѓе се раѓаат со првородниот грев и дека само Христос е безгрешен, католиците учат дека Богородица е зачната безгрешно. Во она што не' дели спаѓа и различната есхатологија, односно различното сфаќање на животот и на смртта, па додека православната црква не' подучува дека по смртта душите одат во рај или во пекол, католичката проповеда за рајот, пеколот и чистилиштето. Според нивното учење, во рајот одат душите на безгрешните, а во чистилиштето на оние кои не се доволно грешни за да бидат упатени директно во пеколот, ама ни толку свети за да одат во рајот.

Сепак, можеби најголем догматски и институционален „камен на сопнување“ е учењето за непогрешливоста на папата. Додека папскиот централизам православните го сметаат за опасност, бидејќи кога папата говори екс катедра тој не може да згреши, или, поинаку речено, еднаш изречената догма, ако ја кажал папата, станува безгрешна и не се менува. Добро упатените православни теолози објаснуваат дека папата само еднаш ја искористил оваа можност при промовирањето на догмата за безгрешното зачнување на Богородица. Меѓу нештата што ги разликуваат овие христијански конфесии е и институционалната организација на црквата. Поедноставено кажано, кај католиците се практикува папски централизам, додека кај православните тоа се автокефални цркви. Листата на разлики не завршува тука, но се смета дека ова се најбитните работи што не' делат.

ПОВЛЕКУВАЊЕ НА АНАТЕМИТЕ Идејата за единство меѓу христијаните пред околу сто години ја актуализираа припадниците на Англиканската црква во Велика Британија, но првите официјални чекори кон екуменизмот ги направија првите луѓе на Светиот стол и на вселенската патријаршија. Во Ерусалим, во 1965 година, првпат се сретнаа вселенскиот патријарх Атинагора и папата Павле Шести и заемно ги повлекоа анатемите или проклетствата фрлени во 1054 година, со кои и беше означен расколот меѓу христијаните. По нивни стапки одеа и наследниците на тронот - папата Јован Павле Втори и вселенскиот патријарх Вартоломеј, кои во Ватикан дури и потпишаа заеднички документ за доближување на различните конфесии.

И денес вселенскиот патријарх важи за духовник кој, можеби, е најзаинтересиран за екуменизмот, бидејќи со вакво доближување на католиците и православните, условно речено, тој би бил „православен папа“, како што го нарекуваат противниците на оваа идеја. Токму ова е и една од посериозните причини поради кои Руската православна црква е најригиден противник на екуменизмот. На вселенскиот патријарх му значат охрабрувањата што ги добива од Ватикан, дека на Исток тој би бил исто што е папата на Запад. Најблискиот соработник на г. Вартоломеј, Јован Зизиулас, кој во Цариградската патријаршија е одговорен за екуменизмот, во јавноста често ја пласира оваа идеја. Целта е, доколку Турција влезе во Европската унија, вселенскиот патријарх да стане лидер на православните христијани на најстариот континент. Или, како што вели самиот г. Вартоломеј, „...православието да зборува преку еден глас за да биде надалеку слушнато“.

На наше локално ниво малку се говори за екуменизмот, бидејќи нерешениот статус на Македонската православна црква не и' овозможува присуство во организации задолжени за дијалогот меѓу православните и католиците. Но, никој и не го негира, како што е случајот со разните фракции во православните цркви во нашето соседство.

Проф. Ѓоко Ѓорѓевски од Богословскиот факултет и шеф на Кабинетот на поглаварот на Македонската православна црква на прашањето како тие гледаат на екуменизмот вели: „Македонската православна црква, која е дел од православната црква, не може да води посебен екуменски дијалог. Таа ги поддржува напорите на православието кои, евентуално, би не' довеле до решавањето на одредени проблематични богословски прашања. Ние мора да го дадеме својот прилог, пред се', преку молитвата, што и правиме на секоја света литургија, а се' друго е Божја волја“.

ЗАЕДНИЧКА ПОМОШ Кај нас во Македонија идејата за екуменизам подразбира и заемна соработка со Католичката црква за теми и проблеми чие решавање е од заеднички интерес. Патер Стјепан Кушан деновиве ни раскажа дека во Охрид, каде што тој служи во Католичката црква, има одлична соработка со свештенството на МПЦ. „На православните верници кои се социјални случаи заеднички им помагаме со обезбедување купони за набавка на продукти, имаме заедничка програма за помош на децата кои боледуваат од тешки заболувања, организираме бесплатни курсеви за учење јазици, така што нашата соработка може да се нарече и ’екуменизам во мало‘. Нема причина да не си помагаме кога сите сме христијани кои веруваат во ист Бог“, вели и ни го посочува примерот на две девојчиња на кои им дал да ги најдат разликите во православниот и католичкиот календар. Тие нашле една. „Постои уште една разлика, но не ја открија“, низ насмевка ни кажува патер Кушан и додава дека слично искуство имал и во Загреб. „Во црквата ми пријде еден методист и ме праша дали верувам дека во лебот со кој се причестуваат верниците се душата и крвта на Исус Христос. Му одговорив со прашање: Кој сум јас да не верувам ако така не' учат светите книги?“

Есеноска во Равена, по повеќегодишен дијалог на католичката и православната црква, потпишан е прв заеднички документ. Надбискупот Станислав Хочевар од Белград овој настан го смета за историска пресвртница во доближувањето на католицизмот и православието, бидејќи првпат од 1054 година, односно од расколот, претставниците на двете цркви биле согласни во круцијалните теолошки прашања. „И тука беше речено дека римскиот бискуп е прв, протос, на ниво на сите бискупии или помесни цркви“, вели надбискупот. „Но, не можевме да се согласиме на кој конкретен јуридичен начин римскиот бискуп ја врши својата улога над целата црква. Во наредните години истата комисија ќе проучува како бил толкуван приматот на папата во првиот и во вториот милениум за да дојде до процена дека римскиот папа својата улога на прв на ниво на целата планета би можел да ја врши во третиот милениум!“, заклучува г. Хочевар.

Руската православна црква на состанокот во Равена не го потпишала овој документ. Испровоцирана од присуството на Естонската црква, го напуштила соборот, но не се согласила ниту со фаворизирањето на една универзална црква, која за нив се' уште е нереална. Едноставно, РПЦ не се гледа во тоа и сега работи на изготвување свои тези во врска со приматот, за местото на Цариградската катедра во семејството на православните цркви, кои, за волја на вистината, имаат еден куп нерешени прашања. Оттаму на екуменизмот гледаат како на нешто што во догледно време нема да се случи. Дали со тоа ги зацврснува сопствените позиции во православниот свет, пред се' во однос на Вселенската патријаршија, или РПЦ навистина смета дека е рано за едно вакво единство, ќе потврди времето. Засега, ја туркаат тезата дека се за дијалог, но на здрави основи, кој и во практика ќе може да го надмине десетвековниот раскол.

Кардинал Валтер Каспер

Екуменизам со умилкување и со правење лице, во кој се очекува само да се биде љубезен еден со друг, не помага во правењето прогрес: само дијалогот во вистина и јасност може да не' одржи во одењето напред, смета кардинал Валтер Каспер, претседател на Папскиот совет за единство меѓу христијаните. На третата европска екуменска асамблеја, одржана есента во Сибиу, Романија, говорејќи за значењето на дијалогот во надминувањето на разликите, великодостоинственикот на Ватикан нагласил дека „на ништо не служи ако ние си ги прикриваме раните; дури и кога болат, треба да бидат отворени, бидејќи само така можат да се санираат и, со Божја помош, да се излекуваат...“