��oj 110   26.05.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 108

Број 107

Број 106

Број 105

Број 104

Број 103

Број 102

Број 101

Број 100

Број 99

...

46

НЕ Е ВЕТЕР И МАГЛА АКО ЗАПНЕШ ОД ПЕТНИ ЖИЛИ

Цел корпус фразеолошки единици го сочинуваат богатството на секојдневниот говор

Пишува: Тони Димков

t.dimkov@globusmagazin.com.mk

Славниот германски писател и поет Јохан Гете заклучил дека најголемо богатство на човекот е ако умее на соодветно место во разговорот да вметне позната максима, анегдота или фраза. Секако, ефектот ќе биде поголем ако тие ви паднат на ум во вистинскиот час. Често се случува во секојдневниот говор или во печатените и електронските медиуми да сретнеме изрази што звучат како фрази, а некогаш се користат и цели пословици да се претстави одредена состојба, личност или настан. Како пример, „од петни жили“, „ветер и магла“, „коска и кожа“, според науката за јазикот, им припаѓаат на групата јазични изрази што се нарекуваат фразеологизми. Во обид да го откриеме значењето на овие неколку примери, пред нас се отвори цел корпус изрази што го сочинуваат вистинското богатство на јазикот. Најопштата и најпопуларна дефиниција за фразеологизам, или фразеолошка единица, е дека тоа е утврден израз составен од два или повеќе зборови, чие значење не произлегува од поединечното значење на составните елементи на изразот, туку се добива само кога тие зборови ќе се спојат во една целина. Фразеологијата, пак, е релативно млада научна дисциплина, бидејќи од лексикологијата како посебна наука се изделува во средината на 20 век.



УСЕТ „Основното во фразеологијата е што во неа се крие народната мудрост. Таа се учи уште во детството, во семејството. Фразеологизмите се употребуваат на сите нивоа, а најмногу во секојдневниот говор. Се употребуваат и во научниот стил и во административниот, како клиширани изрази, меѓутоа најмногу се употребуваат во разговорниот стил, значи во секојдневната комуникација на луѓето, па оттука се пренесени и во уметничката литература што го опфаќа тој сегмент. Кога употребуваат фразеолошки изрази, луѓето и не чувствуваат дека кажуваат нешто специјално, бидејќи тие се дел од изразот во секојдневниот говор, но даваат концизност на исказот. Не е неопходно фразеологизмите посебно да ги учиме, освен во научни цели, бидејќи човек ги носи во себе и ги чувствува. Секако, за тие изрази треба и да се има усет“, вели д-р Снежана Велковска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ во Скопје.

Снежана Велковска веќе десетина години се занимава со фразеологијата како наука. Истовремено, таа е раководител на проектот за изработка на Толковниот речник на македонскиот јазик, а е член и на Комисијата за фразеологија при Меѓународниот славистички комитет. Пред да навлеземе подлабоко во нејзината научна област, не дозволувајќи ни „да останеме на цедило“, Велковска се зафати со разјаснувањето на примерите од почетокот на овој текст.

ПРИМЕРИ Изразот „од петни жили“ значи дека некој многу се труди. До значењето се доаѓа кога ќе нагласиме дека станува збор за жили кои се наоѓаат кај петата, а врз нив се потпира целото човеково тело. Оттаму, изразот се употребува за човек кој со целото свое битие се обидува да постигне нешто. Сличен израз е „се окози“ за некоја работа. Претпоставката доаѓа оттаму што самото козење, односно раѓањето јаре со рокчиња, е многу тешко и затоа луѓето го извлекле изразот „се окози“ да постигне нешто, да заврши одредена работа.

Изразите „ветер и магла“ и „коска и кожа“ се типични примери за фразеологизми во кои значењето не произлегува од поединечните елементи, туку од нивната заемна релација. Така, изразот „ветер и магла“ се употребува со значење дека нема да има ништо од започнатата работа. Доколку елементите се гледаат одделно, како „ветер“ и „магла“, нема да се добие значењето, но кога ќе се каже „ветер и магла“ се добива вистинското значење, бидејќи не е можно во исто време да има и ветер и магла. Другиот израз „коска и кожа“ се употребува за луѓе кои се многу слаби. Притоа, битно е да се нагласи дека овој фразеологизам го добива своето значење само доколку се употребат елементите „коска“ и „кожа“. Доколку се употребат изразите „рака и кожа“ или „нога и кожа“, тогаш веќе не постои првобитното значење на фразеологизмот.

„Корените на фразеологијата се многу длабоки и затоа во нив се пронаоѓа народната мудрост. Многупати кога луѓето сакале да кажат нешто, а не сакале да го кажат тоа директно, употребувале фразеологизми за индиректно да се каже мислата и ако соговорникот е доволно паметен, ќе се сети што сакале да му кажат. Во тоа лежи мудроста, бидејќи преку ваквите изрази многу работи биле кажувани, а практично, на површинско ниво, сите биле чисти, и практично се добива ситуацијата ’и волкот сит и овците на број‘“, објасни Велковска.

Секој фразеологизам е пример сам за себе. Има различни процени во однос на бројот на изразите во еден јазик, меѓутоа за еден нормален фразеолошки речник се смета дека сосема оптимална е бројката до десет илјади изрази. „Кај речниците работиме со бројки од сто до двесте илјади единици. Тука станува збор за многу помала бројка, но таа е сосема доволна. Речникот кој го составив го нареков ’Македонска фразеологија со мал фразеолошки речник‘ и содржи пет илјади изрази, но тоа воопшто не е малку“, вели Велковска.

СЛОЕВИ Според потеклото, фразеологизмите можат да се поделат во три основни слоеви: балкански, словенски и меѓународен слој. „Тоа е основната поделба. Инаку, кај словенските јазици, а особено кај јужнословенските, бидејќи изразите имаат исто потекло и исто звучат на сите јазици, многу е тешко да се одреди точното потекло на одредени фразеологизми. На пример, ’не виде бел ден‘ со мали варијации може да се пронајде на руски, на украински, на српски јазик, а значи дека некој не видел среќа, не видел убавина, како цел живот да живеел во мрак. Или, пак, изразот ’ни вода, ни киселина‘ е фразеологизам што може да се употреби за некој човек кој е никаков. Во албанскиот јазик се сретнува израз кој вели ’ни вода, ни сол‘, што повторно се обидува да спои две неспоиви нешта, а на тој начин да се пренесе значењето дека станува збор за нестабилна личност, или состојба. Меѓу примерите на балканските фразеологизми познат е изразот ’кад на врби роди грожѓе‘ кој кај нас е познат како ’кога врбата ќе роди грозје‘, кој означува нешто што никогаш нема да се случи, но нема прецизен податок од каде потекнува изразот, дали од Србија, дали од Македонија или од некоја од соседните земји. Во речиси сите балкански јазици постојат и изразите ’од една овца две кожи‘, или ’мед од мувата сака да добие‘, или ’од болвата лој вади‘, што се фрази за некого кој е многу скржав, или за некого кој во се' гледа некаков ќар за себе. Во однос на потеклото, слична е ситуацијата кај поговорката ’чиста сметка, долга љубов‘, која кај нас може да се сретне и како ’делени круши, спокојни заби‘. Сепак, на Балканот се живеело во исти или слични услови и се создавале исти или слични изрази“, објасни Велковска.

СИМБОЛИКА Пример дека во фразеологијата може да се пронајде и симболична смисла е една интересна случка во Романија. Станува збор за анегдота од времето на Чаушеску, кој во еден свој говор рекол: „Револуција во Романија ќе има тогаш кога тополата ќе роди круши“. Тоа е истиот израз што постои кај нас како „кога врбата ќе роди грозје“, со тоа што во романската ситуација анегдотата продолжува така што следниот ден, по изјавата на Чаушеску, во дворот на еден студентски дом на тополите биле врзани круши - и така почнала револуцијата во Романија.

Кај одредени фразеологизми, сепак, може да се одреди времето кога биле создадени. Како пример д-р Снежана Велковска го посочи изразот „му падна секирата во мед“. Изразот потекнува од времето кога во шумите имало диви пчели кои својот мед го собирале во некое од шумските дрвја. Во денешни услови вистинска реткост е дрварите да наидат на мед од диви пчели, но останало значењето на изразот, кој се употребува кога некој ќе добие добра работа или неочекувано наследство.

Како пример на архаичен фразеологизам често се употребува изразот „на гладно срце“. „Во основа елементот ’срце‘ значи ’средина‘, односно нешто што е сместено во средината на телото, според старословенскиот јазик. Во современиот јазик, пак, ’срце‘ има значење на орган што испумпува крв во крвотокот на телото. Сега веќе е изгубено архаичното значење дека срце е средината на телото и изразот ’на гладно срце‘ сега значи ’на празен стомак‘, но, сепак, често можеме да слушнеме изјава од типот: ’не пијам кафе на гладно срце‘ или слично. Меѓу архаичните фразеологизми има многу фрази од турскиот период, како ’на кое дереџе сме‘, ’да бараме чаре‘, а има и некои што веќе се многу застарени, како ’пие тутун‘, што значи дека некој пуши цигара, или ’фрла пушка‘, што значи дека некој пука со пушка, но тие сега ги има само во народните песни или може да ги употреби некој постар човек, но во секојдневната комуникација многу ретко можат да се сретнат“, објасни Велковска.

СУШТИНА Основна карактеристика на говорот или текстот во кој се користат фразеологизми е што се добива чувство за поголема тежина на самиот говор или текст. Преку народната мудрост искажана со фразеологизмите се избегнува ситуација да се добие неутрален текст што може да биде неинтересен за читање и да помине незабележано. Притоа, треба да се внимава на точното значење на употребените изрази. „Може да се случи некој да употреби фраза, а да не знае што точно значи таа фраза и како е создадена. На пример, фразата ’крокодилски солзи‘ не потекнува од нашето поднебје, туку е од интернационалниот слој. Фразата доаѓа од ситуацијата кога крокодилот кој го мами својот плен испушта глас како да плаче дете. Во суштина, изразот ’лее крокодилски солзи‘ значи лицемерни, лажни солзи. Не знаејќи ја таа подлога, многумина го употребуваат тој израз да кажат како некој многу плаче или како некој лее крупни ’крокодилски солзи‘, што е сосема погрешно“, е толкувањето на Велковска.

ТОЛКУВАЊЕ Во однос на толкувањето на изразите, особено при нивниот превод на друг јазик, многу е битно, покрај потеклото на изразот, да се одреди и неговото вистинско значење. Пред триесетина години имаше една ТВ-серија со наслов „Грлом у јагоде“. Во Македонија насловот на серијата беше преведен како „Бос в трње“. „Тоа беше соодветниот израз за насловот на таа серија. И тогаш имаше прашања зошто не е оставен оригиналниот израз ’со грло во јагоди‘, но тоа буквално немаше да значи ништо. Кај Србите тој израз значи кога некој ќе се зафати со некоја голема работа и место да ја сработи наидува на неуспех. Соодветно значење кај нас има изразот ’бос в трње‘, односно кога некој неподготвено влегува во голема работа која ќе заврши со неуспех“, разјасни Велковска.

Зависно од структурата, дел од фразеологизмите може да бидат поговорки или пословици. „Често се случува тие изрази да се неразделни едни од други. Со тоа што во поново време сум слушнала дека од старите поговорки се извлекуваат нови форми. На пример, од фразата ’да му умре козата на комшијата‘ сум слушнала дека се употребува нова форма, како: ’Зошто да му умре козата? Нека умре комшијата‘. Или, изразот ’џабе работи, џабе не седи‘, кој доаѓа оттаму што нашиот народ отсекогаш бил вреден и во секој момент бил ангажиран со нешто, во транзициониве времиња сум го слушнала во верзијата ’џабе седи, џабе не работи‘, бидејќи луѓето одат на работа, а потоа ништо не им плаќаат. Затоа изразот добил нова верзија со значење дека е подобро ништо да не се работи отколку џабе да се работи. Самите изрази во одредени општествено-политички ситуации добиваат одредени промени. Сум забележала примери од типот ’село гори, баба се чешла‘, при што место баба се вметнува името на некој политичар, а значењето е дека тој политичар ништо не прави. Или, пак, работи нешто што не е соодветно. На бабата не и' е својствено да се чешла или да се дотерува. Изразот ’село гори‘ означува ситуација кога сите треба да бидат мобилни, да се спаси тоа што може да се спаси, а бабата седнала да се чешла, што значи дека тој човек ништо не прави. Во таа смисла бабата е заменета со политичар кој ништо не прави во тешка и горлива ситуација“, објасни д-р Снежана Велковска.

НАУКА Фразеологизмите може да потекнуваат од приказните, од обичаите, од секојдневниот живот, а сигурно е дека сите тие изрази се одраз на животот на луѓето. Иако станува збор за изрази што ја во себе ја содржат народната мудрост, сепак, се чини дека во последно време не им се посветува доволно внимание. „Фразеологијата институционално не се проучува, односно нема проект за научно проучување на фразеологијата. Лично, фразеологијата ја проучувам од ентузијазам, а проучувањата ги правам дома. Иако фразеологијата како предмет се предава на Филолошкиот факултет во Скопје, сепак, имам чувство дека старите генерации изумираат, а многу работи не запишавме, и од лексиката и од фразеологијата. Младите колеги кои се занимаваат со фразеологија некои работи веќе не ги разбираат, бидејќи не ја познаваат старата лексика. Мојата цел во проучувањето на фразеологијата е да се создаде можност таа институционално да се проучува, бидејќи станува збор за посебна наука со своја методологија различна од другите науки“, заклучи Снежана Велковска.

ТАБУ-ТЕМА

Науката не признава пцости

Изразите како „да ти е..м мајката“, „да те е..м“, „е.а го“, „што те боли к...т“ и слично секојдневно во различни ситуации можат да се слушнат како сегмент од разговорниот стил. Побаравме одговор на прашањето колку во овој случај станува збор за фразеологизми?

„Нашата наука за јазикот се' уште тие фрази ги смета за табу-тема и не посветува големо внимание на непристојната комуникација. Така се однесува дури и за називите на деловите од човековото тело“, вели Снежана Велковска.

ПОГОВОРКИ И ПОСЛОВИЦИ

Фолклорни аспекти

Боне Величковски е научен соработник во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Со собирање поговорки и пословици се занимава околу дваесет години. Неодамна Институтот ја објави неговата книга „Македонски поговорки и пословици“, која содржи 8.518 единици, од кои дел се фразеологизми, дел се поговорки, но најголемиот дел се народни пословици. „Тоа е само дел од книжевното наследство и направив избор од најфреквентните и најпознати пословици и фразеологизми, бидејќи во македонскиот јазик постојат околу 30 илјади такви изрази. Поговорките имаат структура на фразеологизми, но има и поговорки со завршена структура, така што се доближуваат до пословиците, па понекогаш е тешко да се разликуваат од нив. Во поговорки спаѓаат и овие за кои се мисли дека се пословици, како ’човек учи додека е жив‘, ’пријателот во нужда се познава‘, ’среброто се познава во оган, а пријателот во нужда‘ и слично. Пословиците, пак, имаат завршена структура на независна реченица. На пример, ’испружи ги нозете колку што ти е долга чергата‘ или ’кој рано рани, две среќи граби‘. Типичните фразеологизми се чисто јазична појава, додека поговорките и пословиците имаат посложена форма.

На комуникативен план пословиците имаат способност да се појават во аргументациона функција и да се користат како делотворно средство за аргументација на некоја мисла, што значи да докажат нешто. Во таква ситуација и говорителот и слушателот знаат дека во пословиците е изразена народната мудрост. Пословиците имаат длабока морална идеја, додека поговорката не содржи судови и заклучоци. Поговорката се користи да го украси говорот, а не да ја потврди мислата, што значи служи да внесе живост и игривост во говорниот чин.

Инаку, пословиците секој пат не ја говорат вистината и некогаш може да бидат предрасуди или застарени мислења кои не ја одразуваат вистината. Пример за таков израз е интернационалната пословица ’жена нетепана и мотика неклепана не вршат работа‘, која е базирана на застарени предрасуди. Пословичната форма пренесува социјална вредносна ориентација и го фиксира колективното искуство низ јазичниот код. Пословиците означуваат типични ситуации и го одредуваат моделот на однесување согласно со вредносниот систем на народот или барем на мнозинството од луѓето. Притоа, секој народ формира сопствен систем на типски ситуации и сопствени пословични значења во рамките на своето историско искуство и животни услови“, вели Боне Величковски.

КУШКУНДАЛЕВО

Двојно толкување

Народното, или усното, богатство е основен извор на фразеологизмите, така изразот „Кушкундалево“ означува нешто што е многу далеку, а фразата потекнува од семејната фразеологија, поточно од народната приказна за овчарот и трите самовили кои живееле во Кушкундалево, место кое е многу, многу далеку. Со тоа што овој израз може да се толкува на два начина: кога ќе прашате - каде одиш, и добиете одговор - во Кушкундалево, тоа може да значи дека тој оди многу далеку, но може да значи и - не сакам да ти кажам.