��oj 93   27.01.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 91

Број 90

Број 89

Број 88

Број 87

Број 86

Број 85

Број 84

Број 83

Број 82

Број 81

Број 80

Број 79

...

24

„ПАТРИЈА“ НЕ` КАПАРИСАЛА ЗА МУШТЕРИИ

Големи контроверзи во врска со набавката на оклопни транспортери за потребите на АРМ

пишува: Љубомир Костовски

l.kostovski@globusmagazin.com.mk

фото: Никола Јакимов

Неодамна хрватските медиуми јавија од фабриката за наменска воена опрема „Ѓуро Ѓаковиќ“ дека во тамошните планови на производство стои дека АРМ ќе биде нивниот потенцијален муштерија за оклопни транспортери од марката „патрија“. По оваа вест, домашната јавност се потсети дека нашите вооружени сили одамна имаат зацртано да се освежат со 270 вакви возила и со тоа како дел од приспособувањето кон НАТО-обврските и стандардите. Притоа, јавноста можеше лесно да ги поврзе тие вести и сознанија со фактот дека оние грдосии со 16 џиновски тркала се' уште ги нема во нашите касарни, а дека значителни средства, наменети за воени потреби, ги „расходувавме“ во последните две буџетски години, префрлајќи ги во други насоки, надвор од армиската машинерија. Оттаму, се наметнува прашањето од каде тој повеќегодишен рикверц во политичкиот врв кон оваа навистина крупна зделка, која мораше годинава и да се заврши? И понатаму, зошто една од фирмите-потенцијални продавачи на оклопни транспортери јавно се прикажува себе си како веќе да ги освоила срцата и џебовите на нашите даночни обврзници?! 

САЈТ На веб-страницата на фирмата, која ја произведува „патријата“, гледана низ порталот Википедија, стои дека сме сигурни муштерии кај Финците. Нашето знаме се вее на насловната страница на една од веб-страниците на фирмата, каде што е запишано дека постои македонски интерес, дека нема да ги повторуваме пробите кои еднаш веќе ги извршила хрватската армија, која, пак, се одлучила за „финската врска“ откако оттаму добила и практично уверување дека ќе го примени „офсет“-аранжманот со „Ѓаковиќ“, односно дека дел од производството ќе го отстапат на Славонците. По првите сознанија за оваа комерцијално-воена намера (која, пак, го „покрива“ хрватскиот избор по некои внатрешни сомневања дека можеби одлуката за „патрија“ е избрзана), осознаваме дека имаме и некаква енигма која не може да ни излезе од главата - не сме чуле дека нашите војници ќе возат вакви борни коли, а министерот Коњановски неодамна призна дека постои намера за купување во земјава, но, се чини, со драстично променети параметри. Значи, дали и покрај намерите, и во 2009 година се' ќе остане на „веење на знамето“ на сајтот на „патрија“ или, пак, работите ќе се тргнат од појдовна точка. И, поради дигнитетот на земјава, а поради лошата слика која ја има менаџментот на „патрија“ во светската јавност, енигмата се дополнува со потребата купувањето на оклопните возила да биде транспарентно, дури и за тоа да нема децидна законска обврска.

Главната вина што не се искористени парите кои се издвојувале од македонскиот буџет за усогласување на нашите воени потенцијали со НАТО-барањата и стандардите, секако, лежи во самото Министерство за одбрана, смета долгогодишниот висок чиновник во МО - воениот коментатор Благоја Марковски. Според него, или оние што ја менаџирале таа постапка не успеале да ја завршат својата задача или од некоја причина, која асоцира на постоење некаква внатрешна криза, тие пари се пренаменети за МВР, како што се случи пред 13 месеци. Постои, смета Марковски, и трета причина - да немало доволно средства за да се купат оклопни транспортери! Во тој случај, официјалната политика не ја аспектирала доволно потребата од усогласување на АРМ со НАТО-директивите.

СТРАТЕГИЈА Факт е дека земјава има донесено Стратегија за одбранбена програма - документ што го опсервира и утврдува развојот на вооружените сили и тоа во 2004 година, а сите други придружни документи биле готови до 2007 година. Од аспект на формалното право, се' било подготвено да се завршат обврските и во поглед на набавка на оклопните транспортери. Но, тоа не се случило во 2005 година, а тогаш тие пари, според Марковски, се пренаменети за воздухопловството (хеликоптерите), значи имало внатрешна пренамена. Следната 2006 година имавме избори, а кон крајот на 2007 година тие пари отидоа на друга страна, надвор од МО, главно, кон МВР.



Според Марковски, оклопните транспортери се скапи, а нашите финансии, секако, се ограничени - овие борни коли требало да се купуваат во транши, со тоа што по првите 80 возила би се одело на следната се' додека не се оствари целта - АРМ да има 270 парчиња. Сега е 2009 година и нема официјална назнака дека купувањето ќе започне, а всушност досега требаше да привршува тој процес на доопремување на Армијата.

Главен корисник на воените (оклопни) транспортери треба да е нашата моторизирана пешадиска бригада, која во рамките на меѓународната мисија престојува и има свои борбени задачи во Авганистан. Нашите војници таму, во земјата каде што и по цигари се оди со максимална заштита, сега користат возила на мисијата кои потекнуваат од други сојузнички армии. Нормално е да се очекува дека во НАТО ваквото наше поигрување со купувањето оклопни транспортери наидува на незадоволство. Впрочем, според наши извори во Министерството, НАТО забележува за тоа што место да издвојуваме меѓу 2,3 и 2,6 отсто од БОП за потреби на Армијата, издвојуваме помалку од тој процент, се' почесто и под 2 отсто. Тоа или укажува на олабавување на политиката кон Алијансата или не' отсликува како неподготвени да одговориме на обврските?!

ИСТО Нашето однесување во поглед на мисијата во Авганистан навидум нема скршнувања - министерот Коњановски во интервјуто за Гласот на Америка неодамна ја подготви решеноста мисијата да продолжи и дури да се зголеми по обем за што имал барања од страна на американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс, пренесени преку заменик-секретарот за одбрана Гордон Инглад. Во овој миг, 3,8 отсто од АРМ е распоредена надвор од територијата на РМ, што е навистина бројка за респект со оглед на можностите, затоа што голем дел од земјите-членки на НАТО го немаат тој процент на распореденост на војници надвор од нивната територија. Но, од друга страна, оние кои расправале за буџетот во парламентот не успеале да ја видат конкретната бројка која би укажувала на решеноста на Владата да тргне во купување на борните коли. И се' тоа во време кога се открива актуелен кусок во домашниот буџет од 50 милиони евра (помалку собрани приходи, секако, поради глобалната криза) и кога треба да имаме избори, што значи дека трошокот треба да оди, пред се', кон домашниот „меанџија“.

Сигурно дека над ова потенцијално купување се надвива долгата сенка на коруптивните афери што ги влечка зад себе токму финската „патрија“. Најпрвин се започнало со корупција во Египет, која јавно и се признава на веб-страницата на оваа фирма, потоа следува попознатата афера во Словенија, кога владата на Јанша падна поради купувањето на „патриите“ (да не се поместиме од умот дека во оваа земја постојат погоните на австрискиот „пандур“), а веќе споменавме дека нишалото на сомневањето долго одеше ваму-таму и во Хрватска. Конечно, од прашањето - зошто „патрија“ не побегна и во Србија!?

Српскиот пензиониран генерал, славниот командант на 549. моторизирана бригада на некогашната југословенска војска - Божидар Делиќ, во едно неодамнешно интервју му забележа на своето Министерство за одбрана зошто се одлучи да набави фински воени транспортери „патрија“, по цена од 360 милиони евра, бидејќи на тендерот беа пријавени и други европски производители на воена опрема со борни коли од тој квалитет (веќе споменатите „пандур“, но и рускиот БТР 90). Делиќ особено забележа што на тендерот руското воено возило, на пример, било двојно поевтино од руското! Факт е дека овие возила се' уште ги нема во српската армија и тие не се тестирани во локални услови, а како што се дознава не е платена и цената. Но, сеедно, остана петно.

Веројатно е дека овие афери можеле да влијаат на македонските воени и повисоки власти - ако веќе се решиле за „патрија“ (правни експерти ни велат дека според Законот за јавни набавки АРМ не мора да прави тендер секогаш), се обиделе да не ги изгорат прстите во стилот „нека остане за утре“. Воениот аналитичар и кандидат на ПОДЕМ за претседател на државата Марковски вели дека рускиот оклопен транспортер е најдобар во класата и добро е испробан токму на теренот каде што треба да се користи. НАТО не инсистира на некаква марка во опремувањето, бидејќи постојат глобални стандарди, освен на тоа Алијансата да го обезбедува системот на врски, што би се правел при купување која било марка. Згора, Марковски приговара зошто нашите власти не се потрудат преку ова купување да имаме некаква офсет-привилегија, односно да се добие поткрепа за некој од македонските воено-стопански капацитети, а ги имаме 17 на број. Навистина сите тие се моментно на коленици или одамна во стечај. Сепак, во странската инвестиција АРМ треба да го гледа, пред се', домашниот интерес, а не да влегува во туѓи шеми, без оглед колку тоа некому да му било привлечно.

Западните борни коли на полигонот „Ѓуринци“

По драматичното објавување дека хрватската армија ќе купува 176 борбени оклопни транспортери, во оваа земја се поттикнаа многу расправи во јавноста. По првиот круг на „сеење“ на кандидатите за продавање ваква опрема, на сцена останаа две фирми - едната е австриска со возилото „пандур“, зад која стои американскиот „Џенерал дајнамик“, со соодветно лобирање, а втората е по зло познатата „патрија“, чии фински покровители стекнаа имиџ на подмитувачи. Премиерот Санадер долго беше обвинуван дека „навива“ за Американците и дека при една посета на САД специјално се среќавал со лобисти на „Дајнамик“.

Вистина е, пак, дека Финците се поевтини и обично нудат посебни офсет-програми со кои вложуваат во развојот на воената индустрија, тврди нашиот колега од „Национал“ Едуард Шоштариќ. Во конкретниот случај, изборот паднал на извесната „Ѓуро Ѓаковиќ“ од Славонија, која, пак, во поддршка на финската понуда истакна дека има интерес да работи и за македонската Армија, која покажала интерес за овие борбени возила.

На Хрватска и' е нудено да го тестира и борбеното возило „пирана“ и тоа е сторено, според Саша Вејновиќ од „Пословни вјесник“, Финците секогаш добиваат на сметка на тоа што дозволуваат бесплатно тестирање низ мински полиња (без барања за отштета), а „пандур“, на пример, бара репарација по тестирањето.

Што покажало тестирањето на воениот полигон „Ѓуринци“? Според наши извори, раководителот на пробата, бригадирот Милан Кнежевиќ, ги натерал учесниците да ги остават запалени моторите на борните коли и ги повел сите гости на ручек. Надвор температурата била плус 40 степени. По некое време, на „пираната“ и' пукнала гума, а на „пандурот“ и гумата и цевката за масло. „Пираната“, која била на тестот, лошо минала и при преминот преку водена површина, но е оценето дека се работело за грешка на возачот. Сеедно, на полигонот биле поканети сите новинари кои ја следат одбраната и тие можеле да видат како секое од возилата се однесува на „бојното поле“.

Што вели министерот Коњановски?

Во својата изјава дадена во почетокот на јануари, министерот Коњановски истакна дека МО ќе потроши околу 200 милиони евра за набавка на воени транспортери за АРМ. Набавката на транспортерите е дел од опремувањето на Средниот пешадиски баталјон. Но, кај министерот беше видливо растегнување на тајмингот - пазарењето ќе се започне годинава, а ќе се заврши во почетокот на следната, истакна тој. Се работи за првиот дел од купувањето, бидејќи не можеме воопшто да веруваме дека Македонија е подготвена да одвои толку пари за кус рок за 270 транспортери. И самата цена повеќе асоцира на идејата за двокатните автобуси. Втората фаза на пазарењето е предвидено да заврши негде до крајот на 2014 година, кога ќе се формира нова бригада. И таа единица ќе биде дел од мисијата ИСАФ во Авганистан, со што ќе почне да се зголемува процентот на македонското учество во мисиите во странство од четири на осум проценти.

Министерот говори за 40 плус 40 оклопни транспортери, што покажува дека воените власти го намалиле апетитот за три пати. Дали тоа значи напуштање и на актуелните воено-оперативни планови, донесени во периодот 2003-2007 година. Официјално не добивме одговор на нашето прашање за оваа тема упатена до МО, каде што, впрочем, нема повеќе портпарол.