��oj 152   16.03.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број


Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 150

Број 149

Број 148

Број 147

Број 146

Број 145

Број 144

Број 143

Број 142



Број 141

...

46

ЗАФИР ХАЏИМАНОВ: СЛАВНИОТ СВИРАЧ НА ЛИМЕНИОТ ПОКРИВ

Портрет на познатиот македонски музички и филмски уметник

Пишува: Томо Чаловски

Истакнатиот уметник Зафир Хаџиманов, неодамна, за улогата Жан Валжан во мјузиклот „Клетници“, ја доби големата награда на Операта театар „Мадленијанум“ за врвно актерско – пејачко остварување. Личност, која половина век суверено владее на сцената како филмски и театарски актер, со музиката на нему блиските шансони, а во најскриените дамари го негува наследството на предците со убавата македонска песна. Тој е и писател и поет. Наименуван е за амбасадор на културата на Република Македонија во Република Србија. Повод да проговориме за животната и творечка приказна на уметникот, со богат повеќестран творечки опус. 

КОРЕНИ По предците по татко, јас сум од Кавадарци, каде и' се родив на 25 декември 1943 година. Префиксот Хаџи во презимето доаѓа од некој наш предок кој бил на аџилак. Дали знаете кога се случило тоа? Мојот прапрадедо Мано е најзаслужен за денешново презиме на Хаџиманови. Тој бил кавадаречки трговец и некаде пред два века, на почетокот на деветнаесетиот, со караван со афион ли, тутун ли, памук, којзнае, стигнал и до Ерусалим и до Исусовиот гроб и се вратил со сертификат дека е Хаџи Мано. Тоа, тогаш, била многу ценета и возвишена титула, зашто многумина не патувале подалеку од соседното село или град, но денес е малку поинаку, зашто со современиве туристички и други патувања аџискиот документ можат да го добијат сите што кинисале за божијот гроб, и кој треба и кој не треба. Татко ми Васил е првиот во семејството кој тргнал по патот на музиката, уште како гимназијалец во Велес. Иако најпрво дипломирал фармација во Белград, ја напуштил аптеката и завршил музички отсек на Вишата педагошка школа во Скопје и целиот свој работен век го посветил на фолклористиката. Остави голема етнозаоштавштина од преку пет илјади запишани македонски изворни народни песни.

Кога семејството се сели од Кавадарци во Скопје и кога Зафир се сели од Скопје во Белград? - Се викам Зафир по мојот дедо – таткото на мајка ми Вера. Тој е асли скопјанец од Чаир маало. Моите родители се иселиле од неговата прекрасна беговска куќа – една од трите што ги купил кога се вратил од печалба од Америка и се засолниле во Кавадарци од опасностите на Втората светска војна. Татко ми ја презел тамошната аптека од неговиот колега Бошко, зашто, тој, како и многу други Срби, си заминал за Србија, за да нема главоболки со новата бугарска власт. Наскоро, како медицински кадар, Бугарите го мобилизираат татка ми, но тој пребегнува кај партизаните и на крајот на војната се враќа во Скопје, како раководител на воената аптека, а мајка ми и јас како бебенце доаѓаме по него и еве не, пак, во маџирмаалската старинска куќа на дедо Зафир. Тука го преживеав моето крајвардарско детство и првата младост. Како минуваат годиниве, се' ми се чини дека тоа и ќе остане најубавиот период од моето постоење. Се' почесто на јаве ги сонувам чардаците, миндерите, дудинките, зелениките, мермерниот двор и песните, на мојата „Вардарска“ број 9.



ОБРАЗОВАНИЕ Кај мене не постои остра граница помеѓу образованието, творештвото и кариерата, се' течеше заедно. Матурскиот испит го положив во скопската гимназија „Цветан Димов” и завршив музичко училиште, каде ги направив и првите многу успешни професионални чекори во светот на театарот и музиката. Моите почетоци беа во Радио Скопје. Како член на детската радио група од мала нога се дружев и соработував со великаните како Петре Прличко, Тодорка Кондова, Илија Џувалековски, а кога имав петнаесет години почнав и да пеам. Први што ми подадоа рака беа легендарните Драган Ѓаконовски, Димитар Масевски, Александар Џамбазов, Ѓоко Георгиев. Потоа успешно го положив приемниот испит и се запишав на Факултетот за драмски уметности во Белград, на отсекот глума. На факултетот ја имав таа среќа што кон даските што живот значат ме водеа врвни педагози - од М. Милошевиќ и О.Милиќевиќ до П.Бајчетиќ и М. Маричиќ, а на почетокот на музичката кариера и години потоа, ми помогнаа А. Кораќ, А. Сабо, В.Борисављевиќ и други. Напоредно со студирањето, настапував како пејач на забавна музика и снимив две свои први плочи на кои сум и автор на текстовите. На фестивалот „Опатија 65” со песната на Вучер „Зошто доаѓаш само со дождот “ ја освоив првата награда, а на вечерите на шансони „Загреб 65” ја освоив третата награда со песната на Арсен Дедиќ „Човек како јас”. Истата година, со уште пет најдобри студенти од факултетот, отидовме на повеќе месечен студиски престој на неколку универзитети во САД. Продолжив со студиите и со фестивалските настапи и успеси на „Сплит 66“,„Белградска пролет 66” со концерти, снимање на плочи и ТВ програми и отидов на мојата прва турнеја по СССР, каде приватно и професионално се врзувам со големата дама на југословенската забавна музика и филмска глумица Сенка Велентанлиќ. Потоа, успешно гостував со група одбрани уметници во париската „Олимпија”. Една година подоцна јас и Сенка настапивме со свој прв рецитал во театарот „Атеље 212” во Белград. Постигнавме голем успех и ТВ Белград за прв пат сними концерт под името „Лесни ноти“ во живо. За овој настан, кој е историски факт, за жал никој од ТВ Белград , сега РТС не се сеќава, дури ни режисерот Здравко Шотра, зашто лентата со тој шоу е избришана!? За мене таа 1967 година беше многу плодна. Гостував на Меѓународниот фестивал во Сопот во Полска и во Варадеро во Куба, каде ја освоив наградата најпопуларен пејач на фестивалот. Морам да споменам и да се заблагодарам дека фестивалските успеси дојдоа по заслуга на авторите и аранжерите Александар Џамбазов, Бојан Адамич, Миленко Прохаска, Никица Калоѓера и други. Таа година играв главна улога во два филма:„Нож” на режисерот Жика Митровиќ и „Македонска крвава свадба” на режисерот Трајче Попов. Една година подоцна ја играв главната улога во музичката комедија на Томе Арсовски и Александар Џамбазов „Бумеранг“ во Драмскиот театар во Скопје, комедија која беше поканета на „Стериино позорје”, а на фестивалската сцена, во дует со Љупка Димитровска, ја освоивме првата награда на „Скопје 68”. Во 1969 година следи нова турнеја низ СССР, нова улога во филмот на ражисерот Бранко Гапо „Време без војна“, а на фестивалот во Опатија, шансоната на Александар Кораќ „Беше мај“ стана голем евергрин. Како автор на стихови во тандем со композиторот Кораќ, ја освоив првата награда на скопскиот фестивал со песната „Земи момче македонче”, а во 1971 година со песната „Панаѓур”. Тоа се почетоците на мојот успешен кантавторски труд кој трајат се' до ден денешен. Истата година ја одиграв главната улога и ја пишував музиката за филмот на режисерот Предраг Голубовиќ „(Не)хигиенски навики на војниците”. 

ТУРНЕИ Следи третата турнеја низ СССР. Со убав успех како и секогаш: Преполни сали, брилијантни критики. Продолжувам со бројните концерти по светот. Фестивалските, сега веќе авторски награди, за „Како Вардар”, „Зошто” и „Туѓа си” се освојуваат во 1972, 19773 и во 1974 година. Со сопругата Сенка снимивме прв ТВ шоу во боја за ТВ Белград: „Јас и мојата сенка“. Режисер беше Антон Марти, а веднаш по тоа го снимивме и истоимениот албум. Ни се случи голема семејна радост, ни се роди синот Васил. Следната година јас и Сенка ја добивме југословенската естрадна награда и назив на истакнати уметници на Република Србија. А се појави и мојот прв комплетно авторско албум „Истиот сон“.

Продолжив со турнеите по СССР. Што ми оставило посебен впечаток од многуте турнеи по СССР? - Мене ме есапат за вреден човек. Навистина, штом работам со љубов ништо не ми е тешко. Сепак, признавам, испаднав ептем мрзелив во бележењето на оние безбројни настани, средби, авантури, анегдоти, битки, победи, порази, кои останаа зад мене. Барем една дебела книга можев да напишам само од турнеите по СССР, а каде се сите други Америки, Европи, Азии, Австралии... Да, не една, туку неколку книги останаа ненапишани и на историски и на културолошки и на социјален,уметнички, хуман, емотивен...план. Можеби, тоа ќе беше црно на бело достапно да не ми се случеше големата животна епизода со наслов: Сенка и Зафир. Токму во СССР. Токму на почетокот на мојата таканаречена кариера, како молња не' стресе, не' понесе до небото, тајната, среќата, богатството, маката, болката и што се' не друго наречена љубов! И така почнав да пишувам поезија, а дебелите книги им ги препуштив на оние што ја преболеле љубовта.

Во 1976 година веќе работам како музички уредник на ТВ Белград. Воедно, интензивно пишувам музика за ТВ серии како „Чезнеам да сум со вас”, „Размислувалка - измислувалка”, „Клуч за сите брави”. „Ние сме смешно семејство 1 и 2”. Со Сенка и Бисера го издаваме истоимениот албум.

- Книги почнав да пишувам благодарејќи на поддршката на мудриот Свето Лукиќ. Во 1978 година ја издадов првата книга во стихови „Шансони на хартија”, која содржи четириесет песни распоредени во три циклуси „За неа”, „За него” и „За нас”. Некои од овие стихови ги имам компонирано и изведувано. По оваа книга се создава истоимениот албум и концертот на фестивалот „Белградска пролет 78” и на „Струшките вечери на поезијата 78”. Потоа ја освоив првата награда на „Скопје78 “ со песната на Александар Џамбазов „Љубов неверна”. Следната година по повод десетгодишниот помен на татко ми Васил го снимив албумот : „Песните на Васил ги пее Зафир“.Во периодот од 1980 до 1990 година јас сум во голем авторски растеж. Објавив три книги поезија и тоа „Пес пејачка” за која добив повелбата „Стражилово“ за најдобра книга на поезијата во 1984 година. По оваа книга во Атеље 212 изведена е истоимената музичко сценска игра во режија на Љ.Драшковиќ, а со мене настапија Светлана Бојковиќ, Дејан Чавиќ и Сенка Велентанлиќ. И оваа претстава ја сними ТВ Белград. (И таа лента е избришана!?) Потоа следеа книгите „Народен пејач“ во издание на „Македонска книга” и „Азил” во издание на „Книжевни новини” од Белград. Во секоја од овие книги имаше и едно аудио издание во вид на плоча или касета а следуваа и бројни концертни настапи. Тогаш паралелно издадов два албума на компонирана македонска поезија „Македонија пее”, во издание на „Југотон” Загреб и „Гороцвет” во издание на „Детска радост” Скопје. Играв во „Занесеници” во Театарот на Теразие и во „Еј Србијо нигде ладовина нема” во Атеље 212, а оваа театарска деценија ја крунисав со премиера на првиот македонски мјузикл „Ало будење” каде сум автор на музиката, стиховите и на драмскиот текст.


ФЕСТИВАЛИ Секако дека и понатаму учествував на фестивалите и освојував награди :Во дует со Сенка, ја добивме првата награда на Вечерите на родољубиви песни „Загреб – фест 88”,а со „Пуста била” и „Да си мерак песна”, на два пати наградата за текст на „Макфест” во Штип. Во наредниот период јас конечно се вратив на театарот и филмот. Најпрво ја играв улогата на Јеромонах во филмот на режисерот Бранко Гапо „Македонска сага”, а потоа улогата на млекарот Тејвје во „Виолинист на покривот” во изведба на Српското народно позориште од Нови Сад, Театарот Теразије од Белград и Форум Тиатер од Бостон САД, потоа Дон Кихот и Сервантес во „Човекот од Ла Манча” во изведба на Српското народно позориште од Нови САД. Врвен успех, извондредна критика и преполнетите сали, кажаа се' за импресиите на публиката. Од друга страна и авторските потфати заслужуваат внимание. Првата книга проза „Кисело -весело”, кратки приказни на српски во издание на „Прометеј” од Нови Сад, а на македонски јазик издавачот беше „Мисла” од Скопје. Следуваа избрани и нови песни на двата јазика, потоа „Брат ”во издание на „Прометеј” од Нови Сад. Посебна чест ми е укажана што мојата песна „Љубовна валута” беше вброена во Антологијата на српската лирика што ја подготви Зубац. „Са ноќ седам” влезе во антологиското тонско издание на македонското радио, меѓу педесет одбрани македонски поети на сите времиња. Единствен сум автор кој на фестивалот „Нишка есен” два пати ја освоив наградата апсолутен победник.

Во 2000 година, ме избраа за председател на Друштвото на југословенско – македонско пријателство „Шар Планина” и работев на неколку културно уметнички проекти како што е Илинденскиот собор, кој стана дел од Белградското културно лето, потоа на традиционалните Македонски вечери што се одржуваат на празникот Свети Климент насловени „Вечерва Вардар низ Белград нека тече”. Како и вечерите на поезијата и виното „Од љубов не се бега”. Воедно објавив неколку компилациски албуми. „Мерак песни”, со староградски песни, „Од љубов не се бега” со македонски староградски песни,„Беше мај” со своите најголеми успеси, „Јас и мојата Сенка“ со нашите дуетски најголеми успеси, „Најубави македонски балади“ со дваесетина прекрасни македонски стари и нови балади, книга на стихови на врвни македонски поети и ЦД со шансони кои јас сум ги компонирал на тие стихови „Македонија пее”, и книга со драмскиот текст и стиховите на македонски и српски јазик и ЦД со сонгови на првиот македонски мјузикл „Ало будење” каде се јавувам како комплетен автор. ДВД со снимка на мојот „Концерт за збогум„ на кој се појавуваат и Сенка, Бисера и Корнелие Ковач и еден ДВД – Зафир со синот Васил, сјаен клавирист и композитор. Својот театарски пат го продолжив со улогата на Жан Валжан во светскиот мјузикл хитот „Клетници“ кој постигна брилјантен успех.

Зафир гостувал во „Олимпија” во Париз, Операта хаус во Сиднеј, „Бољшој театар” во Москва, во „Форум театар” во Бостон. Какви се впечатоците од овие настапи? - Во „Олимпија” настапував по посебен повик од господинот Бруно Кокатрикс, директорот на оваа концертна сала. Практично, тој тогаш беше еден од првите луѓе на европскиот шоу бизнис. Прикажавме прекрасен шоу програм на пејачи и ансамбли од поранешна Југославија. На крајот, господинот Кокатрикс ми понуди договор на три години соработка, но јас го замолив да ме причека додека не дипломирам на ФДУ во Белград. Дипломирав. Добив главни ролји во два филма и ангажман во два театри. Следеа награди на сите фестивали од Опатија до Скопје. Летнав кон ѕвездите и едноставно јас и „Олимпија„ се збогувавме. „Опера хаус-Сиднеј„ е приказна за себе. Нашите од дијаспората често приредуваат средби и приредби со татковината, но, за жал, често тоа се завршува на чагрла-рака, или на тоа ниво. И добро де и зошто да не!. По „хард ворк“ на човека му треба малку ѓезме! ОК! Но, ова беше прослава на 100 години Илинден. За среќа, најдовме неколку умни и разбрани Македонци, на чело со едно и вредно амбициозно момче Игор и ме подржаа во моите идеи и намери. Успеавме среде Сиднеј да одржиме концерт на соништата. Реакциите беа прекрасни, што никако не значи дека и таму и овде чангла - рака системот и понатаму не доминира. И моите Бољшој, Сава центри, Лисински, Цанкариеви домови, Скендерии, шведски, полски, кубански, чешки, бугарски, германски, грчки, бостонски, белградски, скопски и многу други театри, имаат свои стории, за кои, за жал, немаме место да прикажуваме.

СЕМЕЈСТВО Повеќе од четириесет години живеам во хармоничен брак со една од најдобрите пеачки на поранешна Југославија Сенка Велентанлиќ – Хаџиманов. Ние често и успешно сме на рециталите, концертите, ТВ програмите и тонските носачи. Како мене и Сенка два пати играше главни улоги во филмовите „Три” во режија на Слободан Петровиќ и „Свитање” во режија на Танхофер и има освоено многу награди на фестивалите. Носител е на називот остакнат уметник на српската и на југословенска естрада. Синот Васил, кој исто така ја одбра музиката за свој животен пат, дипломира на престижниот Беркли музички колеџ и веќе петнаесет години има свој „Васил Хаџиманов бенд“, со кој сними четири сјајни албуми и го пропатува половина од светот. Свири и со други познати музичари од сениорот Душко Гојковиќ до најмладите рокери и рапери. Оженет е со Наташа и имаат преубава ќерка и наша внука Марта.

А Зафир на крајот порачува:

„Имам добиено неколку награди за животно дело и се чуствувам среќен од постигнатото, а воедно и застрашен дека нема да успеам уште толку многу идеи и желби да реализирам.Времето многу бргу тече.“

 

МУЗИЧКИТЕ КОРЕНИ НА ЗАФИР СЕ ЦВРСТИ

Од мноштвото критички осврти и рецензии за неговиот богат опус ќе ги издвоиме:

Редакцијата на забавната музика на ПГП РТС во Текстот за албумот „Јас и мојата Сенка”, наведува: - „Тешко е, можеби е неможно, со безмалку четириесет години заедничка работа, да се прикаже до танчина со еден единствен компилациски албум, но овие дваесетина песни, сепак, докажуваат дека Сенка и Зафир, покрај безсомнение солистичката пејачка дарба и умешност, како тандем ги испоичитуваа сите норми кој ги бара дуетскиот настап. Ги избегнаа стапиците во кои паѓаат соло пејачите. Не се наметнуваат и не се натпреваруваат безпотребно. Се слушаат еден со друг и ја мислат истата мисла која се пее. Со еден збор - „дишат“ како еден. Во само три песни имаме можност со Сенка и Зафир да го чуеме и гласот на нивната и нашата Бисера Велетанлиќ. Тоа напросто звучи хорски! Да токму така! Ако Сенка и Зафир често ја освојуваа титулата најдует во нашата југотатковина, со Бисера можат да го освојат светот. Ама во околностите кога вистинските пеачи со години не можеа да пријдат до ПГП РТС или која било друга дискографска куќа од страшните турбо – мафио – нацио – шунд – ександрони, човечки е да се радуваме и да уживаме во овој мал но голем аудио поклон на Сенка и Зафир.

За поетското творештво критичарот Свето Лукиќ забележал: - „Поетското творештво на Зафир Хаџиманов имав можност да го следам од почеток и одблизу. Талентот веднаш се уочи без дамка на почетништво, еквивалетно и во српската и во македонската јазична верзија. Гледано од дистанца, можеби и имало некакво поклопување во спрегата на песната и на музиката, во духот на популарното кантавторство, иако пишаните песни претходеле на компонираните и на пеените песни. Освен тоа, Зафир Хаџиманов во своите први две книги , запејувал и испејувал, минувајќи го за неколку години патот кон поетската зрелост, кој, инаку, трае подолго и е макотрпен. Но, неговата исконска музикалност и човечка чувствителност го скратиле тој пат“.

За актерскиот настап на Зафир, во критичкиот осврт за премиерата на „Клетници”, Гордана Крајачиќ вели: „Атмосферата на премиерата во “Мадленијанум” на 18 октомври 2007 година ме потсети на тоа општопариско восхитување за кое пишувале современиците на Виктор Иго во 1862 година; многу публика пред вратите – без влезници, а сите кои присуствувале на претставата – длабоко потресени и воодушевени. Иако Иго е писател на романтизмот, неговите ликови се преплавени со силен реализам, земени од суровата стварност. Посебно возвишениот и благороден Жан Валжан во маестралното и художествено видување на Зафир Хаџиманов, сиот исткајан од крв но и од душа, енормно силен и нежен, уметник кој може да се одалечи од самиот себе и прекрасно да се преслече и во незаборавниот „Виолинист на покривот” на Џери Бок (кого го играл не само во Нови Сад туку и на англиски во Америка) и во „Човекот од Ла Манча” на Мич Ли, сиот од сенка и мечта, скоро етеричен во својата исткаеност од доблести. Тие прекрасни особини на виталност од млекарот Тејвје и витезот Дон Кихот одлично се слеале и со нова доградба и креација го оформиле ликот на Жан Валжан. Не само психолошки, туку и музички, Зафир Хаџиманов беше впечатлив, што не е чудо со оглед на тоа дека неговите музички корени се цврсти и генетски вткаени (неговиот татко Васил Хаџиманов беше основач и директор на Етномузиколошкиот институт во Скопје).