��oj 46   04.03.2008
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Насловна

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 44

Број 43

Број 42

Број 41

Број 40

Број 39


Број 38

Број 37

Број 36

Број 35

...

36

ИМААТ СЕДУМ ДЕЦА И ПОСАКУВААТ УШТЕ ТОЛКУ!

Најпрвин децата, а потоа ќе мислиме на материјалните удобства, е мотото на сопружниците Зафировски

пишува: БРАНКА ДОНЕВСКА-НАЈДОВСКА

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Во овие модерни времиња, кога брачните заедници се „потпираат“ најчесто на едно дете, сопружниците Зафировски со своите седум рожби се вистински ексклузивитет. Особено што станува збор за урбан брачен пар, кој живее речиси сред Скопје. Пространиот стан во осумкатницата сместена во населбата Кисела Вода го делат Јасмина и Александар Зафировски со своите деца: Анастасија (11 години), Симеон (9), Прохор (7), Иларион (5), Никодим (3,5), Андријана (2) и десетмесечната Марија. Со толку многу деца би се очекувало да затечете еден прилично хаотичен простор, но во домот на Зафировски владее изненадувачки ред. Дури ни многубројните играчки не се расфрлани на подот. „Деца, како деца, растураат, но не претеруваат со нередот и многу се организирани“, вели Јасмина, која прв пат станала мајка на 19 години откако една година пред тоа го запознала Александар.

Иако е родена во Скопје, таа поголемиот дел од детството го поминала во Сараево со родителите, но често доаѓала во родниот град. При една таква посета и' се случило и судбоносното присуство на забавата што ја организирал Александар, познат меѓу градската средина како што вели самиот, по „партизанското“ име Клео. „Другиот ден и' направив шпагети и таа ’падна во несвест’. Замислете, од шпагети!?“, раскажува нејзиниот сопруг. По заедничкиот ручек, љубовта веќе била на повидок и наскоро 18-годишната Јасмина и Александар, кој е 11 години постар од неа, заминале за Сараево. „Татко и' не сакаше никако да се согласи на бракот, велејќи дека ќерка му е премногу млада и прво треба да се школува, а потоа да мисли на свадба. Откако му ветив дека Јасмина ќе заврши факултет, ни даде одобрение да се венчаме. Еве, ветувањето го исполнив: има дури седум дипломи!“, се смее главата на семејството Зафировски.

„Тоа е и погрешната процена меѓу денешните млади: додека завршуваат факултети, па бараат работа, па чекаат стан, времето им поминало и за деца веќе е доцна! Ние почнавме ’обратно’. Најпрвин децата, а потоа ќе мислиме на материјалните удопства“, вели тој и додава дека не за џабе кај нас постои изреката - едно дете како ниедно, две се како едно, а од три веќе се бројат. Го прашуваме дали е загрижен за нивната иднина, дали се плаши од егзистенцијалните проблеми и нели се доволно три-четири деца!? Тој изгледа навикнат на ваквите прашања, смирено одговара: „Децата се подарок од Бога и нам ни се само ’зајмени’ за одредено време да направиме луѓе од нив. Секое си има своја судбина. Не се плашам од иднината. Всушност, со доаѓањето на секое дете на овој свет мене ми се зголемуваа работните ангажмани. Не живееме во некој луксуз, но имаме доволно. Ви велам, секој нов член на семејството носеше повеќе радост и повеќе пари“, тврди Александар, кој работи како преведувач од англиски јазик, но во „домашна канцеларија“. Покрај преведувањето, тој студира теологија, а има ангажмани и како чалгаџија – свири на ут, во групата „Свирипиле“, со која настапува најчесто на свадби и други веселби. Во домот на Зафировски го забележавме и електричното пијано и ни раскажуваат дека најстарата ќерка е заинтересирана за музика, како и Никодим, додека другите се' уште се во „фазата на чкртање“. Меѓутоа, фотоапаратот на нашиот репортер денеска е многу поинтересен од чкртаниците и со вообичаената детска љубопитност ја анализираат „чудната“ направа, но, сепак, без никаква агресија.

„Не значи дека, ако се седум, не се разгалени. Знаат да пробаат да си го истераат детскиот инает, но не е тешко да се справиш со нив зашто, всушност, и двајцата постојано сме дома. Не знам како би се снашла кога би била сосема сама со нив“, вели Јасмина и тврди дека не и' недостасува „надворешниот свет“, зашто таму нема ништо што вреди повеќе од нејзините деца. „Најсакана сум дома иако вредно ја заработувам таа љубов. Ми се случуваа кризи првите години, но потоа се навикнав. Всушност, секое наредно породување беше се' полесно, а сите деца се родени по спонтан пат. По новото раѓање станував се' посилна и се' попосветена на нивното одгледување. Што би рекол Александар, ја работам најскапо платената и најодговорна ’професија’. Не сме воспитани да му служиме на некој друг и затоа ни паѓа тешко да имаме повеќе деца, а деца, верувајте, никогаш не се многу. Толку радост и милост ми носат што не ми паѓа на ум да одам да се вработувам, да бркам кариера и слично. Покрај тоа, Клео умее да се грижи за нас и цврсто сум уверена дека се' ќе биде в ред“, вели таа, но, сепак, признава дека последната бременост поминала со одредени компликации и токму поради тоа малку ќе „подзапрат“ во првичната намера да добијат 16 деца!?

„Посветени му сме на православието и кога живееш со вербата во Бога ниту е нешто тешко, а најмалку е чудно да сме во толкав број. Се јавуваа често од медиумите сакајќи да прават стории за нас и тоа малку ми пречеше. Божем ’мечка игра’!? Се случуваше кога ќе излезевме сите заедно на улица, да подзастануваат и да ме прашуваат: ’Сите ли се твои!?‘ Сега веќе се навикнаа на нас, а и јас излегувам само со две-три деца на улица. Побезбедно е!“, се смее Јасмина и вели дека токму поради бројноста почесто им доаѓаат отколку што тие одат на гости. „Најтешко ни е организирањето на транспортот. За неколку часа престој некаде, влечкаме опрема како други луѓе за еден месец. Меѓутоа, имаме пријатели кои не ги прескокнуваме, но има и такви кои се ’пеплосуваа’ кога ќе не' видеа дека сме им дошле, па престанавме да им одиме. За време на викендите децата најчесто одат во Соње кај родителите на Александар, но не им ги праќаме сите наеднаш, сепак, тоа се стари луѓе, иако најмногу ’заслуга’ за нивното раѓање има токму свекрвата. Знаеше да ми рече: ’Не мисли на барање работа, гледај си ги децата! Нема ништо поважно од тоа!’ Не очекуваше ни таа баш толку да си ’гледам работа’, но сега ги обожаваат внуците“, раскажува оваа млада жена.

Во домот на Зафировски има многу книги, компјутери, фрижидери, играчки но не и телевизор. „Всушност, има еден, сосема мал, но го употребувам само за работа“, вели Александар. „Не гледаме телевизија, повеќе се дружиме меѓу себе, играме, се галиме, разговараме, но децата многу добро го познаваат Интернетот и кога сакаат да одгледаат некој филм, го наоѓаме таму. Иако кога одат кај баба и дедо, не се одлепуваат од сателитските канали со анимирани филмови“, нагласува тој и ни открива дека планираат за неколку години да изградат куќа во скопската викенд-населба Соње – ем да бидат поблиску до неговите родители ем да се раскомотат. „Во стан, сепак, претесно е за толкаво семејство. Децата растат и им треба повеќе простор, а тоа е можно само во куќа, во двор“, тврди Александар и ни покажува како го решиле спиењето. Јасмина со трите девојчиња и двете најмали синчиња спие во една соба, на голем брачен кревет, во другата се двете најстари момчиња, а тато спие сам во „канцеларијата“, т.е. во дневниот престој. На крајот сите не' испраќаат, освен седумгодишниот Прохор, кој беше отсутен заради училишните часови, а Јасмина насмеана на одење ни дофрла: „Не морате нас да не' послушате. Ете, Американците дошле до ’сензационално’ откритие дека за долговечен живот рецептот е да не се прејадуваме, да имаме многу деца и да живееме на село!“