��oj 158   27.04.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број



Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 156

Број 155

Број 154

Број 153

Број 152

Број 151

Број 150

Број 149

Број 148

Број 147

...

28

СУДБИНАТА НА ЕВРОПСКИТЕ ПОПУЛИСТИ

Коалицијата на Берлускони е пред распаѓање, темнее ѕвездата на Саркози, паѓа рејтингот на Груевски....

Пишува: Ивор Мицковски

Во 1994 година, само неколку години по еволуцијата на Италија од Првата кон Втората Република, процес поттикнат од општата корумпираност и застареност на италијанската политичка елита, одеднаш, во политиката се појави Силвио Берлускони. Влезе на голема врата, со партија која носи име на навивачка група, со огромно медиумско влијание и со аура на успешен човек кој е подготвен да се жртвува за земјата. Малкумина во тој момент разбираат дека тој кој што е на олтарот за жртви е всушност самата држава Италија.

Берлускони од тој момент станува модел на европската десница. Во новата епоха на постиндустриско општество и масовни медиуми, „каваљерот“ јасно ја чита реалноста на својата земја, го разбира стариот порив на Италијанците за лидер, за „дукс“ и почнува една доминација која до ден денес беше речиси неоспорена во светот на десницата.

СЦЕНА Но пред неколку дена се случи неверојатното. На истиот телевизиски простор каде што пред 17 години се случи чудото наречено Берлускони, неговото алтер-его, косоздавачот на десничарскиот политички конгломерат, партијата „Народот на слободата“, Џанфранко Фини, јавно излезе со отворена критика на премиерот. Неверојатна беше сликата, без разлика какви се вашите политички преференци, да се гледа како двајца десничарски политичари, се караат пред насобраната толпа, на конференција која требаше да ги сублимира резултатите од последниот изборен успех на десничарската коалиција на регионалните избори.

Сцената соодвествуваше на италијанската традиција за спектакуларна политика, каде повеќе од искажаните зборови, вредат децибелажата и гестикулациите на говорникот. Берслускони стои на бина пред платеата, збунет и подготвен да одговори на нападите кои пред само неколку минути му беа доделени од страна на Фини, додека несудениот „делфин“, исто така станат, од првиот ред на седиштата продолжува со критиката. Берлускони во тој момент има микрофон, ја искористува предноста, стои на високо и од високо го исфрла својот гнев и прекор. Но, гестикулацијата на Фини е посилна, застанат веднаш под „каваљерот“, тој го вперува прстот во правец на лидерот, ги негира збор по збор критиките кои му се упатени и возвраќа со една енергија која со право може да се нарече, предизивик на еден неоспорлив суверенитет. Мораме да разбереме, слични испади или напади или, воопшто критики насочени кон лидерот, во галаксијата на десницата, не се само обично кршење на прагмите, туку носат во себе и нешто повеќе, нешто што се изедначува со богохулие. Десницата и партијата на Берслускони се во шок од раната нанесена во живо врз мистичното тело на лидерот. По прв пат по речиси две децении, некој покажува автономија и независност, дозволувајќи си го неопростливиот грев, да го предизвика семоќниот суверенитет на берлусконизмот. Забележлива е збунетоста кај Берлускони, кој навикнат на апотеозата, одеднаш, останува без текст пред камерите, пред очите на милиони Италијанци. Пораз пренесен во реалниот свет, при што е бајпасиран виртулениот свет, во кој само тој и никој друг не смееше да доминира.

ПСИХОДРАМА Како што ја опиша состојбата еден ценет новинарски уредник, целиот настан наликуваше на една психодрама каде вулгарно беа измешани, искажани, исплукани, испреплетените интересите кои се движат од приватното до државното. Повеќе од анализата на некој политиколог, за овој случај е неопходен Хичкок за да го објасни спектаклот кој се случи. Како да се долови театарската длабочина на раната која беше нанесена, како да се пренесе тоа чувство на бура која штотуку треба да почне. Ликовите, нивните мимики, движењата на рацете, гестикулациите, вредеа повеќе од зборовите. Секогаш е така кога политиката ќе не' награди со ретки моменти на вистина, кога ќе го покаже можеби своето вистинско лице. Одеднаш, италијанксата политичка реалност, целото општество, се најде пред Гордиевиот јазол. Само мачот тука го решава проблемот и така и всушност ќе биде.

Судирот Берлускони-Фини е повеќе од обичен судир на двајца политичари во ситните и евтини политики на Италија. Ова пред се' е отворен судир помеѓу двајца десничари, нешто што одамна не сме го виделе, но уште повеќе е судир на два конзервативни светови. Јас секогаш сум верувал дека италијанската политика е парадигма за цела Европа, за целиот свет. Кој друг, кој повеќе од Берлускони ја ревитализираше десницата, го даде примерот, ги постави стандардите, до ден денес ненадминати, за политичарот популист и за антиполитиката. Неговиот успех, неговото одржување со чиста харизма и со манипулација претставуваше можеби најголем придонес за одржување на доминацијата на десницата. Едноставен модел, кој ги освојува луѓето, лидер кој во своето тело станува персонификација на сите државни доблести, но и на сите приватни нискости. Мистично тело кое гравитира помеѓу приватното и јавното, олицетворение на народот и негов единствен водач. Повеќе или помалку, така наликува конзервативниот свет на Берлускони, екстремен и револуционерен, претприемнички и постконституционален. Од другата страна, се наметнува еден конзервативен свет кој се повикува на модерноста, на републиканскиот дух и на почитување на уставот. Верувајте, оваа поделба не е мала работа. Десницата отсекогаш имала различни струи и правци, но почесто сме ја гледале обединета зад едноставната прагматичност и харизматичниот лидер. Со актуелната доминација на десницата, понесена од неолиберализмот и од популизмот, одеднаш, гледаме дека промените во политиките нема да одат само преку подемот на левицата, туку и преку новите поделби и промени во кампусот на десницата. Самата десница почнува да ја сфаќа штетноста на своето постоење. Како дете на блуден родител, новите струи на десницата ќе мора да се носат со стигмите и со срамот за нанесените штети.



КРИЗИ Доаѓа времето за кризи кај десницата, полека излегуваат на површина котрадикциите кои предолго време се држеа закопани, но кои повеќе не можат, а да не експлодираат. Примерот со Берлускони е само една капка во морето наречено десница. Оваа криза е принципот во раѓање. Земјата која ја измисли антиполитиката, човекот кој ја инкарнираше, местото од каде се' започна, одеднаш е местото каде се' ќе заврши.

Десницата брзо сфати дека лидершипот е клучот за успехот, харизмата негова муниција, а вечните неостварени ветувања, моторот кој ја буди човековата лажна надеж и наивност. Отсекогаш сум верувал дека политиката на популизам која ја практицира десницата евентуално ќе биде апсолвирана, дека неспособноста нешто да смени функционално во општеството, наместо само да владее, ќе се објективизира пред очите на сите. Парадоксално, настрана левицата која тоа одамна го знае и зборува, сега имаме и доказ повеќе. Кога самата десница ќе удри врз десницата, зар постои поголема потврда дека нешто е гнило во начинот на кој досега функционирале.

Тоа е доказ дека моделот Берлускони, како и моделот Саркози, се неодржливи, дека за внатрепартиската реалност, но и за напредокот на една земја, таквиот антисистем носи со себе премногу контрадикции. Дека во основа, антиполитиката и популизмот, обожувањето на светото тело на лидерот, носат во себе една длабока антидемократичност, едно закржлавување на полето на идеите, на политиките, на реформите. Ваквите десничари, кои доминираа со децении, кои како и нашиот премиер сакаат да доминираат и понатаму, почнуваат да наликуваат на политички диносаури. Но, наместо џинови во политиката, кога шевовите ќе почнат да пукаат, станува евидентно колку всушност биле ситни. Се покажува - колку се' она што го зборувале и правеле било систем создаден единствено за нивно одржување и политичко преживување. Помалку е жална судбината на десницата, но и човековата наивност. За да функционира, десницата мора да биде мизерна и ниска по природа, посветена единствено на своите интереси и ограничена повеќе на силни личности, отколку на силна партија со силни личности, кои, навистина, можат да раководат со една земја, со една држава. Сега, кога контрадикциите ќе станат претешки и промените неопходни, прашањето е дали поради досегашниот систем, трајно е оштетена внатрепартиската реалност и капацитет на десницата. Прво, ментално, а потоа и од аспект на реална способност нешто паметно или корисно да сработат. Јас верувам во поинаква десница. Не дека ја сакам десницата, но, затоа што оваква каква што е, таа е неподнослива, штетна, деструктивна. И имам предлог за нив, кој во исто време е и формула за нивната пропаст, за едно распаѓање одвнатре доколку ме послушаат. Како и секој затворен и ограничен систем (ќе го споменам примерот на СССР), на десницата и' е потребна една перестројка. Не можат без неа и ќе пропаднат по неа, но којзнае, можеби, нешто подобро, посериозно и нешто поодговорно ќе се изроди од овој монструм.

БЛОК Десницата треба само да се демократизира и тоа пред се' гледано одвнатре. Дека сакаат да изгледаат како гранитен блок предводен од непоколеблив и сеспособен лидер, е добро познато. Но, тоа е веќе приказна за мали деца, во која ниту самите десничари не веруваат. Тоа што десничарите не разбираат е дека се' додека постојат на начинот на кој што постојат и функционираат на начинот на кој што функционираат, државата, народот, земјата, нема да имаат никаква иднина. Едноставно, десницата постои за самата себеси, не за некој друг. Тоа е еден автореференцијален систем во кој секоја равенка завршува со успехот и со одржување на лидерот на квадрат. Се' останато е помалку важно или се губи во неопходноста, лошата приказна, голиот крал и понатаму да се преставува како облечен.Треба да споменам што јас видов во италијанскиот пример и зошто истото важи и за нас и за секоја земја која мора да ја толерира несериозноста и неодговорноста на актуелната десница. По којзнае кој пат, видов како Берлускони е подготвен да сруши се', да се скара со секого, да го наполни ормарот со уште некој скелет за тој лично да се одржи, за неговиот суверенитет да не биде срушен. Ниту еден десничар, за ралика од левицата, не е способен и не може да прифати постојано оспорување, јасно и јавно несогласување кон неговите политики и кон неговата личност. Тоа е како да сте ја скршиле империјалната вазна и одеднаш, празнината на истата е пред очите на сите. Лидерот на десницата не може да дозволи секојдневна дебата, постојани преговори, оспорување, организирана опозиција, јавна и конкретна во своите критики кои би се дуплирале преку парламентот и медиумите. Затоа, за десницата секој оној што има намера нешто да реформира, а посебно да реформира одвнатре, тој претставува исклучителна опасност. Но, на што би личело тоа тело на лидерот, колку би изгубил на имиџ кога од Олимпот на своето самообожување би требало секојдневно да се симнува на земјата и да ги решава тие ниски и реални проблеми кои го обременуваат народот и земјата. Боговите одат по земјата кога нешто добро треба да направат, за остатокот од нештата ги имаат своите громови од небото. Значи, демократичноста кај десницата, одговорноста, вистинската работа, се против нивната политичка култура, против природата на лидерот, против харизматичната симболика, против месијанската улога која самите си ја доделуваат и во која потоа веруваат и бараат да веруваме.

КРАХ Тоа што јас го видов, но истото го видоа и милиони други луѓе, го видоа и самите десничари, иако тоа нема никогаш да го признаат, е крајот на една епоха. Држењето на Берлускони на бината, неговата зашеметеност и збунетост повеќе од политички краток спој, беше еден вистински емотивен грч. И сетоа тоа се случуваше на телевизија, со оружјето кое требаше да се користи за вистинскиот непријател, за комунистите и судиите, за оние кои со децении бараа факти, а не празни ветувања. Одеднаш, медиумската машина на популарноста излезе од контрола и покажа дека ослободена од своите недолични господари, таа е инструмент на вистината.

Се прашувам, каде би била десницата без тие лажни небесни сводови на позадините од нивните партиски постери? Што би правеле без сликата на растрчаните патриоти со знаме во рацете, како итаат кон хоризонтот, удирајќи го своето тело од плодовите на неижнеаните житници? Кому би се обратиле, кога на народот ќе му здосади од штетниот флерт, кога ќе се освести дека живее во свет каде повеќе од сликата, вистинска е само рамката, калапот во кој ставен? Почнува крајот на една илузија. Ќе треба време, но, евентуално, ќе сфатиме, ќе се освестиме. Ќе разбереме дека е невозможно големите десничарски партии да мислат дека можат да бидат масовни и да се одржуваат само преку централизираната харизма на лидерот, кога тоа не е доволно. Да ве потсетам нa дрскоста, партијата на Берлускони се вика „Народот на слободата“ а не „Партија на слободата“ и како секој лидер на десница, тој смета дека односот не е меѓу него и партијата, меѓу народот и државата, туку единствено меѓу него и народот, без медијатори, без кој било да се меша. Кој е народот и што е народот, тоа останува нивна субјективна оцена. За мене, тоа останува едно малцинство способно единствено да одбере една неспособна власт.

Кога човечкиот разум е најслаб, тогаш и најлудата религија станува реална и потребна. Популизмот е нашата финална религија, терминална метафизика.

И кога сите нешта ќе тргнат против лидерот и тој ќе изгледа речиси поразен во своите политики, тогаш од зигуратот на својата препотетност ќе се обрати до Богот на изборите, за тој повторно да пресече, за тој да му го врати преку избори, тоа што лидерот го загубил во политиката. Тогаш ќе бидеме потсетени дека партијата не е партија, дека таа е народот и дека народот се препознава во „демократијата на електоратот“ и секое несогласување со нив нема да се толерира. Внимавајте, и кај нас и во Италија и секаде каде што доминира еден популист, следува клучната и најопасна фаза од нивното владеење. Тоа е авантуризмот, лидерот кој знае дека нема што да изгуби. Штета, што истото не може да се каже и за нас другите. n