��oj 320   11.06.2013
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

ОТОМАНСКИТЕ КОРЕНИ НА МАКЕДОНЦИТЕ (1)

Отоманскиот период е последниот слој на историјата до каде може да се бараат корените на македонската нација

АНАСТАС ВАНГЕЛИ
Фотографии АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Се чини дека дебатите околу "потеклото на нацијата", или популарно речено, околу "корените", во етничкиот македонски кампус се толку присутни, што веќе за нив и не треба да се дава некој посебен вовед. Определен дел од учесниците во јавната сфера и граѓаните, сметаат дека со политиките на т.н. "антиквизација" се отвара дилема дали етничките Македонците имаат предоминантно античко или пак предоминантно словенско потекло. Во таа поделба, освен несмасните политичари, им помагаат врховните државни научни институции.

НЕВАЛИДНИ АРГУМЕНТИ На пример, во официјалната "Историја на македонскиот народ" во издание на Институтот за национална историја, се вели дека при интеракцијата на доселените Словени со античките Македонци, античкиот момент преовладал; во привремено повлечената "Македонска енциклопедија" во издание на Македонската академија на науките и уметностите пак, се тврди спротивното. Премиерот Груевски, од друга страна, при промоцијата на археолошките откритија пред две недели, овие дебати ги осуди како смешни, а потоа, во неколку пригоди кажа дека всушност и другите народи кои живееле на овие простори во минатото се важни за идентитетот на Македонците денес.

Оправдувањето на оваа власт кога ќе се спомене "антиквизацијата" е дека идентитетските "релации", всушност, посветуваат внимание на сите епохи од минатото подеднакво. Многу често се посочува проектот за поставување на споменици на плоштадот во Скопје, меѓу кои и на средновековни, но и поскорешни историски историски личности, а не само на оние од антиката. Меѓутоа, тоа не е валиден аргумент.

НЕСРЕЌНО ПОЗАЈМЕН ЗБОР Самиот термин "антиквизацијата" (за многумина несреќно позајмен збор од историјата на уметноста) се однесува на позиционирањето на нацијата како античка по потекло, или со други зборови, на барањето на корењата на нацијата во антиката. Тоа, секако, не значи дека националниот мит се сведува исклучиво на тој период. Впрочем, трасирањето на "коренот" како процес сам по себе (не е битно колку "длабоко"), имплицира и постоење на определен континуитет кој трае од "тогаш" до денес, и токму затоа приказната за "корењата" е инклузивна и во себе обединува различни историски наративи кои се лоцирани во "меѓувремето", од коренот до сегашноста. Ваквиот пристап, со други зборови, се нарекува етногенетски, кој ја зема здраво за готово претпоставката дека античките племиња и останатите од минатото се основата на она што "ние" сме денес и дека постои некој претпоставен континуитет кој е од особена важност за нашиот идентитет.

БЕЛЕГ Важно е да се напомене дека придржувачите на оваа идеја во одредена мера дури и се во право во делот кога велат дека сите народи кои живееле на овие простори оставиле свој белег. Но, во исто време, таквиот став е исклучиво парцијален и е повторно неповрзан со нивната поента дека далечното минато ја определило сегашноста на нацијата. Во голем број од случаите, независно од важната улога што ја одиграле како клучни личности или ентитети во сопствениот историски контекст, оние кои се слават како "предци" баш и немаат врска со денешницата. Иако е навистина едноставно прашањето, многу тешко е да се одговори, на пример, што заедничко има самиот Александар, или пак царот Самуил, со она што се етничките (а и "неетничките") Македонци денес?

Одговорот кој поддржувачите на идејата за нација- од-дамнина-до-денес би го дале на ова прашање е дека всушност историските ликови и воопшто "предците" не треба да се преиспитуваат и дека доволна е претпоставката за постоењето на некоја директна биолошка или органска поврзаност, т.н. "крвна врска" за одредени историски наративи да бидат славени и да се "гордееме со нив". Овде секако, клучно е да се напомене дека застапници на ова органско гледиште не се исклучиво "антиквизаторите", туку и определени приврзаници на словенската (анти)теза кои пак потеклото на нацијата го трасираат до паганските словенски доселенички племиња од шестиот век.

Моментот кој што се испушта во ваквите контемплации е, колку и да звучи претенциозно, вистината дека она што се народите и нациите денес не е одредено од крвта и од гените, туку од културата и социјализацијата. Со други зборови, одговорот на прашањето "кои сме" не лежи (само) во историските списи или археолошките наоди (и пронајдоци).

БЕЗ ВРСКА Некои работи и личности, колку и да биле значајни во своето време, немаат никаква врска со нашето битисување во сегашно време. Откритијата и археолошките ископини, во таа смисла, многу повеќе ни кажуваат што се случувало "тогаш", но во основа занемарливо малку, па речиси и воопшто ништо за она што е денес. Важноста за современиот контекст на тие откритија, всушност, произлегува од целата фама околу нив. Златните маски или кралските гробници, па и целите стари населби кои се откриваат, можат да бидат важни за "идентитетот" само кога се презентираат како такви. И токму тука македонската власт перпетуира една голема заблуда - наместо да остави академска интерпретација на историјата и на откритијата како дел од некое време кое било и завршило, премиерот изјавува дека тазе откопаните 9.800 артефакти би можеле да и' помогнат на Република Македонија во спорот со името.

Таквото тврдење секако е во линија со ставот на Паско Кузман дека за да има позитивен исход од спорот, мора прво да "докажеме" дека сме потомци на античките Македонци. Тоа, пак, оди директно на линијата на гордеењето со биолошките предци и етногенетското образложување за потеклото на нацијата.

Сепак, постигнувањето на колку што е можно пообјективна и понеобременета слика за самите себе си и осознавањето на сопствениот "идентитет", не се процеси во кои одредена хипотеза (во случајов дека сме потомци на античките Македонци) се докажува, туку процеси во кои се поставуваат и одговараат на прашања потпрашања за тоа "кои сме?". Ако тоа е клучното и почетното прашање, тогаш одговорот лежи во нашите секојдневните навики, во стереотипите, светогледите и начинот на кој општеството функционира и на микро и на макро план, а на крајот на краиштата, и во перцепцијата не само на самите себе си, туку и во перцепцијата на странците.

КОИ СМЕ Токму затоа сувопарната историја и археологија без нивно комбинирање со други дисциплини многу малку ни кажуваат за тоа "кои сме". Тие, дури и доколку се ослободени од политичката мисија којашто во моментот ја имаат, можат единствено да ни кажат за тоа кои биле луѓето кои живееле на овие простори пред нас. Но, историскиот пристап соединет со етнографските, антрополошките, социолошките и културолошките методи многу поефикасно може да помогне во мапирањето на карактеристиките на една нација. Значи, она што е важно е имањето сензибилитет при проучувањето на општествената динамика, а не конструирањето матрици како онаа на етногенезата.

Говорејќи за "идентитетот" на Македонците виз-а-ви етногенетските наративи, не смее да се пренебрегне реалноста дека токму регионалната општествена динамика влијаела и кај домородното население (меѓу нив и Античките Македонци) и кај доселените и потоа покрстени варварски доселеници (меѓу нив и словенските племиња). Во поголемиот дел од историјата, главен фактор на обликување на културата на населението на овие простори не биле овие племиња, туку субјектите на политичка моќ (во прв ред Римската и субсеквентно Источната римска империја т.е. Византија и по неа Отоманската империја).

ФИЛОХЕЛЕНИЗАМ КОЈ ИСЧЕЗНУВА Впрочем, античката македонска култура, дури и додека античка Македонија како воена сила била во зенитот (во времето на Филип и Александар), не била на некое особено високо ниво. Античките Македонци, несомнено, биле изложени на силно хеленско влијание - најизразит пример за тоа е Александар лично, за кого се тврди дека спиел со Хомеровата "Илијада" под перница. Куриозитетно, Александровиот (фило)хеленизам по неговите првични воени успеси почнал да се исчезнува; но тоа се должело на попримањето на персиската и на египетската култура. Во ниеден случај не станувало збор за промоција на претпоставената автентична македонска култура. Потоа, по падот под римска власт, регионот бил подложен на романизација, процес кој повторно не оди во прилог на тезата за континуитет низ милениумите. Потоа, со признавањето на христијанството како официјална религија на Рим, регионот бил подложен на процес на христијанизација (историски на пример, тоа било многу поважно за ширењето на христијанството, отколку делото на апостолот Павле). Потоа, по поделбата на Империјата, полека почнала да се двои посебната византиска култура (чив интегрален дел е и поглавјето за словенската писменост), која, пак, останува да биде основа на отоманската. Самиот отомански период пак, кој е особено важен но и занемарен во македонските општествени науки, неповратно го променил овдешниот културен код во текот на неговото траење, од 14. век, па се' до пред помалку од сто години. По него следел периодот на хегемонијата на балканските држави, се' до воспоставувањето на федеративна Југославија во која современата македонска држава, но и официјална култура биле инаугурирани, а од кои произлегува денешната независна Република Македонија и нејзината нација.


(На 12 јануари 2010 година го објавивме овој текст на Анастас Вангели, кој продолжува и во следниот број, пред се заради големината. Реобјавувањето е само дел од нашето задоволство дека на страниците на магазинот навреме сме го отвориле прашањето со идентитетот и односот со антикцвизација, нешто шѓто одново е актуелно и присутно во овој број. Илустрациите се нови и се редакциски, како и меѓунасловите)