��oj 91   13.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

Број 78

Број 77

...

34

ТРОЈКИ ГИ КОНТРОЛИРААТ ПРОФЕСОРСКИТЕ ПЛАТИ


Еден од оние факултети кои можат да се пофалат со солидни примања е Економскиот факултет, кој се верува дека води во однос на високи примања: Бобек Шуклев, декан на Економскиот факултет

„Просечната плата кај нас се движи околу 2.250 евра, додека плафонот е 3.100 евра“, вели сопственикот на Европски универзитет, Бојо Андрески

пишува: Жаклина Хаџи-Зафирова

Деканот на Економскиот факултет, Бобек Шуклев вели дека тројки составени од по двајца претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјала и Финансиската полиција пред два месеца го посетиле нивниот факултет, откако била донесена одлука за зголемување на платите за 10 отсто. Шесте инспектори кои биле предводени од шеф, на факултетот се појавиле со специјално писмо на кое пишувало дека е строго доверливо. „Писмото беше наменско, за Економскиот факултет. Во него беше објаснето дека се формираат тројки надвор од системските органи на власта. Дојдоа шест инспектори кои направија записници и отидоа. Нарачателот на оваа посета веројатно ќе биде разочаран бидејќи нема што да најде кај нас на факултетот“ објаснува деканот на Економскиот факултет, Бобек Шуклев. Тој потврди дека донеле одлука за зголемување на платите на вработените во факултетот за 10 отсто. „Зголемувањето на платите беше во октомври, кога се случи и општото зголемување на платите во државните институции. Ние се движиме во рамките на финансискиот план“, потенцира Шуклев. Деканот уверува дека надлежните органи немале забелешки на ваквото зголемување на платите. 

ЛИМИТ Во јавноста преовладува мислењето дека само небото е лимит за примањата на универзитетските професори кои предаваат на високообразовните институции кај нас. Суми од илјадници евра и денари се вртат во јавноста врзани за имињата на одредени професори, но, официјално, овие баснословни суми не ги признаваат ниту самите професори или декани, иако упатените посочуваат на бројните професорски ангажмани поради кои дебело заработуваат.

Додека платите на професорите кои предаваат на државните универзитети се мерат во илјадници денари, оние на професорите од приватните високообразовни институции се изразени во илјадници евра. Па така, ако стартната плата на професор кој работи на приватен универзитет е најмалку 1.000 евра, на дел од државните универзитети оваа сума може да се искачи и да биде двојна, па и повеќе. Но, тоа е заблуда ако се има предвид фактот дека едноставно нема ограничувања кога станува збор за примања кои еден професор ги добива по разни основи, што е посебно случај со државните факултети. Сметките на професорите кои работат под државна капа се полнат од ангажмани по најразлични основи, почнувајќи од учества во комисии, постдипломски студии, изработка на елаборати, учебници, истражувања, шефување со катедри и што уште не. А надоместокот за тоа го добиваат во договор со деканот на факултетот каде им се нудат безброј можности за да го мултиплицираат фиксниот износ кој го добиваат од државата. 

КРИТЕРИУМИ „Платите во високото образование се делат незаконски“, тврди првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура, Дојчин Цветановски, кој ја иницираше изработката на колективни договори за високо образование и наука со цел да се воспостават унифицирани критериуми за распределба на платите во државните високообразовни институции.

Првиот човек на скопскиот универзитет, Велимир Стојковски вели дека неговата плата изнесува нешто повеќе од 1.000 евра, што реално може да се мери со најмалата можна фиксна плата на професор на приватен факултет. Поточно тој, како и сите редовни професори зема околу 37 илјади денари, а дополнително него го плаќаат државата и универзитетот, за што зема уште 39 илјади денари. Кога сето тоа кога ќе се собере се добива сумата од 76 илјади денари или нешто повеќе од илјада евра. Сепак, оваа сума е помала од онаа што ја земаат негови колеги-професори, исто така, во рамките на универзитетот, а кои даваат часови и на други, приватни универзитети или пак имаат дополнителни ангажмани надвор од оние примарните. Нивниот број не е мал.

„Немам ништо против тоа некој да зема висока плата. Ако таа може да помине низ финансискиот систем значи дека е легална,, коментира Стојковски на тема колку високи плати зема универзитетскиот кадар кај нив. Затоа, ректорот им објави војна на сите професори кои досега работеле надвор од институцијата, поради што има сомневања дека ја запоставиле својата примарна обврска кон матичните високообразовни институции. „Не може професорите да предаваат на други места, а работата да им ја вршат асистенти“, дециден е ректорот Велимир Стојковски, кој на оваа функција дојде од оваа есен и веднаш објави дека ќе стави ред на универзитетот.

Според направената анкета во рамките на скопскиот универзитет (која се уште не е официјално објавена), а со која се опфатени 2.000 вработени ангажирани по разни основи, што значи професори, асистенти и соработници, дури 150 се изјасниле дека предаваат во други високообразовни институции. Но, исто толку не се изјасниле по прашањето дали работат нешто друго освен во матичната куќа. Ректорот најави откази за сите оние што ќе го сокријат нивниот дополнителен ангажман надвор од универзитетот. 


„Платите во високото образование се делат незаконски“, тврди првиот човек на СОНК, Дојчин Цветановски

СМЕТКА Правилото според кое работат државните универзитети е следно: парите кои пристигаат преку државна сметка се префрлаат, пред се', по основ на два основни критериуми: статус на професорот и неговиот стаж за кој добиваат бодови, па врз основа на тоа им се пресметува и плата. Нашите извори наведуваат дека професорскиот труд според буџетските параметри се вреднува на следниов начин: месечната плата на доцент изнесува 28.000 денари, следното скалило-вонредниот професор добива 33.000, а редовниот професор ја добива највисоката сума од 37.200 илјади денари со сите додатоци. Проценките за ангажман на доцент на државните факултети, доколку е поактивен може да изнесува и над 100 илјади денари. „Дополнителните примања ги одредува деканот врз основа на реалниот ангажман“, вели еден од професорите кој сака да остане анонимен.

Кај упатените не е тајна дека постојат две категории факултети, едни кои поради природата на факултетот се вклучени во разни проекти, па затоа за вработените од овие институции се шират информации дека земаат екстремно високи примања. Оние другите „се осудени“ да останат задоволни само со сумите кои им се нудат од буџетската сметка.

Еден од оние факултети кои можат да се пофалат со солидни примања е Економскиот факултет, кој се верува дека води во однос на високи примања кај професорскиот кадар од оваа институција. Можеби и затоа не би требало да зачудуваат шпекулациите дека месечното салдо на некои од раководниот кадар на оваа институција достигнува и до 200 илјади денари или 4.000 евра. Додека платата на редовен професор во просек се движи околу 1.000 евра.

Овие информации не сакаше да ни ги потврди првиот човек на Економскиот факултет, деканот Бобек Шуклев. А кога го прашавме дали ќе може да ни го покаже Правилникот врз основа на кој земаат плати на факултетот тој не беше расположен да го сподели со нас, единствено ни го толкуваше.

„Платите се исплаќаат врз основа на Законот за буџет, член 37, според кој приходите од финансирање можат да се користат според финансискиот план на институцијата. Економскиот факултет, почнувајќи од 1996 година па до сега, за секоја година изработува финансиски план“, вели Шуклев. Овој план, како што вели, потоа го усвојува факултетската управа. 

ПРАВИЛНИК Според нивниот интерен правилник редовните професори добиваат 1.500 бода доколку држат втор предмет на факултетот, а кога тој ќе се помножи со одреден коефициент се добива сума од околу 13.500 денари, што се додава на сумата која редовните професори ја добиваат од државата. Сумите за вонреден професор и доцент се нешто пониски и изнесуваат 10.000, односно 8.000 денари дополнителни примања. Нивниот правилник им забранува на професорите да држат повеќе од три предмети.

„Во Министерството за образование има правилник кој предвидува концепт на плаќање по жив човек, а според него за редовен професор се плаќа 24 илјади денари. Додека сумите за вонреден професор и доцент се помали и изнесуваат 22 и 20 илјади денари“ објаснува деканот на Економскиот факултет, на кого многумина од универзитетскиот комплекс не кријат дека му завидуваат поради позицијата што ја има на факултетот, за кој се врзуваат разни приказни. Но, Шуклев истовремено предупредува дека ресорното министерство не ги спроведува донесените нормативи бидејќи нема финансиски средства да ги покрие. „Од Министерството добиваме само дел за плати и партиципација за трошоците за комуналии.Што се однесува до високите суми што се делат на факултетот, Шуклев вели дека нема правило во однос на заработката. „Некој може да има, друг да нема предмети или, пак, да не издава книги. Можностите за заработка на нашиот факултет се отворени за сите и преку изведување настава во Прилеп или во Штип. Во исто време, ние даваме услуги на Машинскиот факултет и за тоа на професорите им се плаќа според ценовникот на универзитетот“, објаснува Шуклев. 

ПРИМАЊА Надлежните молчат кога станува збор за платите. Кога од Министерството за образование и наука го побаравме правилникот за исплата на плати во високото образование оттаму се повикаа на правото на класифицирани информации, а за мерилата на исплата на професорите не се расположени да зборуваат ниту службите на универзитетот.

Професорот Владимир Петрушевски од катедрата по хемија на Природно-математичкиот факултет вели дека неговата плата е триесетина илјади денари. Тој објаснува дека припаѓа на еден од оние факултети кои се слабо финансирани од државата, за разлика од некои како Правниот и Економскиот каде платите се многу поголеми поради зголемениот број студенти кои таму се запишуваат. Петрушевски се жали и дека државата не одвојува доволно средства за финансирање на научно-истражувачката работа, кои му се потребни на факултетот.

„Секој професор ќе ви каже дека зема мала плата. Јас земам триесетина илјади денари плата, а три пати повеќе од мене верувам дека земаат добро ситуираните факултети. Но, не мислам дека е тоа незаконски, бидејќи луѓето се покриени со правилници“, објаснува тој.

Сепак, професорите тврдат дека не е се така розово внатре во самите факултети. Професорот од Правниот факултет, Љубомир Фрчковски вели дека претходниве четири месеци на нивниот факултет не примиле дополнителни примања затоа што парите од партиципацијата им се задржани во Министерството за финансии. Па така, според него, професорите на овој факултет, овие месеци земаат само редовна плата.

„Она што сега се случува со државниот упад во државниот универзитет се одвива преку, божем, ракавиците на новиот Закон за образование и воведување на европскиот кредит-трансфер систем, што е голема измама“, вели Фрчкоски. Според него, проблем е тоа што државата, односно Министерството за финансии практично ги „експроприрало“ средствата на факултетите кои прават пари, а со нив „покрива свои дупки“ изминативе четири-пет месеци.

„Министерството за финансии не му ги дава сопствените средства на факултетот за да си ги расподелат овие пари согласно своите планови и програми. Тие не оставаат само на буџетските плати кои се замрзнати за редовен професор, а тоа се од 35 илјади-40 денари зависно од стажот и практично ги држи на сламки за дишење и ги казнува, а тие пари ги врти во буџетот“, појаснува професорот, кој оценува дека станува збор за узурпација на државниот универзитет од страна на Владата. Дополнително, вели Фрчковски, што државата не им дава согласност да вработат асистенти со сопствени средства. Затоа тој е убеден дека „државата ги фаворизира приватните факултети на еден неразбирлив начин“. 

ПРОФЕСОРИ За разлика од државните, на приватните универзитети професорската кариера стартува со 1.000 евра, а понатаму овој износ се зголемува со текот на годините. Таков е барем случајот со Европскиот универзитет, чиј сопственик е Бојо Андрески.

„Просечната плата кај нас со сите примања по основ на испити и дополнителен труд просечно се движи околу 2.250 евра, додека плафонот е 3.100 евра. Кај нас се почнува со пониски вредности, а платата понатаму се зголемува“ ни изјави Андрески.

Според нивниот Правилник за плати и други надоместоци, првата година доцентот започнува со 1.000 евра, втората платата му се качува на 1.100 евра, во третата година 1.500, додека четвртата е 2.000 евра. Стартната плата на вонреден професор е 1.100 евра за четвртата година да дојде до 2.250, додека редовен професор почнува со 1.250 евра, а највисоката која може да ја добие во четвртата година е 2.500 евра. Се' зависи од тоа колку предмети и часови држи професорот. За разлика од државните факултети, вели Андрески, професорите на нивниот факултет имаат задолжително осумчасовно работно време.

„Да не се лажеме. Професорите кај нас доаѓаат од три причини: висината на платата, условите за работа и сигурноста во егзистенцијата. Според она што ми го кажуваат, на државните универзитети ако не си на позиција или во кругот на оние луѓе кои управуваат на факултетот, тие се наоѓаат на маргините на интересот. Затоа тие се чувствуваат и несигурно дека можеби ќе се случи и да го изгубат работното место“ вели сопственикот на Европскиот универзитет.

Професорите од приватните универзитети велат дека немаат доволно слобода да имаат тезги, како што го прават тоа оние од државните универзитети кои досега можеа да држат часови на повеќе места само со дозвола од матичниот факултет. Ваквата практика се очекува да се смени наскоро поради одлуката на ректорот да им стави крај на дополнителните ангажмани на професорите финансирани од државата. Но, тоа нема да ги спречи и понатаму да членуваат во разно-разни комисии со кои се пумпа нивниот личен буџет.