��oj 91   13.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

Број 77

...

38

УРИЕТОТ БИЛ ЗА ДА НЕ СЕ ОТЦЕПИ МАКЕДОНИЈА!?

Кон стогодишнината од Младотурската револуција

пишува: Виктор Цветаноски

Младотурската револуција била дигната за да се спречи отцепувањето на Македонија од Османлиската Империја и нејзино формирање како посебна држава. Малку повеќе од еден месец пред бунтот на младотурците во Ресен, Битола и Солун, Англија и Русија на 9 јуни 1908 година во Ревал, Естонија, се договориле Македонија да се организира како автономна административна област во рамките на империјата, со гувернер на кого би му помагале европски службеници, што во догледно време водело кон нејзино осамостојување.

Овие историски факти беа изнесени на научниот собир што деновиве се одржа во Скопје по повод стогодишнината од револуцијата што започна токму од Македонија и ја раководеа млади турски офицери кои командуваа со војската во нејзините градови. Академик Иван Катарџиев во воведниот реферат посочи повеќе документи што ги потврдуваат таквите констатации. „Веста за средбата во Ревал и содржината на спогодбата за Македонија во империјата биле примени со огромно огорчување. Со оглед на богатото искуство од порано и големото геостратегиско значење на македонскиот дел на државата, соопштението од Ревал било доживеано како почеток на крајот на Османлиската Империја“, подвлече познатиот македонски историчар.

Драматичноста на ситуацијата што тогаш ја преживувале младотурците по договорот на Англија и Русија за иднината на Македонија може да се согледа и од меморандумите на двата главни револуционерни центри во Битола и во Солун, како и во спомените на Нијази-бег, еден од главните водачи на побуната. Младотурците од Битола на конзулите на големите сили во посебен меморандум им порачале: „Со огорченост и зачуденост сме известени дека сер Едуард Греј, министер за надворешни работи на Англија, искажал мислење дека гаснењето на пожарот на востанието во Македонија може да се постигне со назначувањето независен валија. Додека, пак, владата во Петроград изнела мислење дека македонското прашање може да се реши со создавањето една меѓународна контролна управа. Сега може одлучно и сигурно да се рече дека двата предлога водат кон одделување на Македонија од османлиската заедница и поради тоа муслиманите и христијаните и сите други сонародници донесоа решение да ја зачуваат својата татковина од странски интервенции, да се обединат. Склучија сојуз под името ’Организација, единство и напредок на османлиите’, со задача да ги браниме нашите народни права против оние што водат кон општа пропаст на нашата држава“, подвлекуваат младотурците и додаваат дека Македонија е дел од Отоманската Империја и не може да се оддели од неа и дека нејзиниот живот е поврзан со животот на империјата,.

„Македонското прашање не е прашање само за себе, туку е дел од прашањето на методот на управување на османлиската држава. Затоа не сакаме Македонија под опасно туторство на Европа ниту, пак, независна Македонија. И двата начина за нас значат упропастување и уништување на нешто што потоа не може да се поправи. Ние сакаме Македонија да биде еден дел од отоманската држава и никогаш нема да прифатиме да се смета одделна од неа“, додаваат битолските младотурци.

Истите пораки ги соопштува и ресенецот Нијази-бег. Академик Катарџиев вели дека во пропагандата за придобивање на луѓето тој настапувал со аргументи за опасност за опстанокот на државата. Во своите спомени тој вели: „Татковината бара жртви од нас, бидејќи во Ревал рускиот цар и англискиот крал донеле решение за македонското прашање. Но, државата на оваа средба и на решенијата на непријателите не им придава никакво значење. Нема друг излез освен ликвидација на ова злосторничко решение со крвта на народот“.

Нијази-бег во спомените ги образложува и основните цели на Младотурското движење, а тоа е обединување на разните народности и раси што живееле и работеле во Отоманската Империја, која и на сите, без оглед на вера и народност, им ветувала заштита на слободата, честа, имотот и животот. „Ние не се делиме. Растурете ги вашите чети и соединете се со нашата цел за да ја спасиме татковината од апсолутизмот и самоволието“, ги кани Нијази-бег македонските револуционери, своите дотогашни најголеми противници, да им се приклучат во заедничката борба.

Според Катарџиев, во кажувањето на Нијази-бег нема омраза спрема христијанското (македонско) население, нема повик за одмазда. Напротив, тој укажува дека „во оваа револуција што ќе ја дигнеме против државата и против ревалските решенија на дело сме должни да докажеме дека христијаните ги сакаме како браќа и сонародници. Ги сметаме за рамноправни (граѓани), должни сме да ја браниме нивната како и нашата чест, нивната душа како и нашата душа и нивниот имот како и нашиот имот. Нашата револуција не е дело што е насочено против некоја личност или народност. Напротив, оваа револуција ќе биде востание против начинот на управувањето... Во таа револуција потиснатите ќе ги објават уриетот (слободата), мајсафатот (рамноправноста) и итахатот (братството)“, ги објаснува Нијази-бег целите на револуцијата.

На научниот собир, на кој учествуваа и турски историчари и кој заеднички го организираа Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за модерна турска историја од Истанбул „Ататурк“ и Институтот за национална историја од Скопје, можеа да се слушнат и други тези зошто била крената Младотурската револуција. Едната од нив се засновува на тешката економска состојба во која подолго време се наоѓала Османлиската Империја. Д-р Надир Озбек вели дека тогашната власт не можела да ги собира даноците, па ја ангажирала војската за тоа. Се случувало да се поставуваат опсади на цели села за да се натераат селаните да платат данок. А тоа предизвикувало револт кај народот, по што дошло до големи бунтови и отцепување на некои делови на империјата. Има и друга теорија застапувана од турската историографија, според која Османлиската Империја се нашла во голема криза поради тоа што не успеала од народите што живееле на нејзините простори да создаде единствена отоманска нација со развиена свест дека припаѓаат на државата, нешто за што се залагале младотурците.

Младотурската револуција започнала на 17 јули 1908 година, кога ресенецот Нијази-бег се одметнал со својата чета од 150 души незадоволен од постојниот режим, но вистинската побуна се случила една седмица подоцна во Битола, кога младотурци ја презеле власта и ги ослободиле затворениците. За да го задуши бунтот, султанот го испратил бригадниот генерал Шемен-паша од Митровица и тој веднаш со специјален воз со војската пристигнал во Битола, каде што затекол привиден мир. Отишол во поштата и му испратил телеграма на султанот со која му соопштил дека се' е мирно, но на излегување бил убиен од еден млад офицер, кој успеал да му побегне на силното обезбедување. Наредниот ден во Солун, исто така, младите офицери дигнале бунт што се раширил во Инстанбул и во други места. Успехот на револуцијата бил половичен. Германскиот историчар Јозеф фон Хамер вели дека Младотурската револуција била еден од најчудните настани во светската историја од таков карактер. Тие не го турнале Абдулхамид, туку го принудиле повторно да го свика парламентот.

Иако младотурците целосно не ја освоиле власта и не застанале на чело на државата, стекнале голема популарност меѓу народот. Повеќето машки деца родени тие години ги крстеле според имињата на главните водачи Енвер-бег и Нијази-бег. Идеите на младотурците подоцна целосно ги реализирал создавачот на денешна современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, кој исто така бил меѓу младите офицери што ја дигнале револуцијата.

Младотурците биле под влијание на либералните идеи на Француската револуција. Тие се надевале дека со организирање на Отоманската Империја по примерот на Франција ќе ја спасат од распаѓање. Истовремено барале начин како да ги решат етничките противречности на многуте народи со создавање единствена отоманска нација.

Историчарите се обидуваат да дадат одговор на прашањата зошто Младотурското движење тргнало токму од Македонија, зошто младите офицери најпрво се побуниле во Преспа, Битола и во Солун? На собирот беше речено дека по поразот на Илинденското востание во 1903 година Европа се заложила за спроведување извесни реформи за да се подобри положбата во Македонија. Со тие реформи во извесен степен бил суспендиран суверенитетот на империјата. Полицијата и жандармеријата биле под контрола на странски генерал, а почнала реорганизација на администрацијата и на судството со обврска во нив да бидат вработени и претставници на христијанското население, што предизвикало силни негодувања кај муслиманите, зашто некои од нив требало да ги загубат работните места во полицијата, судовите и во администрацијата.

Објавувањето на Уриетот, како што популарно се нарекувала Младотурската револуција во Македонија, предизвикало невиден изблик на радост кај сите граѓани, и кај муслиманите и кај христијаните. Омразата наталожувана со векови одеднаш исчезнала, а овој голем настан длабоко се врежал во свеста на меморијата на македонскиот народ. За револуцијата и атмосферата известувале познатите европски весници, а своите влади нашироко ги информирале конзулите во Битола и во Солун.

Според д-р Растислав Терзиовски, руските известувачи биле збунети од брзиот и успешен развој на Младотурската револуција. Тие со многу детали ја опишувале сеопштата спонтана еуфорична радост на народот, која особено се манифестирала во Солун, Битола и во Скопје. Тоа биле манифестации на заеднички посакуваните промени. По изблиците на невидена радост и повиците „Јашасан уриет, да живеат братството, довербата и слободата“, луѓето од разни вери и националности се прегрнувале. Тогаш еден руски новинар во својот весник напишал: „Оџи се прегрнуваат со христијански свештеници, турски офицери со четниците и со андарите. Бугари и Грци си подаваат рака едни на други“.

Д-р Тодор Чепреганов истакнува дека во општото расположение во Солун единствено не се радувале „бугарските политички раководители“ на кои, според руските известувачи, им станало многу јасно дека „националното движење на Бугарите во Македонија, со зацврстувањето на идејата за отоманскиот обединет народ, конечно е компромитирано“. Чепреганов подвлекува дека тогашните руски известувачи пишувале дека младотурците биле под големо влијание на масоните. Младотурскиот комитет во Солун се наоѓал во најтесни врски со масонската ложа (Гранд Ориент), која била формирана во Солун само неколку години пред револуцијата. „По успехот на младотурците, масонската ложа започнала да дејствува сосема отворено, што довело до зголемување на бројот на масоните. Повеќемина членови на Младотурскиот комитет претставувале работници на масонската ложа, на чие чело се наоѓал некојси Карасу, адвокат од месните шпански Евреи, човек со највисок степен на претприемчивост и решителност. Масонската ложа во Солун цело време им давала морална и материјална поддршка на младотурците. Недоразбирањата што се јавувале меѓу Младотурскиот комитет биле средувани благодарение на солунските масони. Тие со сите сили се труделе да им помогнат на младотурците за обединување на сите македонски народности и тие да бидат ’слеани во силно политичко цело‘“, истакна Чепреганов. 

Поделената ВМРО не ја искористи револуцијата 


Во првите денови на револуцијата над 170 македонски комити со 20 околиски и реонски војводи дошле во Битола

За време на Младотурската револуција поделбата во Македонската револуционерна организација била толку голема што во преговорите со младотурците настапувале поединечно. Се стасало дури до парадоксална ситуација - нивните дотогашни непријатели да се обидуваат да ги помират, во што не успеале. Серчаните на чело со Јане Сандански целосно ја поддржале револуцијата и се договориле со младотурците, сметајќи дека на тој начин Македонија ќе се избори за автономија во рамките на Османлиската Империја. Десните сили на чело со Христо Матов долго време преговарале и не постигнале никаков договор. „Преговорите со младотурците се одвивале бавно и несигурно. Кратко време потоа (31 јули) Јане Сандански, одзивајќи се на поканата за соработка со младотурците, го издал Манифестот до сите народи на Отоманската Империја. Во меѓувреме, десното крило на ВМОРО, претставено од Христо Матов, презело мерки да се зачува оружјето од нелегалните и од легалните сили на организацијата. Во таа смисла, ЦК на ВМОРО на 25 август испратил циркуларно писмо до окружните и до околиските раководства на организацијата со свои укажувања и известувања за текот на преговорите со Младотурскиот комитет“, вели Никола Целакоски, кој неодамна откри важен документ во кој можат да се прочитаат инструкциите што им ги давала десницата на војводите како да се однесуваат за време на револуцијата.

На 3 септември, Јане Сандански ја обелоденил програмата за соработка на левите сили со младотурците, а разликите што ги имал со десните сили уште повеќе се продлабочиле. „И покрај тоа што Младотурската револуција е оценета како полупобеда над апсолутизмот, разединетоста на ВМОРО придонесе овие настани да не се искористат во полза на Македонија. Тие состојби негативно се рефлектираа и во претстојните години“, оценува Целакоски.

Рускиот конзул Каљ во своите извештаи до Москва има изнесено интересни забележувања за тоа како се однесувале македонските револуционери во првите денови на Младотурската револуција. „На 18 ов. месец во Битола дојдоа бугарските чети од сите околии на чело со своите војводи. Војската, офицерите, граѓанските власти и населението од градот им излегоа во пресрет и свечено ги поздравуваа како херои... Јас се обратив до началникот на организацијата на Битолскиот округ, Милан Матов, кој одеше напред. Тој ми одговори дека тоа го сториле 170 души четници, 20 околиски и реонски војводи и 50 души од народната милиција. На прашањето дали сите се Бугари, тој одговори: ’Меѓу нас нема Бугари, има само двајца дојдени од Бугарија, сите ние сме Македонци‘“. Ваквиот одговор му бил необичен на Каљ, па го искоментирал со зборовите: „Овој одговор е многу карактеристичен. Секому овде му е познато дека Внатрешната организација беше поддржувана од Бугарија и во Софија имаше свој главен центар и дека една од првите нејзини задачи беше меѓу населението да го развива мислењето дека тие се Бугари. Одрекувајќи ја сега својата бугарска националност, организацијата покажува дека врската со Бугарија се прекинува и дека ова предавање очигледно произлегува од настојувањето на месното население, можеби дури и наспроти желбите на Бугарија“.

Инаку, Милан Матов е стружанец, брат на Христо Матов, тогаш лидер на десницата на ВМРО. Починал во Софија во шеесеттите години на минатиот век. Во неговите спомени, кои пред неколку години беа издадени на македонски јазик, тој се декларира како македонски Бугарин.

Младотурците имале голема доверба во Јане

Младотурците со голема доверба гледале на Јане Сандански. Кога пристигнал во Солун во првите денови на револуцијата, бил пречекан со големи почести. Д-р Јусуф Хамзаоглу го пренесува сеќавањето на Таксин Узер, кој бил во делегацијата што го пречекала на железничката станица. „Од Неврокоп Сандански со своите луѓе замина за Драма, а оттука со воз преку Серез стигна во Солун. За неговиот пречек во Солун беше формирана специјална делегација предводена од Енвер-бег во која, покрај мене, се наоѓаа Мустафа Кемал Ататурк и други младотурци. По пречекот на Сандански, сите заедно се упативме кон луксузниот хотел ’Ангелетер’ и од неговиот балкон, каде што се наоѓаше и Мустафа Кемал, Енвер-бег и Сандански одржаа кратки говори пред насобраниот народ“, раскажувал младотурчинот Тасин Узер.