��oj 106   28.04.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 104

Број 103

Број 102

Број 101

Број 100

Број 99

Број 98

Број 97

Број 96

Број 95

...

26

ИСКРИВЕНИОТ МАКЕДОНИЗАМ НА БЛАЖЕ РИСТОВСКИ


Анастас Вангели (1987), дипломиран политолог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, е постдипломец на Одделот за изучување на национализмот на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, Унгарија. Објавувал статии во „Политичка мисла“ и „Маргина“ и бил колумнист во „Неделно време“ и соработник на „Нова Македонија.” Моментно е колумнист на Интернет-магазинот „Окно“ и независен истражувач

Академикот ги повторува слабостите на нашата историографија: проекција на категориите нација, народ и етникум во минатото

Пишува: Анастас Вангели

anastas.mk@gmail.com

Во вестите на ТВ А1, на 17 април 2009 година, беше емитувано интервју со академик Блаже Ристовски, во кое главна тема беше историската улога на Димитрие Чуповски, но беа допрени и други важни прашања, и во поглед на толкувањето на историјата и околу идеите за улогата на МАНУ и интелигенцијата во јавната дебата.

За ликот и делото на Чуповски не сум голем експерт и би ги прескокнал тие моменти. Меѓутоа, не можам да не се осврнам на некои ставови искажани од академикот и нивните можни импликации. Сметам дека преку настапот на академикот Ристовски на виделина излегоа многу недостатоци кои се типични за македонските општествени научници и истражувачи. Затоа критиките што ги упатувам на негова сметка се воедно и критика на целата академска фела, особено на македонската историографија и нејзиниот пристап кон изучувањето и интерпретирањето на минатото.

ПОГРЕШНИ ИНТЕРПРЕТАЦИИ Прво, некаде околу 2’26’’ од интервјуто, осврнувајќи се на 19 век, Ристовски вели: „Тоа беше време кога Македонија беше без државност“. Имајќи предвид колку раздразнувачка може да биде употребата на терминот Македонија, ваквата несмасна употреба создава илузии дека Македонија е повеќе од територија или политичка единица, добивајќи метафизички карактеристики. Што е тука – „Македонија без државност“? Ако се однесува на регионот Македонија, тогаш е лага, зашто регионот Македонија тогаш бил интегрален дел од Отоманската Империја и имал каква-таква „државност“ во рамките на Империјата. Ако се однесува на „македонската кауза“, тогаш Ристовски имплицира дека таа „македонска идеја“, која се развивала во тој период, целела кон државност (поексплицитно тоа го кажува кога говори за стремежите на македонската интелигенција од 19 век во текот на интервјуто). Со таквата реторика, сепак, Ристовски, свесно или несвесно, имплицира постоење македонски национализам уште во 19 век. Основната модернистичка теорија на национализмот, дадена од Ернест Гелнер, кажува дека „национализам е тенденцијата за совпаѓање на културните со политичките граници“. Постоењето македонски национализам во 19 век, тогаш, бара целосно поинаков научен приод – критичка анализа во контекстот на теориите на национализмот, а не поедноставено хронофоно, инструменталистичко и телеолошко читање од дистанца. Тоа подразбира и напуштање на југословенската реторика на „национално ослободување од клетите Турци“ со нагласен социјален аспект, затоа што реториката на националното ослободување е негативно дефиниран поим, додека национализмот каков што го замислува Ристовски е позитивно дефиниран. Сепак, адвокатите на тезата за „македонски национализам во 19 век“ имаат несовладлива пречка во отоманскиот контекст, кој е целосно различен од модернистичкиот контекст во кој се развива национализмот. Затоа, да се третира „македонскиот национализам“ како западноевропските е бесмислено, базирано е врз погрешни премиси.

Колку за илустрација, некаде околу четвртата минута во интервјуто, говорејќи за „македонската идеја“, Ристовски вели дека била проектирана идеја за Македонија како „една целина“. Ваквата реторика е проблематична – за каква целина говори Ристовски? Никогаш не постоела засебна политичка единица која соодветствувала на тие граници (кои ги гледаме на картите на т.н. „етничка“ Македонија). Да, таа карта била цртана на знамиња и била третирана како симбол, но никогаш во историјата немало модерна државна творба што соодветствувала на тие граници. Единствената политичко-административна граница што постоела и што соодветствува на таа карта на „етничка“ Македонија може да се најде на картата на „Турција во Европа“. Затоа е погрешно да се зборува за „една целина“, зашто таква целина никогаш не постоела; само била замислувана и посакувана. А ако таа целина се' уште „ја замислуваме и посакуваме“, тогаш тоа е аргумент плус за оние што сакаат да докажат дека постои македонски иредентизам.

Ристовски ја употребува реторичката фраза „една територија – еден народ“ и повторно прави структурна грешка. Прво, не е јасно за кој народ зборува. Но, пострашно е што категоријата „народ“, која е својствена за советскиот и југословенскиот начин на категоризирање, тој ја проектира во време кога таква категорија не постоела. Најблиско нешто до „народ“ во тој период била категоријата „милет“, која била сепак базирана на верската припадност и ги опфаќала сите православни жители кои живееле во регионот. Користејќи ја реториката „ние сме биле“, која Ристовски ја употребува, може да се каже дека првенствено нужно „сите сме биле“ само Руми (Румелијци), а другите припадности доаѓаат подоцна, со сите дебати за нив (меѓу другото, и создавањето на Булгар милетот). Токму несензибилното проектирање на категориите „народ“ и „нација“ во минатото е одлика на иредентизмот и на останатите балкански историографии (на пример, бугарската, која методолошки неисправно поставува знак на еднаквост помеѓу припадниците на Булгар милетот и бугарската национална припадност).

Читањето на отоманското наследство како настан (500 години сведени на два збора, „турско ропство“) или, како што вели Марија Тодорова, толкувањето на тоа наследство како перцепција, а не како континуитет, кај Ристовски води и до неразбирање одредени политички идеи од тоа време, како на пример кога некаде околу 5’45’’ од интервјуто почнува да кажува контрадикторности околу идеите за балканска федерација. Етноцентристички, тој се обидува да ја презентира идејата за федерација како компромис кој „сме морале да го направиме“ (кои сме тие „ние“, повторно?), зашто „соседите имале држави и можеле да вршат пропаганди, а „ние“ сме немале држава, па сме ги немале тие благодати“. Освен што имплицира дека пропагандата е благодат, Ристовски не зема предвид дека идејата за балканска федерација била присутна и промовирана од многу други „немакедонски“ идеолози, во различни форми, зашто таквата идеја не била водена, како што вели тој, од мотивот „да се зачува државата“, туку да се избори автономија од Истанбул. 


Чуповски Неопходност од препрочитување на историјата

 „НАЦИОНАЛНИ ХЕРОИ“ Зборувајќи за современиот развој на настаните, некаде околу 3’30’’ од интервјуто, Ристовски имплицира дека „нашата интелигенција одела по туѓи средини и паѓала под влијанија, а денес македонските интелектуалци се школувани дома“, притоа целосно неакадемски замижувајќи пред премисата дека нема поголема националистичка пропаганда од школувањето дома. Особено за историјата и историографијата, неопходен е контакт со „надворешниот свет“. Македонската историографија токму поради тој изолационистички дефанзивен приод пати од синдромот на затвореност и перпетуирање на сопствените митови. Како што германскиот историчар Улф Брунбауер забележува, неконсултирањето со меѓународни извори, немањето никакви компаративни историски истражувања и методолошката старомодност се само дел од „несреќата“ на македонската историографија.

Блаже Ристовски, академик и интелектуалец, исто така, рече дека гледа национални херои меѓу интелектуалците. Но, интелектуалците во совремието се оние кои треба да демистифицираат, деконструираат, објаснат... Со ваквите ставови (како што рече самиот, интелектуалците треба да ја изразат „македонската национална мисла“), Ристовски тотално паѓа во категоријата „предавнички и корумпирани“ интелектуалци (така Жилиен Бенда ги дефинираше интелектуалците заведени од политичките страсти во „Предавството на интелектуалците“). Згора на тоа, синтагмата „национална мисла“ е тотален оксиморон, затоа што (а и самиот Ристовски во интервјуто го кажува тоа) „националното“ може да биде чувство, или припадност, што само по себе е емотивна компонента што е диспаратна, ако не и целосно спротивна на концептот на „мисла“. Ристовски имплицитно ја третира „нацијата“ и нејзиното сепство како колективен организам, кој функционира или треба да функционира одделно од сите општествени ентитети, ригидно дефинирајќи ги клучните идеи, нешто што на посткомунистичкиот Балкан доведе и до геноциди и граѓански војни.

Ристовски околу 7’45’’ од интервјуто кажа и дека „нашиот народ (...) се' уште не си ја знае својата историја и се двоуми помеѓу туѓите пропаганди“ и порача дека „треба да развиваме национална свест“, што повторно не' враќа назад до „Предавството на интелектуалците“ на Бенда и до органицистичкото толкување на нацијата. Точен е примерот кој Ристовски го спомена, дека „Америка е ужасно националистичка“, меѓутоа не треба да се зема тоа како пример, зашто американскиот национализам не е ништо друго освен мобилизација за војна. Академикот, исто така, забележа дека во Македонија „повеќе се грижиме за некои малцински етнички групации отколку за македонскиот народ“, неточно цитирајќи го Уставот, кажувајќи дека Македонија е конституирана како „држава на македонскиот народ и народите од соседните држави“, имплицирајќи ја по којзнае кој пат заблудата дека Македонија е исклучиво нација-држава на Македонците, во која останатите се граѓани од втор ред.

Ваквата неконзистентност на Ристовски, преминувањето од пофалба на „исполнувањето на вековните стремежи и постулатите на Чуповски“ кон критикување на народот кој не си ја знае историјата, се заокружи со изјавата дека за наводната „лоша состојба“ токму „одговорен е народот“ (9’05’’). Уште една несигурност, веднаш потоа, Ристовски изнесе и во врска со терминот „Славјано-Македонци“, кој Чуповски и современиците го употребувале да се декларираат себеси во странство; Ристовски имплицира дека тие ја употребувале „референцата“ за да ги задоволат великоруските интереси? Пак се чини дека се осовременуваат работи кои биле ситуирани во сосема поинаков контекст, во многу нешта неспоредлив со сегашниот.

Кон крајот на интервјуто, околу 14’, Ристовски се произнесе и за предлогот „Северна Македонија“, велејќи дека тој сугерира дека се работи за една нова држава без култура, историја итн. Ваквото тврдење е нелогично, зашто културата и историјата и сите карактеристики на една заедница не се настани кои во точно зададени интервали започнуваат и завршуваат, туку се наративи кои траат и се развиваат со текот на времето. Повторно се покажува дека Ристовски ги прифаќа општествените феномени некритички, придавајќи им непотребен есенцијализам.

ФАБРИКУВАЊЕ МИТОВИ Ваквата реторика на Ристовски само се вклопува во она што експертите за регионот го увиделе за македонската современа историографија (како и за други случаи од посткомунизмот) – дека таа е базирана на митови, еклектична е, нереспонзивна кон промените во глобалните академски трендови и слично (во ваквите истражувања мора примат да му се даде на германскиот историчар Улф Брунбауер, кој има напишано неколку статии за македонската историографија). Јасна е и паралелата со она што го кажува српскиот социолог Синиша Малешевиќ за српските „идентитетски интелектуалци“ (школувани за време на СФРЈ) и нивната клучна улога во ширењето на етнонационализмот и етноцентризмот - интелектуалците во српското (а воедно и во македонското) сценарио се потчинуваат на преовладувачката реторика и дејствуваат како апологети, без оглед на тоа кому се потчинуваат. Впрочем, национализмот и институционализацијата на националните митови се директна последица на Титовата политика по Втората светска војна. Македонскиот Институт за национална историја, на кој со закон му е дозволен монопол врз историската научноистражувачка дејност, формиран е токму во времето на Тито, а тогаш прв пат и официјално се продуцирани томовите под наслов „Историја на македонскиот народ“. Значи, тоа импровизирање и постепено фабрикување митови не е нешто ново, туку си влече корен од минатиот поредок. Парадоксално, националистите и „македонистите“, запаѓајќи во „митот на потиснатите национални чувства“, како што вели познатиот теоретичар на национализмот Роџерс Брубејкер, го обвинуваат „југокомунизмот“ за репресија на македонскиот национален идентитет, иако фактите го говорат спротивното.

Ристовски во ова интервју само ги репродуцираше грешките на македонската историографија: проектирање на категориите нација, народ, етникум во историјата; гледање на настаните без чувство за континуитет, туку како една перцепција во минатото; македоноцентрично читање на голите факти без нивна контекстуализација надвор од рамките на Македонија и „македонското“ и, најпосле, тој внесува конфузија околу целите на МАНУ – наместо да „просветлува“, Ристовски тврди дека интелектуалецот и Академијата треба да бидат ставени во функција на националната кауза.

Значи, Ристовски ја повторува двојната грешка на македонската историографија и општествена наука воопшто – првенствено, методолошка (зашто не ги разбира категориите со кои оперира) и второ, функционалистичка (зашто се става во служба на националните интереси). Се' додека не се поработи на овој проблем, чиј симптом е интервјуто на Ристовски, за жал, јавниот дискурс и Академијата ќе бидат инфицирани од националистичкиот сентимент. Констатацијата дека и останатите балкански историографии патат од истиот проблем е точна, но е недоволен аргумент за да се оправдаат македонската игнорантност и етноцентризмот.