��oj 28   30.10.2007
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за
читање on-line

Број 26
 

Број 25

Број 24

Број 23

Број 22 

Број 21

Број 20

Број 19

...

30

ФИЛМСКО СЦЕНАРИО ЗА НАСЛЕДСТВОТО НА ТАШКОВИЌ



Душан Гогиќ (81) седумнаесет години се обидува да докаже дека зградата на улицата „Орце Николов“ бр. 90 во Скопје е наследство од врската на неговата мајка и дедото на македонскиот министер Ташковиќ

Пишува:
СИНИША СТАНКОВИЌ
s.stankovic@globusmagazin.mk

фото:
АНДРЕЈ ГИНОВСКИ и приватна архива


Пензионираниот гимназиски професор од Целје Душан Гогиќ (81) седумнаесет години се обидува да ја докаже својата вистина пред македонските судови. Тој и неговата сестра Бојана Сремац (82) од Земун, обајцата словенечки државјани, тврдат дека нивната мајка Евгенија (Женка) Рајер - Гогиќ - Ташковиќ - Линк, (1902-1988), била финансиер и деловен партнер при изградбата на зградата на улицата "Орце Николов" број 90 во Скопје, градена во 1938/39, во време на функционирањето на десетгодишната вонбрачна заедница со архитектот Глигор Ташковиќ. Денес спорната зграда ја одзеле најпрвин окупациските власти во 1941 година, а по Втората светска војна била повторно одземена и користена од комунистичките власти, се' до 1958, кога станува општествена сопственост без формално решение за национализација, по што во 1961 година осумте стана и локалите во зградата биле издадени на разни корисници под кирија.

НАСЛЕДНИЦИ По смртта на архитектот Ташковиќ (во 1963 во САД), дури во 1990 година зградата на КП 6671/4 ја наследуваат Ото Ташковски и Вуко Ташковиќ, деца родени во неговата заедница со Евгенија, но постапката е изведена без знаење и учество на другите наследници, нивните два полубрата Првољуб и Душан и полусестрата Бојана, децата од првиот брак на мајката Евгенија. Така, иако становите му биле дадени на управување на тогашниот СИЗ за домување на град Скопје, се воделе како општествени и во нив живееле и живеат осум семејства, во Геодетската управа на Скопје зградата се воделе како сопственост на браќата Ташковиќ. По десетици рочишта, судскиот процес 2859/90 се' уште трае, а Гогиќ и Сремац сега ги тужат наследниците на починатите во меѓувреме браќа Ото и Вуко, американските државјани Касандра и Фелиција Ташковиќ (сопруга и ќерка на Ото) и Стефани, Глигор и Марк Ташковиќ (сопруга и синови на Вуко) и Република Македонија, како титулар на државната сопственост...

Долгогодишниот судски спор би бил само една од многуте тажни приказни за македонското судство, зад него да не се кријат неколку животни приказни кои 'плачат' за филмско сценарио. Провокацијата не е само во тоа што еден од тужените во спорот е актуелниот министер без ресор во македонската Влада, задолжен за странски инвестиции Глигор Ташковиќ и што неговиот дедо, по кого е крстен, и за чие наследство се работи, бил прочуен градежник и пратеник во Кралството Југославија, туку, пред се', во љубовната приказна на Евгенија и Глигор и судбините на нивните деца во кариерата на дедото Глигор и "животот" на спорната зграда, како и во долго исчекуваната судска разврска, која ќе се одрази и врз осумте семејства кои сега живеат во становите во зградата...


Евгенија и Глигор Ташковиќ со синот Ото во Скопје, 1937

ЉУБОВНА ПРИКАЗНА Според тужителот Гогиќ, неговата мајка, Словенката Евгенија Рајер, со сопругот, капетан прва класа на тогашната кралевска војска Живорад Гогиќ и со трите деца, по неговата прекоманда во 1930 година, од Целје се доселува во Битола. Според Гогиќ, кој се повикува на сеќавањата д-р Златан Шкоберне од Целје, мајка му Евгенија, која потекнувала од богато семејство и зборувала германски, била единствената жена која низ улиците на тогашна Битола сама го возела својот голем мотор. Во Битола, таа го запознава градежниот инженер Ташковиќ, вработен во Општината, и обајцата ги напуштаат тогашните сопружници. Капетанот Гогиќ е пензиониран и ги напушта Битола, сопругата и децата, кои кус период минале и во прифатилиште, а архитектот Ташковиќ започнува заеднички живот со Евгенија, со финансиска поддршка на нејзините богати родители од Словенија.

Иако не биле венчани, зашто не можела да добие развод од црквата, Евгенија Рајнер - Гогиќ почнала да се потпишува со презимето Ташковиќ. Според нејзиниот син, Евгенија во 1931 година изнајмила еднокатна вила која ја опремила со мебел и во која по доселувањето на Ташковиќ само со куфер лична гардероба, живееле заедно со трите деца се' до одлуката да се преселат во Скопје за да учествуваат на лицитациите во Белград за изградба на државните градежни објекти. За таа цел, тврди Гогиќ, приложувајќи документи, мајка му во 1932 година го ополномоштила Ташковиќ да го продаде нејзиниот имот Савињски дворац во Целје за да започнат заедничка работа во градежништвото. Во февруари 1933 година, петчленото семејството се вселува во петсобен стан во Скопје, за кој киријата и мебелот, според Гогиќ, ги плаќа Евгенија. Во тој стан, во 1933 година, им е роден првиот син Ото(н), а во следниот стан под кирија, во 1938 година, и помладиот син Вуко(та). Во тој период Евгенија, според Гогиќ, нарачува и купува луксузен автомобил "стадбекер" со регистрација 111, со кој заедно со Ташковиќ патувале по градилиштата низ Македонија, Косово, Црна Гора и Словенија.

ДЕЛОВНИ ПАРТНЕРИ Гогиќ тврди и дека мајка му со овластување на неговиот очув, како негов деловен партнер, учествувала на лицитациите на Министерството за градежништво на Кралството Југославија и во тоа имала успеси и покрај големата конкуренција. Според Гогиќ, во 1938/39, Евгенија и Глигор во семејна заедница, а со пари од богатиот мираз на Евгенија и од заедничката заработка од развиениот градежен бизнис, на местото на некогашната градина прва класа на Мулафија Јакуп Салватор ја изградиле семејната зграда на аголот на улиците "Кнез Арсен" и "Обилиќев венац" (сега "Орце Николов" и "Ленинова") и во неа се вселиле со своите пет деца. Во тој период, Ташковиќ станува угледен архитект на подрачјето на цела Југославија, а ја започнува и политичката кариера како лидер на Земјоделската партија на Македонија и пратеник и сенатор во Белград.

Но, по започнувањето на Втората светска војна, семејната заедница се распаѓа, Ташковиќ заминува во САД, каде што подоцна и ќе се ожени, ќе има успешна кариера, и ќе живее се' до смртта, а Евгенија е интернирана во Бугарија до 1944 година, за потоа и таа да замине за САД, и да се омажи за Американецот Макс Линк... Во 1942 година, според тапијата за парцелата од 1937 година, зградата се евидентира во П.Л. 9771 на Глигор Ташков Трифунов. Комунистичките власти, по ослободувањето, едно време во зградата го сместиле Централниот комитет, за потоа зградата да и' припадне на општината Идадија, и оттогаш во неа живеат осум скопски семејства...

СВЕДОШТВА Сведочењето на првиот тужител Бојана Сремац дадено пред судот во Скопје се совпаѓа во главните елементи со потпишаната изјава на нејзиниот брат Душан, кој досега не дал исказ пред судот, и тие тврдат дека мајка им и очувот заеднички работеле, и последните 17 години бараат да им се признае дека Евгенија е сопственик на идеална половина од спорната зграда. Најстарото дете од првиот брак на Евгенија, пак, Првољуб Гогиќ (84), кој најпрвин, како мајка му, го зел презимето Ташковиќ, а сега под името Хуго Ташковиќ живее во Франција, не се приклучил кон тужбата. Според неговата изјава, која одбраната ја доставила до судот, тој тврди дека Глигор Ташковиќ, како докажан инженер и градител, се сметал за богат човек во Македонија и дека "секако можел да го изгради и да си го дозволи големиот дом во кој сите ние живеевме". Хуго Ташковиќ тврди и дека работел за очувот Глигор во тој период, "во голем дел од неговите проекти", иако кога се градела спорната зграда бил на возраст од 16 години. Но, и тој во изјавата, како и одбраната, ги истакнува големите деловни успеси на архитектот Ташковиќ, кој со фирмата во која имал 3.000 вработени, работел и на "Банската палата" (денешното Собрание на Македонија), на болницата во Штип, Железничката станица во Скопје, мостовите на Црна и на Дрим и кај Велес, Хидробиолошкиот институт на Охридското Езеро, на 17 силоси за жито низ Југославија, на регулација на реката Савиња во Словенија, на болницата во Косовска Митровица, но и на објекти во Бугарија и во Турција... Па, следствено на тоа, не му бил неопходен богатиот мираз на невенчаната сопруга за да ја изгради семејната зграда...

Во текот на маратонското судење, не оспорувајќи ги успесите и подоцнежната кариера на Ташковиќ, обвинителите приложуваат сведочења на осуммина современици, тогашни соседи или пријатели, кои сега живеат во Словенија и во Србија, и кои тврдат дека богатиот мираз на Евгенија бил основата за понатамошните заеднички успеси во градежништвото. И, дека за време на брачната заедница, покрај нејзиното наследство вложено во заедничкиот бизнис, таа била и деловен компањон на својот сопруг, се грижела за финансиите и ги исплатувала работниците. Од друга страна, и одбраната приложила две сведочења на роднини на Ташковиќ, кои тврдат дека во 1938 година присуствувале на разговор во кој Ташковиќ им рекол дека "одвоил доволно пари и време и се подготвува да изгради куќа (зграда) за него во Скопје"...

Коментар за случајот побаравме од Глигор Ташковиќ, кој името го добил по својот познат дедо, кој по природата на нештата е и единствениот од наследниците што досега се појавил пред македонскиот суд, и кој во јануари и март годинава го изнел својот став за тужбата. Госпоѓата Ана Пановска од неговиот кабинет не' извести дека господин Ташковиќ ги добил прашањата, но затоа што се работи за процес кој е во тек, за сите одговори не' упати на неговиот адвокат Татјана Поповски од канцеларијата "Поленак". За жал, поради презафатеност на адвокатката, минатата недела не успеавме да оствариме телефонски контакт...

ГЛИГОР ТАШКОВИЌ ЗА РОДНИНСКИТЕ ВРСКИ

Според достапните искази на господинот Ташковиќ, кој е сослушан пред судот во својство на странка, дедо му го стекнал богатството преку успешниот градежен бизнис и преку наследство од семејството од Битола и, според негово мислење, "Евгенија нема никаква врска со објектот што е предмет на овој спор во врска со градењето".

"Луѓето кои ја поднесоа тужбата против нас никогаш не биле дел од мојот живот", изјавил Ташковиќ и тврдел дека за полутетката Бојана не чул се' додека не починал татко му, дека Евгенија Линк никогаш не ја сретнал и дека нема информации дали таа живеела со дедо му во заедница и колку време, односно дека во семејните архиви нема заеднички фотографии од дедо му и Евгенија.

Ташковиќ тврди и дека чичко му Хуго ги прекинал комуникациите со своите брат и сестра, зашто бил "свесен дека пред судот се дадени лажни изјави", а дека неговата посета на получичкото Душан во Целје во 1998 година била мотивирана од желбата да ги залечи раните од прекинот на врските по тужбата, но дека заедничките фотографии, искористени како доказен материјал од тужителите, се злоупотреба на посетата. Според него, татко му Вуко бил многу лут кога во 1990 година ја добил тужбата од својата полусестра со која немал никаква комуникација...