��oj 148   16.02.2010
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број



Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 146

Број 145

Број 144

Број 143

Број 142



Број 141

Број 140



Број 139

Број 138

Број 137

...

50

ТИВКИОТ ПОЕТ НА АПОКАЛИПСАТА

Интервју: Михаил Ренџов, поет

Пишува: Тони Димков

Добитникот на наградата „Григор Прличев“, поетот Михаил Ренџов, е една од ретките творечки личности која тивко го создаде целиот свој книжевен опус. Без удирање в гради, скромно и со искрена посветеност кон автентичноста на зборот создаде свет заснован на неговите внатрешни чувства. Патем, наградите се редеа како последица, а не како причина за неговите книжевни дејанија. Тивко помина и церемонијата на која беше овенчан со Прличевиот венец, награда која „Детска радост“ заедно со Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ја доделуваат за најдобрата поема во тековната година. Од 22 поеми пристигнати на анонимниот конкурс, „Предвесница“ од Михаил Ренџов најсилно го привлече вниманието на комисијата во состав: Витомир Митевски, Сузана В. Спасовска и Владимир Мартиновски.

Практично, Ренџов ја добива оваа награда по втор пат. Претходно ја доби на првиот конкурс во 1993 година. Тогаш конкурсот беше организиран по повод сто години од смртта на Григор Прличев. И тогаш конкурсот беше анонимен, а за поетот тоа претставуваше големо признание бидејќи го сметаа за „лирски поет со темен штимунг“. Не се надевал на награда ниту тогаш, ниту сега, а со оглед на годините што ги има Прличевиот венец доаѓа како круна на неговото шеесетгодишно поетско творештво.

Кои се суштинските мотиви што ве поттикнаа да ја напишете „Предвесница“?

- Поемата произлезе од сегашната состојба на духот, таа е мојата размисла на македонски, балкански, европски и глобален план. Таа е предвестување на феномени и настани кои се случуваат и ја навестуваат Апокалипсата. Таа е стравот од тоа што ни се случува, ова обездушување на човекот кое го најавува судниот ден. Мислам дека состојбата на глобален план е жестока. Постојат омразијата, поделеноста и изгубеноста во просторот и во времето. Тоа го чувствувам во односите меѓу писателите, меѓу луѓето. Омразијата е основниот белег на нашето време. Досега имавме толерантен однос едни кон други. Можеби немаше љубов, но немаше ниту омраза. Сега се мразиме и, едноставно, не ми се излегува во чаршија, на улица, меѓу писателите, меѓу пријателите. А зошто? Затоа што гледаме само црно, а тоа не ми дава надеж дека наскоро ќе се оправи состојбата, затоа што поделеноста меѓу луѓето е жестока. Од друга страна немаме традиција на вистинска демократија. Демократијата се' уште ја градиме.

Што, според Вас, би можело да биде причина да се појави таква омраза меѓу луѓето?

- Транзициониот период на премин од еден во друг општествен систем. Има една стара поговорка која вели: „Природата не прави скокови“. Ние сме изгубени. Од едноумен систем влеговме во демократија, но демократијата не се постигнува веднаш, туку потребно е време да се навикнеме на одредени состојби. Досега имаше еден континуум, а сега скокнавме во еден општествен период во кој не сме способни да се снајдеме. Ни треба искуство за да создадеме амбиент на вистинска демократија. Системот се промени, но ние не се променивме. Потребен е период на адаптација на новата состојба. Треба да дојдат нови генерации кои поинаку ќе гледаат на работите од нас. Ние сме затечени во оваа ситуација. Напишав еден стих кој вели дека сега дојде време кога „летнатото го убиваат оние што лазат, а светнатото го гасат оние без сјај“. Се појавија луѓе-кариеристи кои немаат морален дигнитет, туку газат преку се' само да дојдат на власт. Политиката стана доминантна во општеството, а вредноста на контото во банка е вредност на личноста. Висината на паричната моќ е изедначена со духовната моќ, а тоа не може да биде така.

Системот кон кој веќе дваесет години упорно се стремиме по дефиниција е материјалистички, а Вие поголемо внимание му посветувате на духовниот развој. Како е да се живее во материјалистички систем, а со духовни потреби?

- Многу тешко. Имам пензија од 200 евра месечно и со жена ми крпиме некако. Најтешко паѓа тоа што никој никого не признава. Дури и Блаже Конески да беше жив, сега ќе си играа мајтап со него. Или со Славко Јаневски... Можеби некој мисли дека писателите не се нужни луѓе во општеството, но на нашето мало јазично подрачје книгата е нужност. Како што велеше Анте Поповски „во јазикот и во книгата е собран еден цел народ, еден цел дух“. Ако ги изгубиме книгата и литературата, која е трезор на народното постоење, на јазикот и на културата, ние ќе исчезнеме како нација. Блаже Конески има кажано дека „јазикот ни е заедничката татковина на сите“. Само во јазикот сите сме заедно. Ако ја изгубиме книгата, тогаш ќе исчезнеме и самите ние. Од друга страна, јазикот и писменоста станаа економска категорија. На пример, што значи „бекстејџ“? Место да употребиме „зад пердето“ или „зад завесата“ ние употребуваме странски изрази. Своевремено Андре Малро направи се' што можеше за да ги истисне англицизмите од францускиот јазик. Практично, на глобален план општеството оди кон унификација. Да постои еден јазик, да исчезне емоцијата, да се создаде ’хомомакина‘.

Тоа ли е целта на глобализациските процеси што не зафатија истовремено со промената на системот?

- Но, тоа не е само за нас. Со тие процеси се губи светската хармонија. Замислете како порано звучеа Струшките вечери на поезијата. Јапонецот рецитираше на јапонски јазик, Кинезот на кинески, Арапинот на арапски. Имаше полифонија, имаше убавина во звучноста, а сега полека се' се сведува на еден јазик. Со тоа се осиромашува светот, се осиромашува духот и се осиромашува иднината на опстојувањето. Фактички, овие моменти се делови од поемата. Во поемата со која ја добив наградата го напишав тоа што го чувствувам и тоа што гледам дека се случува.

Кога е пишувана поемата?

- Поемата ја започнав во 2007 година, кога се случуваа големите пожари во Македонија. Бев во Нерези, а од другата страна на Водно имаше пожар. И тогаш црни партали паѓаа врз нас. Тоа беше страотен момент, и си реков: Еве ја апокалипсата, дојде! Размислите што пред тоа ги имав за светот, за нас, за Балканот, сето тоа дојде до израз. „Се измешаа светлината и темнината, се измешаа минатото и иднината, се измешаа страните на светот, се измешаа мажите и жените, се оглушува и се обездушува човекот“. Овие стихови се парафрази од поемата. Се обезбожува човекот. Нема никаков страв. Веќе не постои Господ. Во храмовите веќе не се оди ниту од потреба ниту од страв, туку по силата на традицијата. Чувствата, според западната мисла, се рецидиви, остатоци од примитивното живеење. Ние се движиме кон цивилизација во која ќе нема ниту љубов, ниту тага, ниту радост на живеењето. Но, јас не сакам да живеам во такво општество. Ние лапееме по таа цивилизација, но не знам како ќе успееме да преживееме во услови на таква алиенација, на отуѓување на брат од брат, на син од мајка, на ќерка од татко, тоа според мене не е живеење.

Дали во таа смисла поетите се тие што ја имаат функцијата да ги одржат прачувствата кај човекот преку својата поезија и преку сопственото творештво?

- Целото мое битие е насочено кон тоа во мојата поезија да сочувам што можам повеќе од тоа што го чувствувам. Мислам дека постои надежта и се' додека постои различноста ќе постои и поезијата. Хендерлинг своевремено изјавил: „Чуму поезија во скудно време“, меѓутоа со оглед на тоа како се гаснат човековите духовни квалитети и особини, мислам дека поезијата, и сите убави уметности како сликарството, музиката, ќе одат кон поедноставување, а поезијата и смислата за убавината ќе бидат уништени. Ќе исчезне убавината, а убавината е вкомпонирана во самото живеење. Го гледам сликарството, ја гледам скулптурата, ја слушам музиката, ја гледам архитектурата, тие веќе се отчовечени, оддалечени од човекот. Од сите страни се атакува и се ништи убавината.

Проектот за Скопје предизвика силна полемика. Според Вас, дали досега поставените скулптури ја имаат функцијата да го одуховуваат просторот?

- Намерата на тие што ги прават скулптурите е да го разубават градот, и тоа е убавата страна, но сето тоа дојде пребрзо, требаше да помине извесен период на адаптација, нека се направеа само неколку, а не одеднаш урбаната средина да ја бомбардирате со толку многу скулптури. Скулптурата не е македонски квалитет, туку тоа се фреските и сликарството, но сега со скулптурите работите делуваат изнасилено. Посебно на планот на огромните монументални скулптури. Дел од нив ја имаат функцијата, но повеќето се „рогобатни“ работи, не го содржат системот на убавината, не ја носат убавината во себе. Можеби не сме навикнати на тоа, но мислам дека требаше да се подготви една духовна состојба за да можеме полесно да ги прифатиме. Некои се вклопија, но повеќето едноставно висат и ме изненадуваат со својата нефункционалност во просторот. Скулптурите треба да го привлекуваат вниманието, да ги радуваат очите, да се чувствуваш попријатно отколку што си, а не да те иритираат со својот изглед и несмасност.

Каква порака Вие сакате да оставите позади себе, не само преку творештвото, туку и со начинот на живеење?

- Едноставно сум предаден на творештвото и целиот сум претворен во стих. Не ме интересираше кариерата. Правник сум по образование, меѓутоа работниот век го поминав во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Таму бев повеќе од 30 години и не ме интересираше дури ни раководното место. Едноставно, целиот бев предаден на словото, на пишувањето. Во секое време бев врзан со духот на ова поднебје, особено во манастирите, тие белези што ни ги оставило минатото. Со восхит гледам на сопствениот народ и на се' што тој создал, тргнувајќи од старите ракописи, старата архитектура, поезијата, народното творештво, народната песна. Тоа беше и ми остана единствената верба во животот. Секако, тука е семејството кое имаше полно разбирање за мене, и ниту претседателство, ниту директорување, ништо друго не ме интересираше, освен целосно да се претворам во стих. Нормално е дека има многу тегоби во тој начин на живеење, има негирање на тоа што сум и на тоа што сум го направил. Имаше обезвреднување, но успеав да останам верен на своето вјерују. Потврда за тоа што го создавам, дека е вистинскиот пат што сум го одбрал е што ги добив сите македонски книжевни награди, а сега повторно ја добив Прличевата награда како круна на моето постоење. Сега и да исчезнам, ќе исчезнам со ловоровиот венец на Прличев. Тоа е благодат. Од друга страна, во една книга која ќе излезе понатаму, напишав дека не сакам да знам кој сум, туку кој ќе бидам тогаш кога нема да бидам. Проблемот не е во наградите, наградите не го прават поетот, признанието од народот е суштината на творештвото. Но, целта на секое творештво е да остане после исчезнувањето на авторот. Јас имав благороден напор да го создадам, а дали творештвото ќе остане или не, тоа е веќе Божја работа.

Потврдено творештво

Покрај двете Прличеви награди добиени во 1993 година и во 2010 година, поетот, раскажувач, есеист и преведувач, Михаил Ренџов ги добил и „Браќа Миладиновци“ на СВП во 1982 година, „Рациново признание“ за прозно дело во 2004 година, потоа награда за препев, Гран-при за целокупно творештво во 1997 година во Романија, наградата „Ацо Шопов“ во 1998 година и др. За сите награди што ги добил тивкиот поет вели дека се потврда за вистинскиот пат што одбрал да го помине во текот на творечкиот живот.