��oj 124   01.09.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 122

Број 120-121

Број 119

Број 118

Број 117

Број 116

Број 115

Број 114

Број 113

Број 112

...

26

САД БИЛЕ ПРОТИВ БУГАРСКАТА ИНВАЗИЈА НА МАКЕДОНИЈА


Американскиот амбасадор во Софија на почетокот на Втората светска војна на свеченост во Вашингтон со претседателот Рузвелт

Американски контакти со бугарските власти на почетокот на Втората светска војна

Пишува: Борче Синадиновски

Од тајните американски дипломатски преписи, уредно архивирани, дознаваме кој бил изговорот за бугарската окупација на Македонија. Нашиот источен сосед се плашел дека Италија ќе ја окупира Македонија и тамошната влада не сакала да му го дозволи тоа на Рим. За Бугарија било подобро „Македонците да бидат Бугари отколку Италијанци” му рекол тогашниот бугарски министер за надворешни работи Иван Попов на американскиот дипломат во Бугарија - Џорџ Х. Ерл, на нивната средба од 11 април 1941 година. Истиот тој ден овој американски дипломат упатил телеграмска порака до американскиот државниот секретар Самнер Велс, со указ таа да му се предаде на председателот Рузвелт.

ОПОМЕНА Од истите архиви се дознава дека уште пред почетокот на Втората светска војна САД не само што внимателно ја следела бугарската окупаторска претензија кон Македонија и другите соседи, туку силно ја одвратувала да не влегува во воен сојуз со Германија. Во таа насока, американските дипломати во Бугарија имале чести контакти со многу влијателни бугарски политичари вклучувајќи ги и премиерот Богдан Филов, министерот за надворешни работи Иван Попов. Американските дипломати се сретнале и неколку пати директно и со цар Борис. Во една од тие средби, дипломатот Ерл во телеграмата до американскиот државен секретар Самнер Велс од 13 април 1941 пишува дека тој лично го уверил Иван Попов дека „Америка несебично ќе ја ангажира својата голема индустриска моќ и силно ќе ја подржи Англија и нејзините сојузници за да ја победат Германија и останатите членки на Тројниот пакт“. Тогаш категорично и било сопштено на Бугарија дека американскиот народ ќе ја гледа бугарската инвазија на соседите како акт на агресија и остро ќе реагира против таквата агресија. За Бугарија да се увери во решителноста на американската влада дека одлучно ќе застане во одбрана на Британија и на нејзините сојузници, американскиот полковник Донован допатувал во Софија и имал лична средба со царот Борис на 23 јануари 1941 година, за лично да му ги соопшти ставовите на својата земја.

Но, сето тоа американско настојување не било доволно за да се одврати Бугарија од големобугарскиот национален сон.

Само неколку месеци пред бугарската инвазија на Македонија, бугарскиот премиер Богдан Филов на 12 јануари 1941 година, во градот Русе, до романската граница, изјавува дека Бугарија не верува во идејата за прекројување на границите на Балканот со употреба на воена сила и дека единствениот начин за остварување на равноправна територијална расподелба на Полуостровот е остварлив само исклучиво преку политички дијалози. Но, оваа бугарска политичка магла била веднаш откриена. Американскиот амбасадор во Москва, Лоренс Адолф Стеинхарт, во телеграмата од 13 јануари 1941 до американскиот Стејт департмент, го известува државниот секретар дека весникот „Правда“ од истиот ден, само еден ден по говорот на Филов, пишувал дека западните сили веќе биле информирани дека „извесен број на германски војници биле преферлени во Бугарија“. Весникот „Правда“ ја негирал информацијата дека Советскиот Сојуз предходно го одобрил тоа. Тука очигледно се гледа дека Бугарија била под непрекидна опсервација на големите сили, бидејќи тие не и верувале. А таа недоверба се обестинила само за нецели два месеци подоцна, кога Бугарија го потпишала Тројниот пакт.


Цар Борис и Адолф Хитлер

ОБРАЗЛОЖУВАЊЕ Откога Бугарија и официјално станала сојузник на Германија, бугарскиот министер за надворешни работи Иван Попов на 11 април 1941 година му го образложил на амбасадорот Ерл германско-бугарскиот окупаторски план за Балканот и за Македонија. Амбасадорот Ерл со телеграмата од истиот ден веднаш го известил американскиот државен секретар со содржината на тој план која гласела:

1 Југославија, како една мала земја уште еднаш ја докажа својата самоубиствена тензија, спротивставувајќи се на една голема и тешко механизирана армија.

2 Германија нема територијални претензии на Балканот.

3 На Хрватска и Словенија ќе им се даде независност.

4 Бугарија го третираше македонското прашање како свршен чин, но германската инвазија на Југославија повторно го отвори тоа прашање.

5 Бугарија беше подготвена да и' се даде независност на Македонија, но затоа што Италија ја бараше Македонија, заедно со Солун, за себе и бидејќи Македонците се Словени, од кои најголем дел од нив се Бугари, штом не им е дозволено да бидат независни, тогаш подобро е тие да бидат Бугари отколку Италијанци.

6 Германија апсолутно нема желба да биде во војна или да војува со Турците, ниту пак да поминува низ Турција.

7 Русија е без специфичен воен план за Истанбул и Босфорот, но само нејзиниот страв од германската офанзива на Украина ја попречија да ги окупира овие делови.

8 Ниту Британија, ниту пак Германија треба да го сносат товарот на вината за избивањето на војната на Балканот - единствениот човек кој за тоа е исклучиво одговорен е Мусолини.

Веднаш по бугарската окупација на Македонија, американскиот амбасадор во Германија - Леланд Б. Морис, во телеграма од 25 април 1941 година до државниот секретар пишува дека „по посетата на цар Борис на Хитлер, бугарскиот премир Филов испратил телеграма до Хитлер во која многу длабоко и се заблагодарува на неговата земја за големета помош што пријателска Германија и' ја понудила на Бугарија за успешната национална унификација”. На ова германскиот министер за надворешни работи Јоаким Вон Рибентроп, во телеграмата до неговиот бугарски колега, Иван Попов, го пофалил „возобновеното вооружано братство” и ја подржал „заедничката иднина на двата братски народи, сплотени брз базата на Тројниот пакт, чии сили цврсто се заложуваат за нов и праведен поредок во Југоисточна Европа.” Во истата телеграма амбасадорот Морис понатаму пишува дека Германија и го отстапува на бугарската окупаторска војска “целиот егејски регион, источно од Струма, јужниот дел од Србија, се' до албанската граница, како и градовите Прилеп, Ресен, Битола и Скопје“. На крајот на телеграмата тој констатира дека „преку оваа окупација Бугарија ги проширува своите граници во рамките на Сан Стефано од 1878 година.” 

ОДБРАНА Веднаш по окупацијата на Македонија, бугарскиот амбасадор Димитри Наумов се состанал со американскиот државен секретар Самнер Велс, на 26 Април 1941 во Вашингтон, каде побарал од него разбирање за бугарската окупација на Македонија и соседните држави. Амбасадорот Наумов рекол дека како „резултат на германската инвазија на Југославија, континуитетот на локалните власти биле прекинати и дошло до големи нереди, поради што бугарската влада била приморана да ги окупира тие краишта, за да воспостави ред и мир и да го заштити бугарското население кое таму живеело во голем број”. На тоа американскиот државен секретар одговорил дека не го прифаќа тоа образложение, затоа што Бугарија „окупирала територии кон кои се стремела последните дваесет години” и со тоа докажала дека „Бугарија влегла во пактот со Германија со срце и душа.”

Овие американски дипломатски преписки без сомнеж докажуваат дека бугарската шовинистичка опсесија со Санстефанската држава и била многу јасна и на американскитата дипломатија уште пред почетокот на Втората светска војна. Будно следејќи ја бугарската политика, Американците доаѓаат до заклучок дека Бугарите почнуваат „да ја оживуваат бугарската држава од пред илјада години“ (телеграма од Ерл, 27 Април 1941 година). Истиот дипломат понатаму вели дека се здобива „со импресија, која од ден на ден е се' посилна, дека Германија ќе го искористи овој измачен народ за да создаде многу силна државакоја ќе и чува југоисточниот дел на Европа”. Поради оваа цел, заклучува американскиот дипломат, „Германија и' дозволи на Бугарија да ја окупира егејска и југословенска Македонија“.

Споредувајќи ги овие дипломатски преписки со денешните изјави на бугарските високи политичари, неизбежно се доаѓа до констатација дека бугарскиот санстефански сон уште царува во Бугарија. Единстената разлика помеѓу денешна Бугарија и онаа од Втората светска војна се состои во тоа што сега Бугарите не можат да ги обвинуваат Србите и Италијанците за нивната агресија кон Македонците, па отидоа до тој апсурд што тие сега пропагираат дека на Македонците ќе им биде подобро да се Бугари, отколку Македонци. Ова, само докажува дека последниве бугарски брутални напади врз македонскиот национален идентит се само одраз на една шовинистичка идеологија, која длабоко е закоренета во бугарската држава и нејзините институции. И не е ништо чудно што и до ден денеска бугарските водечки политичари и академици не само што останале робови на слепиот балкански националим, туку тие, рамо до рамо со истомислениците од Грција, се воздигнале на водечката позиција во балканската лига на етношовинизмот.

Ќе можат ли сега Американците, кога Бугарија е под нивната контрола, оваа задремена земја да ја освестат од сан стефанскиот сон?

Кој е американскиот амбасадор Ерл?

Џорџ Х. Ерл (1890 - 1974) станал амбасадор во Софија на почетокот на 1940 година, кога се наѕирала војната и на Балканот. Во летото 1941 година, пред САД да влезат во војна против силите на Осовината, тој лично се сретнал со Адолф Хитлер и му рекол дека „нема ништо против германскиот народ, но дека тој лично не му е симпатичен“.

Во 1943 година во Вашингтон го предводел тимот кој требал да изготви план за морнарички напад на Турција. Бил дел од луѓето за врска со заговорниците во германската армија против Хитлер. Пред војната бил избран за гувернер на Пенсилванија (1934- 39) и бил познат како „човек од народот“.

 

 

Џозеф Донован во специјална мисија

Генерал-мајорот Џозеф Донован (1883 - 1959), кој на царот Борис му ја донел последната порака од Белата куќа да не влегува во војна и да не ја окупира Македонија- Џозеф Донован, влегува во редот на најпознатите воени известувачи во текот на Втората светска војна. Работел за Office of Strategic Services (OSS) и се смета за еден од татковците на денешна ЦИА! Пред војната, во 1932 година се кандидирал за градоначалник на Њујорк, но не успеал во трката за ова престижно место во американската управа. Кога, почина, во февруари 1959 година, на неговиот закоп на воените гробишта во Арлингтон, претседателот Двајт Ајзенхауер одржа говор во кој го нарече „последниот херој“.

 

 

 

На што бил лут дипломатот Велс?

Дипломатот Бенџамин Самнер Велс (1892 - 1961), кој како државен секретар го примил „извинувањето“ на бугарскиот амбасадор во Вашингтон, по повод влегувањето на бугарските трупи во Македонија, во стилот „морално беше“, даде отставка на местото втор човек во меѓународниот дел на кабинетот на Рузвелт во 1943 година. Бил вплеткан во еден хомосексуален скандал и Едгар Хувер (кого потоа исто така ќе го сомничат за истата страст) му ја запечатил кариерата.

Санер бил алергичен кон менување на „географијата“ пред и за време на војната, особено бил лут кога Сталин ги окупирал балтичките држави. Кон потезите на Бугарија имал слично мислење. Бил градител на предвоената Стимсон доктрина во дипломатијата (1940 г.).